Гези беше востание за демократија и еднаквост

15.01.2014 13:59
Гези беше востание за демократија и еднаквост

Гокан Бичиџи е добитник на годинешната награда за слобода на медиумите на Турското новинарско друштво. Тој е новинар на левичарската про-курдска телевизија IMC TV чие апсење и удирање од страна на полицијата за време на пролетните протести граѓаните го снимија со ајфон. Во интервју за Новости ја коментира слободата на медиумите во Турција и објаснува како денес го гледа значењето на протестите започнати во паркот Гези за турското општество, протестите кои на Запад обично се објаснуваат како побуна на секуларната средна класа против владата на AKP.

-Делумно тоа е точно, но да се сведе сѐ на таа приказна значи да се поддржува ориенталистичката слика за турското општество. Осумдесет проценти од населението на Истанбул го сочинуваат наемни работници кои се погодени од целокупната флексибилизација на економијата и тие беа важен дел од протестите. Понатаму, беше актуелна приказната дека новиот мост преку Босфор ќе се вика по султанот Селим Јавуз, кој во историјата остана запаметен по масакрите на алевитите. Таа заедница го сфати тоа како навреда, па во Гези и тие беа многу присутни. Се вклучија и Курдите, зашто владата не направи ништо во врска со мировниот процес. Демонстрантите сфатија дека Курдите не се терористи, туку луѓе кои се борат за рамноправност и во нив пронајдоа нови сојузници. Секако, вистина е дека средната класа во исламизацијата гледа закана за својот начин на живот. На пример, неодамна е воведена забрана за продажба на алкохол по 22 часот, или да ја споменеме вревата која се крена кога премиерот ги нарече пијаници двата важни симболи на кемализмот, Ататурк и Исмет Инону.

Пингвини на турскиот CNN

Значи, за што се работеше во Гези?

-Пред сѐ, станува збор за проект за гентрификација на Истанбул. Намерата беше да се изгради историска касарна и шопинг-центар, што е дел од големиот проект за реорганизација на целиот град во корист на странскиот или домашниот капитал, како што е и проектот Галатапорт во Кад’кој, на анадолиската страна. Гентрификацијата веќе со децении значи протерување на сиромашното население, но во времето на AKP дојде до интензивирање и тоа предизвика силна противреакција, така што овие настани станаа симбол за противење на неолибералниот авторитаризам.

Во некои квартови, како што се Окмејдан или Ѓулсују, присутен е милитантен отпор против државата, полицијата и проектите за урбана трансформација?

-Постои историска позадина на тој отпор - тука живеат Курди и алевити, а тие квартови со децении беа средиште на леворадикалните организации. Тамошните млади се политизирани веќе петнаесетина години. Илјадници луѓе од тие квартови се во затвор, десетици се убиени. Ѓулсују е и потенцијално скап кварт со поглед на море, па веќе одамна се обидуваат да го испразнат. Тоа не им успеа поради отпорот, кој се обидуваат да го скршат со толерирање на насилните дилери на дрога. Не можам да зборувам за тоа дали насилниот отпор е оправдан, но луѓето гледаат дека државата испраќа илјадници полицајци врз демонстрантите, а истата држава со недели дозволува напади, па и убиства, чии извршители се дилерите. Државата мора да покаже дека е поинаква, за населението да не посегнува по оружан отпор.

Како генерално ја проценувате слободата на медиумите во Турција?

-Медиумите во Турција отсекогаш биле изложени на силна репресија. Од настанувањето на републиката се убиени повеќе од шеесет новинари, а денес поголем број се затворени, по што Турција е прва во светот. AKP последниве години во својата борба против старите елити оствари прилично цврста контрола. Меинстрим медиумите, весниците како Хуриет или Милиет и телевизиите како CNN Türk немаат директна врска со владата, но постојат одредени финансиски врски, очекувања или страв од притисок. Тие медиуми воопшто не известуваа критички: во моментите додека на улиците имаше стотици илјади луѓе, на CNN Türk - еден од најголемите медиуми во Турција и фирма-ќерка на CNN International - можевте да гледате документарец за пингвини. Потоа имаме медиуми со исламска ориентација - директно или индиректно поврзани со државата - кои служеа за владините напади на демонстрантите. Третиот дел се опозициските медиуми, некои весници, курдските медиуми, многу портали и радио станици, кои никогаш немале големо влијание, но за време на протестите добија значајна публика. Прв пат се случи илјадници луѓе да протестираат пред медиуми како што се CNN или NTV, барајќи објективно известување. Цензурата беше надвладеана и со помош на социјалните медиуми и мрежи - Турција е млада земја и бројот на корисници на Фејсбук и Твитер е меѓу најголемите во светот. Треба да се каже и дека повеќе од сто новинари беа повредени, а материјалот, собиран во тешки услови, често беше цензуриран. Но, протестите резултираа со голем број луѓе кои сакаат објективност. Ќе работиме на тоа да го искористиме тој потенцијал и да ја промениме лошата медиумска сцена.

Неолиберална реорганизација

И покрај сѐ што спомнавте, AKP и Ердоган уживаат силна поддршка од еден дел на населението. AKP настојуваше да ја скрши моќта на војската, што претставуваше чекор кон демократизацијата, а на Запад земјата се претставуваше како економски суперуспешна.

-AKP има силни врски во општеството благодарение на исламистичките мрежи и поддршката на странскиот капитал и домашната буржоазија. Но, оваа партија силно излегуваше во пресрет на демократските барања на населението за да победи во борбата за моќ со старата елита, односно за да ја потисне војската. Во Турција тоа со децении е барање на голем дел од општеството - синдикатите, Курдите итн. - значи, Турција веќе да не биде земја на воени пучеви. Штом по референдумот во 2010 година се почувствува доволно силен, Ердоган започна со поинаква политика, што за многумина беше разочарување. Покрената е неолиберална организација на општеството: приватизација на здравството, образованието, осигурувањето, луѓето веќе не се толку цврсто под заштита на државата, што беше барање на ММФ. Бројот на синдикално организирани работници драстично е намален, веќе се работи понесигурно и помалку се заработува. Турскиот капитал, користејќи ја кризата, дури почна и да ги презема европските претпријатија. Во таа смисла, AKP не е исламистичка туку неолиберално-капиталистичка партија, со една од најсилните машинерии во турската историја. Гези беше востание кое бараше земја на демократија и еднаквост, вклучително и економска еднаквост. Во Турција постои ново општество, кое не само што бара повеќе демократија, туку има многу повеќе искуство како да ја оствари и да се избори за неа.

Извор: www.novossti.com

ОкоБоли главаВицФото