Рускиот пат

24.01.2014 12:18
Рускиот пат

Сега и на оние најнадмени скептици им стана јасно дека спорот меѓу Русија и ЕУ во врска со Украина не е спор на два економски субјекти околу економските интереси и долговите и кредитите од повеќе милијарди. Сите оние кои тврдеа дека изборот на европскиот пат на Украина нема да ѝ донесе никакви опипливи предности и финансиско олеснување, сега би требало да застанат во ќош и да се срамат таму. Суштината на изборот лежеше во нешто сосема друго. Марксистичката идеја за среќен живот кој се мери со благосостојба и стабилност, сега во Украина е турната во заден план. Виктор Јанукович не само што се откажа од европскиот пат, туку го избра патот на рускиот авторитаризам.

Стана јасно до крај дека ориентацијата на Русија всушност значи пат кон полициска држава, систем кој во Украина може да биде многу поочигледно така означен од оној кој владее во самата Русија. Тие со недели стоеја на раскрсница и таа состојба на Мајдан, независно од понатамошниот тек на настаните, ќе се памети како среќна во украинската историја. А денешниот избор на украинската власт (забраната за протести) ќе биде трајна лекција за идните поколенија: брзате ли кон богатство (?) - ќе паднете во ропство.

Украина денес во областа на репресивното законодавство не само што ја стигна Русија, туку и ја престигна во нешто. Помладиот брат Витја одлично го совлада материјалот и ги усвои знаењата и искуствата од својот постар брат Вова. Би требало само да се ископира рускиот авторитаризам и на тоа да се додаде уште нешто, и ете го пред нас украинскиот сон на Виктор Јанукович. И украинската опозиција воопшто не мора да се сомнева во тоа дека веднаш ќе се почне со репресија, и дека таа ќе се спроведува со истото безобразно и арогантно правно самоволие со кое целиот овој пакет нови тоталитарни закони беше донесен на 16 јануари.

На украинското општество му остана многу малку време за достоен одговор. Ако нападот на Јанукович врз украинската слобода остане без соодветен отпор, Украина лесно може да потоне во мракот на авторитаризмот кој ќе трае со години, ако не и со децении, послушно следејќи ја безумната руска политика.

За жал, украинската опозиција почна да ги повторува грешките на руската опозиција од 2011 година: на патот кон освојувањето на демократијата нема запирање. Ако постојано не се засилуваат напорите, ако постојано не се отвораат нови линии на фронтот, власта брзо се освестува од првобитниот шок и брзо собира сили на свој начин да одговори на општествениот протест. Бидејќи, само со стоење на плоштадот не може да се победи, без разлика колку луѓе ќе се соберат на него.

Во меѓувреме, Русија посеа ново семе на омразата кон себе. Таа повторно настапи во улога на угнетувач на туѓата слобода, овој пат не со силата на оружјето туку со силата на парите, со помош на своите штитеници и спроведувачите на нејзините интереси. Иако тоа не се нејзини интереси туку интереси на една потесна група узурпатори во нејзината власт, во светот, а пред сѐ во Украина, сите ќе зборуваат за Русија. Зашто руската власт во наше име учествува во задушувањето на украинската слобода. Во наше име Кремљ ги поткупува украинските политичари спремни да ја продадат својата земја поради лично богатење со руски пари. Во наше име дејствува власта која не сме ја избрале. И затоа не треба (по кој знае кој пат) да се чудиме: „зошто нас Русите не нѐ сакаат во целиот свет“? Тоа е затоа што ѝ дозволуваме на нашата власт да се изживува не само врз нас, туку и врз други народи.

Извор: Ежедневный журнал

ОкоБоли главаВицФото