Хеј хо, ветер и дожд

20.02.2014 11:09
Хеј хо, ветер и дожд

Кога бев сосема мал, или имав барем околу 14 години, длабоко ме вознемири романот на Џејмс Балард „Потопениот свет“, кој се одвива во Лондон, поплавен од растопениот поларен мраз од тропската температура. Сега гледам дека тоа бил утописки сон - тропска? Камо среќа! Хеј хо, ветер и дожд.

Фантазиите за потоп се длабоко вкоренети. Според Ирвинг Финкел и неговата нова книга „The Ark before Noah“, документирани се околу 300 приказни за поплави во различни култури на сите континенти. Холивуд покажа интересна неспособност да ја искористи оваа фиксација: Костнеровата folie de moiteur „Водениот свет“, тогаш најскап филм на сите времиња, доживеа фијаско на благајните; „Семоќниот Еван“, поновата комична верзија со Стив Карел, помина подобро во комерцијален полед, но на некој начин беше исто толку лоша; а кружат гласини дека „Ное“ на Дарен Аронофски тоне како подморница на пробните проекции.

Изгледа дека Аронофски во библиската приказна видел фантазија за преживувањето, во која агилниот 600-годишник Ное (Расел Кроу), мешавина од Џон Голт и Лудиот Макс, растерува куп паразитски морлаци предводени од неговиот зет Товел, кои очајнички се обидуваат да се изгребат за превоз. Товел се крие во длабочината на коработ, хранејќи се со месо од гуштери во хибернација. А го глуми Реј Винстон. Понекогаш Бог ги услишува нашите молитви.

Во трејлерот се прикажани интересни специјални ефекти, особено куп влекачи кои како теписи бараат засолиште, не знаејќи дека Винстон ги чека. Но христијанските и еврејските групи бурно реагираа на филмското отстапување од Битието - на пример, на уфрлањето на Ноевата пасторка Ила за Ема Вотсон да има кого да игра, или на фактот дека на Ное во борбата му помагаат, ако добро разбрав, паднати ангели со шест раце. Да бидеме коректни кон Аронофски, барем некои негови отстапувања - како тоа дека Товел е зет на Ное - потекнуваат од еврејската традиција.

Но не верувам дека таквата аргументација ќе помине полесно кај критичарите од пораката на Ирвинг Финкел, која гласи дека оваа верзија на Битието е украдена од Вавилонците и дека некои детали дури се погрешно препишани. Големото откритие на Финкел е плочката со запис на клинесто писмо, со еден дел од приказната за поплавата од епот Атрахазис на акадски, со напомени за изградба на кораб - напревен од коноп и смола, без какви било дрва гофери и со кружен облик: практично, огромен коракл. (Возбудлива фуснота за луѓето кои пораснале во Британија од 1970-тите: плочката му припаѓала на покојниот Даглас Симондс кој го играше Донатс во детската ТВ серија Here Come the Double Deckers.)

Критичарите на Аронофски исто така се жалат дека филмот е премногу либерален. Според зборовите на еден коментатор на сајтот Christian News, „со Холивуд владеат хомосексуалците. Тие никогаш нема чесно да ги прикажат вистинските причини за уништувањето на светот на Ное, а тоа се истите причини поради кои се уништени Содома и Гомора (погледнете го Евангелието по Лука 17:20-37). Немојте да очекувате Холивуд да ја заврши Божјата работа место вас, бидејќи нив ги плаќа ѓаволот и никогаш нема да се променат.“

Сличен став на оваа страна на Атлантскиот Океан изнесе Дејвид Силвестер, одборник на УКИП во Хенли-под-Темза, кој изјави дека нашата локална поплава е Божји одговор на легализацијата на истополовите бракови. Мене ми изгледа поверојатно дека Тој се навредил од веста дека „Советот за учење надвор од училницата“ ѝ додели „медал за квалитет“ на Зоолошката градина Коработ на Ное во северен Сомерсет, единствената креационистичка зоолошка градина во Британија. И паѓаше дожд секој ден.

Извор: London Review of Books