Македонското прашање од 1944 до денес (6)

14.02.2014 09:05
Македонското прашање од 1944 до денес (6)

„Што е нација?“: погледот на комунистичките раководители

 

Влошувањето на билатералните односи кон крајот на 60-тите години на 20 век ги поттикнало бугарските и југословенските раководители да бараат нови решенија. Во прво време, раководството на БКП се обидело да ја ублажи антијугословенската кампања во Бугарија. Бил воспоставен режим на цензура над сите медиумски публикации, кои се однесуваат на западниот сосед, при што од тој момент биле ставени под контрола од Секретаријатот на Централниот комитет.245 Непослушноста кон новите директиви, кои препорачуваат позитивни коментари за Југославија, претставувала ризик од сериозни санкции за главните уредници. Овие мерки биле посебно применети во пропагандистичкото радио Родина, кое претходно требало да ја предводи националистичката кампања.

Во јуни 1970 г., Живков предложил низа директиви насочени кон реформулирање на бугарската позиција за време на предвидениот самит со Тито. Македонското прашање и, општо, националното прашање, повторно било прогласено за „секундарно“ во однос на класната борба и на идеалот за целосната победа на социјализмот и на комунизмот. Постоењето на една нација – истакнувал Живков – не произлегува од „признавањето“ од страна на кој и да е. Нацијата е резултат од „националното самоопределување“ (национално самоопределение), но кое, сепак, зависи од историските, од политичките, од економските и од „етничките“ услови во кои се „развивала одредена заедница“.246

Ставајќи го акцентот врз приоритетот на самоидентификацијата, бугарскиот водач се обидел да го зацврсти принципот „секој е господар кај себе“: ако населението од југословенска Македонија го користи „сувереното право“ на „доброволна изјава“ на својата „национална припадност“, тогаш и населението од округот на Благоевград располага со истото право.

„Суверенитет“, „територијален интегритет“ и „немешање во внатрешните работи“ биле трите пароли истакнати од бугарското раководство. На овој начин, тоа се обидувало да се ослободи од обврската да ја признае македонската нација. Од друга страна, Живков, уште еднаш, ја фрлил сета одговорност врз „историчарите“, кои биле повикани да ги вршат своите истражувања со „научни средства“, без „фалсификати“ (да не се изопачава), и во толерантен дух, ослободен од полемични намери. Но, препорачаната „објективност“ се однесувала само на минатото на „бугарскиот народ“ и на „југословенските народи“: формула која дозволувала преправање, пред југословенските раководители, дека се покажува толеранција спрема Македонците без, притоа, да се именуваат.

Непопустливоста кон нивниот личен идентитет била единствено потврдена: во јуни-јули 1970 г., бугарската власт не прифатила да потпише на македонски еден договор за економска соработка и истото се повторило меѓу раководствата на Бугарската и Југословенската радио-телевизија.247 Иако Живков повикувал на воведување толерантен тон (линия на въздържание) кон Македонското прашање во медиумите248, новите преговори меѓу раководителите на двете земји, кои се одржале на 9 и 10 ноември 1970 г. во Софија, прилично ја влошиле ситуацијата. Стенограмите од оваа средба, исто така, заслужуваат детална презентација, дотолку повеќе што ја покажуваат не само целосната кристализација на чисто националистичките мотиви кои ја определувале политиката на бугарскиот комунистички режим во овој период, туку исто и концептот за „нацијата“ кој произлегува од овие мотиви.

Уште од почетокот, југословенскиот раководител Вељко Влаховиќ249 предложил дебатите да се концентрираат исклучиво врз Македонското прашање, бидејќи тоа бил суштинскиот проблем кој ѝ пречел на слогата меѓу двете земји. Од бугарска страна, Борис Велчев ја повторил формулата, која веќе неколку пати била искажана од Софија (Македонското прашање е „секундарно“ во споредба со неопходноста за економска соработка), изјавувајќи дека бугарското раководство е подготвено да потпише заеднички бугарско-југословенски документ за оваа тема. Овој документ би требало да истакне една „позиција со марксистичко-ленинистички принцип (принципна марксистко-ленин- ска постановка) кон Македонското прашање“. Така, бугарската концепција за значењето на „марксистичко-ленинистичка позиција“ била веднаш дефинирана: потребно било заедничко соопштение за да ги отфрли „на категоричен начин ненаучните теории и тези според кои, во средниот век постоела македонска народност која потоа прераснала во македонска нација“. Секретарот на ЦК на БКП, Велчев, прецизирал дека „Историјата не вели (не говори) дека на територијата на Македонија некогаш постоела македонска народност...“250 Оттаму, тој потврдил дека Бугарија не можела да ја прифати југословенската „теза“, бидејќи таа ѝ противречи на „историската вистина, марксистичко-ленинистичката идеја за формирање на националната свест и за нацијата, како и на фактичката ситуација во Социјалистичка Република Македонија и во Благоевградскиот округ“.251

Така, бугарските водачи со упорност прецизирале дека во југословенска Македонија „како резултат од историски создадените претпоставки (исторически създали се предпоставки), започнал процес на формирање на национална македонска свест“ и дека тие не прифаќаат „тој [„процесот“] да се одвива на антибугарска основа, преку гонење на оние кои се сметаат за Бугари“. Предложеното заедничко соопштение, исто така, требало на едногласен начин да покаже дека „Благоевградскиот округ е интегрален дел на Бугарија, бидејќи од почетоците (от самото начало) до денес (до ден-днешен), населението во оваа област е бугарско, дел од бугарската нација во минатото и сегашноста“. Велчев се обидел да го заштити овој постулат од можните напади, кои потсетувале на годините од 1944 до 1948, и отворено изјавил дека [в]о минатото, нашата Партија и Георги Димитров направиле грешка...“ Оваа изјава добро го покажува постојниот јаз меѓу идентитетските политики од времето на Живков и од она на славниот „водач и учител на бугарскиот народ“.

Меѓутоа, бугарските раководители им предложиле на нивните југословенски колеги и втора варијанта од заедничкиот документ, која ги истакнува заемното признавање на политичките граници, отсуството на територијални претензии, немешањето во внатрешните работи на соседот, накусо, целосна почит кон сувереноста на другиот. Историските и идентитетските прашања ќе бидат, во овој случај, ставени надвор од полето на политички дебати. Истовремено, секретарот на ЦК потсетил дека Договорот од Сан-Стефано (1878) го означил „ослободувањето“ на Бугарија и дека, од таа причина, таа не би можела да се откаже од неговата прослава. Потоа, Велчев се свртел одново кон историските референци за кои се сметало дека го потврдуваат „заедничкото“ минато на Бугарите и на Македонците: тој предложил заедничко славење на историски настани како Кресненско-разлошкото и Илинденското востание, во име на славењето „на нашето братство и пријателство (дружба)“. Бил предложен само еден реален компромис: за првпат, бугарското раководство покажало волја да потпише билатерални договори на македонски јазик – еден од трите официјални јазици на Југославија – во случај да „не ни го наметнат заради политички причини“.252

Од страна на југословенската делегација, Вељко Влаховиќ искажал остра критика во поглед на сугестиите од Софија: тезата дека македонската нација претставува „крајно незрела и нестабилна творба“ била прогласена за „буржоаска“ позиција, која е наследена од минатото и им ја негирала на Македонците „способноста да размислуваат и да донесуваат одлуки“. Што се однесува до националниот идентитет, воопшто, југословенската позиција била многу помалку догматска од бугарската. Влаховиќ, со црногорско потекло, направил споредба меѓу Бугарите и Македонците од една страна, и Србите и Црногорците, од друга, со цел да ја докаже можната историска легитимност на „помладите“ нации. Слично на некои теоретичари и историчари на национализмот, југословенскиот раководител верувал дека нациите на Балканот се формирале релативно „доцна“ и дека овој факт ги создал актуелните проблеми кои „ја оптоваруваат нашата мисла“ (обременява нашата мисъл). Истовремено, тој подвлекол дека бугарските историски заклу- чоци не претставуваат недискутабилна „вистина“. Влаховиќ бил свесен и за „апсурдноста“ на ситуацијата и изразил страв „дека за триесет или педесет години ќе ни се смеат и нам и на начинот на кој го третираме средниот век...“253

Сè уште, во духот на „модернистичката“ визија за националниот идентитет изразена од Влаховиќ, Крсте Црвенковски се обидел да го докаже современиот карактер на нацијата и бесполезноста на која било дискусија за средновековната епоха: „Значи, на национално ниво, средниот век претставува флуидна маса...“ Преку оваа теза, Црвенковски се обидел да ги „синхронизира“ процесите на национална изградба на Бугарите и на Македонците, повикувајќи се, и тој, на мошне скорешната појава на нациите на Балканот: ако сите се нови, апсурдно е да се бара кој е понов од другите. За македонскиот водач, овој феномен имал, исто така, и интерпретативно-стратешки аспект: би можел да ја објасни, посебно, истрајноста на „буржоаските“ националистички стереотипи во бугарскиот случај.254 Како последица, Црвенковски врз своите софиски колеги ја фрлил сета вина за недостигот од дијалог: со нејзините „апсолутно неприфатливи“ тези и нејзините аспирации „во санстефански дух“, Бугарија ја уништувала можноста за спогодба.

Но, „модернистичката“ гледна точка многу не го импресионирала Борис Велчев. Тој, како „добар познавач“ на историјата, одговарил дека ако во тој момент постојат „претпоставки“ за развивање на македонска нација, никаква македонска посебност не постоела претходно: „Ете таква е историската вистина, другар Влаховиќ, сите извори зборуваат за тоа – и српски и хрватски – сите извори на целиот свет [докажуваат] дека таму [во Македонија], низ вековите, никогаш не постоела македонска народност или македонска нација. Такво нешто (такова нешто) не постои во историјата...“ Со истиот занес, Велчев изјавил дека македонската национална свест е создадена врз бугарска „етничка“ основа - „Македонија е создадена од Бугари (създадена е Македония от Българите)“. Освен тоа, од страна на секретарот на ЦК на БКП, „фалсификувањето на историјата“ било ставено во директна врска со „фалсификувањето“ на современите факти: „Во Македонија, покрај Македонците, исто така, има и луѓе со бугарска свест, [свест] која ја имале со векови. Сите генерации ја имале оваа свест, [и] има такви луѓе во цела Македонија, во секое населено место, во секоја куќа (във всяка къща). Таква е фактичката ситуација (фактическото положение) ... бидејќи главното население на оваа територија е бугарското население, и врз оваа основа се формирале нова нација и нова свест...“255

За да му се спротивстави на овој приговор, Крсте Црвенковски располагал со еден аргумент кој бил незгоден за неговите колеги од Софија: неколку години по смртта на Георги Димитров, пописот на населението од 1956 утврдил околу 180 000 „Македонци“ во Пирин.256

За Црвенковски, овој факт би можел да ја релативизира тезата на бугарските раководители која нагласува дека македонскиот идентитет во Пирин бил само еден краток момент, резултат на „грешките“ од времето на Димитров. Тврдокорноста на Борис Велчев се чинела, сепак, непоколеблива: „Искрено ви одговарам: овие 184 000 лица, кои во 1956 година се изјасниле како Македонци, не постојат, бидејќи никогаш не постоеле (никога не са съществували)“. Бугарскиот висок функционер дал подетално објаснување: „Точно е дека Димитров беше починат неколку години претходно, но јас веќе кажав дека ова [политичката ситуација] создавало големи тешкотии, бидејќи сосила биле терани да се изјаснуваат како Македонци, и потоа мораше да се изврши голема работа за да се утешат луѓето (успокоят хората), за да ги разберат овие грешки (разберат тези грешки), и во време на пописот од 1965 година ситуацијата станала јасна“. Така, Велчев бил целосно убеден дека во Благоевградскиот округ „99,9% од населението има бугарска патриотска свест“ и дека во тој поглед, историјата е „доволно јасна“: „Уште од средниот век таму живеат Бугари“.257

Овие искази, толку екстремни во нивната националистичка зовриеност, се разбира ги шокирале југословенските пратеници. Никогаш порано, дури и за време на преговорите Живков-Велчев-Црвенковски во 1967 г., бугарскиот национализам не бил пројавен на толку директен начин. Затоа, спротивно на својот скептицизам покажан на почетокот, Црвенковски, исто така, се впуштил во длабочините на историјата. Тој изјавил дека македонската нација се развила особено врз база на една „македонска народност“ и дека бугарската наука не е единствената која постои во светот. Одредени советски историографски публикации – Црвенковски се повикал на една академска историја на западните и на јужните Словени објавена во Москва – соопштувале за посебен македонски етнос – основа на модерната нација. Ретките личности во Пирин, кои при пописот од 1965 г. се изјасниле како Македонци, претставувале, според Црвенковски, „најхрабри луѓе меѓу храбрите“, додека, пак, Велчев реплицирал: „Тоа се непријатели (врагове)!“258

Кавгата се влошила кога во неа влегол првиот секретар на Окружниот комитет на БКП во Благоевград, Крстју Тричков. Додека Црвенковски нудел докази за македонски идентитет, пројавен „природно“ и без учество на Југославија, Тричков започнал детална критика на постојната македонска историографија. Тој им одржал долга „историска лекција“ на своите противници, користејќи извадоци од делата на бугарските интелектуалци од 19 век, со потекло од Македонија, и цитирајќи ги самоидентификувањата на македонските револуционери од крајот на османлискиот период.

Единствено Вељко Влаховиќ се обидел да ѝ стави крај на расправијата на еден толерантен начин, далеку од македонската офанзива во врска со правата на „Македонците“ од Пирин и историските „вистини“ кои им ги спротивставувале Бугарите .259 Во продолжение на расправата, бездната која ги разделувала бугарските и југословенските раководители се чинела понепремостлива отколку претходно. Од една страна, југословенската позиција го ставала акцентот врз модерноста на нацијата како производ на социоекономските односи на „капитализмот“: од оваа гледна точка, долготрајното историско отсуство на македонски идентитет не е во контрадикција со неговиот легитимитет во сегашноста. Од друга страна, бугарските раководители нуделе една есенцијалистичка и „етницизирачка“ концепција за нацијата, која ја толкува како совршено продолжение на „преткапиталистичките“ идентитетски феномени од етнолингвистички и културен вид. Оваа позиција добро го покажува автореферентниот карактер на национализмот, кој оправдувајќи ги сопствените побарувања, има цел себеси да се легитимизира како „објективна“ и „научна“ позиција.

245 ЦПА/1/40/329/1-2.

246 ЦПА/1/35/1458/85-87.

247 АМВнР/26/131/3024. Требст, Ibid., стр. 149.

248 ЦПА/1/35/1820/82-83.

249 Југословенската делегација вклучувала двајца Македонци и двајца по потекло од други југословенски републики: Вељко Влаховиќ, Крсте Црвенковски (и двајцата членови на Сојузниот совет и на Извршниот комитет на Претседателството на СКЈ), Јакша Петриќ (заменик-министер за надворешни работи) и Кирил Миљовски (амбасадор во Софија). Нивни бугарски домаќини биле Борис Велчев (член на Политбирото и секретар на ЦК на БКП), Крстју Тричков (прв секретар на партискиот Окружен комитет во Благоевград), Раденко Григоров (заменик-министер за надворешни работи) и Георги Петков (амбасадор во Белград).

250 АМВнР/7/158/3258/111.

251 ЦПА/1/35/1820/176.

252 Cf. АМВнР/27/158/3258/112-115; ЦПА/1/35/1820/178.

253 АМВнР, Ibid./117.

254 ЦПА/1/35/1820/183-187.

255 АМВнР/27/158/3258/122-123.

256 Всушност, 187 789 лица во Бугарија, од кои 178 862 во Пирин. Cf. Глава 1.

257 АМВнР, Ibid./124.

258 АМВнР, Ibid./132-133.

259 Признавајќи ја својата некомпетентност за историските прашања, тој изјавил: „Се плашам, сепак, дека во рамките на дискусијата за признавањето или непризнавањето на минатото, почнуваме полека и без да забележиме, навраќање кон минатото, всушност, кон не толку далечното минато... Да беше прашање само за минатото, многу бргу ќе се разберевме. [Меѓутоа] никогаш во историјата на општествениот развој, конфликтот за минатото не го засегал само минатото, туку ја засегал и сегашноста...“: АМВнР, Ibid./157, 172-173.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел

Фотографии: Fred Muram

Превод од француски: Дарко Стојанов и Петар Тодоров

Извор: Чавдар Маринов, Македонското прашање од 1944 до денес; комунизмот и национализмот на Балканот. издавач: ФООМ, Скопје, 2013.

ОкоБоли главаВицФото