Град на солидарноста

10.01.2014 21:59
Град на солидарноста

Армијата го снабдува населението со вода

Скопје денес е познат и по името „град на југословенската и меѓународната солидарност“. Тоа не е фраза. Тоа во Скопје се чувствува на секој чекор. По катастрофата сите наши народи и народности и народите од целиот свет побрзаа кон разурнатиот град. Сите што во тоа време живееја во градот се сеќаваат дека Скопје во тие денови беше обезбедено со храна. Камиони се движеа низ разурнатите улици и делеа храна.

Само по пет дена од земјотресот во градот пристигна екипа на Црвениот крст на Западна Германија, со полска кујна за 6.000 оброци. Веднаш по неа стигна исто таква кујна од Германската Демократска Република. Лигата на Меѓународниот црвен крст ја финансираше исхраната на 30.000 деца, а на 9 август Лигата одржа и седница во еден од шаторите во Скопје. Организацијата КЕР ја презеде грижата за исхрана на 15.000 деца.

Безброј бројки се испишани тие денови. А зад секоја од нив стоеше човечката солидарност којашто како никогаш дотогаш се покажа во Скопје.

Покрај голем број индивидуални солидарни примери, да ја споменеме и организацијата „Раунд тејбл“ (тркалезна маса) која на градот му испрати на помош сто приколки, на кои пишуваше „За Скопје“. Додека оваа колона на солидарноста се движеше од Англија, преку Германија, кон Скопје, луѓето сами приоѓаа до неа и го даваа својот прилог. Така, во Скопје, покрај 100 приколки стигнаа и неколку илјади марки, што за непознатите луѓе во настраданиот град ги испратија граѓаните од неколку земји.

Во рамките на Светската организација на црквите во Скопје, на своја сметка, допатуваа група дрводелци од Канада. Тие монтираа 125 куќи, што оваа организација му ги подари на градот. Во Скопје им беше понудено сместување и исхрана, но дрводелците решија сами да го обезбедат тоа - не сакаа на градот, во кој дојдоа да му помогнат, да му ги наголемуваат грижите и трошоците.
Сопругата на тогашниот светски амбасадор во Југославија, Корин Баклунд, пет дена и ноќи, речиси без сон и храна, се грижеше за скопските деца. Четири и половина тони храна што стигнаа од Шведска беа поделени од рацете на две жени - од Корин Баклунд и госпоѓата Стол, претставничката на организацијата „Спасете ги децата“.

„Скопските деца, од оние кои штотуку проодуваа, до момчињата и девојчињата, ми се обраќаа како на родител, со љубов и доверба. Тоа во тие тешки денови ми го измамуваше првиот насмев“, вели Корин Баклунд.

Бугарските екипи пристигнаа на помош уште првите денови

На самиот ден на катастрофата југословенскиот Конзулат во Њујорк беше опседнат од луѓе, кои доаѓаа да понудат помош. Една Американка испрати писмо со чек од 500 долари, а продавачот на цвеќе, чија продавница се наоѓаше спроти Конзулатот, донесе убав црвен цвет; „За Скопје“, беа неговите зборови.

Холанѓанката Алиса постојано го помагаше Скопје. Го засака толку што во својата земја организираше голема акција за помош на градот. Таа и по земјотресот, секоја година на 26 јули, доаѓа во Скопје за да положи цвеќе на споменикот на жртвите на стихијата.

По Елба - Скопје

Првпат по Елба, по последните победоносни чекори што американската и советската армија ги правеа кон Берлин, претставници на двете армии се сретнаа во Скопје, во градот на Вардар. Така, Елба и Вардар станаа симболи на средби меѓу двете армии, кои тогаш, во 1945 година и во 1963 година се најдоа на заедничка задача. Но наместо војна, последнава средба беше битка за спасувањето на еден град. Само за 11 дена советските инженерци дадоа 30.000 работни часа, расчистија и пренесоа 8.000 кубни метри урнатини и евакуираа 70 семејства во други градови на Југославија. Еве како нивната помош ја виде колегата од „Народна Армија“:

„На тоа големо градилиште се најде и младиот сержант Валентин Двигунов. Тој скопската несреќа ја прифати како своја и затоа со своите другари се договори да работат што може повеќе. Секој ден со своето одделение успеваше да натовари по десетина камиони. Беше организатор и на натпревар меѓу единиците. Разводникот Владимир Кирилов, сам со своите раце за еден ден натовари околу 30 камиони со 120 тони урнатини. За капетанот Николај Аладев зборуваа дека секогаш е таму каде што е најтешко. Кога на зградата со број 29 на улицата Иво Рибар требаше со експлозија да се тргне огромна бетонска плоча, беше повикан Аледев. Експлозивот беше така вешто поставен, што дури и напукнатите џамови на блиската продавница не се скршија.“

Припадници на данската армија во Скопје

Изградба

На платото што доминира над Скопје, покрај древната тврдина „Кале“, изникна прекрасна убавица. Тоа е Музејот на современата уметност. Овде се наоѓаат делата на голем број великани на уметноста - Пикасо, Вазарели, Лубарда и голем број други, кои на настраданиот град, како подарок, му ги испратија своите дела.

„Веднаш по катастрофата, уметниците и земјите, преку официјални писма или преку пријатели, изразуваа желба да му подарат нешто на Скопје“, раскажува Борис Петковски. Така се роди идејата да се организира акција за собирање на подарени дела на Скопје. Кон крајот на 1963 година ја организиравме изложбата на Петар Лубарда, на која беа изложени 26 дела. По затворањето на изложбата уметникот сите дела му ги подари на Скопје. Тогаш беше формиран и Иницијативен одбор за прибирање подарени дела. Оваа акција ја прифати и поздрави Меѓународната организација на уметниците со седиште во Њујорк. Од својот Конгрес, организацијата упати апел до сите уметници во светот да му подарат некое свое дело на разурнатиот град.

Така е роден единствен музеј на светот кој никна не на естетска, туку пред сѐ на човечка и солидарна основа. Првата канцеларија на Музејот се наоѓаше во станот на неговиот прв директор, Борис Петковски. Во 1970 година беше отворена новата зграда на Музејот, која и денес го краси градот на Вардар. Тоа е подарок од Владата на Полска, која организираше и конкурс преку Здружението на полските архитекти. Првата награда им припадна на архитектите Каксински, Вјежбицки и Клишевски.

„До пред неколку години, Музејот имаше околу 3.000 експонати. Но акцијата продолжи да трае и ден-денес. Уметниците ги подаруваа своите дела со внимание, а не само да се оддолжат“, се сеќава првиот директот Борис Петковски. Во музејските збирки се застапени над 1.000 уметници од 40 земји на светот. Покрај нашата земја, мошне добро се застапени француската, чехословачката, полската и бразилската современа уметност.

Солидарноста во Скопје дојде до израз и при создавањето на новите соништа и визии. Самиот урбанистички план, според кој е изградено новото Скопје, е дело, а тогаш во тие години, заедничка визија, која ја создаваа најпознатите архитекти во светот. Прекрасниот град на Вардар, Скопје, на кое денеска му се восхитува секој патник од светот, е дело и на двајца познати светски архитекти - Кензо Танге од Јапонија и Адолф Циборовски од Полска. Циборовски беше проект менаџер на Обединетите нации за генералниот урбанистички план на Скопје, а Кензо Танге ја доби првата награда за урбанистичко обликување на центарот на Скопје.

Двајцата градители, кои влегоа во историјата на градот на Вардар, имаат чудни судбини. Адолф Циборовски е роден 1919 година во Варшава. Како мал мечтаел да стане поет. Зз време на војната, кога училиштата и факултетите биле затворени, Циборовски бил еден од групата професори и студенти кои формирале илегален Архитектонски факултет. Тие дури и распишале конкурс за реконструкција на Варшава, на кој една од наградите му припаднала на Циборовски.

Музејот на современата уметност во Скопје

Кензо Танге е роден 1913 година. Кога завршил гимназија ја избрал архитектурата. Денеска е славно име во светот на архитектурата, носител на повеќе почесни докторати на голем број универзитети во светот и носител на многубројни признанија.

„За катастрофата на Скопје чув во Токио“, раскажува тој. „Со оглед на фактот што ние Јапонците често страдаме од земјотреси, веста ме потресе, зашто знаев што значи тоа. Кога ме поканија да учествувам на Конкурсот за урбанистичко решение на центарот на Скопје, бев почестен. Ние, урбанистите, имавме задача што е можно подобро да го компонираме новиот и старот дел на градот. Не сум сигурен колку во тоа успеавме, но знам дека урбанистичкиот план на Скопје, е еден од најдобрите на светот, создадени последниве десетина години...“

„За мене е голема чест што работев во Скопје“, вели Циборовски. „Не само моето, туку и искуството на целата екипа што работеше во Скопје, може да претставува драгоцено искуство во случај на слична катастрофа...“

Кога денеска му се восхитуваме на Скопје, градот на југословенската и меѓународната солидарност, не можеме да не се потсетиме на зборовите на другарот Тито, што ги рече еден ден по катастрофата, кога со тага во очите и срцето го посети настраданиот град:

„Ние повторно ќе го изградиме Скопје, со помош на нашата заедница. Тоа ќе биде симбол на братството и единството на нашите народи и на светската солидарност.“

Само по една деценија Титовите зборови беа стварност. При една од своите подоцнежни посети на градот, Тито рече:

„Навистина сум изненаден од она што е изградено во Скопје. Точно е тоа дека за Скопје се грижеше целата југословенска заедница, што е во нашата социјалистичка земја нормална работа. Така треба и да биде, меѓусебно да си помагаме, заедно да одиме кон поубава социјалистичка иднина.“

Фабриката за монтажни згради - подарок од СССР

За време на земјотресот во Скопје, Благој Попов беше претседател на градското собрание и остана на чело уште шест години од неговата обнова и изградба. Запрашан за тоа што нема да заборави од тие тешки денови на градот, тој без двоумење одговори:

„Братството и единството на сите наши народи и народности. Тоа е она што секогаш ќе го носам во срцето и сеќавањето. После НОБ, тоа во Скопје го доживеа својот врв и остави неизбришливи траги во нашата сегашност. Скопје - тоа е доказ на нашата верба во иднината.

За кратко време по земјотресот Скопје прерасна во огромно градилиште. Во него се слеа река градежници. Преку 20.000 луѓе од сите републики ја почнаа борбата за сместување на луѓето. Скопје повторно се затресе. Овој пат од 15.000 машини кои со својот татнеж го најавуваа раѓањето на новиот град, враќањето на животот во него.

За кратко време никнаа 18 населби. Тоа беа монтажни куќи во кои сакаше да заживее секој Скопјанец. Населбата Драчево прими 15.000 луѓе кои знаеја дека тоа е дело на градежниците на СР Србија. Вредните раце на градителите од СР Хрватска ја изградија населбата Маџари за 10.000 жители. Дело на словенечките градители е населбата Влае за 5.000 жители, а Босанците и Херцеговците ги подигнаа населбите Бутел 1 и Ѓорче Петров 2. Градителите од Црна Гора ја изградија населбата Лисиче, а македонските населбите Пржино, Тафталиџе и Водно. Белграѓаните ја подигнаа населбата Козле за 5.000 жители, а единиците на ЈНА населбата Аеродром која прими 10.000 жители.

Секоја зграда, булевар и улица во Скопје – сѐ е споменик на солидарноста. Тешко е, каде било во светот, да се најде град во кој 82 земји оставиле нешто што многу идни генерации ќе ги потсеќава дека тој е град на солидарноста.

Населбата Тафталиџе со право ја нарекуваат „Меѓународна населба“. Во неа Чехословачка изгради 71 стан и модерно осумгодишно училиште, што го носи името на големиот реформатор Јан Амос Коменски. Полјаците подарија 60 стана, Швајцарија 44, Италија 38, а 20 мали „хациенди“ и плоштадот за „фиести“ е подарок од Мексико. Тука се и 18 стана од Франција, 20 од Норвешка и 100 од Романија. Гимназијата „Георги Димитров“ е подарок од бугарскиот народ, а поликлиниката „Букурешт“ ја изградија и опремија Романците. Во населбата Маџари Финците изградија 18 стана, Данците 80. Во населбата постои и детска градинка „Копенхаген“ - подарок од Данскиот Црвен Крст. Сѐ со свои раце изградија данските војници во својата хумана мирновременска мисија. Велика Британија подари 650 згради во населбата Ѓорче Петров 2, а во неа се сместени и 40 монтажни куќи на Црвениот Крст на СР Германија. Во градот никнаа и шест монтажни училишта, подарок од Велика Британија. Во населбата Козле се наоѓа специјалната болница за деца заболени од ТБЦ. Неа ја изградија Шведска и Норвешка. Во близината на оваа установа се наоѓа и Центарот за професионална рехабилитација, изграден со помош на Меѓународната организација на труд на ОН.

Многу згради во новите скопски населби се изградени благодарение на фабриката за монтажни елементи „Карпош“ - подарок на народот и владата на СССР. Таа може годишно да изгради 1.200 стана.

Списокот на подароците може да се пишува и натаму. Се чини дека нема крај. Но ние за крај ја избравме Универзалната сала. Таа е подарок на 37 земји.

Скопје е град на солидарноста. Но тој истовремено претставува и нешто друго. За нас, жителите на градот, Скопје претставува будење од еден сон. Заборавивме дека оваа почва, на која живееме и градиме поубав живот, отсекогаш била изложена на потреси. За светот тоа беше опомена од силата на стихијата против чии последици дотогаш така малку се бореше. Затоа со право може да се рече дека Скопје 1963 година е преломен елемент во борбата против последиците на земјотресната стихија, во барањето и изнаоѓањето начини да се намалат последиците од земјотресите. Во таа борба се вклучија голем број земји и организации, но најголем организиран успех , според мене, постигна УНЕСКО, организацијата на ОН за образование, наука и уметност, обединувајќи ги напорите на научниците од целиот свет во борбата против стихијата.

Извор: Земјотрес, НИО Студентски збор, 1977, Скопје.

ОкоБоли главаВицФото