Примени првите пациенти во клиниката за одвикнување од лајкови

02.01.2014 09:21
Примени првите пациенти во клиниката за одвикнување од лајкови

Скопје, 2 јануари 2014

Рано утрово примени се првите пет пациенти во неодамна отворената скопска клиника „Клик медика“, прва медицинска установа за одвикнување од лајкови на Фејсбук во овој дел од Европа. Според зборовите на д-р Драган Мојсовски, нивната терапија ќе трае минимум еден месец, а потоа конзилиум лекари ќе одлучи дали е потребно дополнително лекување.

Да потсетиме, д-р Мојсовски на отворањето на клиниката минатата недела изјави дека проблемот со зависноста на Фејсбук корисниците од лајкови секој ден станува сѐ посериозен, а отворањето на оваа установа ќе биде значајно поради помошта на оние на кои им е неопходна, како и поради свртување на вниманието на јавноста кон оваа нова болест. Тој се осврна на годишниот извештај на Светската здравствена организација, според кој во Македонија живеат помеѓу две и три илјади лица кои би можеле да се сместат во категоријата зависници од лајкови, а нивниот број би можел да се зголеми за четири пати во следните две години.

Македонската јавност прв пат се соочи со овој проблем кога пред три месеци лекарите едвај ѝ го спасија животот на малолетната Ј.Т. од Мралино, која ги исекла вените откако цели дваесет минути никој не ѝ кликнал лајк на новиот статус. Според зборовите на д-р Мојсовски, нема голем број случаи со толку екстремна манифестација, што не значи дека треба да се претстави ублажено погубното влијание на оваа зависност врз психата на човекот.

Од примените пациенти, само најстарата В.А. (33) се согласи да зборува со нашиот репортер. Таа раскажува дека на почетокот Фејсбук изгледал безопасно и воопшто не размислувала за лајковите. Како што изминувало времето, сѐ повеќе ѝ значел бројот на лајкови и коментари, за набрзо потоа да почне да става само линкови за кои знаела дека ќе поминат добро кај нејзините најактивни Фејсбук пријатели. Следната фаза била натпреварување со нив и ставање клипови со слична содржина со онаа која ја поставил некој од нив, а потоа споредувала кој поминал подобро. Во последно време често ѝ се случувало да постави некој клип пред спиење, и два-три пати во текот на ноќта да стане за да провери дали добила лајк.

„Често во автобус кога се враќав од работа размислував што ќе ме затекне кога ќе си дојдам дома и ќе го вклучам компјутерот. Тешко е да се опише колку ми значеше црвениот број во горниот лев агол, од него срцето ми прескокнуваше, чувствував пеперутки во стомакот, ниту еден маж не предизвикал таква реакција кај мене. Од друга страна, не постои ништо пострашно и попразно од сината рамка на вашиот профил, од статусите и линковите кои сите ги игнорирале. Таквата отфрленост едноставно не можев да ја издржам! Со часови гледав во мојот профил, кликав refresh по неколку минути, често плачев прашувајќи се каде погрешив?! Тоа само дополнително го зголемуваше притисокот при бирањето на следниот клип“, раскажува В.А.

Програмата за одвикнување е замислена така што пациентите преку колективна терапија, занимавање со спорт, читање книги, гледање филмови и други активности, ги спознаваат алтернативните можности за лично исполнување. Сепак, терапијата нема да помине без компјутер и Фејсбук, но нивното користење ќе биде под строга контрола на д-р Мојсовски и неговите соработници.

„Сите пациенти ќе мораат да ги избришат своите профили и да отворат нови. Меѓу пријателите ќе смеат да ги имаат само останатите пациенти, како и медицинскиот персонал од оваа установа. Замислата е секојдневно да поставуваат по неколку статуси и линкови, но секому да биде забрането да кликне лајк на што и да е. На тој начин ќе бидат принудени да гледаат во својот профил на кој нема да видат никаква рекција од своите пријатели, што во почетокот сигурно ќе предизвика бурни реакции“, вели д-р Мојсовски и нагласува дека многу важен елемент ќе биде и заедничката терапија, каде пациентот пред останатите ќе зборува за себе и своите проблеми. Секој монолог присутните ќе мораат да го отпоздрават, но не со познатата фраза „те сакаме“, туку „ни се допаѓаш“, за да докажат дека Фејсбук ефектот може да се оствари и во вербалната комуникација.

Извор: www.njuz.net