Четири нови романи во издание на Сигма Прес

04.01.2014 13:23
Четири нови романи во издание на Сигма Прес

Неодамна издавачката куќа Сигма Прес ги објави во превод на македонски јазик романите „Кон светилникот“ од Вирџинија Вулф, „Стравот и неговиот слуга“ од Мирјана Новаковиќ, „Големата тетратка“ од Агота Кристоф и „Акабадора“ од Микела Мурџа.

Подолу може да прочитате извадоци од романите кои можат да се набават во скопските книжарници.

 

Кон светилникот, Вирџинија Вулф

Беше ли тоа мудрост? Беше ли тоа знаење? Беше ли тоа, повторно, залажувањето што со себе го носи убавината, па оттаму сите наши согледувања, на половина пат до вистината, се заплеткуваат во златна мрежа? или, пак, во себе имаше заклучено некаква тајна која, Лили Бриско беше сигурна, луѓето мора да ја имаат за да може светот воопшто да продолжи да постои? Не можеше секој како таа постојано да прави нешто набрзина и да преживува само со основните работи. Но, ако некој знаеше што е тоа, ќе можеше ли да и го каже? Додека седеше на подот прегрнувајќи ги колената на госпоѓа Ремзи најцврсто што можеше, со насмевка на лицето зашто знаеше дека таа никогаш нема да ја знае причината за таквиот стисок, си замислуваше како во одаите на умот и срцето на жената која физички ја допираше, стоеја, како азно во кралските гробници, плочки испишани со свети записи коишто, доколку беше можно да се прочитаат, би нè научиле на сè, но никогаш нема отворено да ни бидат понудени, никогаш нема да бидат јавно прикажани. Каква умешност беше тоа, позната само на љубовта и итроштината, со која можеше да се пробие во тајните одаи? Со каков изум да се стане, како води истурени во еден бокал, нераскинливо едно, како да се спои со предметот на обожавањето? Дали телото може да го постигне тоа, или умот, нежно испреплетувајќи се со замрсените превои на мозокот? Или срцето? дали сакањето, како што луѓето го нарекуваат, би можело да направи таа и госпоѓата Ремзи да станат едно? Зашто таа не го посакуваше знаењето туку единството, не записи на плочки, ништо што би можело да се испише на кој било јазик познат на човека, туку токму блискост, а таа е знаење, си помили, потпирајќи си ја главата на коленото на госпоѓа Ремзи.



Акабадора, Микела Мурџа

Заштита или вина. Во Сорени тие беа единствените причини кои ѝ натежнуваа на смртта, а Марија не знаеше која од двете навистина ја спречува Бонарија Ураи да си замине. Во сомнежот, најпрвин се соочи со она што можеше да го раководи. Како што имаше направено Бонарија пред години за неа, ги ослободи полиците од статуите на светото срце и на мистичниот ангел и ја тргна светата водичка со сликата на Света Рита. Ги отстрани сите икончиња со религиозен предмет од ѕидовите на собата, ги врати сликичките од страниците на книгите и од дното на фиоките, ги одврза од кваките на вратите сите зелени конци, извади од ќошињата секакво парче од рог поставено да чува од лошите духови, но, првенствено, ја тргна осветената палма од светата недела поставена зад вратата, целосно исушена, но, секако, не помалку невина поради тоа. Старицата не носеше посебни алишта или други предмети што би можеле да ја задржат, освен ланчето од крштевањето, кое Марија, со огромна внимателност, ѝ го слизна од вратот, додека другата мирно го гледаше. По таквото подготвување на теренот, чекаа. Во текот на наредните две недели, Бонарија, толку ослабната што се сведе на едноставен `рбетен столб, продолжи да живее висејќи на работ од гребенот на преминот, но не падна.

Како одминуваа деновите, во целосна немоќ, Марија се убеди дека помеѓу двете причини за агонија, она што најмногу ја задржуваше Бонарија Ураи во живот не беше заштитата. Ноќта кога го сфати тоа отиде да седне на столицата до креветот на старата шивачка, гледајќи ја во тишина. Бонарија, по некоја минута, ги отвори матните очи и ја погледна.

- Што треба да направам? – прашањето беше шепот.

Старицата како да сакаше да прозбори нешто, но од устата ѝ излезе само мачна воздишка. Марија се спушти на коленици до креветот забивајќи ги лактите на чаршафот, од каде што го почувствува остриот мирис на старицата, посилен од кога било порано. Кога прозбори, го стори тоа со намерна бавност.

- Плаќате за нешто што сте сториле, Тетка.
На тие зборови, очите на Бонарија се затворија, во симулација на сон во кој Марија не поверува ниту за момент. Ја фати за рака.
- Кому?

Зениците останаа затворени, а раката што Марија ја држеше немаше ни едно движење. Ѝ прелета мислата дека смртта не би можела да додаде ништо повеќе на тоа отсуство.

- Не ви е дозволено да заминете затоа што имате долгови, но само вие си ги знаете. Јас можам да одам од куќа на куќа и да барам прошка за вас, а кога сето ова ќе заврши, ќе знам дека сум влегла во вистинската.

Старицата реагираше на тие зборови како на закана ококорувајќи ги замаглените очи за повторно да ги впери кон посвоената ќерка. Раката се стегна во изненадувачки силен грч и Марија, која не го очекуваше тој отпор, фати одобрување. Затоа додаде:

- Ќе почнам од Бастиу.

Бонарија испушти здив што наликуваше на крик. Одлучна да разбере, Марија не стана од леглото на кое сѐ уште беше клекната.

- Не сакате?
Старицата едвај ја помрдна главата, но одбивањето беше повеќе од јасно.
- Како не разбирате дека тоа ве спречува да си заминете спокојно?

Бонарија ја погледна Марија без друг знак освен одлучноста во погледот во кој немаше никаква видлива сенка на каење. Лице в лице со таа опиплива волја, за момент нивните улоги се сменија и Марија се почувствува како таа да е парализирана. Внимателно ѝ ја спушти раката ослободувајќи ја сопствената од грчовитиот фат на старицата.

Неколку дена, Марија се преправаше дека тој разговор воопшто не се ни случил негувајќи ја грижливо како и претходно. Ја чистеше, ја хранеше и ѝ ги чешлаше малкуте влакна останати на ослабената глава, зборувајќи ѝ за времето и за малкуте вести во селото, како Бонарија некогаш да се интересирала за тоа. Старицата страдаше од грчеви и други болки, особено навечер, но се чинеше дека ниедно страдање не беше одредено да ѝ ги истроши во целост силите. Бонарија Ураи продолжуваше да живее, а немаше светци.

Кога дојде време, Марија го продолжи разговорот, откако внимателно ѝ го даде последното лажиче со пасирана круша. Без апетит, Бонарија половина ја одби, а Марија знаеше дека најмногу за еден час другата половина ќе биде на лигавчето што намерно ѝ го поставуваше.

- Размисливте ли за она што ви го кажав? – рече ставајќи ја чинијата на ноќното масиче.

Старицата не се правеше дека не разбира, напротив, нејзината неподвижност беше јасно одобрување.

- Тетка... – промрмори Марија доближувајќи се до креветот. – Јас не можам веќе да ве гледам ваква. Кога би можела да сторам нешто...


Големата Тетратка, Агота Кристоф

Нечистотијата

Кај нас, во Големиот Град, нашата Мајка нè миеше често. Под туш или во када. Таа ни облекуваше чисти облеки, ни ги сечеше ноктите. Нè водеше кај бербер на потстрижување. Ние си ги миевме забите по секој оброк.

Кај Баба, невозможно е да се измиеш. Нема бања, нема дури ни проточна вода. Водата треба да се земе од бунарот во дворот и да се носи во кофа. Во куќата нема сапун, нема паста за заби, нема средства за перење.

Во кујната сè е валкано. Црвените неправилни плочки лепат под нозете. Големата маса лепи под рацете и под лактите. Печката е целосно црна од маснотија, а исто така и сите ѕидови поради пареата. Иако Баба ги мие садовите, чиниите, лажиците и ножевите не се никогаш сосема чисти, а и тенџерињата се покриени со дебел слој маснотија. Крпите се сивкави и лошо мирисаат.

На почетокот, ние дури немавме желба ни да јадеме, особено кога гледавме како Баба ги подготвува оброците без да си ги мие рацете и бришејќи си го носот со ракавот. Подоцна, веќе не обрнувавме внимание на тоа.

Кога е топло, ние одиме да се капеме во реката, а лицето и забите си ги миеме кај бунарот. Кога е студено, невозможно е целосно да се измиеш. Нема ниту еден доволно голем сад во куќата. Нашите чаршафи, нашите покривки и нашите крпи за бањање исчезнаа. Ние веќе никогаш не ја видовме големата кутија во која нашата Мајка ни ги донесе.

Баба продаде сè.

Ние стануваме сè повалкани и повалкани, нашите алишта исто така. Земаме чисти алишта од нашите куфери под клупата, но наскоро веќе нема чисти алишта. Оние кои ги носиме се кинат, нашите чевли се износуваат, се кинат. Кога можеме, одиме боси и носиме само гаќи или панталони. Табаните ни отврднуваат, веќе не чувствуваме ни трње ни камења. Кожата ни потемнува, рацете и нозете ни се покриени со драсканици, исеченици, убоди од инсекти. Нашите нокти, никогаш не исечени, се кршат, а косата, која ни е речиси бела од сонцето, ни досега до рамењата.

Тоалетите се на крајот од градината. Никогаш нема хартија. Се бришеме со најголемите лисја од некои растенија.

Имаме некој измешан мирис на ѓубре, на риба, на трева, на шампињони, на чад, на млеко, на сирење, на тиња, на кал, на земја, на пот, на урина, на влага.

Мирисаме лошо како Баба.

Вежба за зацврстување на телото

Баба често не удира со нејзините ковчести раце, со метла или со влажна крпа. Ни ги влече ушите, ни ја кубе косата.

Други луѓе, исто така, ни удираат шлаканици и клоци, ние дури и не знаеме зошто.

Ударите болат, од нив се расплакуваме.

Падовите, драсканиците, исечениците, работата, студенилото и топлината се подеднакво причини за маки.

Ние одлучуваме да го зацврстиме нашето тело за да можеме да ја поднесеме болката без да плачеме.

Почнуваме со тоа што си удираме еден на друг шлаканици, а потоа и тупаници. Гледајќи го нашето потечено лице, Баба прашува:

- Кој ви го направи тоа?
- Ние самите, Бабо.
- Сте се тепале? Зошто?
- За ништо, Бабо. Не се грижете, тоа е само вежба.
- Вежба? Вие сте сосема мрднати! Но, ако тоа вие е забавно...

Ние сме голи. Се удираме еден со друг со каиш. Со секој удар, велиме:

- Не боли.

Поминуваме со рацете над пламен. Си го сечеме бутот, раката, градите со еден нож и истураме алкохол врз нашите рани. Секојпат велиме:

- Не боли.

По извесно време, ние навистина не чувствуваме веќе ништо. Некој друг го боли, некој друг се гори, се сече, некој друг страда.

Ние веќе не плачеме.

Кога Баба е лута и кога вика, ние ѝ велиме:

- Престанете да викате, Бабо, подобро удрете.

Кога таа ќе нè удри, ние ѝ велиме:

- Уште, Бабо! Гледајте, го вртиме и другиот образ, како што е напишано во Библијата. Удрете го и другиот образ, Бабо.

Таа одговара:

- Море, нека ве носи ѓаволот и со вашата Библија и со вашите игри.


Стравот и неговиот слуга, Мирјана Новаковиќ

Излеговме надвор, во ноќта и во маглата. Бргу стигнавме до крал-капијата, којашто во правец на Сава го чуваше влезот во калемегданската тврдина и излезот во чаршијата.
Месечината одвреме-навреме ѕиркаше низ облаците. И недостасуваше само тенкиот срп за да биде полна. Калдрмата беше нерамна и обајцата се сопнавме неколку пати. Минувавме низ тесни и кривулести улички. Морам да признаам дека ќе се изгубев ако не ме водеше мојот слуга. Иако одамна не бил во Србија ниту во Белград, беспрекорно се снаоѓаше во лавиринтот од сокаци. Не се плашев бидејќи сè уште бевме во Вајсбург, во германскиот дел на градот, а, како што ми објасни Новак, вампирите не се појавувале од оваа страна на принц-Еугеновата линија. Дури и тие ги почитуваа границите, за разлика од обичните луѓе.

Но, кога дојдовме до надворешната капија којашто не раздвојуваше од Раценштат, срцето ми слезе во петиците. Војниците веднаш нè пуштија и набргу се најдовме од онаа страна на принц-Еугеновата линија. Пред нас беше само мракот. Ништо не се гледаше. Ниту месечината на небото, ниту куќите на земјата.

-А сега, господару, – рече Новак – заштита! – и извади од внатрешноста на наметката нешто што, во првиот момент не разбрав што е. Но намирисав. Беше тоа венец од лук.
-Будала! Зарем ти мислиш дека, навистина, штити од вампири?
-Така се спасиле тие што ги виделе.
-А дали знаеш дека тоа, наводно, ги чува луѓето и од мене?
-Да, господару. Но, ако за вас е лага, не мора и вампирите да бидат лага. Конечно, што ќе ви биде ако го ставите околу вратот.
-Ништо нема да ми биде, но тоа е глупаво. И нема ни да одам ако ми е тоа заштитата. Ако дошло до тоа лукот да ме чува, тогаш нема да бидам зачуван.
-Зошто не ми верувате, господару? Еве, и јас ќе ставам еден венец. Зарем мислите дека би се изложувал на опасноста? Уверен сум дека ова е добро.
-Не сакам да одам!
-Ама нема никаква опасност. Имаме и пиштоли,
-Се сомневам дека пиштолите можат да ги запрат. И зошто да не се состанеме со тие Срби утре, денски.
-Господару, тие се ајдути и Австријанците ги бараат. Освен тоа, тие би сакале да ве запознаат.
-Белки, не им кажа кој сум јас?
-Им кажав, зошто да не?
-Ти си полудел. Па не мораат сите да знаат. Јас секогаш сакам да сум инкогнито.
-Признавам, згрешив. Но вие мора да се појавите. Нема, белки да ги разочарате вашите обожаватели. Тие имаат убиено толку многу луѓе, силувале жени, пљачкосувале, мачеле, така што, навистина, би било срамота да не ве запознаат.
-А дали се суетни и самољубиви и надуени и завидливи и...
-Се, се.
-Добро, тогаш дај ми го лукот.
-Еве господару. Но, има уште нешто.
-Што?
-Мора да ставите уште нешто за да се заштитите.
-Што?
-Па, не знам како да ви кажам.

И не рече ништо. Само го извади. Од внатрешноста на наметката. Не ми се веруваше. Извади крст.

-Ќе те убијам! Жими се најмило, ќе те убијам!
-Господару, смирете се. Тоа е само крст.
-Јас да ставам крст?! Јас?!
-Тоа оди заедно. Навистина, господару, така ми кажаа. Лукот без крстот не вреди.
-Но јас да ставам крст? Јас, најголемиот непријател на крстот.
-Не треба така да гледате на тоа, господару.
-Туку како?
-Ако, да речеме, некој најголем грешник би носел крст, што би сте рекле за тоа?
-Би рекол дека е лицемер.
-Ете, гледате – рече мојот слуга со победнички израз во очите.
-Не гледам ништо.
-Лицемерието е грев. Тоа Штрбавиот не го сака. Зарем нема кажано некаде: „Вие фарисеите сте лицемерни варосани гробови“, или нешто слично?
-Аха, сега го нарекуваш Штрбавиот.
-Тогаш, не гледам зошто не би сте сториле нешто што не му е право на Штрбавиот.

Морав да признаам дека расудувањето му беше на место. Го закачив тоа чудо.

ОкоБоли главаВицФото