1006 hPa
48 %
17 °C
Скопје - Саб, 20.04.2024 16:59
Според планот на Кензо Танге, од Транспортниот центар, преку пешачки мост, требало да се стигнува до мостот кај Комплексот банки каде што, пак, требало да се изгради плоштадот Република, кој требало да биде поголем и поосмислен од денешниот плоштад Македонија.
Градска порта било предвидено да се гради од кај Комплексот банки кон денешниот нов објект на „Веро“, и во неа требало да се смести целиот бизнис сектор.
За Градски ѕид направени се четири различни подмодели на моделот на Танге. Проектот бил тестиран во тунел за ветрови, за да се види како ќе се смени микроклимата на градот. Денес не знам за кој проект така се оди во детали.
Зошто постземјотресно Скопје не било изградено според мастер планот на јапонскиот архитект Кензо Танге? Колку градот изгубил поради тоа што неговиот план бил делумно реализиран, и може ли некои од тие проекти да се реализираат во денешно Скопје? Одговори на овие прашања се обидува да даде младиот архитект Иван Мирковски, кој токму на темата за Скопје дипломираше на Факултетот по архитектура на Техничкиот универзитет во Виена.
„На Скопје му треба нов Кензо Танге, кој ќе даде нов мастер план, според кој градот ќе се развива во наредните педесетина години. Кога се осврнуваме на минатото и на она што било направено, треба да се учиме на грешките за да не ги повторуваме. Би било погрешно, од денешна дистанца, да се навраќаме на проектите на Танге, во обид сега да ги реализираме токму така како што тој ги испланирал, бидејќи без визија како градот ќе функционира, тоа повторно ќе биде промашување. Тоа е исто како да градиш град во кој нема да се живее во куќите туку ќе се наплаќа влезница за да ги видат луѓето“, вели Мирковски.
„Кога почнал да го решава проблемот, имал визија да го реши во фази, бидејќи градот мора да живее и да му се даде можност на тој град да се развива во иднина, зашто не можеш да знаеш што ќе се случи по 40 години туку само да претпоставиш. Од тие претпоставки, кога никој не мислел дека Југославија ќе се распадне туку дека ќе биде четврта сила во светот и оти ќе се развива и ќе има супервозови, и дека Скопје ќе се развива, како што е денес Берлин, направен е мастер планот. Но не излегло така, и реализацијата на планот на Танге почнува да стагнира, заедно со сите други процеси во државата“, вели Мирковски.
Метаболистичката архитектура која доминирала во тоа време во Јапонија и чиј претставник бил Танге, проблемите ги решавала преку симболи, односно архитектите градот го поделиле на неколку симболи кои, меѓусебно поврзани, давале целина и социолошка функционалност.
„Кензо Танге градот го дели на прстенести и линеарни форми, кои нудат широки заобиколници и го вградуваат во себе развојот на сообраќајот во годините кои доаѓаат. Тој дава комплексна анализа на микро и макро структурата на централното градско подрачје. Танге тогаш ги дава термините Градски ѕид, Градска порта и плоштад Република. Тој сметал дека главен за развојот на градот ќе биде Транспортниот центар, бидејќи се претпоставувало дека железничкиот сообраќај ќе биде доминантен. Градската порта требало да се гради на местото каде што сега се наоѓа Народна банка и просторот спроти неа каде што сега се гради новиот објект на 'Веро'. Во Градската порта требало да биде сместен бизнис секторот, а таа била планирана на две нивоа, односно нулта ниво по кое ќе се движат возилата, а преку пешачки мост, сите што ќе дојдат во Скопје, преку Железничката станица пеш да дојдат до плоштадот Република и до Градскиот трговски центар и, преку Плоштадот, до Градски ѕид. Плоштадот Република требало да се изгради на потегот од мостот кај 'Холидеј ин' кон Железничката станица на двата брега на Вардар, а во него требало да се сместат сите административни објекти на Градот. Плоштадот требало да се поврзе со пешачки мост, а во долниот дел да биде скалест во кружна форма и да може да се користи како бина или отворен театар. Идејата била сите што, преку Железничката станица ќе дојдат во Скопје, пеш да можат да стигнат до сите позначајни административно-деловни објекти, да завршат работа“, објаснува Мирковски.
Од овие проекти на Танге речиси целосно бил реализиран само проектот за Градски ѕид, и делумно е реализиран проектот за Транспортниот центар, бидејќи била изградена само Железничката станица, а Автобуската станица и останатите придружни објекти останале незавршени. Плоштадот Република воопшто не бил почнат, а од Градската порта денес функционира само зградата на Народна банка.
„Во 1972-74 година Кензо Танге е за последен пат тука, кога се градела Железничката станица. Со тој проект работите почнале да запираат, Градски ѕид е во конструкција, а од Транспортниот центар се гради само Железничката станица. Другите содржини полека отпаѓаат од игра.
Градска порта не се изградила на тоа ниво како што планирал Кензо Танге, бидејќи можеби немало таква потреба. Но не знам зошто воопшто не бол почнат плоштадот Република, кој како простор бил одлично решен и сега се покажува дека токму тој плоштад ни фали, бидејќи денешниот плоштад не може да ги задоволи потребите на градот, оти ниту е голем, ниту простран, ниту ги има потребните објекти. Сега имаме еден плоштад дух, кој постои само на хартија, а на плоштадот Македонија се трупаат сите функции на градот, и наеднаш ќе се случи да немаме плоштад туку само терен за сервис“, вели Мирковски.
Тој смета дека единствено проектот за Градски ѕид, кој скоро целосно бил реализиран, денес комплетно функционира. Според овој наш млад архитект, сите коментари дека Градски ѕид е промашена инвестиција и оти не е изграден по планот на Танге, се смешни, чаршиски муабети.
„За Градски ѕид се направени четири различни подмодели на моделот на Танге. Проектот бил тестиран во тунел за ветрови, за да се види како ќе се смени микроклимата на градот. Денес не знам за кој проект така се оди во детали. Никој не може да каже зошто Градски ѕид не функционира. Градски ѕид, според мене, е еден од најфункционалните проекти во Скопје. Градски ѕид е нареден во два степена, на високи кули од 45 метри и ниски кули од 20 метри, кои меѓу себе имаат зелен простор. Значи Градски ѕид прави еден ѕид меѓу централното градско подрачје и остатокот од градот, но внатре остава доволен простор каде што луѓето кои живеат во центар може пеш да одат и да циркулираат, простор каде што нема пристап за возила и простор на кој може да си играат деца, како што не е случај со другите населби каде што од паркирани коли не смееш да пуштиш деца надвор. Проблемот е што тие простори се целосно заборавени. Можеби тоа е некој порив на амнезија што владее во цела Европа, па и кај нас“, вели Мирковски.
Сообраќајните решенија за Скопје од проектите на Кензо Танге и денес сè уште се актуелни. Неодамна завршената северна обиколница околу Скопје е дел од мастер планот на овој јапонски архитект, а јужната обиколница, односно денешниот Јужен булевар кој, продолжувајќи на исток и запад, ќе се спои со северната обиколница, остануваат главно сообраќајно решение за градот.
„Сообраќајниците Танге многу добро ги решил. Северната обиколница, според проектот, го сече Кале и минува под него, а потоа си тече како што и сега е изградена. Тоа е влезот во центар. Јужната обиколница е денешен Јужен булевар, кој денес, како што почнува, и завршува слепо, само се продолжуваат кон исток и запад и се поврзуваат со северната обиколница. Тоа е еден надворешен кружен прстен околу денешниот Мал ринг. Партизанска требало да продолжува право и под Плоштадот да се поврзе на северната обиколница, а сега завршува слепо и удира во зградата која беше изградена. Подземниот дел на Партизанска денес нема никаква можност да се направи, бидејќи Градот нема ниту план за подземните инсталации“, вели Мирковски.
Тој смета дека Скопје и изгубило, но и добило што планот на Танге не се реализирал во целост. Тој објаснува дека во тоа време кога Танге го работи планот за Скопје, уште двајца други врвни архитекти прават планови за изградба на уште два града, едниот во Индија, другиот во Бразил.
„Бразилија во тоа време се гради по планот на Оскар Нимаер, а Шандагар во Индија се гради по планот на Ле Корбизје. На хартија овие два града изгледаат многу убаво, но идеалот на архитектот се почитува докрај и при изградба се слуша секој збор на архитектите, и тие два града се направени утопистички, без да се води сметка за нивната функционалност, без да се води сметка дека планот е правен за потребите на луѓето. Во Скопје убавото е во тоа што и денес се одржува во живот и целата таа метаболистичка архитектура на архитектите од Јапонија, која се вклопува во живеењето. Ние и денес живееме во Градски ѕид, го користиме Транспортен центар, кој сè уште се доградува. Тој мастер план на Кензо Танге функционира, оти таа варијанта за изградба на градот која тој ја направил не почнале веднаш да ја градат туку на таа варијанта се направиле испитувања и тестирања“, објаснува Мирковски.
Тој смета дека токму таа методичност во планирањето на еден град, како што во шеесеттите години работеле јапонските архитекти, е она што денес му фали на Скопје.
„Мора да се испланираат фазите, а потоа да се помине на планирање. На Скопје му фали планирање на фазите за планирање. Треба да почне да се планираат фазите како да се решат урбанистичките проблеми на градот, кои не ги има само Скопје туку сите градови во светот. Кај нас се некако се прави приучено. Има два-тројца професори што се разбираат од тоа, но нив никој не ги слуша. На крај, и да реши некој да ги послуша, најчесто е дај нешто набрзина да направиме, и затоа е целосен хаос. Целата таа игра која ја нарекуваме урбанизам, во светот функционира малку поинаку отколку кај нас“, вели Мирковски.
Извор: Вест, 18.09.2009