Per Astra ad aspera

21.02.2014 12:34
Per Astra ad aspera

По загубената војна сите генерали се паметни, но исто така и во случај таа да е долготрајна, без изгледи за победоносен крај. И битката со природната стихија во Скопје, започната на 27 јули 1963 година од борба со стихијата со тек на времето се претвори во ендемска ентропија на сопствените заблуди, пред сѐ, на оние што со толку жар веќе три децении го подигаа од пепелиштето Скопје. Затоа, треба по толкав период и таков резултат да се постави прашањето за загубените легии и целите на борбата. Така ќе мора да се даде одговор на бројни прашања.

Констатацијата дека Скопје стана жртва на сопствениот екстензивен модел на развој е основната карактеристика на изминативе три последни децении од неговиот живот. Наместо патот на обнова и изградба со нагласена метаморфоза во квалитативен поглед (што ќе ги следи животните потреби на граѓаните), Скопје го одбра патот на екстензивен раст, хипертрофирајќи квантитативно. Екстензивниот раст се карактеризираше со невидена диспропорција помеѓу градот и остатокот од Републиката. Таквата диспропорција и не беше толку очигледна до осамостојувањето на Републиката (тој се вкпопуваше повеќе-помалку во една шема на поголеми градови во поранешна Југославија) но денес е повеќе од очигледна. Уште повеќе, неговиот мастодонски карактер во однос на остатокот од Републиката се чини станува еден од ограничувачките развојни фактори на Републиката во целост.

Самиот град како систем, сам за себе со своите карактеристики од аспект на урбаната економетрија, покажува исклучителна нерационалност. Следејќи ја линијата на помал отпор, а заради преамбициозно зацртаниот урбанизам веднаш по земјотресот, времените населби замислени како сателитски добија траен карактер. Централното градско подрачје е само делумно реализирано како урбанистичкиот план, но затоа дополнително се изградени населби во вид на вториот по големина град на Републиката наречен „Јане Сандански“ и „Ново Лисиче“ и тоа на „рамна ледина“. Градот во целина ни денес не ги постигна параметрите зацртани со првиот поземјотресен урбанистички план во поглед на вкупната просечна густина на населеност. Ниската густина на населеност и огромната територија што ја зафати урбанизацијата во последните две децении сѐ повеќе е во дискрепанција со нискиот и опаѓачки национален доход per capita. Граѓаните во „градот на иднината“ со доходот сѐ потешко можат да ги плаќаат големите животни трошоци (за превоз, отоплување, електрична енергија итн.). Таквата појава е уште повеќе потенцирана со диспропорцијата на комуналните фондови со останатата супраструктура. Инфраструктурата на почетокот димензионирана и доволна за град од 350.000 граѓани, денес при град со околу 650.000 жители наликува на скелет од адолесцент со мускулатура на атлет.

Состојбата е особено влошена со галопирачкиот наплив на диво градени објекти што го овозможи политиката на „отворен град“. Таквата појава ширејќи се како канцер сѐ повеќе го нагризува хипертрофираниот организам. Повремените „амнестии“ на бесправно градените објекти, на тие канцерогени клетки па и цели ткива (населби) навистина им обезбедија некаков квазисоцијален мир, но предизвикаа штети со несогледлив обем и последици во однос на економичноста на функционирањето на Скопје. Оваа канцерогена хипертрофија постапно резултираше со атрофија во низа негови витални ткива и организми. Така денес градот се соочува со инсуфициенција на низа витални инфраструктурни системи:

-системот на сообраќајници зацртан со Урбанистичкиот план, особено оние магистралните, е само делумно изведен и тоа со големи отстапувања во однос на габаритот на профилот, трасата и нивелетата, па од три лонгитудинални сообраќајници во функција делумно е само една, а сите тие конвергираат во една точка кај мостот на Обединатите нации. Присутниот метеж во сообраќајот, особено во јавниот превоз, претставува нужна последица.

-Електро системот е исцрпен во низа подрачја (населба „Вардар“, Сарај итн.).

-Водоводниот систем е на прагот на колапс во летниот период (половината од капацитетот од водоводот Рашче е наменет за Скопската железарница, а населението е принудено да пие вода од бунарите крај Лепенец).

-Во градот постојат приближно 800 км фекална и приближно 100 км атмосферска канализација, а отсуството на приближно 700 км атмосферска канализација резултира со град „само за суво време“.

-ПТТ инсталациите се недоволно разгранети со недоволен капацитет.

-Топлификациониот систем покрива мало градско подрачје и е со исцрпен капацитет.

-Јавното зеленило е една од посветлите точки, но е на прагот на деградација, a еколошката компонента не вреди ни да се коментира (резултатите се алармантни, особено во однос на аерозагаденоста).

Токму од овие причини, комуналните претпријатија натерани на стопанисување на толку голема територија, при цени обусловени од нискиот животен стандард немаат никакви шанси за рентабилно работење.

Сумирајќи ги резултатите на претежно стихијниот карактер на екстензивниот модел на развој на градот, при претходно изнесените параметри, мора со жалење да се констатира дека Скопје претставува веројатно најпромашена и најнерентабилна инвестиција во Републиката, кај која не помагаат никакви санациони програми и стечајни постапки.

Секако, првата деценија и пол на поземјотресниот развој на Скопје се одликуваше со исклучителни резултати во обновата и изградбата на разурнатото Скопје. Голема улога притоа одигра солидарната помош од тогашна Југославија и целиот свет. „Градот на солидарноста“ доби регулирано корито со кеј на реката Вардар, голем број широки булевари, капитални инфраструктурни инсталации, водовод од Рашче, топлификационен систем, разводна електро мрежа... Исто така беа изградени голем број индивидуални и колективни станбени згради, многу нови објекти од општествениот стандард, иако уште во тој период изградбата повеќе ја карактеризираше квантитативниот елемент. Исклучителна заслуга во тој период имаа Генералната дирекција за обнова и изградба на Скопје, потоа Заводот за станбено и комунално стопанисување на градот, Дирекцијата за регулација на реката Вардар, Заводот за урбанизам на градот, низа исклучителни стручњаци за организацијата, ентузијасти како Трајко Стојков, Коле Јордановски и други како странски стручњаци и асоцијации особено во изработката на урбанистичките планови, пред сѐ на Кензо Танге, Доксијадис, Циборовски итн...

Меѓутоа стратегијата на изградбата на град по светски урнек „како на рамна ледина“, без поголемо почитување на локалната традиција и клима, денес резултира со град без имиџ, без физиономија, град со нерешени еколошки проблеми, особено во однос на загадувањето на воздухот. Заблудата на желбата за светски изглед на странските и домашните планови денес толку го обезличи градот, што слично на новокомпонираните градови во новокомпонираните нации од прекуокеанските земји, Скопје ќе треба да изгради сопствен заштитен знак (како што го има Сиднеј со Операта). He дека такви обиди не се правени и досега туку напротив, правени се премногу, така што секој поголем објект е проектиран претенциозно, со цел да влезе во антологиите на светската архитектура и со огромна желба да се имитираат бројните светски технолошки тотеми при релативно скромна домашна расположлива технологија. На таков начин изникнаа во градот бројни до денес несфатени експериментални урбанистички зафати и зданија, особено на проектанти од далечни краишта, како Градскиот ѕид, универзитетскиот комплекс, новиот транспортен центар... Уште полошо, a противно на сите градителски традиции на македонските градови што се градени на брдовит терен, Скопје стана претежно рамнински (котлински) лонгитудинален град, уништувајќи ја плодната Скопска котлина, истовремено останувајќи без сопствени извори на храна, a денес гушејќи се во сопствениот смог. Co премолчен благослов од тогаш актуелната политика планерите во триве изминати децении создадоа град на длабока социјапна и национална сегрегација (Цвеќара, Шуто Оризари, Маџир маало, Ново маало, Капиштец...) што денес е генератор на тензии од секаков вид. Технолошки урбанистичката идолатрија и денес, за жал, креира градби од помоден карактер и „за еднократна употреба“, напливот на новокомпонираната глобална култура на новиот светски поредок, во поново време, се одликува со низа настојчиви обиди по секој начин на маркантни локации да се постават неговите технолошки тотеми. Најновата технологија на градење во наши услови сѐ повеќе станува само цел, а не средство за креирање на сопствената визија за просторот, согласно со традиционалните вредности. Наглиот процес на приватизација, особено во областа на градежното земјиште, веројатно ќе даде нов импулс во веќе значително присутниот грабеж и злоупотреба на просторот.

Речиси со сигурност може да се прогнозира дпабока урбана криза на градот, подиган со толку ентузијазам сред купишта рушевини пред три децении. Многумина за сосема извесно го сметаа драстичното влошување на животните услови при смален животен стандард, запирањето на миграционите текови и како логична консеквенца постепеното раселување на дел од прекубројното население. Затоа со право се поставува суштинското прашање во вид на парафраза: како за толку краток период се најдовме „преку ѕвездите сред трњето“?

Значителната редукција на просторот опфатен со урбанистичките планови како што е на пример „Ново Лисиче 2“, поголемата самопочит и увереност во сопствените креативни и интелектуални потенцијали наспроти безрезервниот увоз на туѓа памет се наметнува како императив. Минимумот интелектуална ксенофобија би била потребна доза гама глобулин потребен за самоодржување на тешко бoлниот организам во ситуација кога систематски се уриваат сите други со децении градени одбранбени механизми.

Извор: А, списание за култура на просторот, 4/1994.

ОкоБоли главаВицФото