Светот на сништата и катастрофите

28.01.2014 14:37
Светот на сништата и катастрофите

Односот кон комунистичко минато е важна македонска тема. Всушност, таа тема не е длабински важна само за земјите кои имаа директно искуство со комунизмот, туку и за целокупното современо политичко размислување.

Факт е дека македонската држава нераскинливо е поврзана со антифашизмот, со Народно ослободителната борба, со Комунистичката партија и на Македонија и на Југославија. Тоа се важните и во голема мера светли моменти на нашата историја, настани и идеи од кои произлегуваме и како народ и како држава, а богами и како поединци кои веруваат во мирот, правдата, рамноправноста, во интеграциите и во вечната идеја дека подобар свет е можен! Лично, сметам дека тие идеи не се само светлото минато на Македонија во рамките на СФРЈ туку се и идеи кои допрва, со мизерниов развој на капитализмот, не само кај нас, ќе добиваат на важност.

Во својата поттикнувачка книга "Светот на сништата и катастрофите; исчезнувањето на утопиите на Исток и на Запад" Сузан Бак-Морс вели:

"Светот на сништата (израз на Волтер Бенјамин) укажува на минливоста на модерниот живот, на тоа дека околностите постојано се менуваат и на позитивен начин ја преиспитуваат традиционалната култура... Модерните светови на сништата се израз на утописки желби за таков тип социјален ангажман кој ќе ги надмине постоечките форми. Но, световите на сништата можат да станат опасни тогаш кога структурите на моќта инструментално ја користат нивната огромна енергија, кога ја мобилизираат таа енергија како алатка на силата која се врти токму против масите на кои треба да им создава добро. Сништата можат да придвижат општествени промени, но ако тоа не се случи, идните генерации токму заради тие сништа ќе веруваат дека историјата ги предала."

На Геринг му се припишуваше прочуената злокобно духовита изрека: "Кога ќе го слушнам зборот култура, веднаш го фаќам браунингот!" Иако направи невиден бербат и на полето на културата, на фашизмот сепак многу поблиска му е денес актуелната парафраза на таа изрека: "Кога ќе го слушнам зборот комунизам, веднаш го фаќам револверот!" Се разбира, многумина тврди комунисти (но и новите алтерглобалисти) го имаат своето непоколебливо (нео)марксистичко стојалиште: "Кога ќе го слушнам зборот капитализам, веднаш го фаќам пиштолот!"

Среде таквото шаренило од идеолошки осуди, пофалби, шеги и клетви, ние, граѓаните на 21 век, се обидуваме да пронајдеме нови политички и идеолошки ориентири, стравотно обременети со тешкото наследство на "векот на крајностите" за кој сеуште не сме сигурни дека го оставивме зад нас, сѐ плашејќи се дека нѐ чека, притаен, веднаш тука зад првиот свиок.

Но, за вистински да се ослободиме од минатото ќе треба подлабоко да се соочиме со него, и на левата и на десната страна од вулканското гротло што постојано заканувачки си баботи, според законите на физиката или историјата, сеедно. Ќе треба да ги пронајдеме топосите на траумата, да речеме, или потенцијалните еруптивни точки не само во светот на идеите туку и во денешниов непосреден физички свет.

Поимот топографија, инаку, е поврзан со старогрчката вештина на помнењето. Вештината на помнењето е измислена после една несреќа и започнала со паѓањето на една палата. Како што вели легендата, поетот Симонид бил поканет на раскошна гозба во една палата. Откако бил повикан од некој гласник, Симонид накусо ја напуштил куќата, но пред влезот не затекнал никого. Лажен повик? Но, токму во тој момент кровот нагло се срушил; палатата била затрупана со урнатини, а сите гости биле згмечени до изобличување. Симонид се присетил кој од гостите каде седел, па со негова помош роднините успееле да си ги идентификуваат загинатите. Среќно преживувајќи ја катастрофата, Симонид ги открил техниките на помнење кои подоцна ги користеле античките беседници - местата од некоја позната физичка средина (физичките топоси) биле поврзувани со приказните и елементите на говорењето (реторичките топоси). Како што вели Светлана Бојм во својата извонредна книга "Иднината на носталгијата" (уште едно незаобиколно четиво кога зборуваме за превреднувањето на комунизмот!), овој вид мнемотехничка традиција ја препознава случајната архитектура на нашето помнење, мошне зависна од контекстот, од распоредот, како и врската која постои помеѓу сеќавањето и загубата.

Постојат различни форми на сеќавања и загуби. Лидија Гинзбург, славната дисидентка од советските времиња, зборува за еден начин на преживување и соочување со стварноста кој за време на тоталитарното перење мозоци го негувале послободоумните интелектуалци: контрапомнење. Оние кои го практикувале контрапомнењето први ги обелодениле историските факти какви што се гулагот и сталинистичките чистки.

За нас, кои хронично ја чувствуваме слабоста на македонските институции, интересно е да се каже дека контрапомнењето не било поврзано со какви било институции, туку се потпирало на неформалните мрежи, на личните врски и пријателства. Кај нас делумно се случи истото што Светлана Бојм го вели за Русија: недовербата во институциите и во официјалниот дискурс се задржа и по падот на комунизмот. Тој тип на подразбрана комуникација и молчаливо соучесништво доведе до недоверба и во новите институции и политички партии. Најпосле, можно е да се случи неочекуваното: загубениот потенцијал за политичка трансформација на државата да доведе до своевидна носталгија спрема комунизмот.

Затоа денес пред нас стои деликатна работа; ем реално да го процениме минатото, ем постојано критички да се осврнуваме и спрема невеселава сегашност. Се покажа дека славната реченица на Кундера ("Борбата на човекот против власта е борба на помнењето против заборавот") има малку поуниверзално значење: денес треба да ги памтиме и Ирак и Виетнам и Хитлер и Сталин. Актуелната европска власт, како секоја власт, би сакала да ја ретушира сликата, но ние и денес треба да гледаме и памтиме, како што тоа моравме да го правиме и вчера.

„Либералните“ Европјани денес меѓу жртвите на комунизмот редат милиони и милиони настрадани луѓе од Азија, од Камбоџа, на пример, кајшто владееше монструозниот режим на Пол Пот и Црвените Кмери. Но, стварно треба да сте политички наивец за да не сфатите дека Америка и Европа во голема мера ги произведоа конкретните нечовечки режими и дека токму самите во голема мера се одговорни и за злосторствата и за трајната нестабилност на цели региони. САД, на пример, само пред педесетина години, само во Виетнам на најсуров начин, со напалм бомби палејќи цели села, убија околу два милиони Виетнамци. Но, во политичка смисла направија повеќедецениски ршум во целиот регион и всушност посредно ги создадоа канибалските режими налик на оној на Пол Пот. Нешто слично се случи и во Ирак и Авганистан последнава деценија.

Значи, дури и да речеме дека комунизмот бил злосторнички систем во кој настрадале десетици милиони луѓе, што останува со осудата на другите злосторнички системи произведени на Запад? Уште 1492 година, со едиктот на папата Александар VI, биле повлечени линиите кои сосема буквално одредиле кои делови на земјината топка "припаѓаат" на која европска држава. Сите земји и територии во светот биле поделени меѓу европските сили или биле прогласени - што е неверојатна ароганција - за "отворен простор", т.е. територии кои се "слободни за да бидат окупирани". Историјата на човештвото наредните петсто години била одредена од последиците што таквите ставови ги создале во реалниот свет - смета Сузан Бак-Морс. И ќе го судиме ли тој петвековен западен поредок кој ги донесе империјализмот и колонијализмот, а богами го донесе и расизмот на Хитлер?! Петсто години исполнети со ненадмината бруталност, експлоатација, терор - маскирани во формата на "цивилизирање на нецивилизираните". Речиси целото домородно население на два континента, Јужна и Северна Америка, беше истребено од "цивилизираниот" Европјанин (т.е. Американец) чии наследници денес донесуваат декларации за осуда на еден идеолошки феномен кој повеќе-помалку е (или беше) реакција на монструозноста на капитализмот.

Битно е, значи, да не помниме селективно и да не бидеме зомбичиња на кои секој режим им вели дека вчера почнал светот. Да не бидеме манкурти! (Постои една стара казашка легенда, која ја спомнува Чингиз Ајматов во романот "И подолго од векот трае денот": постоело племе на сурови воини кои безмилосно ги мачеле заробениците со каиш од камилска кожа и ги претворале во манкурти - весели робови, луѓе без сеќавање.) Секоја идеологија на некој начин врши манкуртизација врз луѓето, па и веселата ни идеологија на примитивниот предаторски капитализам кој нѐ меле последниве децении.

Така што, ако мораме да ги помниме невините жртви што пострадаа по удбашките подруми, зарем немаме дотолку поголема обврска не само да ги памтиме туку и да го прекинеме проклетиот историски круг! - денешните и вчерашните жртви на сиромаштијата, негрижата, отфрленоста, политичкиот прогон; зашто некои од денешните жртви - а ги има застрашувачки многу - страдаат барем исто онолку колку што страдаа и жртвите на комунизмот.

Капитализмот и комунизмот од Француската револуција наваму се во симбиоза како двете лица на Јанус. Тие најмногу се допираат во она што Бак-Морс го нарекува политичкото имагинарно. На пример, успешен инструмент за контрола на масите било токму имагинарното на сталинистичката култура, со својата двојна острица - од една страна е светот на сништата, исполнет со среќата која им се ветува на масите, а од друга страна се наоѓа кошмарот кој ги чека протераните од светот на сништата. Во оваа точка, вели Бак-Морс, како системи на моќта, едновремено треба да се гледаат и западниот капитализам и советскиот социјализам. "Капитализмот луѓето ги повредува повеќе со тоа што ги занемарува отколку што ги тероризира. Во споредба со личната волја на диктаторот, структурното насилство на пазарните ’сили’ божем изгледа бенигно. Судбината на сиромашните е социјалниот остракизам. Нивниот гулаг е гетото."

На крајот од својата книга Сузан Бак-Морс заклучува:

"Ако денес конечно е завршена ерата на Студената војна, тогаш кон тоа помалку придонесе ’победата’ на едната страна, а повеќе тоа што самиот развој на настаните фундаментално ја доведе во прашање легитимацијата и на едниот и на другиот политички дискурс."

Фотографии: Ruben Brulat

Сроден текст: Светот на сништата

ОкоБоли главаВицФото