50 години обнова и изградба на Скопје (5)

19.12.2013 12:37
50 години обнова и изградба на Скопје (5)

Јанко Константинов: Медицинското училиште (1973)

Јанко Константинов (1926-201.) е творец кој во 70-тите години до крајни граници ги експлоатира пластичните својства на натур-бетонот, при што архитектурата ја доведува блиску до скулптурата. Таквата можност тој најпрвин ја користи кај Педагошката гимназија Никола Карев (1969), за оваа тенденција да го достигне својот максимум во следните објекти изградени во Скопје:
-Медицинското училиште (1973), со архитектонски ритам, постигнат со наизменичното повторување на геометриски вертикали и истакнати заоблени и засечени форми во вид на туби, и
-Телекомуникацискиот центар (1974), направен со аналогна интерпретација на формите од тврдината што се наоѓа на спротивниот брег од реката Вардар. Тоа се гледа од употребените цилиндрични кули, лачните прозорски отвори и од рапавата натур-бетонска фасада. Аркадниот систем на првото и последното ниво потсетува на лаковите од соседниот стар камен мост.


Јанко Константинов: Телекомуникацискиот центар (1974)

 

Склоноста за употреба на натур-бетонот за создавање на „архитектонска скулптура“ ја покажува и Крсто Тодоровски (1936-) кај Републичкиот хидрометеоролошки завод (1977), кој во вид на модерен акропол доминира над Зајчевиот Рид.


Крсто Тодоровски: Републичкиот хидро-метереолошки завод (1977)

 

Се чини дека натур-бетонот, кој е одамна напуштен во западноевропските земји, во овој период станува омилен градежен материјал за македонските архитекти. Неговите можности во геометриска интерпретација ги користат Радомир Лаловиќ (1933-) и Олга Папеш (1933-2011) кај ансамблот Банки (1975).


Радомир Лаловиќ и Олга Папеш: Ансамблот Банки (1975).

 

Понекогаш фасадните површини на натур- бетонските ѕидови не се квалитетно изведени, така што се наметнува потребата од нивна дополнителна обработка. Таков е случајот со меко заоблените бели волумени кај Театарот на народностите (1974) на Љубинка Маленкова (1927-201.) и Вера Ќосевска (1929-).

Во првата половина на 70-тите години, како резултат на економската стабилизација, се создаваат поголем број деловни објекти и објекти за општествен стандард, при што некои од нив стануваат репер зараспознавање на градските центри.

По земјотресот, Скопје станува и останува отворен град за творечки идеи од светот, така што во него се градат објекти на архитекти кои победуваат на јавни конкурси или пак работат директно по нарачка.

Музејот на современа уметност (1970) е изграден според проектот на групата Тигри од Полска, со нагласена хоризонтала и на локација надвор од пешачките текови, на ридот Градиште во близина на тврдината.

Воената болница (1964-1971 е изградена според проектот на Јосип Осојник (1923- 1999) во вид на голем ансамбл, составен од пониски структури за поликлиники и од еден десеткатен блок за болнички соби. Неговото просторно обликување и употребените брисолеи потсетуваат на интернационалниот стил.


Јосип Осојник. Воената болница (1964-71)

 

Универзитетскиот центар (1974) на реномираниот словенечки архитект Марко Мушич (1941-) претставува сложенсостав од објекти на три факултети и ректорат. Во нив се влегува од едно заедничко плоштатче, кое заедно со пристапните улички наликува на староградски уличен сплет. Објектите имаат динамично расчленети волумени со разиграни облици, што понекогаш поминува во формализам. И овде, како и претходно кај училиштето Песталоци и кај студентскиот дом Гоце Делчев, од здравствен аспект се поставува под прашање оправданоста за изградба на образовни и станбени објекти од натур-бетон.


Марко Мушич: Универзитетскиот центар (1974)

 

Паралелно со изградбата на новите објекти, во Скопје се прави реставрација и ревитализација на градителското наследство, при што се постигнуваат завидни резултати. Се изготвува план и започнува ревитализацијата на Старата скопска чаршија со обнова на речиси сите монументални објекти во неа.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел

Извор: Порта 3

ОкоБоли главаВицФото