Победник на „Новите!“ за 2013: Драган Георгиевски

27.12.2013 14:47
Победник на „Новите!“ за 2013: Драган Георгиевски

Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ во состав Ненад Јолдески, Николина Андова и Иван Шопов, одлучи наградата да ја добие ракописот „Метаморфузија“ од Драган Георгиевски.

Книгата на Георгиевски главно е составена од куси-куси раскази, но на места е прошарана и со подолги прозни парчиња. Иако композициски ракописот не е поделен на поглавја, тематски целини или делови, станува збор за компактно дело кое ја постигнува кохерентноста благодарение на стилската доследност.

Уште по првите прочитани страници се забележува дека посебниот хумор (честопати црн, но не и мрачен) е една од главните алатки со кои авторот го гради својот специфичен, испревртен, апсурден свет. За јунаците од расказите во „Метаморфузија“, речиси без исклучок можеме да кажеме дека се наоѓаат во едно слатко недоразбирање со себеси и светот. Меѓутоа, таквите разминувања, благодарение токму на хумористичната перспектива, никогаш не се поимаат како нешто трагично. Низата ликови, кои се еден вид симпатични наивни „лузери“, секогаш успеваат да се насмеат на својата несреќа, а со тоа да предизвикаат и насмевка кај читателот.

Драган Георгиевски е автор кој несомнено е во војна со она што се нарекува реален свет, кој очигледно најчесто заслужува да биде главечки превртен и первертиран во расказите. Така, во „Метаморфузија“, дури и кога раскажаните приказни делуваат уверливо и како да се пресликани од стварноста, авторот успева да го посочи, открие или дополнително да го истакне бизарното, невообичаеното или апсурдното во нив.

На јазичен план, во „Метаморфузија“ се користи јазикот на улицата и секојдневието, сленгот и говорот кој не води многу сметка за стандардните јазични правила, што донекаде се надоврзува на лудистичкиот карактер и користењето на играта како водечки принцип во расказите. На оваа делумна јазична разузданост донекаде се надоврзува и автоиронијата, со која авторот често сака да ни укаже - „не ме сфаќајте многу сериозно, ништо во книгава не е сериозно“; парадоксално, токму таа автоирониска свест прави авторот да биде сфатен „сериозно“.

Покрај хуморот, изненадувањето е второто моќно оружје со кое авторот обезбедува силен ефект на крајот од расказите. На многу места, токму последната реченица е таа која го задава најсилниот удар, ја превртува дотогаш понудената перспектива или го засилува сугерираниот впечаток. Кажано со фудбалски речник, расказите на Драган Георгиевски се како интересни натпревари во кои решавачкиот гол секогаш паѓа во последната минута од судиското продолжение.

Во светогледот на малиот човек во прозата на Георгиевски не постојат големи и возвишени теми и наративи. На ниедна страница од ова дебитантско остварување нема место за патетика; тој не ги поднесува авторитетите и редовно ги предизвикува, дури и кога тоа го прави на сопствена штета. За него нема лекции кои можат да бидат пренесени од некој мудрец, туку исклучиво лекции при блиската средба на главата со асфалтот. И тоа, претставено низ исчашената визура на авторот, е смешно, дури и убаво и пожелно.

 

Една од слабостите на книгата на Георгиевски - покрај тоа што немотивираното воведување нови и нови теми во хармсовски манир не секогаш го дава посакуваниот резултат - е претерувањето со апсурдните краеви, инсистирањето на апсурд заради апсурд, што во повеќе ситуации создава впечаток дека „се раскажува ништо“, а обидот за постигнување забавен ефект, кој инаку толку често е успешно реализиран, во ваквите случаи е безуспешен.

Таквите несмасности кои не се ништо невообичаено кога станува збор за дебитантските книги, во никој случај не се присутни толкава мера за да биде нарушен генералниот впечаток - дека станува збор за квалитетно дебитантско дело кое заслужува да добие можност да го започне својот вистински живот меѓу читателите.

Повеќе отколку потврда за досега сработеното, би сакале оваа награда да биде поттик за авторот дополнително да се развива и да расте, да ги прошири и продлабочи искуствата како писател и здодевниот опис „млад и надежен автор“ да го замени со зрел и опасен.

 

 

Драган Георгиевски
Среќна нова 2014

Дедо Мраз се лизна низ оџакот, се лизна и на една влечка и си ја удри брадата од маса. Многу го здоболе и седна да јаде сарма. Додека јадеше сарма, Мики ја отвори вратата и влезе во дневната соба.
„Здраво Мики“, рече Дедо Мраз со полна уста. Џвакаше, се лигавеше по тоа брадата.
„Здраво. Кој си ти па сега?“ Мики помисли дека му постави прашање и седна до него.
„Јас кој сум? Па јас сум Дедо Мраз. Јас носам подароци кај сите дечиња, оние кои биле добри изминатата година“, Дедо Мраз помисли дека Мики му поставил прашање па одговори.
„Да а? А лошите деца? Тие добиваат ли нешто?“
„Да Мики, тие добиваат клоца у чело“.
„Аха. И јас каде припаѓам? Кај лошите или кај добрите деца?“
„Мики, ти не си дете. Ти си возрасен човек“.
„Па што бараш кај мене, ај гитла“.
„Па... јас дојдов да ти се извинам“.
„Да ми се извиниш?“
„Да, да ти се извинам. Пред четириесет години не ти донесов подарок а ти навистина беше добро дете таа година. Поголемото чоколадо се реши да ѝ го дадеш на сестра ти, иако претходно ги задржуваше за себе и двете“.
„Која година бе, не можам да се сетам. Кога било тоа?“
„Реков, пред четириесет години бе Мики, не го тупи сега“.
„И? Каков подарок ми носиш?“
Дедо Мраз ја пикна раката во торбата и извади едно мало купче пари споени со ластиче.
„Еве“.
„Што е ова? Пари ми даваш?“
„Да, земи ги. Плати некоја сметка за струја“.
Дедо Мраз излезе од станот на Мики, фати такси и исчезна. Мики ги зема парите, си плати струја, се врати дома, полека си ја китеше елката и си пееше некоја новогодишна песна.
Ја дочека новата година како шо треба.

Извадоци од петте најдобри ракописи

Слики: Orly Cogan