Каква власт, таква архитектура!

05.02.2014 11:48
Каква власт, таква архитектура!

Уште за време на војната сте дипломирале во Белград и сте еден од првите македонски архитекти. Зошто се определивте за архитектура и како во тоа време добивавте информации за тоа што каде може да се студира?

Како дете од 15 години отидов во Белград каде учев четири години гимназија, по што бев кандидат за воена академија, зашто имав таква стипендија. Но, се направив кусоглед и со една друга стипендија се запишав на градежниот оддел на Техничкиот факултет. Сакав да студирам за инженер зашто го знаев само тој термин, а не знаев што е тоа архитектура. По првиот семестар ја видов програмата на, како што прочитав, некаков архитектонски оддел и сфатив дека тоа е нешто што повеќе ми одговара, зашто бев од Охрид, чија природа и историја имаше влијание на мене, а и уште како гимназијалец се бавев со акварел. Кога студирав од 1937 до 1941 година во Белград бев единствен Македонец на архитектура. Станав архитект навидум случајно, но имаше во мене нешто што во тој момент се склопи во една таква идеја. Моето дипломирање е една драма. На 27 март 1941 година веќе ја имав во џеб дипломската задача, а до крајот на јуни требаше да дипломирам. Меѓутоа, дојде војната и јас избегав во Охрид. Подоцна заминав за Белград за да дипломирaм. И сега се чудам како успеав да стигнам таму со толку малку пари, како млад човек кој очекува да му помогне природата. Факултетот не работеше и кога доби дозвола од Германците да го одржи дипломскиот испит набрзина ја склепав задачата. Морав да се вработам за да добијам дозвола за слободно движење низ Белград. Уште го чувам германскиот аусвајз на име Борислав Чипановиќ. Дипломскиот испит се одржа со три професори, а на дипломата ми пишува Кралство Југославија, иако тоа тогаш беше пропаднато.

Иако сте подолго време во пензија, сѐ уште сте често присутен на Архитектонскиот факултет. Што значи тоа за вас?

Факултетот е мојата втора куќа. Уште пред 20 години останав сам, па единствено семејство ми беше факултетот. Таму сум присутен скоро секој ден, а среќа е што овие млади професори, кои на времето беа мои студенти, ме прифаќаат со задоволство. Книгите не ги пишувам тука, туку дома, на раат. Јас не знам да пишувам ниту на машина, ниту на компјутер, туку на рака, во однос на тоа сум сѐ уште на почетокот на 20 век. Можам да мислам само со пенкалото в рака.

Вие сте еден од неколкуте архитекти кои работеле на обновата на земјата по Втората светска војна. Како се работеше тогаш и што се направи?

По војната во Македонија имаше само четири архитекти. Освен мене архитекти беа уште Сотир Томовски, кој дипломирал во 1923 година и имаше практика, Хрватот Михо Чакеља и Иван Артемушкин, кој беше бегалец од Русија. Првиот министер на тогашното Министерство за градежништво нѐ собра сите и ни рече дека имаме задача да ги обновиме изгорените села во војната, а тоа беше долг на новата власт кон селата во кои се криеле партизаните. Работевме примитивно, со тоа што го имаше, патувавме пеш и со магариња. Земавме мајстори, ги носевме во селата, ангажиравме и селски мајстори, а селаните собираа камења, правеа вар. Во таа кампања што траеше цело лето, до доцна во зимата се обновија доста куќи. Подоцна мене ме одредија за референт во комунално одделение на Градскиот народноослободителен одбор на Скопје, но набргу преминав во новоформираното градежно претпријатие за изградба на Скопје „Скограп“. Тогаш немав практика во градежништвото и таму научив многу работи.

Во својата долгогодишна работа сте ги заокружиле сите аспекти на професијата. Сте биле проектант, предавач, пишувач, ама и конзерватор. Од каде интересот за конзервацијата и од каде ви се сознанијата за таа работа?

Јас бев првиот директор на Заводот за заштита на културни споменици. Ме назначија во 1949 година, и тоа случајно. Со двајца мои професори од Белград бев кај министерот за просвета и тие ме посочија мене како човек кој може да го основа и да го раководи Заводот. Потоа станав конзерватор. Во 1959 година на иницијатива на Сојузниот завод за заштита на културните споменици се направи проект за конзервација на охридската „Света Софија“, а јас бев негов раководител. Два месеца бев на практика во Италија и во Франција. Од таму се вратив добро поткован и информиран. Охрид уште како дете го чувствував како некоја тајна која треба јас да ја откријам, па работев со големо задоволство. Потоа работевме некои поедноставни работи, а рискантна операција беше асеизмичката реконструкција на црквата „Свети Пантелејмон“ во Нерези, зашто подметнував нови темели под постојните.

Автор сте на проектот за зградата на МАНУ, објект кој и денес е еден од симболите на модерно Скопје. Како ја добивте идејата за проектот?

Во 1971 година се објави југословенски конкурс. Јас ја имав совладано идејата за една таква зграда низ некои мои предавања, па направив најдобро решение на внатрешниот распоред на функциите. Архитектурата требаше да асоцира на нашите средновековни тврдини, да симболизира тврдина на знаење и уметност. Тоа на жирито не му се допадна, па имаше втор степен на конкурсот, кога се поправи она што беше забелешка. Потоа направив една друга обработка на надворешната архитектура, да асоцира на нашата архитектура од XIX век. И ентериерот е така обработен, со двовисински холови, на еден сосема нов начин. Дури подоцна открив што сум направил, исто како во уметноста и литературата, кога на еден творец критичарите ќе му откријат што сакал да каже, а тој самиот работите ги извадил од потсвест и не размислувал дека тоа е тоа. За зградата на МАНУ некој ми рече дека како да сум размислувал за конаците на „Свети Јован Бигорски“. Има работи во проектирањето кои не ги вадиш од рациото, туку од нешто ирационално, тоа е нешто што се акумулирало во тебе и стои во потсвеста, па излегува.

За таа зграда ја добивте наградата на „Борба“ и бевте првиот од Македонија кој го добил ова тогаш највисоко признание за архитектура. Во една прилика изнесовте интересен момент, дека сте очекувале многу порачки за работа, но ве побарал само еден селанец кој сакал да му ја реновирате куќата. Дали ова може да значи дека архитектите кај нас не се доволно ценети, да не кажам анонимни?

Анонимни не се, меѓутоа се експлоатирани. Така беше и порано, а денеска е уште полошо. Порано, кога имаше големи градежни претпријатија, во нив имаше големи концентрации на архитекти, дури по 50-60 во проектантскиот сектор. Директорот беше главен и тие правеа што ќе им кажеше. Има една анегдота за еден директор на „Пелагонија“, Мустафа, кој кога ќе му дојдеа инвеститори, ќе речеше: заколете двајца архитекти да ги почестиме. Таа анегдота кажува дека архитектите добиваа задачи од директорите во најкус можен рок да направат проект кој ќе му го понудат на пријател на директорот. Денеска на архитектите им е полошо, затоа што директорите порано не им кажуваа како да го направат проектот, ги оставаа, сеедно, дали набрзина или не, сами да го прават. Сега архитектите не само што се експлоатирани да направат проект за бедни пари колку да преживеат, туку се и притиснати од нарачателот кој им кажува каков проект сака. Но, има и архитекти кои успеваат да направат нешто посериозно. Затоа би кажал една парола – каква власт таква архитектура.

Во една прилика изнесовте теза дека архитектите секогаш биле слуги на власта. Каква власт и какви слуги имаме сега и што е резултат на нивната соработка?

Во историјата секогаш власта била таа што нарачувала и градела. Од нивото на власта зависело и културното ниво. Во историјата е позната фазата од Луј 14, која се вика просветен апсолутизам. Тој тиранин и просветен апсолутист го направил Версај. Знаел што сака, но им дозволил на архитектите да го направат. Митеран беше познат по тоа што многу сакаше египетска архитектура, па порача во Лувр да му направат пирамида. Како паметен човек тој му дозволи на архитектот да направи тоа што сака. Затоа таму има стаклена пирамида, а не камена, и тоа под земја, како одлично решение. Норман Фостер реконструкцијата на урнатата купола на Рајхстагот во Берлин не ја направи од тули и камења како што била, туку од стакло. Ова важи и за музејот Помпиду, познатиот Бобур во Париз, кој стана атракција како и Ајфеловата кула. Тоа се тие односи нарачател – архитект. Кај нас не е така. Сега нашата власт место да оди напред, оди назад. Владата одобри многу средства да се обноват стариот Офицерски дом, Народна банка и театарот. Тоа личи на оживување на мртовци. Комплетна и целосна реставрација на тие објекти не е можна. Во Офицерскиот дом имаше скулптури, декорација која денес не може никој да ја направи, нема изведувачи. И театарот е хибрид, не е ни стариот, ни нов. Место Македонија да се презентира во светот со архитектура која оди во некоја иднина и сведочи за еден тренд на прогресивност, ние одиме назад, се враќаме во некое време кое нема никакво значење за иднината, не носи никаква порака, не нѐ презентира во светот како професија. Јас еднаш напишав дека тоа е франкенштајнска архитектура што никаде не се прави. Освен ова, во светот постои едно правило дека уметничко дело не смее да се фалсификува, да се пресоздава, зашто тоа му припаѓа само на авторот. И архитектурата е уметност, па според тоа, ова е казниво по закон. Сега Никола Груевски ќе прави црква на плоштадот, зашто во сите градови имало цркви на плоштад. Некои плоштади се без цркви, а и таму каде што ги има, тие се историски споменици, не се правени во денешно време. Не само државата, туку малку се и приватните инвеститори кои на архитектот ќе му дозволат да направи нешто модерно, современо.

Архитектите се изјаснија против обновата на старите предземјотресни објекти што ги споменувате, а властите останаа на своето. Дали архитектите немаат моќ во оваа држава и на кој начин би можеле да се наметнат?

Нема клима за наметнување, зашто овие нашиве сегашни политичари се опседнати само со себе, не знаат, а и не сакаат да одберат соработници. Не сакаат соработници со спротивно мислење од нивното. Ним им е важно само да остават нешто зад себе, како што направи Љубчо Георгиевски со Плаошник.

Во својата последна книга бележите дека од детството на Охрид се сеќавате како на заспана убавица која го чека бакнежот на принцот на бел коњ. Се разбуди ли убавицата?

Пред војната Охрид беш навистина заспана убавица бидејќи немаше повеќе од 9.000 жители. Во 1945 година, по формирањето на Македонија како држава, новата власт го откри. Таа е принцот. Почнаа да ги прават Горица и другите најубави места како затворени амбиенти за врхушката. Подоцна Горица ја отворија. Инаку, охридската природа не може да се деградира со каква било архитектура. Низ времето она што вреди ќе остане, она што не вреди ќе си оди, тоа е природна селекција што ја прави историјата. Денес Охрид е убавица која е нападната од лоши духови и изобличена од некакви лоши влијанија. Тоа е како кога една жена ќе застрани во гардеробата и во својата експозиција. Охрид е создаден да биде ексклузивен град. Меѓутоа, сега со оваа агресија на туризмот власта не може да го направи таков. А Црногорците успеаја да го направат Свети Стефан ексклузивен град.

Иако сте охриѓанец, живеете во главниот град и го нарекувате моето Скопје. Како архитект, го сакате ли и денес со сите негови трансформации по земјотресот и особено во новиот период?

Јас го сакам Скопје затоа што поголемиот дел од животот сум го поминал во него. Тука сум од 1945 година, а освен тоа имав сопруга скопјанка. И како архитект го сакам. Го сакам Скопје и како град кој почна нагло да се шири. Но, се мачам, залудно се трудам да придонесам да се направи нешто подобро. Во социјалистичкото време сите градоначалници беа мегаломани и сакаа Скопје да стане милионски град. Јас им велев дека со тоа не треба да се фалат, туку да се срамат. И навистина, вториот ден по земјотресот, кога дојде Циборовски рече: зошто сакате од Скопје да правите велеград, кога цела Македонија е еден град. Еден друг странец, пак, рече дека нам не ни треба влада и парламент, туку градоначалник на цела Македонија. Тоа мегаломанство и концентрација во Скопје на сѐ што ветува заработка го осиромаши останатиот дел на Македонија. Затоа Скопје има многу негативни работи. Сѐ е задушено до крај, од сообраќај, градење, дистанци и друго. За жал, така е зашто архитектура не е само архитектурата, туку тука спаѓа и урбанизмот. Јас не правам разлика меѓу градоградба и градежништво. Поради задушеноста и Скопје бара да дојде еден принц или владетел кој ќе го спасува. Денеска сите големи градови сакаат да се ослободат од таквите притисоци, прават сателитски градови. Лондон веќе не е најголем град во светот, туку Мексико. Само во примитивните средини сѐ се концентрира во еден град.

Како прв директор на установа за заштита на културното наследство може ли да кажете како во тоа време се чуваше културното наследство, а како денес?

Кога јас бев директор, имавме вистински конзерватори. Тие работеа уште десетина години по моето заминување. Потоа настана една чудна ситуација. Почнаа да вработуваат историчари на уметност кои одеднаш ја свртеа работата на друг сектор, на научно истражување и се наметнаа како раководители на проекти за конзервација. Вистинските конзерватори кои ја изведуваа конзервацијата сѐ помалку ги имаше, а сѐ повеќе имаше теоретичари. Ситуацијата е таква и денеска. Нема конзерватори.

Дали архитектонските натпревари кои во последно време почесто се распишуваат се можност за младите, па и за постарите архитекти да напредуваат во професијата?

Сега конкурсите се пресоздадени во тендери. По војната кога имаше добра организација на архитектите, постоеше југословенски правилник за конкурси по светски урнек, во кој од почеток до крај беше дефинирана процедурата. Прво инвеститорот требаше да формира стручна конкурсна комисија, организацијата на архитектите требаше да му препорача луѓе кои ќе ја направат програмата на конкурсот. Комисијата однапред беше обзнанета, па луѓето кои конкурира знаеја со кого имаат работа. Денеска се случува нешто друго. Груевски вели дека за црквата ќе прави меѓународен конкурс, а однапред знае што сака. Не се консултира како да се подготви програмата и што да содржи, а кога ќе дојдат конкурсните трудови, ќе се направи комисија, која пак, ќе мора да го слуша него што сака. Бидејќи тој сака нешто наопаку, и комисијата ќе избере нешто наопаку. Затоа, пак ќе кажам, каква власт, таква архитектура.

Во март го прославивте 90-тиот роденден и ја промовиравте својата најнова книга „Моето време во македонската архитектура“. Подготвувате ли нешто ново?

Засега уште не сум почнал ништо. Јас бев професор на Архитектонскиот факултет и сум последниот жив сведок на неговото формирање, па мислам да напишам нешто за тоа, да ги споменам луѓето кои дале голем придонес. Тоа се тројца хрватски архитекти кои во Македонија беа испратени по казна. Имињата на професорите Антон Улрих, кој беше светски познат архитект, Балеј Валдемар и Ѓуро Анцел треба да се напишат со големи букви кога се зборува за почетоците на Архитектонскиот факултет. Сакам да напишам и за тоа дека порано студиите имаа поинаков ред, студентите работеа на факултетот. Кога дојдов за професор во 1959 година, по мојот предмет Проектирање на општествени згради имаше два часа предавање, осум часови вежби. Асистенти ми беа најдобрите архитекти во тоа време. Тие познати имиња доаѓаа да работат со студентите. Денес со компјутерите никој не седи на факултетот да вежба архитектура. Немам само информации, туку и тврдења дека наставата на Архитектонскиот факултет е прилично деградирана.

Извор: Порта 3, број 83, 01/06/2008

ОкоБоли главаВицФото