Љубов на улица

23.01.2014 12:11
Љубов на улица

МАЛКУ ПОСЛЕ ПОЛНОЌ

Веќе понеделничка
Џез сесија.
Креветот ми е Месија
пак ќе ме спасува
од реалноста.

Не знам што сакав да кажам
се надевам ме разбравте.
Понекогаш сета поезија лежи
во читателското (недо)разбирање.
Се плашам дека ако легнам
ќе ги најдам соништата
како ме демнат под креветот
носат ролшуи
френетично се возат
како на буги лизгалиште од просечен
американски филм
и прават бучава.
Се плашам да не чујат соседите,
кој ќе им објаснува
дека една поетеса
вечерва
Се инспирирала.

КРАТКИ ЗАДОВОЛСТВА +18

Кратко и слатко
вресни го моето име
кога ќе бидеш далеку
а со ..... в рака.

Да знаеш.
Тој и таму ќе ме сака.

А јас, како Амели
Ќе се прашувам...
Колку ли луѓе сега доживуваат оргазми.
Додека јас и ти сме далеку.
Во задоволството сами.

TIMELESS

Ти се будиш
во молк
и претопен во чаршафските бротчиња
Лажен морнар
што не успева
да се поздрави сам со себеси.
А јас ја бркам
несоницата
на врвот од шолјата за кафе
со лажицата
правам ритуално чистење
мешајќи отров и зборови.

Ме прашуваш, зошто не сум заспана
ја читаш
мојата челна линија
Се мрштам, и не сакам да ти пружам фелацио
не си заслужил
радо би те осакатила.

Па, ќе заспијам.
И онака сѐ е сон
кога само во него веруваме.

HOME

Мирис на „Solea“ во влез
поминала мајка со бебе
или тазе избричен средношколец,
паднати сметки од кабловска
се меткаат под мојата патика.
Не ги враќам
во правите сандачиња,
ми е гајле ако е пакосно
и тоа е дел од соседската незаедница.

Се качувам по скалите
и на гелендерот, стоиш ти
(илузија на ангел, сеедно)
со крилца што би ги зготвила
и би нахранила цело семејство.
Те одминувам.
Нема шанси да има такво нешто
замижувам.
Влезната врата ми е отворена
и влегувам во сопствениот Рај.
Дома.

ДИПЛОМА ЗА ЕСЕНТА

Во чест на есента
ќе го извадам
мојот шарен шал
по кој ме препознава
и соседот, далтонист.
Со него ќе го обојам
секое осамено ќоше
од себственоста
замотана во личната Меланхолија.

Гушкав дрвја вчера
(дендрофилија
фикс идеја
ама барем е лековито)
и со здивот пробував да го замрзнам
семафорот на црвено.

Во чест на есента
дома згреана ракија
два три збора со моите
и потреба за филтрација.

Се чудам, како ќе станам утре
кога очите бараат нови глетки
на ТВ ништо ново
каблите водат љубовни сплетки
И знам,
овој шал што треба да ги спои
нашите вратови
е само илузија
на превисоките љубовни катови.

МРСНА ЉУБОВ

Најубаво е
меѓу два залака бурек
и измастена хартија
да се гледаме
и да се смееме
колку нашата врска не е романтична.
Зашто,
меѓу симитот и погачата
се валка нашата приказна
и кога ќе се бакнеме
се судираат
твоите два-дена бркови
моите
меки, проѕирни веќе
бркчиња.

Во салатата од туна
ја бркаме туната
како мачки
мајонезот капнува на салфетката
и остава перверзни траги.
Мрсни прсти играат танц
на чинијата
со вкусови драги.
Сакаме да се дебелееме
легнати во ниедно време
(како Американци)
и после, секој со својата мрзеливост дреме.

Најубаво е
кога мрсната љубов
доживува кулминација
на спојување.
Тогаш
сѐ што е мрсно
е лубрикантот на
кондомите.

СОНОВНИК

Отсонував како се зголемувам.
Растов е Алисовиден - се судирам со главата на покривот
во куќата на Чудата!

Зајчето е скриено во твојата шапка
од среќата
ќе зачуваме една капка.

Моите чевли - твои зборови
сите патеки - нови приказни
Малечка е песнава да ги собере
сите тивки воздишки.

Пссст.

(некогаш, оваа песна ќе заврши)

MR SANDMAN

Сакај ме и кога имам три кг +.
И отворај ја теглата со мед
место мене
кога се мачам
гушкај ме кога сум ламја
и без да знам зошто,
плачам.

Не ми се смешкај
кога знаеш дека полудувам
без шеќерна доза
без заспивање
во омилената поза.
Промени ми го лудилото
онака, како што јас
заспивам како девојка
со тебе
а се будам
како Жена.

Одморена
кога ми даваш сон
и ми дозволуваш
да ти зготвам ручек и радост
барајќи оган
за да остварам Дом.

АЈМО ЅВЕЗДИ

Си носам во џеб
ѕвезди еден куп
жешки ко колачиња
ги нудам
бесплатно
на подадени рачиња.

На очи
што плачат
оти немаат кому
што да значат.

Ги нудам
за да светнат
сите што паднале
кога пробале да летнат.

Оти, реткост е
светлина денес да дадеш
а на небото
никогаш не му е доста
кога го крадеш.

Земете, велам
тргувам и со ѕвезден прав
утро е
но нека не ви е страв.
Оваа детска песна
ќе ве престори во вашиот сон
насмевнете се додека ве гушка
топлина од ѕвезден ксилофон.

Свири, мојата количка
натоварена со ѕвезди
што ги пече Месечината
ја туркам за да ја сопрам
секоја стемнета тага
и да ја намалам далечината
Што стои
Меѓу раскарани љубовници
Меѓи на исплачени очи
Страв на детето од кутрето
Далечината
Меѓу ѕвездите
и Небото.

ВО МОЈОТ ГРАД

Овде
графитите веќе ги нема
младите зеваат
пред компјутерската врева
И сливите нема кој да ги бере
Но. Знам.
Има што да се најде по калдрмите.
Зборови, години, мината и слабости
грамади бол, векови и радости.
Овде
Потајно секој сака да умре со некој.
И да не остане Секој.

Во мојот град
не се тркалаат мандарини
таксистите и не мораат да бидат фини
склопуваме коцки
од омраза и мостови од лицемерија
за да споиме две точки.
А и Б.

Во мојот град
Или нашиот, како сакате.
Спомениците се толку грди
што и во Вардар би скокале.
Но. Знам.
Има што да се најде по калдрмите.

Промаја во бурек, во ôд во забен процеп.
Забава што замрена
е повеќе жива одошто танцувачите.
Во мојот град
Живи се само свирачите
На опелото за будење.

-За Скопје, по којзнае кој пат.

Извор: Љубов на улица, Култура, 2013, Скопје.
Слики: Хавиер Перез

ОкоБоли главаВицФото