Првата студентска бригада му ја врати младоста на Скопје

19.02.2014 12:06
Првата студентска бригада му ја врати младоста на Скопје

Во далечната 1963 година, на 5 јули студентската бригада „Мите Богоевски“ замина на сојузна акција на автопатот „Братство и единство“, во населбата Велики Мокри Луг, покрај Белград. Бригадата беше составена од студенти од сите факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и од сите краишта на Македонија.

Претпладнето на 26 јули, како и секој работен ден, бевме на извршување работни задачи по должината на трасата, кога преку радио ги чувме првите вести за несреќата што го снашла Скопје во раните утрински часови. Во првиот миг, поголем број бригадири беа во паника поради контрадикторните вести што доаѓаа од различни радиостаници што ја пренесуваа веста за катастрофалниот земјотрес во Скопје. Сите бригадири од скопската бригада „Мите Богоевски“ побаравме веднаш да се вратиме во Скопје за да му помогнеме на градот. Истиот ден напладне бригадата беше повлечена во населбата по наредба на командантот Раде Браевиќ. Наредниот ден, со автобус заминавме за Скопје.

ГИ ЗАКОПУВАВМЕ ЖРТВИТЕ

Во Скопје нѐ дочека морничава глетка што не се опишува. Веднаш почнавме да работиме. Се лоциравме под ведро небо на ливадата кај денешната Романска болница. Ги монтираме првите шатори и ја формиравме акцијашката населба. Студентските бригадири беа ангажирани во изградба и уредување на населбата. Машките секој ден беа на работни задачи на градските гробишта „Бутел“. Едни копаа ровови, други ги носеа на раце идентификуваните жртви од капелата до таму за закоп, трета група ги закопуваше жртвите на земјотресот... Поради големата психичка оптовареност од морничавите глетки на смртта, по наредба бригадата беше повлечена и ангажирана да работи на други пунктови низ градот - спасување и извлекување повредени од урнатините, растовар на вагоните со неопходни пратки и стока од железничката станица, доопремување на населбата, поставување стражи, изградба на првите бараки по населбите и многу други активности.

За в.д. командант на привремената населба беше поставен Драгољуб Ставрев. Во оваа пригода особено треба да се спомене високиот морал на бригадирите, ентузијазмот и нивната храброст во извршувањето на сите задачи.

ПЕСНИ ЗА НОВО СКОПЈЕ

При одвезувањето со воени камиони од населбите до работните траси, спонтано почнаа да се компонираат песни за „Ново Скопје“. Песната ја врати самодовербата на граѓаните во обновата и изградба на едно ново Скопје. Во меѓувреме, поради големиот интерес кај студентите, се формира и Втората студентска бригада на Универзитетот, која исто така го даде голем придонес во обновата на Скопје. По наша иницијатива и со силна поддршка на командантот Раде Браевиќ, скопската населба беше прогласена за Сојузна акција „СКОПЈЕ 63“. Набргу, во населбата дојдоа и други бригади од просторите на тогашна СФР Југославија. Бригадирите учествуваа и во снимањето на филмот „СКОПЈЕ 63“ на режисерот Вељко Булаиќ.

Бригадата постоеше до септември. Поради долготрајните тешки услови на работа и живот под отворено небо, но и поради преголемата исцрпеност, по покана од неколку универзитети во Југославија и Европа, бригадирите беа поканети во тамошните универзитетски одморалишта, на краток одмор, но за многумина и заздравување.

Првпат по 40 години, заслужено е ова мало скромно одбележување на патешествието на Првата универзитетска студентска бригада „Мите Богоевски“ Скопје. Веруваме дека многу скопјани пријатно се сеќаваат на таа младост што прва дојде на помош во Скопје и им ја врати вербата на граѓаните во обновата на градот.

Вечна слава и почит кон загинатите од земјотресот во Скопје.

(Авторот е поранешен бригадир на Првата студентска бригада, денес работи како дипломиран инженер и живее во Струга)

Извор: Дневник, бр. 2211, 26 јули 2003

ОкоБоли главаВицФото