Македонското прашање од 1944 до денес (4)

10.02.2014 11:08
Македонското прашање од 1944 до денес (4)

Како што спомнавме претходно, националистичката политика за македонската тема била формулирана од раководството на БКП во момент кога – интересно – таа, под советски притисок, се стремела да ги подобри своите односи со Белград. Во прво време, напредокот во билатералните односи се чинел очигледен и затоа одредени историографски публикации потврдуваат дека бугарското раководство се обидувало да го исклучи Македонското прашање од својата политичка агенда.183 Во средината на 60-тите години од 20 век, низа разговори на врвот меѓу бугарските и југословенските претставници сигурно ја потврдуваат нивната волја да го „истиснат“ проблемот кој веќе се наметнал како сериозна „пречка“ за „развојот на односите“, како политички, така и економски и културни.

Формулата за помирување, во тој момент започната од БКП, утврдувала дека „во интерес на историската вистина“, двете партиско-државни раководства не требало да пречат во работата на историчарите и на другите истражувачи, чии публикации се истовремено повикани да одржуваат пријателски или, барем, неутрален тон спрема соседната земја.184 Така, постојните проблеми се сметани за последица од политичкото мешање во научната работа, која, пак, формално била видена како преокупација која мора да остане „автономна“. За време на две официјални средби – во јануари 1965 и во април 1966 година – бугарскиот министер за надворешни работи, Иван Башев, изјавил дека Македонското прашање претставува чисто историографски предмет кој требало да се третира на толерантен и на „објективен“ начин.185

И покрај тоа, бугарското раководство, на сè поцврст начин, ја искажувало својата позиција во однос на Македонија. Таков е случајот во септември 1965 г. кога Тито, лично, бил пречекан во Софија. Македонската контроверзија, сигурно, била дел од дискутираните проблеми: и Видое Смилевски, македонскиот премиер, учествувал во југословенската делегација. Бугарските шефови се обидувале да бидат особено јасни за три прашања: македонската национална свест во Југославија е во тек на „создавање“ врз „антибугарска основа“ (на противобългарска основа); во Благоевградскиот округ во моментов не се менува националноста на локалното население; напротив, власта на југословенска Македонија ги гонат лицата кои имаат „бугарска свест“.

Овие точки веќе биле одобрени, макар и тајно, од Пленумот во март 1963 г. Oвој пат, Живков барал да не се „надуваат“ проблемите кои произлегувале од Македонското прашање (да не се раздухва въпросът) и нашол друг одговорен за билатералните проблеми. „Историчарите“ биле директно обвинети дека фалсификувале „историски факти“, и дека, на тој начин, ставиле пречки пред доброто бугарско-југословенско пријателство. Наместо тоа, изјавува Живков, специјалистите требало да ги формулираат своите заклучоци „чесно и објективно“ (добросъвестно и обективно) без да ги насочуваат против соседниот народ.186 Бугарскиот раководител не прецизирал од која националност се нечесните историчари, но треба да се забележи еден елемент на привидна самокритика во неговото ветување да помогне во ограничувањето на контроверзиите во рамките на научното поле. По враќањето во Југославија, Тито го изразил својот оптимизам за односите со Бугарија и, исто така, одговорноста за постојните тешкотии ја фрлил врз историчарите кои, според неговото мислење, „ја пишуваат и ја толкуваат историјата на нашите народи по своја волја“.187

Посетата на југословенскиот раководител сведочи и за еден посебен интерес од страна на бугарското раководство за зајакнување на врските со Скопје. На пример, се планирала изградба на модерен автопат меѓу бугарскиот град Ќустендил и главниот град на југословенската република Македонија. Стариот проект за поврзување на бугарските железници со македонскиот град Крива Паланка бил, исто така, оживеан.188 Сепак, непопустливоста на Софија во врска со Пиринската област била откриена од фактот што таа била строго оставена настрана од „пријателското“ приближување. Политбирото на ЦК на БКП потврдило дека областа на Благоевград стапувала во контакт со локалната југословенска власт и македонската република исклучиво преку бугарската централна власт: иницијативите за директни контакти не биле добредојдени.189

Оваа реафирмација на бугарските национални интереси не минала без да предизвика дополнителни тешкотии, кои тежеле сè повеќе и повеќе. Во 1965 г., Политбирото на ЦК на БКП директно се вклучило во организацијата на подготовките за прославата на 1050 години од смртта на Климент Охридски.190 Таа се одржала во август следната година и добила жесток националистички карактер: Бугарската академија на науките и Универзитетот во Софија го потврдиле „вистинскиот“ „национален“ карактер на ученикот на Кирил и Методиј, за кого се смета дека го основал првиот „универзитет“ на средновековна Бугарија, кој се наоѓал во Охрид, во Македонија.

Исто така во 1965 г., се случил „трансфер“, интересен во многу погледи: се однесува на македонскиот поет, учесник и пејач во Титовото партизанско движење, основач на македонската југословенска република и кодификувач на современата македонска азбука. Тоа бил Венко Марковски, кој, засекогаш, се населил во Бугарија. По неговата маргинализација и репресија, кои ги претрпел како „информбировец“, Марковски не успеал повторно да го најде своето место во Југославија. Наместо тоа, од причини поврзани со тогашните прилики, Софија ја презела неговата одбрана за време на „студената војна“ од 50-тите години на 20 век. Конечниот избор на македонскиот поет за Бугарија бил проследен од непријателско однесување спрема неговата поранешна земја на престој: Марковски почнал да ги пишува своите први полемички текстови, кои не само што имаат антијугословенски карактер, туку и го негираат постоењето на македонска нација/националност различна од бугарската.

Во ноември 1966 г., избил нов скандал со тешки политички последици: претседателот на Сојузот на бугарски писатели, Георги Џагаров, одбил да потпише на македонски јазик договор за соработка со Друштвото на македонските писатели. Ова отворено негирање на една суштинска карактеристика на македонскиот национален идентитет предизвикало протести од страна на скопските раководители. Нивните бугарски колеги, од своја страна, испратиле дипломатски ноти по повод излегувањето на одредени југословенски филмови, сметани за навредливи. Тоа било случај особено со оние кои се однесувале на бугарската окупација на југоисточна Србија и на Вардарска Македонија во текот на Втората светска војна.191 Така, „потиснато“ од политиката на двете земји, Македонското прашање продолжувало да ја труе „сферата на културата“.

Истовремено, политичкиот живот во југословенска Македонија бил обележан со значајни промени кои дури поттикнувале да се зборува за еден нов „период“. На VIII конгрес на Сојузот на комунисти- те на Југославија во 1964 г. се создал сојуз меѓу Хрватска, Словенија и Македонија, суштински разнороден, но кој претендирал на децентрализација и „демократизација“ на федералната држава. Високите македонски раководители, Крсте Црвенковски и Славко Милосавлевски, кои биле дел од „либералните“ југословенски комунисти, им се спротивставиле на одредени политички тенденции за кои сметале дека се „големосрпски“. Во 1966 г., Либералната коалиција го организирала сменувањето на симболот на белградскиот унитаризам: Александар Ранковиќ, министер за внатрешни работи и шеф на југословенските тајни служби (УДБА), бил отстранет од страна на една комисија предводена токму од Црвенковски. Така, периодот на целосна верност кон Белград, покажана со посебна ревност од претходното македонско раководство, бил заменет со релативна еманципација на Скопје.

Сепак, за разлика од Хрватска, „либерализмот“ произлезен од македонската република не подразбирал нужно и националистички пораст. Црвенковски и Милосавлевски се истакнувале многу повеќе како протагонисти на демократизација на југословенскиот политички систем, отколку како поборници за македонската „национална кауза“.192 Како водач на Сојузот на комунисти на Македонија, Црвенковски дури изложил, пред високите форуми на Партијата, една теорија за „задоцнета нација“. Според него, тоа би бил случајот со Македонците.193 Бугарските раководители ја констатирале, во прво време, волјата на Црвенковски за „вистинска“ соработка со Бугарија.

Оваа тенденција, сепак, била мошне различна од онаа која постоела во рамките на Партијата и на државата во Софија. По една кратка фаза на воздржаност, националистичката зовриеност на бугарските водачи се пројавила веќе од декември 1966 г., кога Живков бил пречекан во Белград од Тито и од Црвенковски. Потоа, еден посебен Пленум на ЦК на БКП им бил посветен на „резултатите“ од оваа средба и Живков ги открил разменетите напади.194 И тие заслужуваат посебно внимание.

Се чини дека Крсте Црвенковски бил првиот кој зел збор за Македонското прашање и тоа за да оспорат одредени аспекти од националната политика на Бугарија: тој зборувал за „исчезнувањето“ на македонското малцинство во Пирин, за „антимакедонските“ текстови од Венко Марковски, за „патриотската“ бугарска кампања околу Климент Охридски, како и за скандалот меѓу писателите од двете земји. Наместо да се брани, Живков ненадејно го нападнал својот соговорник, поставувајќи го прашањето за судбината, во Вардарска Македонија, на „повеќе стотици илјади Бугари засведочени, пред Втората светска војна, во сите статистики – српска, југословенска, турска, грчка, бугарска. Што се случи со сите тие Бугари, исчезнале ли до толку што сега нема ниту еден?“ Додека Црвенковски претпочитал да се смири на еден подипломатски начин, Живков ги продолжувал своите напади: „Вие сакате ние во Бугарија да ги повторуваме сите ваши измислици и фалсификувања (измишльотини и фалшификации)...“195 Бугарскиот комунистички раководител продолжил преку набројување на симболични историски личности произлезени од Македонија, од средниот век до модерното време – од Климент Охридски, означен како „големиот книжевник (книжовникът) на нашата држава“, до основачот на бугарската социјал-демократска партија, Димитар Благоев. Со овој историски преглед, Живков ја негирал „измислицата“ според која македонската „народност“ би постоела во средниот век, додека државата на цар Самуил би го означувала почетокот на македонската нација.

Националистичкиот занес на Живков кулминирал со следнава изјава: „Вие, македонските раководители, морате добро да разберете дека ние, Бугарите, нема да се одречеме од нашата историја. Мене, и педесетпати да ме обесат ([м]ене петдесет пъти да ме обесят), никогаш нема да се одречам од историјата на мојот народ и на мојата партија“.196 Оваа тврдокорност ѝ ставила крај на дискусијата, но Живков, сè уште, се надевал дека нештата можат да „се средат“ лице в лице на неформален начин: „Можете да дојдете на лов во Бугарија или, пак, јас [ќе дојдам] во Скопје, ќе се сретнеме на официјален и неофицијален начин и ќе се разбереме (разберем) за десет минути“. На овој начин, ловот, омилениот „спорт“ на комунистичката номенклатура, бил препорачан како средство за постигнување интимност, која дозволува создавање политички консензус.197 Освен тоа, шефот на Партијата и на бугарската држава, пред функционерите на Централниот комитет на БКП, изјавил дека „ребугаризацијата“ на вардарските Македонци била неизбежна: „Така да се каже, крвта на тоа население почна да му зборува (Дето се казва, заговори кръвта на това население)“.198

Овие дебати покажуваат дека, всушност, раководителите на Бугарија биле далеку од отфрлање на националната кауза, припишувајќи им ја на научното и на културното поле. Напротив, тие почнале да градат „барикада“ од национални симболи, каде што објективноста на „историските факти“ е претопена во јазикот на „крвта“. Овие симболи ќе бидат сè повеќе инструментализирани против национализмот кој доаѓал од југословенскиот сосед, кој имал интереси и аспирации врз населението и врз територијата на Пиринска Македонија.

Всушност, оптимизмот на Живков за ребугаризација на Вардарска Македонија се чини, во извесна мера, инспириран од „успехот“ на новата национална политика, особено во Пирин. Пописот извршен во Бугарија во 1965 г. дал помала бројка на „Македонци“ во однос на податоците од 1956: од 187 789 лица, нивниот број наеднаш се намалил на 9 632, од кои 1 437 во областа на Пирин.199 Оваа бројка се сведува на 0,5% од нејзиното целокупно население и одговара на помалку од 1% од 178 862 „Македонци“ попишани претходно... Објавувањето на резултатите во 1967 г. се совпаднал со (и го забрзал) новиот бран на расправии кои му ставаат крај на краткотрајниот период на соработка.

183 Ангелов. Ibid., стр. 88.

184 ЦПА/1/51/486/1.

185 Cf. АМВнР/опис 22/дело 156/преписка 2907/лист 11.

186 ЦПА/1/34/15/39-41.

187 Robert King, Minorities under Communism. Nationalities as a Source of Tension among Balkan Com- munist States, Cambridge, Massachusetts, Harvard University Press, 1973, стр. 201.

188 Cf. ЦПА/1/6/6118/40-66.

189 ЦПА, Ibid./63. Кога во 1964 година, се иницирало „збратимувањето“ на бугарски и на југословенски градови, југословенска Македонија и Пиринска Македонија биле исклучени. Се воспоставуваат врски исклучиво меѓу српски градови и градови од внатрешноста на Бугарија: Ниш – Велико Трново, Зајечар – Видин, Крагујевац – Шумен. Cf. ЦПА/1/51/210.

190 Cf. ЦПА/1/6/5902.

191 На пример, македонскиот филм Пред и по победата, прикажан на фестивалот во Пула (Хрватска) во 1966 година: ЦПА/1/8/7349.

192 Такво е, барем, толкувањето на Новица Велјановски, Македонија 1945-1991. Државност и независност, Скопје, ИНИ, Матица македонска, 2002, стр. 277-285.

193 Види: Штефан Требст, Бугарско-југословенската контроверза за Македонија 1967-1982, Скопје, ИНИ, 1997 (македонски превод на германскиот оригинал Die bulgarisch-jugoslawische Kontro- verse um Makedonien 1967-1982, Munich, Oldenburg, 1983), стр. 78-79.

194 Стенограмите се достапни во ЦПА/1/34/49/69-82.

195 ЦПА, Ibid./78.

196 ЦПА, Ibid./79.

197 Единствената реакција од страна на југословенското раководство, несомнено вчудоневидено од патриотската жестокост на бугарскиот раководител, била изразена од Тито на мошне двосмислен начин: „...очигледно понекогаш кај нас и кај вас има луѓе кои би можеле да ги наречеме националисти. Но, суштинското е да не се драматизираат нештата...“; ЦПА, Ibid./80

198 ЦПА, Ibid./82.

199 Резултати от преброяването на населението на 1.XII.1965. Окръг Благоевград, том I, 1, София, ЦСУ, 1967, стр. 11-12, стр. 118, стр. 125. Во историографската литература за оваа тема, речиси, без исклучок се повикуваат на погрешните бројки од вкупно 8 750 Македонци наспроти 1 500 во Пирин – cf. pars pro toto, Стеван Тинтоски, Македонците во Бугарија, Скопје, Студентски збор, 1987, стр. 99. Пописот од 1965 ќе биде предмет на натамошна дискусија.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

Фотографии: Catalina Bartolome

Превод од француски: Дарко Стојанов и Петар Тодоров

Извор: Чавдар Маринов, Македонското прашање од 1944 до денес; комунизмот и национализмот на Балканот. издавач: ФООМ, Скопје, 2013.

Слични содржини

Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото