Македонското прашање од 1944 до денес (2)

04.02.2014 17:29
Македонското прашање од 1944 до денес (2)

 Комунистичкиот придонес во развојот на македонскиот национализам

 

Паралелно со ВМРО, еден актер од спротивниот политички камп станал сè позначаен во развојот на Македонското прашање. Тоа е Бугарската комунистичка партија (БКП, подоцна БРП), формирана во 1919 врз основа на старото радикално крило на Социјал-демократската работничка партија. Во почетокот, таа го истакнувала контрадикторниот слоган за самоопределување на Македонија во рамките на една Советска балканска федерација. Како што се гледа, БКП се обидувала да ги промовира стратешките планови на комунистичката интернационала (Коминтерната), со седиште во Москва. Сепак, во нејзиниот централен апарат на раководни позиции се наоѓале бугарски комунисти како Васил Коларов и Георги Димитров. Последниот, всушност, бил одговорен за координација на балканската политика на Коминтерната.

Во прво време, комунистичките слогани во врска со самоопределувањето на „македонскиот народ“ не подразбирале постоење на еден посебен етнос или на посебна словенска македонска нација. Во ноември 1923, во својство на генерален секретар на Извршниот комитет на Коминтерната, Коларов изјавил дека „македонското население сака да биде признато како националност и да ги добие своите национални права“. Во исто време, тој додал дека „тенденцијата“ за спомнатата „македонска националност“ постоела кај „Бугарите од Македонија“, како и кај Грците, Турците, Албанците и Србите кои живеат во регионот.32 Но, во согласност со сталинистичките концепции за „националното прашање“ и на советското искуство во овој домен, кон крајот на 20-тите години од 20 век, политичкиот проект на македонско самоопределување добил етнонационална содржина. Бугарските комунисти почнале да зборуваат за постоење на македонска „националност“ различна од бугарската. Истото гледиште го делеле југословенските и грчките комунисти, несомнено за да се отфрлат барањата на Софија и да се оттргнат од „шовинистичката“ политика на нивните влади.33

Во реалност, идејата не била апсурдна. Во периодот меѓу двете светски војни, како резултат од еден комплексен процес на етничка мутација, во српскиот и во грчкиот дел на Македонија, словенофонското население постепено развило македонски идентитет ослободен од пробугарски симпатии, доминантни во османлискиот период. Во 1926-1927, дури и Централниот комитет на ВМРО се соочувал со низа симптоми на „отфрлање“ или индиферентност во однос на бугарското национално чувство во рамките на населението од Вардарска Македонија. Тоа биле, особено, исчезнување на стандардниот бугарски јазик од секојдневната практика, запознавање со употребата на српски зборови и нивно мешање со локалниот говор. Активистите од Софија мислеле дека ваквиот развој бил охрабрен од страна на српската власт. Во секој случај, начините на самоидентификација се менувале: бројни личности се декларирале како Македонци наместо Бугари поради „страв“ од власта. Но, исто така, имало и многумина (мнозина), „кои не ја знаеле историјата“, кои „лесно верувале и прифаќале да се кажат Македонци – ни Бугари, ни Срби“.34

Податоците од овој тип се толкувани на различен начин. Според историчарот од Скопје, Иван Катарџиев, периодот меѓу двете светски војни претставува „време на зреење“ на македонската национална свест. Тој го гледа периодот меѓу 20-тите и 30-тите години на 20 век како втора „Преродба“ на Македонците, надоместувајќи за „доцнењето“ во 19. и почетокот на 20 век. За Катарџиев, „дефинитивната афирмација“ на македонскиот национален идентитет е овозможена преку „елиминацијата на активноста на ривалските пропаганди, особено на бугарската“.35 Од друга страна, историчарот од Софија, Костадин Палешутски, ја толкува македонската самоидентификација како една стратегиска „камуфлажа“ на интимен бугарски идентитет.36

Објаснувањето на овој идентитетски феномен, секако, е сложено. Заминувањето на бугарската интелигенција од Вардарскиот и од Егејскиот регион во правец на Софија по Првата светска војна; забраната на бугарската култура и бугарската самоидентификација во овие региони; површноста на националните идентитети, наследени од османлискиот период, кај оние кои остануваат; социоекономските и демографските трансформации во контекстот на грчката и на југословенската држава од 20-тите години на 20 век37; акултурацијата на локалните Словени изведена преку модерен образовен систем и преку други средства: ова се некои од аспектите кои, кај славофоните Македонци од Вардарска и Егејска Македонија, формираат сè повеќе македонска и сè помалку бугарска припадност. Исто така, не треба да се заборават ниту националните политики на комунистичките партии кои, набргу, се покажале како најзначајни актери на Македонското прашање.

Во јануари 1934 г., политичкиот секретаријат на Извршниот комитет на Коминтерната изгласал резолуција со која го признава постоењето на различна македонска нација и јазик и инсистира на создавање независна Македонија.38 Идејата за Балканска федерација се симнала од агендата. Резолуцијата на интернационалната комунистичка централа подоцна станала предмет на бројни дискусии. Но, таа само развила некои формули, претходно зародени од страна на балканските комунистички партии, особено од БКП.39

Освен тоа, со приближувањето на Втората светска војна, линијата станала доста нејасна затоа што, во согласност со новата политика на Москва, македонската независност исчезнала од проектите. По VII конгрес на Коминтерната (1935), целта била да се создадат „народни движења“ со други антифашистички партии: планот за распадот на Југославија и Грција преку сецесија на Вардарскиот и Егејскиот регион не бил наклонет на предвидениот патриотски договор. Наскоро, промената на границите меѓу „буржоаските“ држави на Балканот го вознемирило комунистичкото „братство“.

Во пролетта 1941, бугарската армија, сојузена со Германија, влегла во југословенска Македонија и во источните делови од грчка Македонија каде што воспоставила окупациски режим. Во оваа ситуација, бугарската и југословенската комунистичка партија почнале да се расправаат за припадноста на комунистичката организација во Вардарскиот регион.40 За првпат, но не и за последен, двете „интернационалистички“ партии влегле во конфликт кој во голема мера потсетувал на традиционалните „шовинистички“ караници меѓу Софија и Белград. Благодарение на Сталин, Комунистичката партија на Југославија излегла како победник: македонските комунисти биле ставени под раководство на КПЈ, која требало да организира антифашистичка борба за „национално ослободување“ против бугарската окупација.

Ако ѝ веруваме на историографијата од Скопје, мнозинството Македонци ја отфрлиле опресивната доминација на Софија. Во реалноста, бугарската армија била прифатена како „ослободителна“ од еден дел на локалното население.41 Но, постепено, рестриктивниот и авторитарен каракатер на бугарскиот режим предизвикал омраза. Во 1943 г., како и насекаде на Балканот, комунистичките партизански движења зеле залет. На крајот од истата година, АВНОЈ („парламентот“ на југословенскиот комунистички отпор) и Фронтот на бугарската татковина (Отечествен фронт или ОФ, основан од БКП) истовремено го признаваат правото на Македонците за национално обединување. На 2 август 1944 г. – втор Илинден – победоносните партизани на Јосип Броз Тито прогласиле македонска држава во вардарскиот дел, piémont на обединувањето на цела Македонија во рамките на новата југословенска федерација.

На тој начин започнало создавањето на институционалната рамкa на малата југословенска нација, но и на нејзините симболи, култура, односно стандардизиран јазик.42 Првата „Комисија за воспоставување на македонски јазик, азбука и правопис“ (Комисиа за установуене на македонскиот јазик, азбука и правопис) ги одржувала своите седници кон крајот на ноември и во почетокот на декември 1944 г. Неколку месеци подоцна, конечната македонска азбука била готова. Во меѓувреме, започнала стандардизацијата на граматиката и лексиката, процес воден од младиот филолог Блаже Конески.43 Резултатот – денешниот македонски јазик – е уверлив. Ако, пред јазичната кодификација, македонските словенски дијалекти можеле да бидат сметани за бугарски44, по активноста на Конески, идиомот зборуван на двете страни на Вардар во извесна смисла е еднакво близок до бугарскиот колку и до српскиот.

„Дебугаризаторскиот“ и „србизаторскиот“ аспект на македонскиот nation building, започнат во Титова Југославија, е често истакнуван од страна на полемичарите од Софија. Пред Втората светска војна, Македонците не го изгубиле целосно пробугарскиот став на генерациите од османлискиот период. Но, релативно бргу по создавањето на југословенската република во 1944 г., последните траги од бугарскиотидентитет исчезнале од вардарскиот регион. Треба да се признае дека овој резултат не бил постигнат без насилство: најактивните бугарски националисти биле егзекутирани или затворени. Македонскиот историчар Катарџиев го потврдува овој факт, изјавувајќи дека за „хомогенизација на македонското национално чувство“ биле, исто така, применувани и репресивни методи.45 Во секој случај, тие не предизвикале реакција кај водачите на Бугарската комунистичка партија. Тие останале верни на коминтерновското признавање на Македонците како посебна словенска националност и му објавиле војна на „буржоаскиот шовинизам“ во Бугарија.

Две децении подоцна, истата партија ќе го прифати спротивното гледиште: Македонците „во реалност“ се етнички Бугари, нивната историја сочинува дел од онаа на „бугарскиот народ“, нивниот јазик е бугарски дијалект. Дваесет години подоцна, тајните служби на бугарскиот комунистички режим ќе воспостават контакти дури и со поранешните „фашисти“ на ВМРО – во име на бугарскиот „патриотизам“. Овој труд се обидува да ја објасни оваа радикална промена. Но, пред да се премине на бугарско-југословенските полемики по 1944 г., пред сè, треба да се истакне еден првичен заклучок.

Покрај претензијата дека имаат монопол врз „историската вистина“, протагонистите на овие расправии предлагаат крајно селективни и проблематични читања на минатото. Бившојугословенските Македонци ги бараат своите корени далеку во времето. Но, малку документи го потврдуваат постоењето на македонски етнички или национален идентитет кај Словените од Македонија пред 20 век. Бугарите се сигурни дека тие, секогаш, биле нивни сонародници: сите големи личности на словенската историја на Македонија би биле етнички Бугари. Меѓутоа овој пристап останува затворен во клишеата на есенцијализмот и тој не дозволува да се разбере развојот на македонскиот национален идентитет. Далеку од разбирање на сложениот процес на формирање на етничките и национални припадности, бугарската историографија се судира со симплицизмот на теоријата за „српски заговор“ кој ги имал „откорнато“ „бугарските Македонци“.

Српскиот – или, пак, југословенскиот – придонес за изградбата на македонскиот идентитет не треба да биде потценет. Како што видовме погоре, српските научници ја поддржувале тезата за постоење на еден посебен славомакедонски етнос. Македонци, образувани во српски училишта, се првите кои објавиле трудови на локален словенски говор, различен од бугарската стандардизирана норма. Актуелната македонска држава е продолжение на една југословенска република.

Нејзината територија претходно била дел од Србија и од кралска Југославија. Таа е рамка за создавањето на македонските партизани кои, во текот на Втората светска војна, зеле оружје против трупите на бугарската окупација. Тие се бореле на страната на партизаните од Србија и од другите југословенски региони. Токму во рамките на Титова Југославија Македонците обезбедиле стандардизиран јазик и азбука, во голема мера под влијание на срспката јазична норма.

Но, во реалноста, не само Србите, туку и Грците и Бугарите придонесле за создавањето на македонскиот национализам. Од 19 век, пропагандистичките стратегии на овие три соседи на Македонија обликувале одредени основни елементи на нивниот денешен ривал. Не треба да се заборави дека македонскиот национализам ја позајмил референцата за античка Македонија, и со тоа името на земјата, од грчкиот национализам. Врската со бугарскиот национализам е, исто така, тесна. Македонскиот национален идентитет вклучил една долга низа на бугарски идеолошки претстави, во прв ред картографијата која ги означува границите на голема „географска Македонија“. Територијалните разграничувања кои денеска се присвојувани од страна на националистите од Скопје се појавуваат за првпат врз основа на бугарските карти од 19 и почетокот на 20 век.46

Истата просторна слика на „Татковината“ била популаризирана од страна на активистите на Внатрешната македонска револуционерна организација. Бугари според самоидентификација, македонските револуционери од османлискиот период и од меѓувоениот период започнале автономистички политички програми, односно строго осамостојувачки, кои се разликуваат од дискурсот за „Голема Бугарија“. Нивната активност создала некои од идеолошките претпоставки, кои политичкиот и културниот контекст на кралска, а потоа Титова, Југославија ќе ги трансформира во македонски национализам различен од бугарскиот. Македонската историографија наследи и еден добар дел од бугарскиот историски наратив, особено за средновековното минато и за османлискиот период.

Софија е сигурно дел од „заговорот“ кој го овозможил создавањето на идентитетот на современите Македонци. Во тој поглед, учеството на Бугарската комунистичка партија било клучно: од 20-тите години на 20 век, таа ја промовирала тезата за посебниот национален карактер на словенските Македонци. Таа, пак, била формулирана конкретно од страна на Георги Димитров, славниот водач на БКП и на Коминтерната. Од 30-тите години на 20 век, бугарските комунисти, родум од Македонија, се вклучиле во создавањето на македонска историографија, па дури и на македонската литература: тоа е особено случајот со пиринскиот поет Никола Вапцаров. Подоцна, овие факти ќе бидат особено непријатни за Софија, па Бугарската комунистичка партија ќе стори сè за да ги скрие.

32 Види БКП, Коминтернът и македонският въпрос, 1919-1946, т.1, София, ГУА при МС, 1999, стр. 151. Македонскиот историчар Иван Катарџиев (Време на зреење, Македонското национално прашање меѓу двете светски војни, т.1, Скопје, Култура, 1977, стр. 544) смета дека Коларов веќе замислувал една македонска „нација“, која е во тек на создавање врз основа на локалните „Бугари“, „Турци“ и „Срби“.

33 За националната политика на комунистичките партии во Грција и Југославија: Evangelos Kofos, Nationalism and Communism in Macedonia, Salonique, Institute for Balkan Studies, 1964; Stephen Palm- er, Robert King, Yugoslav Communism and the Macedonian Question, Hamden, Connecticut, Archon Books, 1971.

34 Македония, Сборник от документи и материали, стр. 711-712.

35 Иван Катарџиев, Македонија сто години по Илинденското востание, Скопје, Култура, 2003, стр. 229.

36 Костадин Палешутски, Македонският въпрос в буржоазна Югославия 1918-1941, София, БАН, 1983, стр. 76.

37 За српска Македонија во текот на 20-тите години на 20 век: Владан Јовановић, Југословенска држава и Јужна Србија 1918-1920, Белград, ИНИС, 2002. За грчка Македонија: Peter Mackridge, Eleni Yannakakis (eds.), Ourselves and Others. The Development of a Greek Macedonian Cultural Identity Since 1912, Oxford & New York, Berg, 1997; Anastasia Karakasidou, Fields of Wheat, Hills of Blood: Pas- sages to Nationhood in Greek Macedonia, 1870-1990, Chicago, The University of Chicago Press, 1999.

38 Види ги спомените на македонскиот активист Димитар Влахов (Мемоари, Скопје, Нова Македонија, 1970, стр. 356-357) за преземањето на оваа одлука.

39 За политиката на БКП која за да го стави под своја контрола македонското движење основа своја ВМРО (Обединета): Дечо Добринов, ВМРО (обединена), София, Университетско издателство, 1993.

40 Станува збор за скандал во врска со шефот на регионалниот Покраинскиот комитет на КПЈ, Методиј Шаторов-Шарло. По окупацијата, тој претпочитал да го стави Комитетот под раководство на БКП: Костадин Палешутски, Югославската комунистическа партия и македонският въпрос (1919-1945), София, БАН, 1985, стр. 285-288.

41 Командантот на македонскиот отпор – црногорецот Светозар Вукмановиќ-Темпо – признавал дека „народот“ ги пречекал со цвеќиња бугарските, па дури и германските окупатори: Палешутски, Ibid., стр. 304.

42 За ова прашање: Stefan Troebst, “Yugoslav Macedonia, 1943-1953: Building the Party, the State and the Nation” во Idem, Das makedonische Jahrhundert. За создавањето на симболите и на македонската национална меморија: Keith Brown, The Past in Question. Modern Macedonia and the Uncertainties of Nation, Princeton, Princeton University Press, 2003. Види, исто така: Jean-François Gossiaux, Pou- voirs ethniques dans les Balkans, Paris, PUF, 2002.

43 За ова прашање: Стојан Ристески, Создавањето на современиот македонски литературен јазик, Скопје, Студентски збор, 1988; Victor Friedman, “The First Philological Conference for the Establishment of the Macedonian Alphabet and the Macedonian Literary Language: Its Precedents and Consequences” во Joshua Fishman (ed.), The Earliest Stage of Language Planning. The ‘First Congress Phenomenon‘, Berlin, New York, Mouton de Gruyter, 1993; Idem, “The Implementation of Standard Macedonian: Problems and Results”, International Journal of the Sociology of Language, 131, 1998.

44 Секако тоа е традиционалниот поглед на бугарските лингвисти: Stefan Mladenov, Geschichte der bulgarischen Sprache, Berlin-Leipzig, Walter de Gruyter, 1929.

45 Катарџиев, Ibid., стр.12. Cf. Димитър Гоцев, Новата национално-освободителна борба във Вардарска Македония (1944-1948), София, МНИ, 1998.

46 Cf. етнографијата на Васил Кънчов, Македония. Етнография и статистика, София, Държавна печатница, 1900.

(продолжува)

Кон првиот дел


Фотографии: Hanna Hvattum

Превод од француски: Дарко Стојанов и Петар Тодоров

Извор: Чавдар Маринов, Македонското прашање од 1944 до денес; комунизмот и национализмот на Балканот. издавач: ФООМ, Скопје, 2013.

Слични содржини

Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото