Нема да застанеме додека не ни се остварат правата!

19.02.2014 10:43
Нема да застанеме додека не ни се остварат правата!

Со цел да се актуелизира прашањето за состојбата на стечајните работници во Македонија, разговаравме со Лилјана Ѓорѓиевска, претседателка на здружението на стечајните работници УНИТ, која ќе ни ја образложи нивната моментална ситуација и каков е нивниот став по однос на одлуката на Владата за донесување на закон за целосно решавање на проблемот на социјалците од фирмите во доминантна државна сопственост.

Како ќе ја опишете моменталната состојба на стечајните работници во Македонија и проблемите со кои секојдневно се соочувате?

Ситуацијата на стечајците е очајна, има стечајци кои гладуваат, односно немаат средства за да си обезбедат ниту леб, ниту лекови. Па затоа стечајците се собираат и се солидаризираат меѓу себе, за гол опстанок и истрајување во своите барања. Постојат и семејства (четиричлени) на стечајци кои опстојуваат со месечна социјална помош од 2200 денари, на кои не им се исплатени надоместоци за струја во последниве две години. Патат и децата на стечајците, кои се приморани да го напуштат своето образование, па така има и деца кои наместо да земат диплома, возат такси за да обезбедат егзистенција на целото семејство. Одамна заборавивме што се тоа празници, бидејќи не можеме достојно да ги прославиме. Се појавува и тренд на зголемување на семејното насилство во семејствата на стечајните работници, насилство против кое државата наводно се бори. Состојбата е алармантна. Поради постојаниот стрес, здравјето на стечајците е сериозоно нарушено. Морталитетот помеѓу стечајците е висок, односно според нашите статистики, на секои два-три дена умира по еден стечаец.

Постојат обиди за поделба на стечајците, се нудеше поткуп и работни места на претставниците на стечајните работници, а откако не успеаја да нѐ поткупат, започнаа со партиско етикетирање со цел да се дефокусира јавноста од нашите вистински проблеми. Кога сакавме да ја известиме јавноста за овој безобразлук, ниедна телевизија не најде за сходно да ја пренесе оваа информација.

Каков е односот на институциите кон стечајните работници?

Институциите немаат осет за нашите проблеми. Секојдневно сме соочени со извршители, кои ни го сообираат и последното што го поседуваме, па затоа сме приморани да се собираме и физички да го браниме нашиот имот. Во институциите на системот сме крајно деградирани, изложени на постојано исмејување и партиско етикетирање, односно не сме третирани ниту како граѓани од трет ред, туку како граѓани од ШЉ ред! За пензионерите, за кои немаме ништо против, се обезбедуваат непотребни услуги од типот на бањи и зимувања, а ние сме целосно отфрлени од системот. Единствено олеснување во целата ситуација ни е помошта од локалната самоуправа која нѐ ослободи од плаќање комуналии и апелирам до сите локални власти да го следат овој пример, колку толку да излезат во пресрет за проблемите на стечајците. Медиумите имаат крајно игнорантски однос кон нашите барања, посебно сме разочарани од јавниот сервис, кој иако редовно сме принудени да го плаќаме - во спротивно испраќаат извршители - не сака ниту да ја прикаже нашата ситуација.

Каков е вашиот став по однос на одлуката на Владата за донесување на закон за целосно решавање на проблемот на социјалците од фирмите во доминантна државна сопственост?

Според изјавата на премиерот, онака како што разбравме, со овој закон ќе биде опфатен само еден мал дел од стечајните случаи, според наша проценка околу 300 до 400 стечајни работници. Со ова повторно ќе се случи поделба на стечајците на привилегирани и непривилегирани, исто како и во 2008 година. Нашиот предлог закон за решавање на голготата на стечајците ги опфаќа 90% од стечајците, и тоа според следниве критериуми: наместо предложените 25 години работен стаж, ние предложивме обештетување за оние кои имаат над 15 години работен стаж (поради многуте неисплатени придонеси) и тоа не само за оние фирми во доминантна државна сопственост кои се приватизирани во периодот од 2000 до 2013 година, туку за сите фирми опфатени со приватизацијата. Овој наш предлог би ја чинел државата околу 12 милиони евра годишно, што не претставува голем трошок за државата за постигнување на социјален мир. Наместо да се трошат милиони на споменици, со многу помалку ќе се стави крај на нашата агонија. Стечајните работници се лути на сите досегашни влади кои немаа слух за нашиот проблем.

Каков е односот на синдикатите кон стечајните работници?

Посебно сме лути на синдикатите, кои први се заложија за приватизација на нашите фирми, а подоцна ги немаше никаде да застанат зад обесправените работници. Во моментот на приватизација не ја објаснија ситуацијата во која ќе се најдеме и се водеа од своите лични интереси. Синдикатите се учесници во носење на закони за скратување на правата на работниците и стечајците. Имаше одредена поддршка од некои синдикалисти кои заради тоа ја загубија својата работа, и беа принудени да се повлечат.

На кој начин планирате да ја продолжите борбата за вашите права?

Стечајните работници нема да застанат се додека не ни се остварат правата. Очекуваме промена во мислењето на оваа Влада да се стави крај на нашата голгота. Ќе има радикализација на протестите, секој од стечајците ќе си го искаже својот гнев кон институциите. Протести ќе има и пред синдикатите, кои не ни даваат никаква поддршка. Тие треба да застанат во одбрана на нашите права, а не да им служат на интересите на власта. Ќе протестираме со поставување шатори пред Владата и Синдикатот, со цел да се покрене свеста на јавноста за тоа дека со предложениот закон на Владата ќе бидат обештетени „новите“ стечајци од 2000 до 2013 година, а не и оние од пред 2000 година кои повеќе од 15 години живеат во агонија. Ги повикувам сите граѓани да се солидаризираат со нивните сограѓани и конечно да ја исправиме оваа голема неправда!

Извор: lenka.mk

ОкоБоли главаВицФото