Песни од Анри Мишо и Ален Боске со илустрации на Татјана Миљовска

20.01.2014 10:19
Песни од Анри Мишо и Ален Боске со илустрации на Татјана Миљовска

Претставуваме три песни од француските поети Анри Мишо и Ален Боске, за кои македонската уметница Татјана Миљовска изработи посебни илустрации, како еден вид ликовен коментар на поезијата на двајцата автори.

Анри Мишо

МАЛЕЧОК

Кога ќе ме видите,
Продолжете,
Тоа не сум јас.

Во зрната на песокот,
Во зрната на житото,
Во невидливото брашно на воздухот,
Во големата празнина што како да се храни со крвта,
Таму јас живеам.

Ох, немам со што да се пофалам: Малечок! малечок!

И кога некој би ме зел,
Би можел да направи од мене што ќе посака.


МОРЕ

Она што го познавам, она што е мое, тоа е неопределеното море.
Кога имав дваесет и една година избегав од животот на градовите, стапив на брод, станав морнар. Имаше работа на бродот. Бев зачуден. Мислев дека на бродот се гледа морето, без крај се гледа морето.
Настапи времето на отпуштање на морнарите. Меѓу нив настапи невработеност.
Се свртив, заминав, не реков ни збор, го имав морето во мене, го имав засекогаш морето околу мене.

Кое море? Токму тоа не би можел точно да го опишам.

 

Ален Боске

 

СМЕТКИ

Утрово поштарот ми носи
четири сметки испратени препорачано.
Ќе го платам данокот за моето раѓање
кое се смета за луксуз;
согласен сум.
Ќе го платам, исто така, данокот што се однесува
на мојата биографија:
по сето она што се случило би можел
да оставам место за некој друг
и да си изберам некоја поубава епоха за себе.
Третата сметка ми причинува болка:
по цел литар крв за секоја песна,
и тоа од мене кој одбивам да бидам нивни автор!

А последната ја кинам:
што се однесува до мојот погреб,
сакам да биде бесплатен.
Стоногалката, перуниката,
сивиот блутрак и росата
ќе се погрижат за него.

Извор: Седум француски поети, АЕА, Мисла, 2001
Препев: Влада Урошевиќ

Други песни и текстови од Анри Мишо на Окно
Други песни и текстови од Ален Боске на Окно