Конески: Кажувања (14)

26.11.2009 10:39
Martinoski_18.jpg

За именувањето на нештата

... Јас како професор имав една максима. Ако не можам на студентите нешто јасно да им прикажам, значи и мене уште не ми е тоа јасно. Јас се трудам да вклучам резултати од мојот најнов опит во комуникацијата, да соопштам до што сум дошол. Тоа не можам да го направам без да ги именувам работите, без да им дадам јазичен израз. И дури кога ќе го сторам тоа, и за мене станува јасен тој опит, неговата содржина. Едното со другото е толку тесно поврзано, што јас не можам да ги разделам тие две страни. Дури ми обрнале внимание луѓе од народот за едно верување. Ако имаш некое лошо насетување, ако нешто те мачи, немој да го именуваш. Сè дури не го именуваш во твојот сопствен опит, тоа е нешто аморфно, едно аморфно чувство. Уште тоа не е факт на твојот опит. Ама, ако го именуваш, тогаш ти како да си го оттишил грнецот со злиот дух и веќе нешто станува факт, што не би морало да добие таков статус. Усвојувањето на нов опит толку е тесно сврзано со тоа, со именувањето, односно со јазичниот израз... Зборот го претвора во објект и за другите она што било можеби за нас само едно субјективно чувство првобитно, едно субјективно доживување. Кога ќе се именува тоа, тогаш дури таа содржина добива статус на објект и за нас. Ние можеме тогаш тоа да го разгледуваме како нешто објективно дадено и за другите.

Јазикот бара општествена санкција

Јазикот секогаш бара општествена санкција. За да стане нешто факт на јазикот, тоа треба да биде усвоено во општеството. Спрема тоа, тоа не исклучува, ами дури и претполага учество на одделните говорители на јазикот. Да речеме, ако се работи за една иновација, за некој збор, нова комбинација на зборовите, но сето тоа мора да добие општествена санкција за да стане факт на јазикот. Инаку, ако не добие таква општествена санкција, тоа е една, како што се вели, оказионална јазична форма и за неа е одговорен само оној што ја создал. И тој не треба, а тоа го прават некои писатели, да смета дека речниците се должни да ги нотираат нивните иновации.

Околу грижата за јазикот

Во секоја средина се полагаат грижи за јазикот. Дури се говори и за таканаречена јазична политика. Од зрелоста на средината зависи како ја води политиката воопшто, па и јазичната политика. Без политика не може да се живее, ама таа може да се води и добро, и здраво, и катастрофално. Па спрема тоа не е автоматски решено дека јазикот ќе има полза од тоа што некои за него сакаат да пројават грижа. Зависи колку се тие способни таа грижа да ја положат...

Мене ми е тој израз „да се брани” (јазикот) малку несвојствен. За мене е основно дали еден јазик е средство на една духовна жива активност? Како таков тој нема од што да се брани. А ако тој не е средство што служи за изразување на една таква духовна активност во една средина, пак нема зошто да се брани. Тогаш не е ни способен за функцијата што му била наменета. Средината што сака тој јазик да го акктивира како средство на современо општење и творење, да биде способна за тоа. Ако не е способна, тогаш зошто е тој напор?

Изумирање на еден јазик?

За тоа решава историјата. Ние рековме дека јазикот ја дели судбината на народот. Инаку, самиот јазик по себе не содржи клици на умирање. Некои народи исчезнуваат од историската сцена, со тоа и нивните јазици. Некои народи се трансформираат во други народи. Имате еден јазик да даде почетоци на цела јазична група. Сето тоа станува во историјата. И, се разбира, тука не е во прашање јазикот, ами е во прашање историјата на насителите на тој јазик.

За милозвучноста на еден јазик

Мене ми е тоа познато. Се тврди дека еден јазик е помилозвучен од друг, но сето тоа е многу сврзано со некои индивидуални становишта, субјективни чувствувања. Всушност, како што можеме да правиме разлика меѓу музичките инструменти, а не можеме да кажеме дека добар мајстор не може да свири на даден инструмент, кој и да било. Така исто и во однос на јазиците. Многу значи кој го употребува јазикот. И тука навлегуваме веќе во областа на стилот. Било да е тоа говорен стил или стил во писмениот јазик. Ако еден спикер добро говори, ако неговиот глас е пријатен, ако она што го кажува звучи промислено од стилска гледна точка, тогаш вие имате еден впечаток убав од дадената реализација на конкретниот јазик. Истиот тој јазик во устата и под перото на некој друг може да звучи очајно. (Се смее). Нам ни е дадена можноста за подбор на јазичните елементи. Подборот на јазичните елементи - тоа и ја чини основата на стилот. Ако човек не знае во својот јазик да направи еден соодветен избор на елементите, соодветен, адекватен и на она што го кажува, тогаш јазикот, така да кажам, потфрла. А ако знае тоа да го направи, тогаш јазикот, дури и со некои својства што можат некому субјективно да му звучат како не дотаму пријатни, може да создаде добар впечаток... Тоа е многу субјективна работа и често пати ни се чини помилозвучно она што ни е поблиску, со што сме свикнале ние.

... Оние, што унгарскиот го знаат веројатно тој многу убаво им звучи. А особено на оние што тој јазик можат да го доживуваат преку убавите стилски обрасци, на пример, преку поезијата на Петефи. Јас се сеќавам дека нам, на пример, пред војната, кога бевме студенти, англискиот јазик ни звучеше многу чудно. А, еве сега сме ние истите. И, сега ни звучи многу помилозвучно, бидејќи веќе сме свикнале со тие комбинации, што ни биле чудни во почетокот. И можеме ли сега да судиме по своето субјективно чувство за тоа дека некој јазик е помилозвучен? Не можеме да правиме хиерархија. А ние може да кажеме што ни се чини нам помилозвучно, на нашиот слух, што го гали нашиот слух. Тоа ние можеме да го кажеме. Тоа не обврзува никого, освен што зборува за нашиот вкус. Но, хиерархија да се прави, тоа е многу тешко.

Колку јазици усвоил Конески?

(Се смее). Сега, не е ни на тоа прашање лесно да се одговори. Зависи што се смета за усвојување на јазикот, во каква мера. Има степени. Ако се работи за усвојување до мера да можам да добијам информација, да речеме, читајќи, тогаш на доста јазици можам таква информација да добијам. Можеби на едно петшеснаесет. ("Не сме го знаеле тоа”.). Чекајте. Па затоа што само словенски има дванаесет. А ако се работи за тоа со колку можам да се служам вака со искажување, за слободно говорење на повисоко ниво, тогаш тоа е многу помал број. За елементарно разбирање не е проблем. Јас читам во оригинал текстови на словенските јазици и на француски, германски, англиски. А само научни текстови и на некои други јазици. Да речеме, на романски, на италијански. Некои работи сум можел да консултирам и на грчки.
Во гимназијата учевме француски осум години и германски шест години. Англискиот сам после, без да го учам, заправо читајќи, го совладував. Доста течно читам англиски и доста сум прочитал. Не само научна литература. Таа е полесна да се следи, ами сум читал и белетристика. Поезија помалку, бидејќи за поезијата треба многу поголемо познавање на јазикот.... Ако му стане на човека некаква потреба во еден јазик да добие некаков клуч за откривање на вредностите на една култура, тој тогаш ќе најде можност и ќе собере сила тоа да го совлада. А мене ме влечеше и желбата да можам поезија да читам на оригинал. Јас доста навлегував во словенските јазици во почетокот, читајќи поезија. Така го усвојував рускиот и полскиот, а исто и германскиот. Затоа што тоа ме интересираше. Да можам да ја сетам поезијата на тие јазиици.

Заблуди: примитивни и културни јазици

Тоа нема врска со јазикот. Има врска со ситуацијата на народите што ги носат тие јазици. Ние не можеме да тврдиме дека сите народи се на исто културно ниво. Но исто така знаеме дека стануваат промени во тој однос и некои јазици, што опслужувале една заостаната средина, можат со време многу да се усовршат. Се разбира, јазикот како една структура тешко се подава на подредување по хиерархија. Но, јазикот како израз на некаква сума на културни придобивки подлежи на такво рангирање. Не можеме ние да кажеме дека е културниот квантум на еден јазик, малу писмен или скоро оформен како литературен, ист како културниот квантум и таа носивост на јазици што со векови опслужуваат една голема култура, да речеме од Шекспира до денеска. Тука има разлики... Кога тоа племе (од Африка) ќе го постигне она што го постигнале. други народи, неговиот јазик ќе ги покаже своите можности. И, сигурно, ќе ги пројави. Само, за тоа треба да се вложи соодветен напор и да има други историски погодности.

Билингвизмот како појава

Тоа е обична појава, во многу средини да имаме во употреба два или три јазици. Или повеќе јазици. Отсекогаш. Ние истакнуваме - јазикот не е некоја самостојна, апсолутна дејност. Јазикот е сврзан со луѓето, со нивната ситуација. За билингвизам се говори ако тој постои во поширока средина. Во друг случај се употребува терминот познавање на јазици. А во светот има многу средини, кај што во различна мера е застапен билингвизмот или полилингвизмот. Има различни ситуации и различно се постапува спрема односите во дадена земја. На пример, познато ми е дека и до денеска во Финска студентот може, тоа ми го кажувале колеги од Финска, да избира на испитот јазик на кој ќе одговара: фински или шведски. А тоа е историски наследена ситуација, иако сега е во Финска незначително шведското малцинство. Но, културната традиција на Финска довела до една таква ситуација. Ако се сеќавам добро, и денеска улиците во Хелсинки се секаде испишани двојазично. На фински и на шведски јазик. Ете еден пример за таква двојазичност во конкретни историски услови и со конкретни последици во културната комуникација и денеска. Иако се работи само за една традиција, не за некаков императив...

... Јас доволно сум пишувал за тие работи и сметам дека секој што сака да се информира може за тоа во моите работи да најде потребни податоци. Она што е интересно за еден лаик во нашата средина, за мене не е интересно. Тоа се за мене, што се вели, труизми. Секој еден преглед на јазичната ситуација во светот безброј примери дава за употребата на повеќе јазици на дадена територија. И секоја ситуација си носи некои свои карактеристики. Оние што сметале дека треба да полемизираат, веројатно е тоа за нив нешто многу важно, нешто нејасно, што треба да се расчистува. За мене тоа не е нејасно.

Јазици на разни групи, жаргони, сленгови...

Тоа е исто појава сврзана со социјалната ситуација. Јазикот не е нешто унифицирано. Секој од нас, приспособувајќи се кон животните околноси, зборува на различни начини. Поинаку зборуваме дома, поинаку зборуваме со своите стари, со својата мајка, со својот татко, отколку што зборуваме на катедра. Или кога држиме некој говор, кога настапуваме преку телевизија или по радио и така натака. Неприродно е човек да говори на ист начин. А, се разбира, во една професионална група, или во една социјална група потесно сврзана, нормално се јавуваат така да кажам, спонтано се изнаоѓаат начини за поблиско препознавање, за идентификација на таа група, преку подбор на јазични својства. Тоа може да биде и потреба на самата професија или на дадената социјална група, што може да оди до тоа таа да се затвора наспрема други социјални групи. Она што се соопштува во нејзините рамки, да не биде така лесно дешифрирано од луѓе што не треба да бидат упатени во животот на таа група. Има многу причини поради кои е нормално создавањето на такви стилови, жаргони, сленгови и така натака, професионални дијалекти, како што сакате тоа да го наречете, така наречете го...

Тоа не е никакво деформирање. Не треба да тргаме само од тоа дека има правопис, јазик создаден по некаков пропис и недај боже некој да пипне во него. Всушност, има во животот различни манифестации на јазичната дејност. Друго е литературен јазик. Во литературниот јазик друго е писмен јазик, писмена форма. Друго е говорна форма. Друго е разговорен јазик или просторечие. Друго е јазик фамилијарен. Друго е јазик професионален. Друго е јазик на социјална група и така натака. Сето тоа е јазична дејност. А ние ако тргаме од тоа дека се канонизира нешто како идеална јазична слика, тоа може приближно да се однесува за писмената форма на литературниот јазик или националниот јазик. И тоа приближно. А ни најмалку не значи дека употребувањето на други форми во јазичната дејност значи рушење на таа норма. Единствено што треба, да постои чувство кога која форма јазична се активира. Сакајќи јас да им го објаснам тоа на своите студенти, им го давав овој пример: подобро е човек да има два костума, отколку еден. Едниот да му е за делник, а другиот за празник. Само треба да знае дека костумот, што е за секој ден, не се носи на Велигден, или не се носи в театар. И обратно

За јазичните стереотипи

Имаме и такви говорни пројави што ни се совршено неинтересни, бидејќи знаеме по кој калап тие одат и предвидуваме што ќе следува. Јас за тоа пишувам во еден есеј под наслов „Автоматизација”. Објаснувам подробно таму - што значи автоматизација. И во обноските, и во она што е традиционален протокол, и во самиот говор, бидејќи говорот тогаш се потчинува на тие обноски, на тоа држење, на тој протокол. Многу е здодевно кога некои луѓе не можат од тие рамки да излезат и барем некоја капка на оригиналност да додадат кон тоа што ние го подразбираме дека ќе следува. Познато ни е тоа сценарио по кое се води традиционалниот протокол. И, познати ни се сите шеми на традиционалното искажување. Меѓутоа, зависи колку човек може во тие рамки да нијансира, па да внесе дури и една, да кажам, нотка на хумор... Духовитост. Со свест дека тој следи некои норми, но и е свесен за нивната релативност. Е, тоа, сега, не може да се пропише. Тоа зависи од човека. И, интересни се оние луѓе, што не отстапувајќи често пати од дадените традиционални рамки, знаат да ги оживеат со нешто свое.

Слики: Никола Мартиноски

Другите делови од „Кажувањата“ можете да ги прочитате на следниве линкови:

Конески: Кажувања (1)

Конески: Кажувања (2)

Конески: Кажувања (3)

Конески: Кажувања (4)

Конески: Кажувања (5)

Конески: Кажувања (6)

Конески: Кажувања (7)

Конески: Кажувања (8)

Конески: Кажувања (9)

Конески: Кажувања (10)

Конески: Кажувања (11)

Конески: Кажувања (12)

Конески:Кажувања (13)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото