Анкета за СК014 (26)

09.01.2014 14:40
Анкета за СК014 (26)

Па така и Скопје ми заличе на гробница

Вчера имав можност да се прошетам низ центарот на Скопје. Го видов огромниот споменик на Александар Велики и се прашував дали за 100 години ќе имаме и ние таков, големиот Путин на коњ? Па, си реков, можеби и нема да има. Во Москва има гробишта со скулптури направени од бронза. Па, така и Скопје ми заличе на гробница. Но, во позитивна смисла.

Виктор Ерофеев; Нова тв; 26.12.13.

 

СК014 е многу полошо од кич

Читав доста за тоа и бев наизглед подготвен на целиот тој гломазен Ужас на Празнината, но ништо не може навистина да ве подготви на жива средба со Александар и Филип Македонски, сосе бројната им фамилија, со цар Самуил, со Прометеј во гаќи (бил прво гол, па го облекле за да не ги скандализира невините жени) и со сите други, не им се знае бројката. Да се нарече тоа само “кич” е смешно, бидејќи ова е многу полошо; да се нарече тоа триумф на дегенерираната фашистичка естетика со елементи на соцреализам е точно но слабо, недоволно пластично. Ова е отворен, циничен, бајат триумф на Ништото, то ест на “идентитетската” и секаква друга политика без содржина, смисла и правец, засрамувачки банална утеха за сите неуспеси.

Теофил Панчиќ; Време (Белград) / Окно, 20.12.13.

 

СК014 - анти-урбана монструозност

"Скопје 2014" е архитектонска материјализација на постојана социјална и интелектуална апокалипса, во која општеството е изложено на интелектуален еквивалент на групно силување во име на тврдоглавоста, во име на колективниот комплекс на инфериорност од патолошки димензии, во име на одмазда од страна на група која знае длабоко во себе дека никогаш нема да биде елита без оглед колку и да се обидува. Авторите на оваа анти-урбана монструозност никогаш нема ниту да бидат во можност да ја разберат малоумноста на нивните дела. Но штетата што тие ја прават е веројатно непоправлива. Проституција на уметничките и интелектуалните медиокритети, во името на кариера во долгата сенка на моќниот, исполнува цели библиотеки, па нема да трошам виртуелен простор на нив. Доволно е да се каже дека нивните очајни оправдувања се ништо помалку од одвратни.

Харалд Шенкер, Balkan Insight, 28.08.13.

СК014 - Непродуктивно лудило кое се развива

Зошто актуелната власт во Македонија продолжува со својата политика на ограничување на јавниот простор во центарот на градот, намалување на слободниот проток на пешаци (да не зборуваме за идеи) со структури и статуи со големина која би се сметала за неприфатлива дури и за градови како Истанбул или Њујорк, и сето ова без земање предвид или почитување на ставовите на оние кои се најмногу погодени, граѓаните на Скопје? Зошто не се консултирани, како што тоа би било случај и во секој нормален главен град за едно такво големо, интензивно и непродуктивно лудило кое се развива.

Ерван Фуере, поранешен евроамбасадор, на Фејсбук; 06.07.13.

 

Скопскиот плоштад со бугарските херои

Бугарите и Македонците се еден народ. Доказ за тоа се и спомениците. Централниот плоштад во Скопје е посеан со споменици на бугарски херои и национални личности.

Марин Рајков, премиер на Бугарија; Телма, 08.05.13.

 

СК014 - Триумф на лузерите

Ниту една слика, ниту видео не може да ви ја долови глетката кога прв пат ќе го видите тоа ново историско Скопје. Тој топол ден стоев во центарот на градот кој несомнено добро го познавав поинаков. Јас познавав друг град кој беше изграден по земјотресот ’63. Тоа порано беше убав град, топол, со убави згради, елегантна геометрија, концертни сали и трговски центри. Тоа попладне пред мене беше друг град, некоја мешавина од Лас Вегас и Пјонгјанг, со примеси на Халикарнас и Ашхабад. Тој град е полуд од најлудите идеи на туркменскиот диктатор Сапамурат Нијазов. Тоа е триумф на лузерите, волшебно место на коешто со маѓепсно стапче петпарачките антиталенти може да станат Мештровиќ, Алберт Шпер и Ваубан, државни скулптори и државни архитекти. Го гледам тоа ново и полудено Скопје и си мислам: Оној којшто го смислил и го реализирал ова би требало да го испратат на психијатриско вештачење.

Јурица Павичиќ, Јутарњи лист, 06.04.13.

Збудалените браќа Македонци

Србија не се разликува од братските поранешни југословенски републики. Ете, молам: Хрватска се замајува со мост до Пељешац, сосема будалест потфат. Ќе ве потсетам на уште поблесавата идеја за копање тунел од Истра до Трст, под Словенија, пласирана пред десетина години во Глобус. Бандиќ со огромни пари неказнето ги гради своите фонтани пред Националната библиотека - чуму? Нашите браќа Македонци сосема збудалеле: низ Скопје градат нови Акрополи и Партенони, поставуваат еквестриални скулптури на Александар Македонски од 30 метри, поморничави дури и од Керумовите крстови кои му се закануваат на градот Сплит.

Милош Васиќ, Данас, 30.03.13.

ОкоБоли главаВицФото