Патриотизам

12.12.2009 13:32
sabota_korica.jpg

Овој процес, навистина, можеше да се забележи уште одамна, но мене лично не ме загрижуваше до сега, бидејќи во мојата перцепција сé се сведуваше на неколку преџвакани максими, форсирани од страна на медиумите кои, верував, никој не ги сфаќа сериозно. Очекував дури, да бидам искрен, узурпацијата на јавниот радиодифузен сервис и неговото претворање во државна спам-телевизија каква не памети ни времето на комунизмот, да предизвика сосема спротивен ефект, исто како и весникот кој секој втор ден излегува со насловна страна на српски јазик. Црвената сијаличка се запали во моментот кога во неформалната комуникација сé почесто почнав да се среќавам со еден корпус на вербални конструкции, кој делува како научен наизуст а се состои главно од навреди и закани за сите оние кои не се на истата страна на новокомпонираниот патриотизам.

Да расчистиме некои работи однапред, за да не бидат погрешно протолкувани. Љубовта кон татковината не е доведена во прашање. Напротив, колку и да е спорна приказната за цврстите идентитети во 21-от век, за сакањето на татковината како доблест, верувам постои широк консензус. Проблемот настанува кога некој се обидува да создаде монопол врз одредувањето на правилата во сакањето на татковината. Во таа смисла, диктатурата на патриотизмот која ја споменав се однесува на диктатура на обрасци, прифатливи или неприфатливи, на љубов кон татковината. И тоа мене ми е мошне проблематично. Посебно кога доаѓа од партиски кругови.

Зашто припадникот на политичка партија е патриот со хендикеп. Оној кој ја става партијата пред државата (а ја става, порано или подоцна), не може да биде поголем патриот од мене. И ме загрижува кога токму тој самонаречен патриот се обидува и успева во јавната расправа да ги наметне правилата кои ги научил напамет во општинскиот комитет на партијата. Според тие правила, јас може многу лесно да бидам исклучен од јавната дебата, само зашто презимето ми завршува на –иќ. Но, истите правила ќе му дозволат на Слободан Томиќ (пу, пу, не важи правилото за –иќ) со својата вулгарно отворена партиска наклонетост и пародична новинарска некомпетентност да го заземе ударниот термин на јавниот радиодифузен сервис.

Тоа е принцип на дискредитација на сите ставови кои не соодветствуваат со ставовите на центарот и отфрлање на сите претходно воспоставени основи на дискредитација, доколку субјектот е, макар декларативно, на линија со „каузата“. Да илустрирам со уште примери. Ги мразиме Србите зашто не ни ја признаваат црквата, ама знаеме да се повеселиме на српска музика. Ги мразиме и Бугарите зашто не нé признаваат како посебен народ, ама не ни пречат бугарските пасоши во партијата, ниту пак автомобилите со бугарски таблички на партиските функционери. Брат Љубе во кој се колневме, преку ноќ стана Сестра Љубе, а ние еднакво брзо ги заборавивме сите заклетви. А стравот е голем. Кога Братот стана предавник, секој може да стане. Затоа дајте да ставаме предавници на црната листа додека некој не се досетил и нас да нé стави на неа.

Најголемата опасност лежи во фактот дека секое лошо сценарио за државава во иднина може многу лесно да се претвори во масовна хистерија и лов на вештерки, од причина што денешните квазипатриоти љубовта кон татковината ја мерат според омразата кон непријателите на државата и непријателите на „каузата“.

Денес патриотизмот се мери речиси ексклузивно на прашањето за името. И тоа би било во ред доколку при тоа не се запоставеа, намерно или ненамерно, и останатите фактори кои исто така учествуваат во градењето на идентитетот на еден народ. Ниеден од самонаречените патриоти не истапи против целосната деградација на културата која ни се случува под закрилата на борбата за зачувување на идентитетот, ниту пак против загрозувањето на основните демократски права под плаштот на лажниот патриотизам. А овие процеси се мошне очигледни и никаква партиска инструкција не може да ги прикрие. Очигледно е и дека ставовите кои центарот ги диктира се толку контрадикторни едни со други, а сите заедно со поимот патриотизам, што нивното непречено циркулирање во јавната сфера покажува дека неминовно станува збор и за диктатура на медиокритетот. Зашто секој кој е барем малку разумен и искрен, ќе признае дека „каузата“ не е државна, туку партиска. А низ годините кои ги изедоа скакулците сфативме дека партиското и патриотското никогаш не оделе под рака, барем не во Македонија.

Го пишувам ова зашто сметам дека е патриотски да се укаже кога се случува нешто што е на штета на државата. Не ми е потребна диктатура на патриотизмот за да ја сакам мојата држава. И секогаш сум спремен да ги сослушам туѓите и да ги преиспитам сопствените ставови и постапки кога општото добро е во прашање. Но, кога некој пред мои очи насилнички се однесува со државата, нема да му дозволам да ме убеди дека станува збор за љубов.

Важно  соопштение

Важно  соопштение :
Личностите  кои  се  наоѓаат  на  горната   слика  облечени  во  нацистички  униформи  се  предци ( дедовци ) на   дел   од  денешниве  граѓани  на   Европската  Унија . 
Иако  нивните   дедовци  поклале  пола   Европа  на   времето  и   ги  решавале    проблемите   со  консензус  од  тип  на   концентрациони  логори  ,  денес  јас  морам  од  нивните   внуци  да  учам  да  бидам  паметен . Денеска  преживеаните  нацисти   се  почитувани граѓани  на  Европската Унија . Европската  Унија  го  почитува  нивниот  придонес  во   борбата  против комунистичките режими .
Внуциве   и  потомциве  на   овие  сега  мене  ми  помагаат  да  се  интегрирам  во   ЕУ   и  НАТО  . Денеска   треба  они  мене  да  ме  учат  на  толеранција   и  соживот . Нивните   дедовци  нацисти  секогаш  ги  учеле  дека  патриотизмот  не  се  исплати .
Денеска  Ото Фон Хабсбург  бивши  нацист   е  еден  од  Европските лидери .  Исто  и  многу   од  денешниве   европејци  имале   дедо   или  баба  нацист . Посебно  во   првата   европска  економска  сила  Греманија , богами и  Холандија  и  Аустрија   .....
http://en.wikipedia.org/wiki/Otto_von_Habsburg
 
Ја  сум  глуп  што  сум  патриот  ... 
 
 
 

Порано беше забавен (ок, се

Порано беше забавен (ок, се случуваше), ама сега со ДОБАР!

Навистина треба сите да се

Навистина треба сите да се запрашаме кон каде води овој наш таканаречен патриотизам, и дали нашите постапки водат кон сеопшто добро, и кој во крајна линија ќе го почувствува сето ова???

Читај го даме бе...

Читај го даме бе... хахахахаххаха господе!

 

ТОЧНО! Патриотизам е да се

ТОЧНО! Патриотизам е да се укаже и спречи кога некој и нанесува штета на државата и на заедничките добра. Но за жал, тука не е така. Партијата над се. Долга е раката на ВМРО. Господ да не чува.

Ма кое ВМРО бе луѓе???

Ма кое ВМРО бе луѓе??? Напротив пријателе презимето на -иќ е добар предуслов за успех во ова т.н. ВМРО, ама не е доволно. Треба да работиш и за српските тајни служби за да бидеш „ВМРО“ денес. Да ве потсетам, идеолог на ДПМНЕ е Латас, човекот кој беше на „баци-рака“ кај последниот комунистички диктатор, кој се маскираше во националист - Милошевиќ.

ОкоБоли главаВицФото