Тодор Живков е претходник на Никола Груевски

18.02.2014 13:14
Тодор Живков е претходник на Никола Груевски

Деспот си ја прегрнал сенката.
Танцува по беспатици.

Славко Јаневски, стих од песната „Деспотовото будење“

 

Точно е, Груевски во речиси сите политики е фрапантно координиран со новите неофашистички водачи од типот на Лукашенко или Орбан. Но, точно е и дека македонскиот пастир многу наликува на некогашните тоталитарни водачи од комунистичкиот блок, Николае Чаушеску и Тодор Живков, да речеме. На оваа банална вистина ме потсети книгата на Чавдар Маринов, „Македонското прашање од 1944 до денес“, чии делови беа објавени и на Окно

Особено фрапираат културните сличности помеѓу некогашните примитивни комунистички дрматори и сегашните дабетер прости и брутални популисти на власт. На пример, груевизмот речиси го пресликува живковизмот во поглед на начинот како се користи национализмот како клучна мобилизаторска енергија во општеството. Културната војна што Бугарија грубо ја водела против Македонија речиси 50 години се чини како да е земена како модел за културните војни што груевизмот ги придвижи против сопствениот народ. Испреплетеноста на историографските политички манипулации, на национализмот и на режимот била една од основните карактеристики на Бугарија под Тодор Живков. Ист е случајот со Македонија под Никола Груевски.

Зборувајќи за Бугарија на почетокот на осумдесеттите години на 20 век Чавдар Маринов како да зборува за Македонија 2014 година: „Во 1981 г. била организирана, без сомнение, најголемата прослава која се одржала во историјата на современа Бугарија: 1300 години од бугарската држава, која многу потсетува на моделот од 2050-годишнината од дакиската држава славена во 1980 г. во Романија на Чаушеску. По тој повод, раководството на БКП започнало низа иницијативи кои го поместувале акцентот на официјалниот национализам врз ’величината’ на првата бугарска држава. Бројните конструкции на споменици се фокусирале во центрите на оваа држава во североисточна Бугарија. Тогашните бугарски раководители преземале изградба на споменици на најзначајните бугарски средновековни владетели – на Аспарух, основачот на првата држава наречена ’бугарска’, на царевите под кои Бугарија ги добила своите најзначителни територијални проширувања итн.“

Уште една морничаво весела сличност помеѓу живковизмот и груевизмот е користењето на поимот „преродба“. Груевистичката преродба во многу нешта потсетува на ужасниот бугарски „възродителен процес“ за време на кој, во текот на зимата 1984-1985, турското население било прогласено за етнички бугарско и принудено да си ги смени имињата. Повеќе од 800.000 лица, како што е наведено во книгата на Маринов, тогаш биле обврзани да прифатат бугарски имиња. Овој процес бил официјално оквалификуван како „преродба“ на „вистинскиот“ идентитет на муслиманското туркофоно население.

Но, за разлика од Бугарија во осумдесеттите, острицата на културниот инженеринг на сегашната македонска власт не е насочена кон малцинствата туку кон мнозинството. Освен тоа, овде станува збор за културен инженеринг многу поамбициозен од оној на живковизмот. Груевски се обидува, со мошне агресивни и насилни средства, за само десетина години драматично да го промени идентитетот на цела една нација и на цела една држава. Пред амбициозноста на актуелниот македонски режим бледнее дури и монструозната идентитетска политика на живковизмот!

Како е можно Македонија изминативе години толку многу да регресира што го достигнува идеолошкото и културното ниво на Бугарија под Тодор Живков?! Како е можно културно-политичките модели на кои Македонците им се смееја пред 30 и 40 години денес да станат еталони за сегашнава стварност?! Како дозволивме политиката едноставно да се сведе на градење потемкинови села, на пропаганда, закана, одмазда и страв? Како дозволивме стравот да стане единствена погонска енергија во Македонија? Оти, сопствениот голем страв груевистите широко го распространија и на сите ни го набија во коски. (Растко Мочник велеше дека идентитетот токму наликува на стравот: во средината е шуплив а по рабовите го нема. Сопствениот недостиг од идентитет, култура и политички компас – груевистите го прогласија за национална норма.) Затоа Македонија во моментов работи само на страв. Министрите и директорите главно се неискусни и недоветни позери поставени, според партискиот принцип на негативна селекција, исклучиво како послушници и манекени. За да има најлошиот министер меѓу нив, премиерот, лажен еталон, т.е. сцена каде што непречено ќе ги лажира политичките особини што ги нема: знаењето, одговорноста, мудроста, авторитетот...

Груевизмот е своевидна идеологија на дувлото. Оти, како што вели Славој Жижек, демократијата претпоставува одреден степен на отуѓеност. Кај сатрапиите, пак, не постои дистанца меѓу водачот и народот. Оваа дистанца е укината бидејќи се претпоставува дека водачот директно ја претставува народната волја, а резултатот се состои во тоа што луѓето многу порадикално се отуѓени во својот водач. Тој директно е тоа што „тие навистина се“, тој е нивниот вистински идентитет, тој ги олицетворува нивните вистински желби и интереси, како спротивни на нивните збркани „емпириски“ желби и интереси. Спротивно на авторитарната власт отуѓена од своите поданици, народот овде е отуѓен од самиот себе. Тоа ѝ се случи на Македонија под груевизмот (на Бугарија под живковизмот, или на Унгарија под орбанизмот) - народот да се отуѓи од самиот себе, од сопствените интереси.

Се разбира, сегашниот македонски режим еден ден ќе падне. Голема е веројатноста, според историската логика, режимот да падне на сличен начин како што паднаа режимите на Чаушеску, Тодор Живков или Милошевиќ... Македонската нација можеби е задоцнета нација, македонската држава во најновава историја можеби е на опашот на настаните, но сепак не живееме во друг простор и време од околните балкански и европски народи... Падот на груевизмот можеби конечно ќе го разбуди она што овде недостасува веќе 25 години: надежта дека на следните генерации можеме да им оставиме подобра земја од онаа што нам ни ја оставија претходниците...

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото