Не копирајте, бидете уникатни

13.02.2014 09:28
Не копирајте, бидете уникатни

Асоцијацијата на архитекти на Македонија во црквата Пресвета Богородица во Скопје, ја додели дваесет и втората по ред награда "Андреја Дамјанов" за животно дело и особени достигнувања од областа на архитектурата и градителството на Мимоза Несторова Томиќ, која со овој чин воедно станува и член на Архитектонската Академија на ААМ. Според образложението на комисијата (составена од архитектите Викторија Еремеева, претседател, Вера Ќосевска, Гоце Аџи-Митревски, Марјан Шокуроски и Кристијан Јорданов), творештвото на Мимоза Несторова Томиќ е обемно и комплексно, и опфаќа проекти и реализации од сите области на архитектонската пракса. Во творештвото на добитничката се открива не само програмска повеќеслојност туку и аргументирана интердисциплинарност на пристапи и методологии. Умешноста да ги спои локалните традиционални култури со западните влијанија и интернационалниот стил резултира во автентични моќни градби, кои ја толкуваат современоста преку близок и разбирлив јазик и стил.

Дали сметате дека наградата "Андреја Дамјанов" доаѓа задоцнето. Кој би бил вашиот придонес со оваа награда во Академијата при Асоцијацијата на архитекти на Македонија?

Точно е тоа дека доцна ја примам наградата. Но, јас на доделувањето напомнав дека многу ми е мило што произлегува од помлади архитекти – колеги кои го процениле мојот труд и ми ја доделија таа награда, со убава рецензија и многу убави зборови.

Кои се вашите први работни искуства по дипломирањето?

Прво се вработив во Институтот за народна архитектура при Техничкиот факултет во Скопје. Во 1954 година бев примена на катедрата за станбени згради кај проф. Јован Ранковиќ како асистент, а во текот на 1954 година исто така имав двомесечна практика во Бирото на архитектот Драго Галиќ во Загреб. Како студент мојата работа беше опсежна, но добив големо искуство и сфатив дека имаме многу мала документација за нашата архитектура. За историските споменици на Македонија поголемиот дел од литературата ја имаа изработено српски автори, а токму тие професори мене ми предаваа и ми создадоа голема љубов кон оваа професија. Искуството што го стекнав од професорите, кои беа поканети од странство, беше огромно со оглед на нивното знаење. Ние бевме млади кадри и како "сунѓери" го примавме нивното знаење и нивниот начин на работа. Веќе во 1963 година бев ангажирана во тимот, што го работеше основниот урбанистички план на град Скопје. Две години подоцна се вработив во Градскиот завод за урбанизам и архитектура на град Скопје како самостоен проектант и раководител на ателјето.

Дел од вашите проекти ги имате работено со вашиот сопруг проф. Љубомир Томиќ. Како ќе ја опишете вашата професионална соработка со него?

Јас сум белградски студент, а тој е студент на Загребската школа, која беше поавангардна, но соработката со него беше коректна, а секоја иницијатива за работа беше заедничка. Во 1960 година, ние ја добивме првата награда за комплекс на техничките факултети. Секако дека постоеја дискусии меѓу нас двајца. Кога му го претставив проектот за стоковната куќа "Беко", тој ми сугерираше дека не прифаќа стоковна куќа која внатре има столбови. Тој е "виновникот" што при конструирањето на овој објект, носечките делови се лифтовите, каналите за инсталација и скалите, и на тој начин се создаде чист простор во објектот. Ова можам да го наречам конструктивна ревизија. Инаку, во принцип немаме многу различни мислења во однос на движењата во архитектурата, естетското обликување и теоријата на архитектурата.

На кое ниво беа вашите контакти со Кензо Танге, во планирањето на градското подрачје и Старата скопска чаршија?

Директно немав контакти со екипата на познатиот јапонски архитект. Имав контакти со Јамамото, кој беше раководител на тимот. Танге е голем архитект, а јас бев поборник неговиот проект да се реализира. Многу архитекти сметаат дека неговиот проект за Скопје е претерано футуристички, но тој според мене и ден-денес е модерен и авангарден. Некои сметаат дека нам не ни се потребни мегаструктури. Со специјален декрет на Обединетите нации беше донесена одлука да се направи проект за централно градско подрачје. Од 10 јуни 1964 година почна да се изработува програмата. Тогаш соработував со Тихомир Арсовски и со други колеги, за да ја комплетираме содржината за централното градско подрачје. На конкурсот учествуваа четири конкурентски фирми од странство и четири југословенски. Меѓународно жири на архитекти и урбанисти и четири домашни асоцијации на архитекти едногласно ја донесоа одлуката да се одбере проектот на Танге. Неговиот проект беше прогласен за најдобар, бидејќи тој сакаше да структурира во градбата, да прави комплекси или мегаструктури, кои по сродност се поврзани. Во неговиот проект, културниот центар има опера, филхармонија, и е збогатен со конзерваториум. Тоа е таа мегаструктура, која има свој паркинг, техника и контрола.

Според вас, како основната идеја на Танге за модерен градски ѕид се реализира по земјотресот?

Неговата идеја произлегува од тврдината Кале, а таа идеја се појави и кај другите конкуренти, но неговата идеја беше добро разработена. Идејата на славниот архитект не е до крај изведена, таа е сведена на нашите можности. За жал, голем број од проектите што Танге ги предложи останаа нереализирани. Еден од нив е проектот, кој го работев заедно со Банчотовски, Димитров, Гелевски и Минчев. Ние изработивме идеен и главен проект за "Бизнис" центарот на комплексот "Градска Порта", кој беше разработка на идејното конкурсно решение на познатиот Јапонец.

Како идејното решение за "Скендер бег" се вклопи во суштината на амбиентот на Старата скопска чаршија?

Старата скопска чаршија е дел од старо Скопје. Тоа е една компактна урбана структура која има свој план уште од турско време. За архитектите, што работат на овој проект, можам да кажам дека се талентирани. Но, овој проект е предимензиониран и бара нови зафати. Јас ја следам Старата скопска чаршија и сметам дека е архитектонски нарушена. Тука има самоволие, нема вклопување во амбиентот и нема почитување на постојната архитектонска визија. Ако градите нешто ново може да се разликува, но не до тој степен кој ќе го наруши амбиентот. Асоцијацијата на архитекти на Европа дава награда кога ќе се вклопите во амбиентот и ги почитувате своите соседи.

Како тим имате учествувано на голем број конкурси, како успевавте да ги ускладувате ставовите за конечната верзија?

Пред сè, работата во тим бара меѓусебно почитување и хиерархија. Јас имам работено со многу млади луѓе, но без разлика дали работите со помлади или постари колеги, мора меѓусебно да се почитувате. Најголемиот квалитет кај луѓето е да се одржува комуникацијата на највисоко можно ниво, не да се расправате, туку стручно да дебатирате и на крај да најдете заедничко прифатливо решение. Ако се поставите арогантно кон тимот, тогаш тие се само технички соработници. Работев многу проекти во тим, во урбанизмот не можете сами да работите, урбанизмот бара тимска работа.

Кажете ни за односот на модерното кон традиционалното?

Зависи од архитектите колку тие сакаат да ја почитуваат традицијата. Јас лично ја почитувам традицијата и многу учев од неа. Во моите проекти немам ништо копирано, во нив сакав да ги вметнам оние елементи кои се конструктивни, декоративни, естетски и апликативни. Така, во однос на модерното, со чисти линии со многу современи елементи е обликувана Спомен куќата на Тодор Проески. Овој објект е толку современ и со ништо не се поврзува со крушевската архитектура, но теренот му дозволува да се изрази и вклопи. Скопје во иднина треба да се развие во културен центар со висока технологија и информатика, бидејќи така се развиваат другите европски градови.

Дали може да се постигне национална архитектонска идентификација преку интеграција на националното и меѓународното?

Во архитектурата има движења кои директно се врзани за техничко- технолошките можности. Оваа архитектура позната по името хај- тек, сака да се промовира себеси во друго светло и со други елементи. Од народното можеме да учиме, можеме да создаваме нови проекти, но постојните објекти треба да се почитуваат. Новиот бран на градби е неминовен следејќи ги новите потреби на современиот човек. Ние немаме монументални објекти како палатите и црквите во Италија, ниту пак дворци како во Франција и Германија. Нашата архитектура е скромна, но ѝ припаѓаме на зоната на Медитеранот. Кај нас е очигледно влијанието од Истокот.

Сродна статија: Мимоза Несторова Томиќ: Стилот не се наметнува, тој се раѓа

Извор: Порта 3, 17.11.2011

ОкоБоли главаВицФото