Совршена архитектура без апликации

17.02.2014 10:45
Совршена архитектура без апликации

Олга Папеш, дипломирана инженерка-архитектка, е добитничка на наградата„Андреја Дамјанов“за 2010 година за животно дело од областа на архитектурата и градителството. Наградата во црквата „Св. Богородица“ во Скопје ѝ ја додели Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), под покровителство на Министерството за култура.

Широкиот опус на различните улоги како архитект, од проектирање до изведување на најзначајните објекти во Скопје, особениот придонес во обновата на градот, исклучителните проекти и изведени објекти од областа на домувањето, ја вбројува Олга Папеш во најзначајните македонски архитекти во дваесеттиот век. Нејзините објекти имаат душа и карактер, текстура и боја. Посебен акцент е ставен и на комплетното обликување, преку внесување на вредни уметнички дела во самите објекти, како мозаици, мурали, слики итн. Секој нејзин објект има своја приказна и придонес во она што значи архитектурата за луѓето и градот“, вели арх. Дивна Пенчиќ за годинашната добитничка на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2010 година за животно дело од областа на архитектурата и градителството што ја доделува Асоцијацијата на архитекти (ААМ). Порта3 разговараше со Олга Папеш за нејзиниот поглед на архитектонскиот свет, актуелните проблеми кај нас, начинот на кој таа ги обликува објектите, како и за нејзините ставови за уредувањето на просторот.

Што значи за вас наградата „Андреја Дамјанов“ 2010?

- Голема гордост и чест е да добиете вакво признание од фелата. Благодарам.

Ве опишуваат како виртуоз на станбената архитектура, кој умее совршено да ги спои естетиката и функцијата во просторот за живеење. Во кој од своите изведени станови би сакале да живеете?

- Во зградите кај Млечниот ресторан. Овде становите на потпокривот се како куќички на покрив, имаат големи тераси со малечок двор и се решени со две нивоа. Луѓето што живеат во овој комплекс кога и да ги сретнам ми велат дека чувствуваат благодарност кон мене затоа што во становите многу убаво се живее. Ми се допаѓаат и зградите што ги проектирав во Струга. Тие имаат архитектура базирана на традиционалната македонска куќа: со бели фасади, дрвена столарија, четириводни покриви… Однадвор се интересно решени. Колористичките решенија отсекогаш ми биле слабост.

Вашиот студиозен пристап кон фасадите на објектите го ценат и колегите архитекти. Често на шега велат дека еден ваш станбен блок кој бил изведен во сива силикатна тула, темносини покривни салонитни плочи и црвени метални балконски држачи, имал исто колоритно решение како и вашата омилена комбинација на облека – светлосиво штофано здолниште, темносино сомотско палто и црвена блуза и марама. Сметате ли дека фасадите можат да бидат третирани како облека на објектите?

- Ерих Фром има кажано дека однадвор човекот може да биде дотеран со скапоцени камења и бунди, а внатре да биде празен. И архитектонските објекти се такви. Однадвор можат да имаат многу декорација, а всушност да бидат празни. Јас никогаш не сум била формалист, на фасадите никогаш не употребував апликативни елементи кои го украсуваат објектот. Но, сепак сметам дека сум успеала да направам убава фузија меѓу рационалното и естетското. Правењето добар спој помеѓу архитектурата и функцијата бара голема умешност. Моите објекти иако немаат шминка се убави. Фасадите не ги третирам како облека на зградите, туку целиот објект го гледам како еден вид уметничка слика. Постојат трендови во обликувањето на објектите и тие се менуваат. Но, авторот е тој што одлучува дали ќе тера мода или ќе се обиде да создаде уметност. Секој објект е авторско дело. Затоа кога ги обновуваме старите објекти треба многу да бидеме внимателни. Во ред е да се замени малтерот или бојата, но да се менува изгледот на целата фасада е неприфатливо.

Во вашата станбена архитектура може да се забележи „женски“ пристап во организирањето на функциите (предвидување на многу простории за потребите во секојдневниот живот, остави, гардеробери, економски лоѓи итн.) и „машки “ пристап во проектирањето – простории со чиста геометрија, јасни комуникациски шеми, доследност во почитувањето на нормативите итн.

- Сама си ги поставувам своите норми, а при проектирањето се ставам во улогата на корисник на просторот. Во решавањето на станбената проблематика секогаш се втурнував со голема амбиција и го реализирав принципот: школски издржана функционалност, еколошки и штедлив санитарен чвор, бања природно осветлена и проветрена и поврзана со кујната на ист инсталациски ѕид, потоа предвидување на простори за многу потреби во секојдневниот живот: шпајз, остава, гадреробер, мал економски балкон (кон кујната или кон бањата). Така се решавани сите мои станбени згради. Меѓу нив би ги издвоила: трите станбени комплекси на ул. Рузвелтова Скопје, потоа станбена зграда на ул. Иво Лола Рибар на ГП Бетон, комплекс од станбени кули К1 и К2 (кај Млечниот ресторан), станбена кула со анекс супер маркет во Кичево, станбен комплекс за Струга (4 ламели), станбен комплекс Лескаица, Охрид (со арх. Л. Ристевска). Во моите проекти беа вклучени и потоа комплетно реализирани партерни решенија со спортски терени, подземни паркинзи, тревни површини. За жал денес веќе никој не го прави тоа.

Како дел од тимот на „Бетон“ во седумдесеттите бевте вклучени во изработката на проектите за објектите во малиот ринг што требаше да се градат во урбанистичката матрица на решението „метрум“ на група словенечки автори. Четири децении подоцна започна да се реализира друг план за овој дел од градот, кој предвидува повеќе објекти и помалку слободни површини во просторот. Вие јавно се спротивставивте на овој план и кажавте дека е полош од стариот, дека тоа ќе биде грешка на векот.

- Кога од медиумите дознав дека со новиот ДУП на просторот пред Македонската опера и балет, на платформата се предвидуваат нови административно – деловни објекти, не можев да се помирам со тоа. Отидов кај директорот на филхармонијата за да го прашам што се случува со стариот план. Тој ми рече дека го чуваат стариот план, но никого не го интереирало што има во него. Никој не пројавил желба ниту да го погледне. Но, ние повозрасните архитекти кои сме работеле во тоа време кога се проектираа и градеа објектите од културниот центар, должни сме да ја информираме јавноста за сите замисли за целокупната концепција. Во стариот план објектите се извиваа како школка која се отвора кон реката. Масите на филхармонијата, оперско- балетската зграда, киното, просторно создаваа простор отворен кон Вардар, така што таа платформа ќе претставуваше прекрасен простор за летна сцена. Тоа е простор заштитен од околниот сообраќај, ориентиран кон свежината на реката, а притоа прикрепен на објекти од културата (училиште, филхармонија, опера и балет) што значи достапност до персонал, опрема и учесници. Затоа тој простор требаше да се сочува. Комплексот културен центар не беше доизграден онака како што беше замислено. Ако се санираше и се изведеа предвидените филхармонија и пропратните услужно трговски дејности, тогаш тој ќе претставуваше идеално место за културни настани на отворен простор пред реката. Со визуелизацијата за Скопје 2014 беше прикажана слика од реката кон објектите. И никому не му пречеше тоа што со новиот план целиот комплекс е затворен. Зошто не беше прикажана визуелизација и на сликата што пред сè ќе ја гледаат луѓето од зградата на Филхармонијата кон Вардар? Тоа е еден бедем од објекти, тоа е узурпација на просторот. Овде јас не би сакала да дискутирам за квалитетот на архитектурата на новиот објект на филхармонијата. Но, тој склопен во овој контекст изгледа како во некоја симфонија од Бетовен во која се изгубил третиот став, некој да придодал партитура од Гершвин или Бах.

Што мислите за урбанистичкиот план на Кензо Танге за уредувањето на центарот на градот?

- Чувствувам восхит кога ќе помислам на концепцијата на просторот што беше предвидена со овој план. Со него беше предвидено формирање на јаки мегаурбани структури кои ќе бидат носители на главните функции во централното подрачје: транспортен центар, трговски центар, културен центар, универзитетски центар и др. На левиот брег на Вардар и пред земјотресот имаше објекти од културата: стариот театар, филозофскиот факултет, библиотеката и др. Како почитување на традицијата на левиот брег беше поставен комплексот културен центар со опера, концертна сала, ексклузивна киносала, објекти за едукација – музичко балетско училиште и ФМУ, како и повеќе придружни функции. Танге успеа на вистински начин да ги поврзе левиот и десниот брег на Вардар и ќе беше добро ако ние го реализиравме неговиот план во целост. Но, не го сторивме тоа.

Планот „Скопје 2014“ е во фаза на реализација, иако поголемиот дел од архитектите не се согласуваат со него. Што би можеле да сториме во ваква ситуација?

- За мене е жално што никој не го почитува мислењето на професионалците. Тие молчат, а би требало да излезат и да кажат што мислат. Не разбирам зошто сите масовно не излеговме јавно да го одбраниме нашиот став. На некој начин, никој не верува дека нешто можеме да смениме. Не нè почитуваат, тоа е факт. Јас дури и на претседателката на ААМ Даница Павловска-Циги сакав да ѝ предложам сите да се собереме и да оставиме потписи дека не се согласуваме со тоа што се гради. Да ги депонираме потписите во Собранието. По 20-30 години, ако некој истражува, да има доказ дека поголемиот дел од архитектите не се согласуваат со тоа што денес се гради. Затоа што утре некој ќе праша: како можеле тие луѓе да молчат, зошто не се спротивставиле на таа идеја?

Во некои од вашите објекти, како што е комплексот на банките, се чувствува влијанието на Louis Kahn. Во нив се одвоени помошните простории и комуникациите во посебен вертикален елемент кој е драматично нагласен на фасадата. Дали се работи за ваш свесен избор или тоа е несвесно влијание?

- Јас себеси се сметам за функционалист. Конкретно во овој објект самата програма за комплексот ја диктираше формата на објектот – од големиот габарит, јас и арх. Радомир Лаловиќ направивме четири волумени во кои ги сместивме сите содржини. Тоа не беше поради естетика, туку произлезе од функцијата на објектот. Предвиден е натур бетон на фасадите кој беше доминантен во 80-тите, а вертикалите се нагласени на фасадата. Архитектониката на објектот не е моја заслуга, туку на Лаловиќ, затоа што идејното решение на фасадата е негово. Но, за функционалното решение на објектот, како и за деталите сум заслужна јас.

Во јавноста е помалку познато дека вие учествувавте во изработката на проектите за ТВ5 и ТВ6 на радио телевизија Скопје, кои и ден денес важат за телевизиски студија со најдобра акустика на Балканот. Во што се состои спецификата на овие студија?

- Јас бев дел од тимот што ја правеше обработката на главните проекти за телевизиско студио ТВ5 и ТВ6, а идејното решение беше на архитектот Кирил Ацевски. Тое е обемна работа, цела индустрија. Пред да започнеме со проектирање, слушавме предавања за законитости при проектирање на ТВ студија на инженер Гербер од Германија. Бидејќи звукот и треперењето што ги создава движењето на автомобилите, возовите и другите превозни средства се пренесуваат и на тлото, а потоа тие вибрации од надворешниот простор се пренесуваат и во просторот на студијата, студиото треба конструктивно да биде решено како „куќа во куќа“. Тоа значи дека освен надворешната конструкција на ѕидовите, за да се обезбеди добра акустика треба да се изгради уште една конструкција на ѕидови со изолација од внатрешната страна. Студијата ТВ5 и ТВ6 се проектирани и изведени врз овие принципи и затоа имаат извонредна акустика иако се изградени пред речиси четири децении.

Дали сè уште активно се занимавате со проектирање? Што би им порачале на младите архитекти во македонија?

-Со години веќе не се занимавам активно со проектирање. Лично, тешко го доживеав моментот кога поради здравствени проблеми требаше да ставам точка на мојата професионална кариера. Ме исполнува тоа што мојот внук тргна по моите стапки и годинава стана студент на Архитектонскиот факултет. На младите архитекти им порачувам пред сè да ги почитуваат законите, нормативите и прописите за градба, како и урбанистичките планови. Да создаваат добри рационални решенија.

Извор: Порта 3, 04,11.2010