Скопје - вчера, денес и утре

18.01.2014 10:07
Скопје - вчера, денес и утре

Кој е градот Скопје? Како се развива и гради? Дали градот е изграден идеално? Многу е тешко попрецизно да се каже, него можеме многу тешко да го опишеме, а уште потешко идеално да го обликуваме. Да се согледа неговиот урбан развој мораме да ги познаваме сите негови остварени и неостварени амбиции и желби за време на неговиот вековен развој.

Денес кога ги сумираме постигнатите резултати на една политика во планирањето и реализацијата, сигурно дека и критичкиот однос има позитивно дијалектичко значење. Можеме да бидеме задоволни од квантитативниот биланс на изграденото како и од одделни парцијални решенија, но не можеме да бидеме задоволни од постигнатите резултати во квалитетот на градската урбана средина. Co право се поставува прашањето дали предвидените планови во целост се остварени и во колкава мера тие ги дадоа очекуваните резултати.

Препознатливата слика на градот како место со свој дух, мораме да ја бараме уште со неговото раѓање како населба со вековно постоење, град со традиционален растеж и еволутивна трансформација од мала населба па се до голем град. Никнат како мала населба во природните пазуви на брдото Кале и двете реки, Вардар и Серава, тој уште во својот почеток ги има зацртано своите природни и културни препознатливи елементи. Во текот на еволутивниот растеж со дополнувања на бројни историски трансформации во континуитетот на својата генетичка преобразба го идентификува своето постоење со карактеристичен дух на местото.

Во текот на долгогодишниот развој на градот, Скопје имал бројни прилики да биде обликуван, доградуван, одново планиран во бројните урбанистички планови. Архитектите Д. Леко, Ј. Михајловиќ, Ј. Кубеш, К.Танге и бројни урбанистички институции и заводи изработиле проекти на градот а секој од проектите на овие автори оставил по некоја трага, белег или значка, некоја карактеристична форма на улица, плоштад или зграда. Но тие, за жал, денес или делумно или наполно се исчезнати - ги нема. На новите генерации им останува само да ги видат во плановите или на фотографиите.

Во настојувањата на градот да му се даде соодветен архитектонско-урбанистички пик во одреден период на трансформација и изградба, кај сите планови забележителна е една карактеристична појава. Прво, скоро сите овие планови, како и најновиот, никако да бидат остварени до крај, во целина. Второ, скоро секој новопредвиден план сам за себе претставува "модерно решение", каде што се заборава или малку внимание им се посветува на претходните планови и реализации и нивното меѓусебно ускладување во смисла на еден континуитет на изградбата, a со тоа и зачувување на неговиот претходен изглед.

Co ваквиот однос, секој нов план на градот да му дава "модерен лик" по секоја цена, евидентни се последиците на целосно неекономично и нерационално однесување во однос на вистинските можности за новата преобразба и доградување, поради што многу од овие планови остануваат само делумно реализирани а понекој и напуштен и се чека некој нов што ќе понуди "нова модернизација". Последиците од ваквото недоволно согледување, површно и мегаломанско гледање на планерските амбиции се забележителни:

- недоволно се согледани материјалните можности за целосна реализација на плановите;

- недоволно се согледани последиците од претенциозниот растеж на бројот на жителите во градот;

- неусогласеност со постоечките амбиетални, општествени и културни прилики и менталитетот како културен континуитет на традицијата;

- неусогласеност со постоечкиот градежен фонд и инфраструктура на објектите, улиците, слободните површини, зеленилото и друго;

- успешни решенија се само некои парцијални реализации, кои се само дел од недовршената целина.

На крајот се добива една општа слика која зборува дека секој план оставил по некоја трага во реализацијата, белег, еден потег на улици кои повеќе личат на трага, лузна од рана на еден целосен организам кој се стреми да ја добие својата конечна форма.

Размислувајќи за ваквата состојба на градот, треба да споменеме една заборавена идеја-концепт која ги осветлува архитектонско-урбанистичките поставки со една друга слика од она што е усвоено и се реализира. Во идејниот концепт одамна се посочени изворните и автентичните карактеристики на градот, односно неговиот идентитет. Покрај тоа што овој концепт временски и реализаторски барем засега заостанува, тој има ако не друго тогаш документарен карактер кој ќе ја дополни и онака скудната документација на градот.

Овој идеен концепт за Скопје, направен уште во 1963/64 година како придонес на еден автор за обновата на Скопје после земјотресот како град-место за егзистенција кое има посебни карактеристики коишто се доста важни за архитектонско-урбанистичкиот лик на градот од аспект на функционалната и ментална слика на градот, којшто има свои препознатливи особености, место што има свој културен дух - свој genius loci.

Bo концептот се истакнати следните особени карактеристики:

1. Направена е реапна слика на градот како населба преплетена помеѓу брдото Капе, Гази Баба и Водно, во зелената долина на реката Вардар каде конфигурацијата на теренот, постојаното зеленило и водата се основни природни карактеристики на градот и се дел од неговиот идентитет.

2. Даден е предлог за градба преку реконструкција со ревитализација, со доградба и надградба како континуиран процес на еден растеж во кој се респектирани постојните вредности на историските агломерации и додадени нови како предуслов за економична градба и рационализација. Посочените три крака на основниот лик на градот во вид на латинската буква " Y" ги покажуваат трите основни природни и историски определени правци за ширење на градот со изразити функционапни содржини кои имаат вонредни меѓусебни фундаментални односи и флексибилни можности за нивно непречено ширење.

3. Определен е современ систем на автомобилски сообраќајници како континуирана можност за реконструкција на веќе формираната улична мрежа и се задржани некои плански историски реализации кои со санација и рехабилитација на таа мрежа ќе ги задоволат современите барања на еден сообраќаен систем, каде што примарните сообраќајници се детерминирани со постоечките радијални и кружни сообраќајници кои одлично финкционираат со секундарниот сообраќаен систем составен од постоечката улична мрежа.

4. Предвидено е воведување на организиран јавен масовен промет на населението преку експресна автомобилска и железничка линија - метро, која градот и неговиот центар ќе го поврзе со периферните населби. Трасата на оваа експресна линија се вклопува во конфигурацијата на теренот и функционалните подрачја и се користи постоечката траса на железничката линија. Оваа експресна линија како просторна трага во ликот на градот извонредно ја надополнува општата слика на градот и станува траен идентитет во односно историското наследство на градот.

Определена е големината на "оптималниот растеж" на градот од почетните 100.000 жители како прифатлива големина на еден град-центар на една регионална заедница од 1,5 - 2,0 милиони жители. Одредените густини на населението во одделни градски блокови со оптимални густини за живеење, каде што градежниот систем на станбените згради и начинот на живеење е близок до традиционалните навики и менталитетот, чувајќи го Градот од претерана "модернизација" и други деструктивни приоди. Почитувајќи ја постојната изградена структура, историскиот развој и континуитетот на градбата, градот го задржува трајно вградениот идентитет каде жителите живееле и ќе живеат во континуирана хармонија со чувство на сигурност, чувство на пријатна хабитабилност, каде ќе можат да ги надоградуваат своите културни амбиции во еден град со траен дух на местото, коешто има свој личен препознатлив genius loci со изразити културни, физички и други белези кои се дел од неговите жители, а тие се дел од самиот град.

Извор: А, списание за култура на просторот, 4/1994.

ОкоБоли главаВицФото