Грдото пајче

27.12.2013 09:07
Грдото пајче

Велат дека Библијата е текст кој е преведуван најмногу на светот, а веднаш зад таа добра книга се бајките на Ханс Кристијан Андерсен, данскиот писател од првата половина на деветнаесеттиот век.

Има ли некој што не ги знае Царевото ново рувo, Малата сирена или Принцезата на зрно прашок? Ханс напишал повеќе од сто и шеесет приказни, а можеби најпознатата е Грдото пајче, толку популарна што во секоја можност кога се раскажува оваа приказна, се претставува како народно богатство, како нешто што потекнува од древни времиња, нешто што им припаѓа на сите, затоа што нема еден автор.

Во приказната на Андерсен, Грдото пајче последно се испилува во гнездото од најголемото јајце. Пајчето е преголемо и грдо, па мајката веднаш се посомневала дека всушност лежела на јајце од мисирка. За Грдото пајче прописно да се идентификува, мајката патка ги однела сите пајчиња на пливање, со цел мисирчето да се удави, но грдото пајче запливало како што заповедал Бог. Потоа тргнале, како што се вели, на земјоделскиот имот, каде една стара патка забележала дека Грдото пајче изгледа чудно (queer, според англискиот превод), а друга патка веднаш го нападнала физички. Целата живина брзо се сложила дека Грдото пајче треба да го исфрлат од пердувестата заедница. Му се нафрлил еден мисир, со поцрвенета глава од бес, неговите браќа и сестри посакале да го грабне мачка, а мајката жаллела што го родила такво. Грдото пајче побегнало од таа несреќа и им се придружило на јато диви патки, кои едногласно заклучиле дека дојденецот е многу грд, но дека можат да му го простат тоа доколку се ожени со некоја патка од јатото. Меѓутоа, грдото пајче не било заинтересирано за брак, па се повлекло во мочуриштето за да биде само. Таму се сретнало со две гуски, кои му биле наклонети токму затоа што било многу грдо. Недалеку имало уште едно мочуриште во кое имало многу немажени гуски каде пајчето можело да си најде жена. Но, ловците ги убиле двете гуски и додека пајчето се тресело од страв, му пришло кучето, го подушкало и го заобиколило заради грдотијата, а тоа уште повеќе ѝ наштетило на самодовербата на пајчето.

Во сиот очај, пајчето потоа стигнало до куќата во која живеела една баба со квачка и мачор. Тие не биле сигурни дали пајчето е машко или женско, па го малтретирале и го ставиле на тест: му дале рок од три недели да снесе јајце. Меѓутоа, пајчето не било подготвено за размножување, па ги напуштило бабата, кокошката и мачорот. Една вечер, лутајќи очајнички и понатаму, пајчето забележало јато прекрасни птици кои излетале од грмушките. Го обземале чудни чувства, се превртело во водата, а потоа летнало кон нив. Но, лебедите одлетале во топлите краишта, додека пајчето останало да фантазира за нив, за време на суровата зима која едвај ја преживеало.

Лебедите

Но, лебедите се вратиле на пролет. Кога пајчето ги видело повторно, на чуден начин, се почувствувало несреќно. Одлучило да им пријде, убедено дека ќе го убијат заради тоа што е грдо: Но, подобро е да го убијат лебедите, мислело пајчето, отколку да го клукаат патките, да го тепаат квачките, да го малтретираат селанките. Кога им се приближило на лебедите, тие ги рашириле крилјата, а пајчето им рекло: „Убијте ме!“ и ја наведнало главата чекајќи го кобниот момент. Но, во тој момент го забележало својот одраз во водата, каде видело убав лебед. Сите се сложиле дека бил најубав во целото јато. Децата од брегот му се восхитувале, а постарите лебеди му се поклонувале. Грдото пајче не знаело што да прави, од срам ја сокрило главата под крилото, било многу среќно но нималку гордо.

Премногу било рано за гордост. Андерсен, роден 1805 година во Одензе, бил еден од оние маченици кои морале да ги кријат своите истополови склоности целиот живот. Израснал во сиромаштија, грд, со голем нос, комбинација од несмасност и женственост.

Другите деца подготвено го малтретирале – еднаш му ги соблекле гаќите пред другите деца за да видат дали е машко – додека во училиштето била применувана скандинавската, сурова дисиплина.

Успеал да се образова, напишал неколку романи (кои се исполнети со машки пријателства), а потоа, толку многу се прославил со бајките, па затоа се дружел со Дикенс (на кого му одел на нерви заради својата хипохондрија и преправање). Не му одело со жените, иако, во младоста на некои им пишувал љубовни писма. („Бедно грдо суштество“, пишува Андерсен во Грдото пајче, „тоа повеќе сакало да живее со патките, а тие само требало да го охрабрат!“) Им пишувал љубовни писма на неколку мажи, вклучувајќи ја и познатата размена на нежности со големиот војвода Карл-Александер вон Саксе-Вајмар-Ајзенах (доколку некогаш имале секс, но немале, тоа автоматски би бил групен секс). Љубовта на неговиот живот бил Едвард Колин, кому му пишувал писма, кои денес се чести во антологиите на хомосексуалната љубовна кореспонденција. „Чезнеам за тебе“, му пишувал на Колин. „Да, во овој момент чезнеам за тебе како да си млада Калабријка со темни очи и поглед исполнет со пламена страст“. Откако Колин се оженил, Андерсен ја напишал Малата сирена, во која сирената чезнее за принцот кој се оженил со човечко суштество, а нејзината љубов останала невозвратена. Чезнеењето на Ханс никогаш не било задоволено, освен своерачно – во својот дневник, уредно, со мали крстови ги бележел успешните сеанси на самозадоволување.

Лажни хиерархии

Ханс Кристијан Андерсен никогаш не им се придружил на лебедите. Умрел 1875 година, истата година кога Чајковски – можеби најпознатиот европски хомосексуалец од деветнаесеттиот век – почнал да го пишува својот балет Лебедово езеро. Веќе во 1893 година, весниците алудирале на хомосексуализмот на Андерсен, за во 1901 година да му биде посветена подолга статија во германскиот весник кој ги застапувал правата и разбирањето за хомосексуалците.

Меѓутоа, неговите официјални биографи долго инсистирале дека бил хетеросексуалец кој немал среќа со жените. Јенс Андерсен, современиот дански биограф, во својата книга од 2005 година потврдува дека добриот Ханс бил хомосексуалец, но смета дека умрел како jungfer, со дневници полни со мали крстови.

Грдото пајче, можеби најпопуларната детска приказна на сите времиња, може да се чита автобиографски, како израз на искуства од живеењето во општество кое смета дека знае што е нормално, а што не е, и кое на различни – но сепак сурови – начини ги казнува сите оние што ги смета за поинакви. Таа нормативна суровост се оправдува со лажни природни хиеарархии, а казнувањето започнува уште од раното детство. Некои деца учат да живеат со патките, некои се убиваат (бројот самоубиства кај младите од ЛГБТ популацијата е неколкупати поголем отколку кај хетеросексуалните млади), а некои, фала му на Бога, го наоѓаат своето јато.

Се разбира, сите бајки на Андерсен не се приказни за личното хомосексуално искуство, но не дека нема ниту една таква, не може да се негира дека тоа искуство е вградено во еден од темелните текстови на цивилизацијата, во приказните кои родителите, ширум земјината топка, им ги раскажуваат на своите деца. А една од поуките од таа приказна е и тоа дека светот и историјата се полупразни без искуствата на хомосексуалните мажи и жени. Оние квачки и мачори што организираат референдуми мораат да знаат дека суровоста никого не го прави подобар.

Извор: http://www.radiosarajevo.ba

Слични содржини

Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност / Стрип
Квир / Книжевност / Теорија
Квир / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото