Плоштад

03.12.2013 08:39
Плоштад

Знам еден човек кој е во состојба на секое зборче да му ги најде неговите корени или пошироко да го протолкува значењето на зборот. За зборот плоштад јас имам свој поим, но не сум во состојба накусо да го дефинирам, особено не Скопскиот плоштад. Скопјанец сум, без прекини, еве веќе 50 години и кога ќе го изговорам или чујам зборот плоштад, сеедно дали е сам или поврзан со друго име за да дообјасни за кој плоштад станува збор пред мене е секојпат просторната претстава за Мојот, Нашиот, Скопскиот плоштад. Дури и кога првпат застанав на познатиот Конкорд во Париз, неговата атрактивност не беше доволна да ја истисне од мојата свест и во тој момент претставата за Мојот плоштад. Во еден момент забележав дека не сакајќи, правам споредби за големината, ориентацијата на околните објекти, "инвентарот" и сл. и покрај објективноста дека место за споредби и нема. Ми се чинеше дека најдов сличности и разлики во нивното постоење. Постанокот и трансформациите на Конкорд не ми беа познати, но знам дека во сегашната состојба постои барем 150 години. Во тоа време постоел и Скопскиот плоштад но како јурија пред мостот и џамијата, a неговите трансформации се настанати во последниве 100 години. На дел од нив и јас сум сведок.


Самиот збор плоштад за мене е комплексен поим и неговото знаење и корен на свој нанин ги насетувам, но без можност да ги објаснам докрај, уште помалку да ги искажам. Без дарба за пишан збор за поимот плоштад би рекол: широко, рамно место среде град, место на големи собитија, место каде се раѓаат и умираат дури и држави, место на демонстрација на власт и брутална сила, место на сенародни ѕвездени мигови, место за епска и лирска инспирација, место на љубовни импулси итн., до место кое одамна и многу памети. Меѓутоа, и ова долго редење не е сеопфатен опис на мојата комплексна претстава - плоштад.


За односот на луѓето кон своите плоштади во големите метрополи, не знам. He можам да претпоставам како го чувствува Конкорд еден роден парижанец или Црвениот плоштад еден московјанин, но знам дека секој скопјанец кон плоштадот има емотивен однос. Еден познат муабетчија и уште попознат наш сликар, Лазо Личеноски, во воведот на својата автобиографија констатира дека секој галичанец е роден во март. На ова сеќавање надоврзувам своја мисла дека секој брак на мојата генерација во Скопје почнал на плоштадот. He сум докрај сигурен, се разбира, но во мојот случај двете работи се точни.


По однос на мојата претстава за поимот плоштад морам да признаам дека првиот плоштад на кој сум стапнал како свесно битие е плоштадот Упија во Галичник, кој не одговара ни приближно на мојата сегашна претстава. Во мојот единаесетгодишен престој во Галичник "плоштадот" Упија доживеа една трансформација. Едно пладне стана Пјаца ди Роландо Вези. Оваа работа ја замисли и спроведе еден офицер на италијанската окупаторска војска веројатно за да му биде секому јасно дека тука е државата Италија. Натписот стоеиле и по ослободувањето. Никој не се сети да го избрише. Го избришаа дождот, студот и ветерот-господ. Имало господ.


Првиот и вистинскиот плоштад според кој, без разлика на идната професија, почнав да ја градам својата претстава за градски плоштад е Мојот, Нашиот, Скопскиот плоштад. На него првпат застанав 1941. Што доживеав? Веројатно некој вид шок во континуитет, бидејќи неговиот тогашен изглед, неговите трансформации, настаните на него се дел од мене. Неговото паметење е и моја трајна меморија - фонд на сеќавања за кој немам картотека, но имам лента чиј дел eвe и сега се одмотува, се разбира со нејзиното логично бледило.


"Точка на снимање" - почетокот на Камениот мост, година 1941: лево и десно полуискршени постаменти на поранешните коњаници поставени во знак на славата и моќта на штотуку "испратената" и веќе непостоечка српска монархија. Десно - сивото офицерско здание (сега би рекол во некаков империјално-колонијален стил) чувано од камените копјаници засолнети во своите апсиди покрај влезните двери: понатаму, зградата што ја викаа Мацура со аптека во приземјето и шилесто кубе на покривот. Погоре во тој правец субстандардната куќа на хотел "Нашинец"; позади него побелено стовариште на вар оградено со висока тараба; во дното, десно, хотелот "Македонија ". Во него достоинствени луѓе со бели мустаќи читаа весници закачени на дрвени рамки. Горе, право пред мене Ристиќевата палата практично во сегашниот вид, со заостаната препознатлива реклама на баер аспирин на нејзиниот покрив. Jleвo - тешкото здание на Народната банка и ред куќи од приземје и кат со дуќани во приземјето каде доминираше фирмата фото "Бељан" и ресторанот на Ламбе, во прв план, a во втор план бившата кафеана "Маргер". Горе лево, блок од ситни дуќани со доминација на книжарницата "Хаџиниколов", а позади, во малото кусо сокаче, ресторанот "Пловдив", подоцна "Пелистер " и сосема лево страничната улица со месарници.


Многуте трансформации од мало и големо значење во текот на последниве 50 години ги доживував и следев на повеќе начини: како дете, како граѓанин и како архитект во кое својство сум се обидел (заедно со други колеги), во неколку наврати да влијаам на неговиот (барем за мое време) конечен изглед.


Градбата на фонтаната на местото на сегашниот цветен круг со која бугарскиот окупатор се обиде да им наметне на скопјани благодарност кон Хитлеровата "Луфтвафе", временски многу бргу се заврши со потребното рушење кое, од скопјани, беше доживеано како отстранување на непријатна лузна од лицето на плоштадот. Потоа уследи расчистувањето на источната страна и претворање на кафеаната во На-ма - народен магазин, рушење на соседните објекти и градба на стоковната куќа со истовремено претворање на На-ма во кафеана "Метропол"; значајни раскопувања и градба на големиот колектор во правец исток - запад по улиците "11 Октомври" и "Орце Николов"; големо расчистување за блокот "Пелистер "и зградата на Електростопанство од исток и чистење на мали објекти од западната страна.


Каприцот на природата во 1963 година ги сруши зградите на Офицерскиот дом, Банката, хотелот "Македонија" и други, а каприцот на "скопјани" качени на повисоки општествени и политички скалила ја докусури веќе начнатата зграда на Народниот театар од другата страна на Вардар која, помалку по волумен, а повеќе по функција припаѓаше на плоштадот. Меѓу последните трансформации е изградбата на поштенскиот објект и скалинадата кон Вардар, а тековната реконструкција на Камениот мост има и историско значење.


Настани и збиднувања на овој плоштад, како и на сите други, имало и има катадневно. Нашето заедничко паметење бележи среќни мигови кога народот излегуваше на плоштадот да ги дочека ослободителите, да го прослави ослободувањето, осамостојувањето... но, и настани кога молкум се стоело гледајќи окупаторски паради и слушајќи говори полни со закани.


Досегашните физички промени и трансформации на овој простор, во поновиот период се дело на непромовираниот тандем архитекти и "архитекти", меѓутоа мора да се признае, сепак, повеќе од архитекти. Како потврда на тоа нека послужат следниве податоци за чисто архитектонски настани. Објектите на Стоковната куќа и на станбениот блок "Пелистер" се резултат на повикани регионални конкурси. Електростопанството и Трговскиот центар се резултат од општојугословенски јавни анонимни конкурси. Решенија добиени по консултации со широк стручен аудиториум, а спроведени од силата на нашиот архитектонски просек. Овие активности ја оформија источната страна на плоштадот. Co западната оди потешко. Замената на џамијата со офицерското здание е сторена порано, а за просторот меѓу него и почетокот на улицата "Максим горки" (порано "Гоце Делчев"), во последниве триесет и кусур години се организирани два општојугословенски јавни конкурси и еден повикан републички. Резултатот, како што е познато сеуште, не е на повидок. Темата на првиот во далечната I960 година беше: сали за кино и концерти и доминантна палата на, тогаш, фаворизираните проектантски претпријатија. Предмет на останатите два конкурси беше зградата на градското собрание. На обата имаше и први награди. Отворањето на, во тоа време, закопаните делови на Камениот мост што делумно е остварено со проектот и реализацијата на кејот на Вардар беше иницирано од еден од наградените трудови на првиот конкурс.


Покрај се’ друго, на плоштадот се збиднувале и се збиднуваат разни значајни и безначајни скандали: љубовни, спортски, политички... Плоштадот памети и еден архитектонски.


На почетокот на педесеттите години еден познат архитект од Загреб, во поодминати години, професор на тукушто оформениот Технички факултет во Скопје, направи идеен проект за хотел на плоштадот.


Во следните неколку месеци, за истата локација беше распишан југословенски анонимен конкурс, исто така, за хотел. Во својата работа жири комисијата утврди кај два труда меѓусебна впечатлива сличност и истовремено сличност со првоспоменатиот проект на загрепскиот професор. Се подигна сомнение за сторен плагијат, работата излезе на суд, аферата стигна и до нас студентите. Таму, на судот, покојниот професор Сотир Томовски, веројатно во својство на вешто лице, употребувајќи го зборот идентично (за проектите) мораше да докажува дека францускиот збор identique може да се преведе со наше исто или слично. Интересно беше сведочењето на загрепскиот професор. Тој, отприлика тврдеше дека неговиот проект е апсолутно добар и сите добри проекти мораат да личат на неговиот. "Лентата" тука ми е бледа и за одлуката на судот не се сеќавам. Сето тоа ми делуваше оперетски; врежан ми е коментарот на тогаш новиот професор по проектирање арх.Јован Ранковиќ: "Децо, јебасмо мајку архитектури".


На крајот за името.
Името на овој плоштад за скопјани е плоштадот. Тој имал повеќе имиња но долготрајното, административното, званичното, поданичкото, полтронското или како сакате име во сегашноста станува дисонантно, анахроно.


Има ли господ се тоа да избрише и да донесе едно конечно, непроменливо и за сите прифатливо име. Име кое на секој намерник ќе му покаже каде се наоѓа. Меѓутоа, конечното име треба да се совпадне и со артикулиран и дефиниран простор. За првото компетентен е секој граѓанин, а за второто ние архитектите.


За конечното оформување пропуштени се многу шанси, пред се’ заради нашата негативна волја, суета, завист и сл. Посакувам следната да има полн консензус; мојот глас е однапред за!


Извор: Аршин, број 1, 1995

ОкоБоли главаВицФото