Конески: Кажувања (15)

30.11.2009 14:08
Martinoski_5.jpg

Демократизираното општество и слободата на изразување

Може да се очекува извесно оживување на јазичниот израз. Но, се разбира, тоа не оди автоматски. За тоа треба да се вложат соодветни напори. Ако тоа разнообразие се изрази со взаемно пцуење, тогаш се оди по линијата на најмал отпор. Зашто, дури и во рамките на самата поезија некои автори обновувањето го имаат сфатено во дваесеттиот век како обновување чисто на изразот без обновување на содржината. Па се задржуваат, главно, на ласцивни изрази, на пцуење и на слични иновации. Се разбира, тоа не е никаква клтурно-творечка работа. Тоа е уривање на културно-творечката дејност. Ако и во нашата комуникација во оваа нова ситуација на таканаречениот плурализам обновувањето на исказот се сведе на пцуење, на она што може да биде полемика од долен тип, тогаш какво обновување имаме? Немаме никакво обновување. Подобро тогаш да сме останале на стереотипните форми. А, ако луѓето си дадат труд да ја развијат таа, да кажам, политичка реторика на едно повисоко рамниште, тогаш навистина може да очекуваме некои резултати.

Омаловажување и негирање на друг јазик

За жал тоа е појава присутна и во тој случај се работи за една социолошка појава. Општо, стремежот на луѓето да фрлаат презир на други е многу присутен во животот. . Не само во однос на јазикот. Во однос на сè. Присутен е од најмала општествена единица па до односот меѓу народи и така натака. Едно село визави на друго претендира на некаков престиж. Еден град визави на друг. Една социјална групација визави на друга групација. Една религија визави на друга религија така се однесува. Тоа е во социологијата позната работа. Јас, се разбира, имам свое мислење за тоа. Јас тоа го осудувам. А тоа е една реалност. Направете еден тест. Јас тоа често го повторувам. Некој ќе свика - леле, изгазија дете на улица! и, одеднаш сите се ужаснати. А потоа ќе рече - детето беше циганче. И како малку да им олеснува. Тоа страшно е да го кажеме, ама така е. Никој не е имун од тоа. Се сеќавам на времето кога одевме на конгрес на писателите во Загреб и во возот се скараа покојниот Крле и исто така покојниот Борис Бојаџиски и Радослав Петковски. И, Крле рече - вие од Охрид, какви сте?! Се кревате на големо. Последен Циганин од Охрид да дојде на пазар во Струга се прави важен. (Се смее). Тоа е толку во животот присутно, тој однос на потценување на една средина кон друга, што претставува пречка за она што го викаме очовечување на човекот.

Во секоја средина е така. Примериве што ги дадов се од балканската средина. А од други средини знам исто такви примери. И од оние што се сметаат за најразвиени. Можам да Ви говорам за такви случау од својот опит и од Америка и од Швајцарија, а веројатно и од други региони.

... Тука не се работи за јазикот пред сè. Се работи за социјалниот статус. А јасикот се зема како една карактеристика на средината што има престиж, или на средината што трпи од тој престиж. По една карактеристика само се зема. Во Америка, да речеме, јазикот е ист. Црнците и белците говорат на исти јазик, англиски. Ама, супериорниот однос на белците визави на црнците се јавува на расна основа и на социјална основа. А религијата е иста, јазикот е ист. И, јасно, тогаш не се бараат од нив мотиви за презирот. А се барат во областа на разликите, на расата и во социјалниот статус.

... Сегде е во светот така. Тоа ние си правиме илузија дека во поразвиените земји е поинаку. Секаде е тоа присутно. Затоа и беше можно, да речеме, хитлеризмот да се јави во една од најразвиените земји, Германија. Или фашизмот во Италија. Тоа се земји развиени. Високо развиени. Со голема културна традиција. Па сепак, во дадена историска ситуација таму се појавија такви политички струи, а што во голема мера се базираат на тоа чувство на супериорност визави на некои слоеви, народи, религиозни групи и така натака. Во целиот свет тоа е присутно.

За негирањето на македонскиот јазик

Негирање има не само на македонскиот. Има на многу јазици во светот денеска. А од друга страна, овде е, во тој однос супериорен спрема Македонците, вклучено и прашањето на јазикот. Нели? Во други средини тоа не се вклучува. Ама работата не се менува од тоа, бидејќи јазикот е само една област на човековото пројавување. Поводите за презир можат да се земат тогаш од други области. Но не е во прашање јазикот, како причинител за пројави на супериорност. Само, тој може да трпи од таа супериорност, а причините се тие што ги реков... Ако не е јазикот, тогаш е религијата. Еве, да речеме во Босна. Јазикот е ист. А какви се судирите?! Таму е особено изострена ситуацијата на меѓунационална основа. Не можат мотиви во јазикот да се бараат тука. Се бараат во религијата, во обичаите, во историјата и така натака. Во сето што станувало во дадени ситуации и што создавало зла крв. А сето тоа се сврзува со едно чувство на супериорност на една средина спрема друга и тоа се сплеткува во еден јазол.

... Негирањето е редовна појава. Јас за тоа сум пишувал во онаа своја работа „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици” со документација. Особено го истакнував случајот со словачкиот јазик. Но, можам да земам примери и за другите јазици. Можам да потсетам, дека Иван Вазов дури има и песна за тоа, во која вели дека неговиот јазик, то ест бугарскиот, е поруган, потценет. А тој изразувал едно чувство што самиот го испитувал на себеси. Исто така е позната работа, а оној што читал малку историја, знае дека други средини, што сега се особено агресивни во националистичка смисла, во минатото на себе морале да ги трпат истите тие методи, што многу радо денеска ги применуваат самите тие наспрема други. Да речеме, еден пример. Во 1814 година, ако се сеќавам добро, се држи во Виена таканаречениот Виенски конгрес на монарсите, по победата над Наполеона. Тогаш доаѓа петиција од страна на грчката хетерија со молба, на тој тогашен самит, да се постави грчкото прашање и да се направи нешто за заштита на Грците во рамките на турската империја, бидејќи тие се подложени на насилство во таа империја. Одговорот е на тоа, од страна на тоа високо тело, дека во списокот на европските нации нема грчка нација. Ете! Та тоа е не така далечно минато! А денеска знаеме дека истата нација не признава на правна основа постоење на некои малцинства во Грција. Меѓу нив и на македонското малцинство. И тврди дека во списокот на нациите таква нација нема денеска. (Се смее). То ест, истиот принцип го применува на други, што порано Грците морале врз себе, врз својот грб да го почувствуваат.

Надеж за меѓучовечко разбирање

Па, ние се надеваме на тоа. Секогаш е оптимистичката варијанта подобра. Затоа и говориме за хуманизирање, за развиток и настојуваме тие извори што раѓаат такви односи меѓу луѓето, меѓу народите, меѓу религиите, тие извори да се неутрализираат. Настојуваме во тоа и, се разбира, јас спаѓам меѓу оние што се надеваат дека тука се постига нешто. Само, тие се работи доста вкоренети во животот и илузорно е да се мисли дека брзо ќе се измени таа ситуација. И наивни се, особено во Македонија, оние што мислат дека преку ноќ или во текот на нашиот живот, ќе доживеат да биде елиминиран оној однос спрема Македонците од кој нашата генерација и нашите генерации страдаат. Има уште многу време да помине, па да дојде до тоа.

Слики: Никола Мартиноски

Другите делови од „Кажувањата“ можете да ги прочитате на следниве линкови:

Конески: Кажувања (1)

Конески: Кажувања (2)

Конески: Кажувања (3)

Конески: Кажувања (4)

Конески: Кажувања (5)

Конески: Кажувања (6)

Конески: Кажувања (7)

Конески: Кажувања (8)

Конески: Кажувања (9)

Конески: Кажувања (10)

Конески: Кажувања (11)

Конески: Кажувања (12)

Конески:Кажувања (13)

Конески: Кажувања (14)

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото