Дали навистина нема пари во буџетот за стечајците?

22.02.2014 12:21
Дали навистина нема пари во буџетот за стечајците?

Многумина мислат дека би било добро државата да им помогне на стечајните работници, ама дека, за жал, нема толку пари во буџетот. Не е така! Она што го нема е политичка волја, а не пари во буџетот! А на стечајните работници треба и може да им се помогне!

Треба да им се помогне, затоа што тие ја изгубија работата и останаа на улица не по своја вина! Можеби капиталистичката логика налага секој да си се снаоѓа самиот, како знае и умее, ама ќе ги потсетиме сите капиталистички поклоненици дека во Уставот на оваа земја, во неговиот член 1, пишува дека оваа земја е социјална држава! Ако во Уставот на една држава и тоа во неговиот прв член пишува дека таа држава е социјална, тоа значи дека секоја влада на таа држава мора, ако не сака да го крши Уставот, да се потруди максимално за таа држава и во практиката да биде социјална! И дека, ако некоја влада тоа не го прави, дека таа работи спротивно на Уставот!

И може да им се помогне на стечајците! Има пари за тоа! Континуирано се пласира дезинформацијата дека поради тоа што Македонија била сиромашна земја, немало пари во буџетот за Македонија и во практика, а не само според Уставот, да биде социјална држава! Наспроти оваа дезинформација, ако порационално и понаменски се трошат буџетските средства, сиромаштијата во оваа сиромашна земја би била драстично помала! Тоа е вистината! И, еве, да покажеме дека е така!

Ако на секој стечаен работник треба да му се исплаќа надомест од 7.000 денари месечно во нето износ, тоа би значело дека за него државата треба да издвојува надомест во бруто износ од околу 11.130 денари месечно или 133.560 денари годишно. Ако има околу 6.000 стечајци, тоа би значело дека на годишно ниво од буџетот треба да се издвојуваат 801.360.000 денари за нивно материјално обезбедување. Во евра, тоа изнесува околу 13 милиони евра.

13 милиони евра? Толку многу? Па ќе банкротира државата! Имаат абер од економска логика стечајците и сите оние занесеници што ги поддржуваат? Имаат! Буџетот на Република Македонија за 2014 година тежи 176.514.000.000 денари (околу 2,9 милијарди евра). Сумата што треба да се одвои за бруто износот на надоместоците за стечајците во 2014 година би била 0,45% од буџетот! Само 0,45%! Имајте го предвид и тоа дека од овој бруто износ ќе се плаќаат придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и за вработување. Односно дека државата ќе префрла од едниот свој џеб во другиот околу 300.000.000 денари. Тоа, пак, значи дека на сите стечајци државата ќе треба да им префрла 504.000.000 денари годишно (односно, 8,2 милиони евра годишно). А тоа е 0,29% од Буџетот на Република Македонија за 2014 година!

За прокапиталистичките егоисти и еден денар даден на социјално загрозени граѓани им е премногу, па веројатно и овие 0,29% од Буџетот ќе им се чинат како расипништво! А спомениците од Скопје 2014 не се расипништво? А има пари од буџетот за вработување партиски војници кои седат дома и земаат плати? За сè има пари во буџетот, ама за социјално загрозените граѓани нема?

Ќе го наведеме клучниот аргумент зошто 13 милиони евра, односно 0,45% не се преголемо оптоварување на Буџетот на Република Македонија. Ги памтите заробените девизи, односно т.н. старо девизно штедење? По настанување на проблемот со заробените девизи при распадот на СФРЈ, во 1992 и 1993 година се донесоа два закона за обештетување на граѓаните, со кои се исплати само дел од заробените девизи. За трајно да се реши овој проблем, во 2000 година се донесе нов закон според кој во рок од 10 години државата презеде обврска да ги исплати сите заробени девизи заедно со камата која државата им ја плаќаше на граѓаните и фирмите во висина од 2% годишно.[1]

За жал, ретко што функционира во нашата држава. Ама оваа обврска кон граѓаните и фирмите државата си ја исполни! На 3 октомври 2011 година Владата свечено објави дека и последната рата е исплатена! Годишно се исплаќаа по 52 милиони евра од Буџетот по оваа основа! Цели 10 години! Вкупно, за тие 10 години од Буџетот на Република Македонија исплатени се 576 милиони евра![2]

Ајде сега да видиме дали нема пари во буџетот за стечајните работници! Како што кажавме, за материјално обезбедување на стечајците треба да се издвојуваат 13 милиони евра годишно од буџетот. Од буџетот цели 10 години се издвојуваа по 52 милиони евра годишно за решавање на проблемот со заробените девизи. Како тоа е можно на истата оваа држава не ѝ е проблем да издвојува по 52 милиони евра годишно, а ѝ е проблем да издвојува по 13 милиони евра годишно?! При поголем буџет сега во споредба со претходната деценија?!

Проблемот со заробените девизи е решен. И тоа треба да се има предвид. Фактот што тој проблем е решен значи дека од 2012 година Буџетот на Република Македонија не е оптоварен со издвојување на средства за исплата на долговите по основа на заробените девизи. Тоа, пак, го поставува следното прашање: за што се трошат овие пари од буџетот по 2012 година?

Стечајните работници треба и може материјално да се обезбедат! Тврдењето дека немало пари во буџетот и дека тоа би било големо оптоварување на буџетот е едноставно – ГОЛЕМА ЛАГА! Има пари во буџетот! Нема политичка волја да им се помогне на социјално загрозените граѓани на оваа земја!

______________________________________________________________________

[1] Влада на Република Македонија, „Ставрески: Решен еден од историски наследените проблеми од поранешна СФРЈ – исплатени старите девизни заштеди“, http://arhiva.vlada.mk/?q=node/7150

[2] Исто.

Извор: solidarnostblog.wordpress.com