1992 - 40 Години Сојуз на архитекти на Македонија

14.01.2014 09:57
1992 - 40 Години Сојуз на архитекти на Македонија

По повод четириесетгодишнината на Сојузот на архитектите на Македонија Претседателството на Сојузот се обрати до досегашните претседатели со молба да ги обноват и соопштат своите сеќавања на делувањето на Сојузот во изминатите години.

Според сеќавањата и евиденцијата на Сојузот досегашни претседатели биле проф. Сотир Томовски, проф. Борис Чипан, арх. Александар Жупан, арх. Љубе Пота, акад. Крум Томовски, проф. Михо Чакеља, арх. Душко Пецовски, проф. Љубомир Томиќ, проф. Славко Брезовски ('70-'73), проф. Живко Поповски ('74-'77), арх. Трајко Димитров ('78-'80), арх. Александар Смилевски ('81), проф. Александар Никољски ('82), арх. Кирил Муратовски (’83), арх. Александар Карев ('84-'85), арх. Панта Христовски ('86-'87), арх. Венцислава Гаврилска ('88-'90) и арх. Вангел Божиноски (од 91 год.) Во овој број ги објавуваме сеќавањата на четворица од првите генерации архитекти кои, секој во својата потесна област, го имаат обележано делувањето на архитектите во Македонија по Втората светска војна. Јубилејот 40 години CAM веројатно укажува на потребата од поопстојна анализа на движењата во архитектурата кај нас во овој период одошто е направена низ сеќавањата што ги објавивме во овој број. Но, веруваме дека овие сеќавања со сета разновидност што ја нудат во пристапот, пред се' ќе ја надополнат евидентната празнина што постои кај нас. Личните сеќавања за движењата во струката ќе претставуваат еден вид поттик за истражување на развојот и збиднувањата во архитектурата во Македонија во поново време.

Борис Чипан

Сеќавањата се замаглени ако нема пишувани сведоштва. Во таков случај, до релативна, односно приближна веродостојност можам да дојдам само преку извесни секвенци фиксирани во паметењето како години, месеци, дури и денови:

Април, 1945 година во Скопје - Прв собир на македонски инженери и техничари. Формирано е Здружение на инженери и техничари на Македонија во кое заедно членуваат градежници, неколку архитекти, машинци, електричари, технолози, шумари агрономи и сè што има титула инженер или техничар. Првата управа е избрана на овој собир: претседател Ѓорѓи Василев ел. инж., тогаш министер за градежништво во Владата на HP Македонија, секретар Борис Чипан, службеник во истото министерство. 5 јуни 1945 година - Прв конгрес на инженерите и техничарите на Југославија во Загреб. Македонската делегација беше од петмина-шестмина и патуваше со патнички воз II класа. По патот не' забавуваше прилепскиот мајтапџија Димо Беќар, шумарски инженер.

Сега сеќавањето е матно. Веројатно во средината на педесеттите години во рамките на Сојузот на инженерите и техничарите на Југославија се формираа Сојузи на одделните инженерски струки, па така и Сојуз на архитектите на Југославија. Потоа уследи и формирање на републички друштва. Кој беше прв претседател на македонското Друштво? Можеби арх. Сотир Томовски како најстар архитект? Во првите години по војната во Македонија се најдоа само пет архитекти и три-четворица архитектонски техничари. Покрај Сотир Томовски беа останати во Скопје од пред војната арх. Артемушкин, арх. Михо Чакеља и јас. По образование архитект беше и Киро Георгиевски-Дејан, но тој се бавеше исклучително само со политика.

Во 1946 година, со кадри одделени од Министерството за градежништво се формира проектантско биро "Пробиро" во коешто како проектанти се најдоа арх. Михо Чакеља и Сотир Томовски, а како статичари инж. Лазар Симов и инж. Велко Сапунџија. Директор беше инж. Кирил Жерновски. Наскоро, како помош од братските републики, дојдоа уште неколку архитекти меѓу кои како најзапаметен остана арх. Славко Леви од Загреб.

Во 1949 година во Скопје се формира Техничкиот факултет со архитектонски и градежен оддел. Освен Сотир Томовски, архитектонскиот оддел мораше да се потпре на "странци" и тоа на архитектите А. Улрих, Ѓ. Анцел, В. Балеј од Загреб и В. Ѓуровиќ од Белград како хонорарен наставник. Бидејќи во тоа време бев директор на Републичкиот завод за заштита на културно-историските споменици, на факултетот бев избран за хонорарен наставник по предметот Историја на уметноста. Во средината на педесеттите години веќе имаше млади архитекти, дипломирани во Загреб и Белград. Од нив А.Жупан, С.Брезовски, Д. Пецовски, А.Серафимов, Љ.Маленкова и други влегоа во "Пробиро", Љ. Пота, Р. Галиќ и В. Ќосовски формираа градска управа за урбанизам, а асистенти на факултет беа К. Томовски, Д. Петков и Љ. Томиќ. Околу 1953 година излегоа и првите дипломирани архитекти од скопскиот факултет.

Кој беше првиот претседател на македонското друштво на архитекти? Можеби Сотир Томовски, а можеби и Михо Чакеља во што не верувам бидејќи тој имаше аверзија кон таква должност. Ми паѓа на ум едно собирање на архитекти во Домот на градежниците. Ако не се лажам тој собир го водеше А. Жупан, но тоа би морало да биде веќе 1957 година. По усната информација на арх. В. Мачкиќ беше договорено организирање собир на архитектите на Југославија во Охрид на тема "Разговори за архитектурата" во1958 год. Во времето на одржувањето на собирот Мачкиќ беше секретар, a јас претседател на ДАМ. Ние бевме организатори и домаќини на тој собир. Добро подготвени, во извонредна, скоро неформална атмосфера во барот и на терасата на хотелот "Палас" овие договори имаа ефект на разбудување на југословенските архитекти. Неколку познати и теоретски добро подготвени архитекти го водеа орото. Легендарни станаа полемичките дуели меѓу Добровиќ и Максимовиќ од Белград, Срѓа Шефаров и Сека Гвозденовиќ од Загреб и смирувачкиот, претседателски настап на Урош Мартиновиќ. Од познати причини историската архитектура во тоа време имаше само туристички интерес. Ho сите присутни архитекти, освен македонските, тогаш за првпат со чудење и како на ново откритие му се восхитуваа на среќниот спој на архитектурата и природата во една "сосема непозната" Македонија. Следната година такви разговори се одржаа во тукушто ревитализираниот Св.Стефан и Милочер на црногорското приморје.

Има уште еден настан сврзан со моето претседателствување. САЈ организира изложба на современата југословенска архитектура во Софија. Јас бев директор на изложбата и говорев на свеченото отворање. Поставувач и организатор на изложбата беше арх. Зоран Петровиќ од Белград. Моето одредување за директор на изложбата од страна на САЈ во она време имаше и политички причини. Југословенскиот амбасадор го прегледа мојот текст за свеченото отворање на изложбата и особено инсистираше да се внесе исказот дека "и двете земји градат социјализам“.

Какви активности имаше друштвото на архитекти на Македонија? He можам да се присетам на ниту една организирана манифестација. Немаше канцеларија ниту платен технички секретар. Коресподенцијата со САЈ се водеше преку личните или службените адреси на претседателот и секретарот. Мандатот на управата траеше една година и знам дека беше многу тешко да се организира годишно собрание. Архитектите немаа интерес да се соберат, не постоеа во она време стручни сталешки проблеми, пред се' немаше проблеми со вработувањето. Секој нов архитект по дипломирањето имаше обезбедено работно место. Државата водеше сметка за се’: архитектите требаше да работат само она што ќе им кажеше власта. Изгледа дека токму затоа друштвото на архитектите немаше многу интерес да се ангажира. Се’ беше јасно определено "од горе". ДАМ имаше формална и декоративна улога во номенклатурата на ССРНМ. Во такви услови верувам дека бев претседател сите три години, 1958, 59 и 60, можеби и заради тоа што не можеше да се држи годишно собрание.

Љубе Пота


Потсетувањето за улогата на архитектите во изминативе 40 години во изготвувањето на урбанистичките планови, како специфичен вид на делување на архитектите, морам да го започнам со првите години по ослободувањето. Причина и оправдување за ваквиот приод се специфичните услови во кои се наоѓаше Македонија и архитектонскиот кадар во тие години, неспоредливо потешки во однос на состојбата во другите тогашни југословенски републики. Од друга страна, пишувањето на оваа тема со голема временска дистанца од четириесет години е сврзано со потенцијален ризик нешто да се испушти или погрешно да се оцени.

Ова мое размислување го илустрирам и со сопственото искуство во јавната оценка на она што го направиле нашите претходници во подготвувањето на плановите во Македонија пред Втората светска војна. За првото советување на југословенските архитекти и урбанисти одржано во октомври 1950 год. беше побарано од мене да напишам реферат на тема "За некои проблеми на урбанизмот во Македонија". Млад и амбициозен, дипломиран на тема од урбанизмот, сметав дека веќе сум доволно квалификуван да ја обработам оваа тема. Опишувајќи ја накусо историјата на Македонија, нејзините особености, a посебно нејзините градови со богато архитектонско наследство и карактеристични амбиентални вредности и она што беше направено во претходните неколку години по ослободувањето, остро, несоодветно и недоволно точно ја генерализирав оценката за урбанистичките планови изготвени во минатото, илустрирајќи ја со плановите на Скопје. Дури бев напишал и ваков став: "Недоволното или скоро никаквото познавање на современите принципи и методи на работа им даде на урбанистичките планови специфична црта - тие се сведуваат повеќе или помалку на инженерски решенија". Навистина имаше планови кои беа решавани "инженерски" бидејќи беа насочени кон определувањето "црвена линија", односно регулациона линија, но најмалку ваква генерална оценка може да се однесува на плановите за Скопје. Некои идеи, делови и елементи од тие планови, работени во подалечните времиња, дури и на почетокот на овој век, беа прифатени, интеграл-но вклучени или разработени во подоцнежните урбанистички планови за Скопје. Понатака ги истакнав самоволието и приватните интереси кои до ослободувањето "биле доминантни" во изготвувањето и спроведувањето на плановите, па "биле направени многу оштетувања, уништени многу вредности и силуети на градовите". Иако ваквите појави биле присутни не би можеле да се генерализираат. Меѓутоа неспоредливо поагресивно и по димензија скоро неограничено беше самоволието на некои од моќниците по ослободувањето, спроведувано со помош и поддршка на стручњаците-полтрони. Така беше во изминатите декади, така е и денес, a се плашам дека така ќе биде и во иднина.

Овие и вакви размислувања и заклучоци наведуваат на претпазливост во оценката, но и на респект кон начинот како беа изготвувани првите урбанистички планови по ослободувањето, почнувајќи од пионерските поединечни чекори, па до формирањето на урбанистичките заводи во средината на шеесеттите години и подоцна, кои постепено се комплетираа со мултидисциплинирани тимови. Обиди за еден објективен осврт не би биле можни ако овие активности се гледаат и оценуваат од денешното ниво на развој на урбанистичката мисла и пракса. Инаку, би се повторила мојата грешка од пред четириесетина години. Напротив, сметам дека е потребно враќање во тоа минато време исполнето со неповторливи специфики и многубројни тешкотии, за да се добие барем приближна претстава за улогата на архитектите во тогашното урбанистичко планирање.

Колку што се сеќавам, првото урбанистичко дело во Македонија по војната беше Директивниот план за Скопје изготвен во 1946 год. од арх. Драган Петриќ. Мислам дека тој, спрема тогашната пракса, беше службено "прекомандуван" во Скопје. Приближно во тие години и арх. Михо Чакеља подготви една верзија и ја нарече директивна скица, којашто ја опфаќаше територијата меѓу Кале и Гази Баба, а на десниот брег на Вардар само источниот дел од централното градско подрачје. Во 1947 год. Македонската влада ангажира група архитекти и урбанисти кои го изработија Генералниот урбанистички план на Скопје во 1948 год. Овој план понатаму го разработуваше еден од неговите автори, арх. Лудек Кубеш и Заводот за урбанизам на град Скопје.

Во годините по војната подготвувањето планови за другите македонски градови се вршеше на две места и на два начина: во тогашното Министерство за комунални работи и со ангажирање познати архитекти-урбанисти од Загреб и од Белград. По моето дипломирање пролетта 1948 год. на Белградскиот универзитет на тема "Урбанистички план на Тетово", бев назначен за референт за урбанизам во министерството. Прво и главно задолжение ми беше да го разработам овој план. Друг архитект во министерството, освен министерот, немаше. Но таму го затекнав Иван Тасев, по струка геометар, самоук и амбициозен заљубеник во планирањето, кој со голем елан изготвуваше планови за селски задруги. Неуморно работејќи, тој подготвил планови за дваесетина најголеми селски задруги користејќи идеи од плановите на селските колхози во СССР. Овие планови сепак послужија за воспоставување некаков ред во изградбата на поголемите села и за правилен избор на локацијата на стопанските дворови на селските задруги.

Во тие години беа изработени урбанистички планови за неколку градови: Струмица, Гевгелија, Дебар, Берово и Пехчево. Во почетокот на педесеттите години, за референт по урбанизам во Министерството беше назначена арх. Љубинка Маленкова, која ни се придружи во планирањето. Мислам, но не сум наполно сигурен, дека извесно време со нас работеше и арх. Михо Чакеља.

Некаде на крајот на четириесеттите и почетокот на педесеттите за изработка на урбанистички планови на Охрид, Битола, Прилеп и Струга беше ангажиран арх. Владо Антолиќ, а за Ресен арх. Бранко Васиљевиќ и арх. Антон Улрих, сите од Загреб. За изработка на планот на Штип беше ангажиран арх. Никола Добровиќ од Белград.

Во тие години објективно не беше можно да се вршат потребни подготвителни и истражувачки работи комплементарни со урбанистичкото планирање. Поголем број податоци се собираа од локалните власти на градот за којшто се работеше планот. За ова се користеше прашалник што го добивме од колегите од Загреб. (Но тој, колку-годе да беше опширен, содржеше и прашања на кои денес би се смееле. Имено, за изготвување планови за селските задруги имаше прашања за бројот на разни земјоделски алати со кои располага задругата: копачи, лопати, мотики... и тоа за секој алат имаше посебно прашање.) Одговорите на прашалниците беа по правило нецелосни, понекогаш произволни, најчесто амбициозни. При таква состојба, арх. Владо Антолиќ воведе своевиден сопствен пристап: во изградениот градски простор интервенциите ги сведуваше на минимум, планирајќи ја масовната станбена изградба на границите на постојниот град. Постојната индустриска зона, која и онака беше на периферијата, доколку ги задоволуваше критериумите, беше задржувана и развивана. Ваквиот пристап тој го оправдуваше со богатството на архитектонското и амбиенталното наследство и со потребата во тие простори да се интервенира претпазливо со детални планови. Вака подготвените планови тој со право ги нарекуваше „Директивна регулациона основа“.

Наспроти ваквата „воздржаност“ на Антолиќ, во планот за градот Штип, арх. Никола Добровиќ, кој беше ерудит и визионер, инвентивен, но и сестрано технички образован инженер, проектира монументална авенија по подолгата оска на Бело Брдо, нагласена од двете страни со високи објекти, со богато решение на партерот, определувајќи и насочувајќи како нејзина завршница визури кон врвот на Хисарот и тврдината на него; една навистина импозантна идеја преточена во уште поимпозантна мегалопластика.

Бројот на македонските архитекти кои му се посветуваа на урбанизмот се зголемуваше. Веќе во првата година на педесеттите години во проектантското претпријатие "Пробиро" беше формирано прво биро за урбанизам, потоа Завод за урбанизам и архитектура на Скопје Завод за урбанизам и архитектура на Македонија во кои работеа и стручњаци од комплементарните струки, со што почнаа да се формираат јатки на мултидисциплинарни тимови. Потоа следеше формирањето на заводите за урбанизам и во поголемите македонски градови. Можеби заслужува внимание да се забележи една, чинам, непозната вистина дека за првпат во тогашна Југославија, во 1954 година Заводот за архитектура на Скопје, кој беше дел на управата на градот, воведе урбанистичка согласност што беше следено и од другите македонски градови и од градовите во Југославија. Без оглед на тоа како и колку овој документ бил понекогаш употребуван и злоупотребуван, мислам дека имал и позитивна и конструктивна улога, кога се употребува умно и стручно.

Кога би ги вреднувале денес, тргнувајќи од денешните знаења и сознанија, плановите изработени од далечното минато, некои од нив, можеби не би добиле особено висока оцена, а некои дури ни преодна. Но секако треба да се има на ум дека овие планови сепак послужија да се избегне општиот хаос во изградбата на нашите градови, особено во првата декада на тукушто формираната држава. Верувам дека, покрај другите, и македонски архитекти континуирано придонесуваат за развојот на културното, цивилизациското и материјалното богатство на Македонија.

Крум Томовски

Навраќањето на педесеттите години по толку изминато време не е само обид низ сеќавањата попрецизно да ги изнесам збиднувањата кои не’ окуупираа и не’ одушевуваа, туку и да појаснам многу битни нешта, особено значајни, би рекол пресудни, за нашето архитектонско формирање и опстојување. Всушност, тоа се години кога се поставени основите врз кои се градеше архитектурата како професија, како образование, време на нејзината афирмација и општествена валорозација. Тоа се години кога дипломираа првите архитекти школувани во Белград (А. Жупан, С. Брезовски, Д. Пецовски, Д. Петков, Р. Галиќ, А. Серафомовски, К. Томовски, и др.) и во Загреб (Љ.Томиќ, Д. Томова, Хр. Каваева); време кога почнаа студиите по архитектура во рамките на Техничкиот факултет во Скопје, и потоа првите дипломски испити и првите дипломирани архитекти (Љ. Најденов и К. Данаиловски). Се сеќавам на свечената атмосфера при одбраната на нивните дипломски работи во преполнетиот амфитеатар. Но истовремено тоа беа години на себедокажување, на залагања за афирмацијата на архитектот како креатор - бидејќи мнозина не' сметаа нас архитектите за "цртачи". Без сомнение, Друштвото на архитектите ја одигра пионерската задача во толкувањето на суштествената улога на нашата струка и нејзините специфичности. Овде сакам посебно да го истакнам залагањето на професор Сотир Томовски, како бескомпромисен борец и афирматор на македонската архитектура, на архитектурата воопшто.

Во периодот 1955-1957 година бев претседател на Друштвото на архитектите на Македонија, и при навраќањето на тие изминати години би сакал да издвојам два настана кои ми останаа во длабоко сеќавање; југословенските советувања за живеалишта-домување и изградба на станови, и за изградбата на осмогодишните училишта проследени со изложби, два витални проблема на земјата no десетогодишна изградба и големи предизвици за архитектите. Советувањето и изложбата "Стан за наше прилике" се одржа во Љубљана -советувањето на 27 и 28 мај 1956 година, а изложбата од 26 мај до 3 јуни 1956 година. Тоа беше прво југословенско советување посветено на станбената проблематика, комплексно сфатена, што се гледа и од организациите кои беа вклучени во организирање на советувањето: Постојната конференција на градовите, Сојузот на друштвата на архитектите на Југославија, Сојузот на урбанистите на Југославија, Сојузната индустриска комора, Сојузната градежна комора, Сојузната занаетчиска комора на ФНРЈ, Сојузот на градежни инженери и техничари и Сојузот на женските друштва на ФНРЈ. На советувањето беше разгледана станбената ситуација во градовите, во индустриските и други населени места, дотогашните искуства, проблемите и идните ангажирања. Наш посебен ангажман беше подготовката за учество на изложбата. Селекцијата беше доверена на посебно жири. Во друштвото формиравме одбор задолжен за прибирање на материјалите, чиј член бев и јас, и истовремено бев одреден да го преставувам Друштвото во Сојузниот одбор. Изложбата беше замислена да се постави во два дела: научно-пролаганден и комерцијален дел. Учествувавме со повеќе панои во научно пропагандниот дел на изложбата која беше сместена на три етажа во палатата "Градис" во центарот на Љубљана. Посебно беше чувството на задоволство кога во редицата панои ги сретнавме нашите - со старата градска куќа, урбанистички решенија и проекти и изведени станбени објекти. Задоволството беше големо затоа што нашиот материјал ги задоволи критериумите и селекцијата, затоа што бевме рамноправни со другите.

Вториот настан беше советувањето на Сојузот на друштвата на архитектите на ФНРЈ за изградбата на осмогодишните училишта во ФНР Југославија. Советувањето проследено со изложба се одржа во Загреб од 7 до 9 април 1957 год. Тоа беше прво Советување за изградбата на осмогодишните училишта по поминувањето од четиригодишно на осумгодишно основно образование. Советувањето укажа на големиот дефицит на училишниот простор за задолжителното осумгодишно образование, укажа на потребата за воведување насоки за проектирање и изградба на училишта, следејќи ги новите форми на образованието, како и на потребата за реконструкција на старите училишта. Советувањето беше проследено со изложба на проекти и реализации на осумгодишни училишта поместени во Домот на ЈНА каде што се одржуваше советувањето.

Користејќи ги искуствата од работата на одборот за организација на изложбата "Стан за наше прилике", Друштвото се ангажира пак преку посебен одбор кој со ентузијазам, својствен на времето и годините, успешно ги презен-тираше материјалите од нашата Република. Пријатно бев изненаден од интересот со кој беа следени нашите панои. Посебен интерес предизвика старото училиште од с. Ваташа изградено 1832 година, потоа една адаптација на четиригодишно во осумгодишно основно училиште во Скопје (проект на арх. Антон Десовски) и уште неколку други проекти. Да споменам дека бев предложен и избран во работното претседателство на советувањето, што за мене лично претставуваше посебна чест.

Она што како на учесник во подготовките на двете наведени советувања и изложби и како на млад архитект ми остави силен впечаток и пријатни сеќавања беа контактите со водечките архитекти во Југославија како што се Драго Иблер, во тоа време претседател на Сојузот на друштвата на архитектите на Југославија, поборник на модерната, Милан Злоковиќ, Мате Бајлон, Марјан Топина и други, како и чувството предизвикано од нашиот успешен настап на двете изложби.

Би сакал да го истакнам и големиот ентузијазам кој владееше меѓу младите архитекти што го изразуваа и низ работа во Друштвото. Желбата за себедокажување, да се покажат вредностите на архитектурата на нашето поднебје, да се запази ниво во комуникација со другите, поразвиените архитектонски центри во земјата, преставуваше импулс за почитување.

Славко Брезовски

He мислам дека сум пред задача да поднесувам некаков вид "извештај" за работата на управата на Сојузот на архитектите како негов претседател пред повеќе од дваесет години. He беше тогаш ни практика со завршувањето на мандатот да се поднесува "сметка" пред Собранието. Како се’ уште да бевме имуни од цврсти, рутински правила на работата на една организација во чиј состав влегуваше бројно членство.

Побогата професионална ангажираност во Сојузот ќе се остварува подоцна кога ќе се прифати шемата за организација што беше воведувана и во целиот општествен систем: на чело на сојузот ќе застанат "претседателства", ќе се воведат "ротации", делегатски избори и слично, однапред се’ прецизно организирано...

Се сеќавам на моментот на мојот избор. Бевме собрани во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет. Одвај ги бевме пополниле првите два средни реда. Да бидеш нзбран за претседател повеќе значеше да бидеш "жртва" отколку што ти се укажуваше некаква "чест" за да се заблагодариш по изборот за "укажаната доверба". Мислам дека по природа не сум љубител на "раководни" функции, денес се чудам како сум бил убеден да се согласам со изборот. Имаше повеќе предлози, предложените кандидати се колебаа или одбиваа, a се користеа следни два основни одбранбени аргументи: колегите од проектантските организации и од оперативата дека се презафатени со работа, дека се притиснати со итни рокови, што не беше неточно; кандидатите наставници кои имаа повеќе "слободно време" се бранеа со аргументот дека управата на Сојузот треба да биде во некоја јака стопанска организација што ќе има можност материјално и финансиски да го помага работењето.

Беше тоа време на интензивна изградба општествени и други објекти во Скопје, време на последниот силен бран на проектирање и градење после земјотресот: Трговскиот центар, Културниот центар, Академијата на науките, Железничката станица, Универзитетот, ТВ центарот, Соборната црква, кејот на Вардар и многу други. Беше тоа динамично време. Сите бевме ангажирани на работните места, со хонорарна работа, на архитектонски конкурси. Кога се конкурси во прашање без нив е лошо, а кога ги има редовно изродуваат проблеми. Во дневниот печат беа иницирани повеќе полемики, меѓу другите и оние за авторство и коавторство на проектите за Студентскиот дом "Гоце Делчев" во Скопје и за проектот и "контрапроектот" за Соборниот храм. Во тие полемики мораше да арбитрира и Сојузот, што беше деликатна задача. Место спорните случаи да се решаваат внатре во Сојузот, се објавуваа изјави и деманти преку печатот. Колку анахроно одѕвонува изјавата којашто, после серија статии во дневниот печат, беше принуден да ја даде Сојузот на архитектите: "Може да постојат повеќе автори на еден труд, а мислењето, како што е наведено во написот (во весникот "Вечер"), дека постои само еден автор (на конкурсниот проект) и дека останатите учесници формално го потпишуваат трудот, CAM го смета за неисправно бидејќи формално учество не може да постои".

Претстоеше изградба на Соборната црква во Скопје. Непосредно пред стартот "бесплатно" беше предложен контра проект, a се појави и иницијатива да се распише и конкурс. Следеа написи во печатот со наслов: "Проектите коректни - конкурсот неопходен", "Конкурс или за Соборната црква", "Идејата за Соборната црква позајмена", "Соборната црква стартува без конкурс". Потоа беше спроведена анкета со изјаснување "за" и "против". Ако навистина се спроведеше конкурс (се прашував тогаш, се прашувам и денес) дали, после завршените изведбени проекти за црквата, ќе учествував на таков конкурс со иста идеја? Сигурно да. Но немаше ли со тоа да ги прекршам конкурсните услови за анонимност? И какви се тогаш шансите на конкурсот?

Исто така, што се однесува за "Украдената идеја", се прашувам, може ли идеен проект работен 1966 година да "украде" проект кој што е предложен "бесплатно" неколку години подоцна?

Во тоа време се одржа и четвртиот конгрес на Сојузот на архитектите на Југославија. Нема да згрешиме ако констатираме дека тоа беше првиот "расколнички" конгрес на југословенско тло.

Одбивајќи го новиот статут на Сојузот како "унитаристички", загрепскиот архитект Невен Шегвиќ ќе изјави: "...Зошто поодделни републички сојузи, ако не се усогласат, не би можеле сами да се презентираат себе си надвор. Сојузот на архитекти на Хрватска е способен за тоа. He ни треба никој". Беше тоа пред две децении.

Извор: А, списание за култура на просторот, 3, 1992.

Сродни текстови:

Интервју со Борис Чипан, архитект

Љубе Пота - Реконструкција на левиот брег на Вардар

Љубе Пота - Калето треба да биде четвртата страна на плоштадот!

Борис Чипан - Википедија

Крум Томовски - Википедија

ОкоБоли главаВицФото