Писмо од Украина

19.02.2014 12:05
Писмо од Украина

Драги пријатели,

Деновиве добив многу барања да ја опишам моменталната состојба во Киев и воопшто во Украина, да го искажам моето мислење за тоа што се случува и да формулирам моја визија за најблиската иднина. Бидејќи просто физички не сум способен да го одговорам секому поединечно со обемен аналитички есеј, одлучив да ја составам оваа кратка изјава со која секој од вас ќе може да се послужи. Следат најважните работи што морам да ви ги кажам.

За време на нешто помалку од четири години владеење, режимот на Виктор Јанукович ги доведе земјата и општеството до крајната граница на тензиите. Уште полошо, се затвори во безизлезна ситуација каде мора да ја задржи моќта засекогаш - по секоја цена. Инаку ќе треба да се соочи со лицето на правдата во сета негова строгост. Обемот на сѐ што беше украдено и узурпирано ја надминува моќта на човечката фантазија да замисли за што сѐ е способен еден човек.

Единствениот одговор што овој режим го имаше за мирните протести, сега навлезени во третиот месец, е насилството, насилство што ескалираше и има „хибридна“ природа: нападите на специјалните единици на Мајдан се комбинирани со индивидуално малтретирање и апсење на опозициски активисти и обични учесници во протестите (надзор и прислушкување, претепување, палење автомобили и куќи, упаѓање во домови, претреси, апсења, кривични пријави). Клучниот збор овде е заплашување. А бидејќи заплашувањето не е ефикасно и луѓето протестираат сѐ помасовно, силите што ги преземаат овие репресивни дејствија се сѐ погруби.

„Легалната основа“ за нив беше создадена на 16 јануари, кога членовите на парламентот сосема независно од претседателот, со грубо прекршување на сите правила и процедури на гласањето, па и на самиот устав, за само неколку минути со просто кревање раце изгласаа цела низа законски промени кои ефективно воведуваат диктаторски правила и вонредна состојба во земјата, без формално да ја прогласат. На пример, пишувајќи го и споделувајќи го ова, станувам предмет на неколку нови членови од кривичниот законик за „клевета“, „подгревање на тензиите“ итн.

Кратко кажано, ако ги признаеме овие „закони“, сѐ што не е експлицитно наведено како дозволено од моќниците, е забрането. А единственото што е дозволено е да им се покорите на моќниците.

Не согласувајќи се со овие „закони“, на 19 јануари украинското општество се крена, уште еднаш, да ја одбрани својата иднина.

Денес на телевизиските вести кои доаѓаат од Киев може да видите демонстранти со различни шлемови и маски на нивните лица, понекогаш со дрвени палки во рацете. Не верувајте дека тоа се „екстремисти“, „провокатори“ или „десничарски радикали“. Јас и моите пријатели сега одиме на протести облечени така. Во таа смисла, јас, жена ми, ќерка ми и пријателите исто така сме „екстремисти“. Немаме друга опција: мора да го заштитиме својот живот и здравје, како и животот и здравјето на оние кои ни се блиски и драги. Специјалните единици пукаат во нас, нивните снајпери ги убиваат нашите пријатели. Бројот на убиени демонстранти на само еден блок одовде е пет или седум. Дополнително, голем број луѓе во Киев се водат како исчезнати.

Не можеме да запреме со протестите, бидејќи тоа би значело дека се согласуваме да живееме во земја што е претворена во доживотен затвор. Помладата генерација Украинци, кои пораснаа и созреаја во пост-советските години, органски ја одбива секоја форма на диктатура. Ако диктатурата победи, Европа мора да сфати дека ќе има една Северна Кореја на источната граница, и според разни проценки, помеѓу 5 и 10 милиони бегалци. Не саакам да ве заплашувам.

Сега имаме реолуција на младите. Оние кои имаат моќ водат војна првенствено против нив. Кога паѓа мрак над Киев, неидентификувани групи „луѓе во цивилна облека“ роварат низ градот, ловејќи ги младите луѓе, особено оние кои носат симобли на Мајдан или ЕУ. Ги киднапираат и ги носат во шума, каде се соблекувани голи и мачени на страшно студеното време. Поради некоја чудна причина, жртви на таквите акции се претежно младите уметници: глумци, сликари, поети. Имате чувство дека некои чудни „ескадрони на смртта“ се пуштени во земјата со задача да го збришат најдоброто во неа.

Уште еден карактеристичен детаљ: во болниците во Киев се заробуваат ранетите демонстранти; тие се киднапирани и (повторувам, станува збор за повредени лица) носени на испрашување на тајни локации. Одењето во болница стана опасно дури и за случајните минувачи - кои се опсипани од полициските гумени куршуми. Докторите само гестикулираат беспомошно и ги предаваат пациентите на таканаречените „сили на прогонот“.

Да заклучиме: во Украина во моментов се вршат тешки злосторства против човештвото, и актуелната власт е одговорна за нив. Ако постои некаков екстремист во ситуацијава, тогаш тоа е највисокото раководство што заслужува да биде наречено така.

А сега да се осврнам на двете прашања кои традиционално ми се најтешки за одговарање: не знам што ќе се случи во иднина, како што не знам и што може да направите за нас. Како и да е, може да го споделите овој текст. Исто така, сочувствувајте со нас. Мислете на нас. Ќе го надминеме ова, без разлика колку жестоко нѐ напаѓаат. Украинскиот народ, без претерување, сега ги брани европските вредности на слободно и праведно општество со сопствената крв.

Се надевам дека ќе го цените ова.

Авторот е украински писател, поет, есеист и преведувач

Извор: New Eastern Europe

ОкоБоли главаВицФото