Во Украина почнува граѓанска војна

21.02.2014 12:16
Во Украина почнува граѓанска војна

Мислам дека жителите на Украина уште долго ќе го паметат тмурното утро на 19 февруари 2014 година. Пожари кои сè уште траат во центарот на Киев, траги од огнени барикади на кои се заградуваа опозиционерите од „Беркут“, мирис на крв... Се плашам дека тоа е првото утро од граѓанската војна во Украина. По долгото измачување заради решавање на повеќемесечниот проблем кој го мачи, вчера Јанукович одлучи да примени насилна варијанта. Во своето обраќање кон граѓаните, тој ги обвини лидерите на опозицијата за повреда на законот и им ја наметна одговорноста за насилството и хаосот кои вчера завладеаја со украинската престолнина. За време на ноќните преговори со опозицијата, тој од нив побарал практично да се одречат од Мајдан. Во Киев е затворено метрото, а специјалците се обидоа да ги затворат сите влезови кон градот. Припадниците на таканаречената внатрешна војска, заедно со специјалците, цела ноќ се обидуваа да ги растераат демонстрантите од Мајдан. Ќе кажам веднаш, без особен успех. Но, затоа Домот на синдикатите, место каде беше штабот на опозицијата, потполно изгоре. Според некои извештаи, пожарот се проширил и на соседните згради.

А најважно е тоа дека бројот на загинати почна да расте на десетици и дека тој факт сега ја условува понатамошната непомирливост на спротивставените страни. Погубувањето на соборците ќе ја спречува опозицијата да се согласи на каков било компромис, а безбедносните сили сега се поврзани со крв и останаа без трошка маневарски простор. Ако на крајот бидат поразени, во најдобар случај ги чека затвор. Треба да се признае дека Јанукович, заострувајќи го конфликтот, многу лошо ја процени ситуацијата. Сосема е очигледно дека тој не располага со доволно сила која би можела да му обезбеди симболична победа над Мајдан. Дури и ако му успее да ја растера опозицијата од плоштадот, нема да му бидат доволни три до пет илјади полицајци за да го контролира Киев. Токму за тоа сведочат познатите „титушки“, млади луѓе регрутирани од други региони и платени од страна на режимот. Некои средства за јавно информирање пишуваат и за осудените кои за таа цел се пуштени од затворите. Единственото што сега би можел да го направи е на припадниците на „Беркут“ да им подели автомати и да им нареди да пукаат.

Истовремено, распадот на земјата фактички веќе започна. Во западните делови од Украина, демонстрантите почнаа да ги заземаат зградите во кои се сместени органите на власта и правосудните установи. Во Лавов е нападнато одделение на внатрешната војска. И, колку што може да се разбере, вооружените сили засега никако не се вмешуваат во конфликтот. Меѓутоа, се ближи времето кога опозицијата ќе сфати дека воените складишта се местото од каде може да се земе вистинско оружје. А тогаш, секој ќе се спасува како што знае и умее.

Не можам а да не се сетам на една голема „забава“ на надворешно-политички експерти и коментатори која беше организирана пред приближно три месеци, и на која практично сите учесници (исклучувајќи еден) зборуваа за тоа како Владимир Путин оствари блескава победа во Украина...

19.02.2014

Извор: http://www.ej.ru/

ОкоБоли главаВицФото