Планирањето на Скопје - развој меѓу визијата и стварноста

24.02.2014 07:37
Планирањето на Скопје - развој меѓу визијата и стварноста

Големите градови меѓу кои се вбројува и Скопје претставуваат сложени организации во кои се испреплетени многу елементи, делуваат многу сили и се создаваат најразлични односи меѓу луѓето.

За да се насочи развојот во пожелна насока и со цел да се воспостави рационален однос , градот се планира меѓу одделните сегменти и се овозможува непречено функционирање. Едно од основните прашања, кое е неодминливо кога се говори за планирањето на Скопје се однесува на реализацијата на Основниот урбанистички план од 1965 година, изработен веднаш по замјотресот. Имено, дали реализацијата на овој план што ветуваше изградба на еден „европски град“ одговори на поставените цели и задачи и дали урбанистичкото планирање од типот кое и денес е присутно соодветствува на развојот на градот?

Уште на почетокот да констатираме дека Планот од 1965 година не се реализира во неговите стратешки цели. Градот се препушти на стихиен развој и надвор од каква било рационална организација.

Една од основните цели на Планот беше создавање хармонија меѓу општеството и просторот, што непосредно беше инспирирана од идеите за новото општество врз „социјалистички начела“. Градот требаше да ги реализира принципите на новото општество.

Основната заблуда на урбаната политика, која остана заслепена од „големите“ идеи на Планот беше содржана во сфаќањето, дека тој може да се реализира без да се води грижа за општиот развој, како на пример за масовното доселување на неквалификувана работна сила и брзо просторно ширење кон слободните простори во Регионот.

Интересно е да се истакне тоа дека сѐ до осумдесеттите години практично не постоеја никакви расправи за Планот и неговата реализација. Најчесто корекциите се вршеа во институциите на власта без каков било увид на пошироката јавност или стручни и научни расправи.

Градот по седумдесеттите години започна да се гради на „слепо“, од случај до случај, со што започна еден стадиум на „перманентен земјотрес“ кој за кратко време, од само десетина години, ги девалвира сите напори да се изгради нешто рационално. Во периодот што следеше, во отсуство на механизам за следење на реализацијата на Планот, индивидуалните „иницијативи“ на илјадници поединци, организации и институции доведоа до ситуација во која поединечните интереси се спротивставуваат на општите што резултираше со целосна анахроничност.

Кога се говори за социолошката димензија на Планот од 1965 година, се мисли, пред сѐ, на надминување на историската поделба на „лева“ и „десна“ страна на реката Вардар со рамномерна изградба на целата територија, со предимство на запуштените делови, односно, освојувањето нови површини за градба да биде само под претпоставка кога ќе се исцрпат можностите за градба во границите на постојната градежна целина, онаа која со Планот од 1965 година беше предвидена. Основниот заклучок на социјалните истражувања беше целосна реконструкција на запуштените делови, особено оние кои влегоа во потесното подрачје. Планот ја промовира и идејата за „социјална правда“ во просторот, односно рамномерна распределба на урбаниот стандард на целата територија, без разлика на оддалеченоста од центарот на градот или социјалниот состав на населението.

Реализацијата на Планот започна со остварување по одделни сегменти, најчесто со недефинирани корекции, како резултат на дневните потреби и бирократското самоволие. Во измените и дополнувањата од 1985 година основните правци на идниот развој се дефинираа како корекција на реалните состојби и пренасочување на развојот со цел создавање просторна организација со која би требало да се воспостави рационален распоред на функциите во услови на релевантно големата дисперзија на ангажираните површини. Co неа ќе се воспостави адекватен однос меѓу градот и Регионот, адекватна земјишна политика и слично. Она што отсуствува во најновиот план од 1985 г. е јасната претстава на планерите за тоа каков главен град ѝ е потребен на Македонија. Планот е сфатен како ментална вежба на планерите, како најобична квантификација на клучните компоненти: планирањето станбена површина по жител, зеленило, канализација, асфалт на општите состојби и просеци, општите потреби, како во Скопје навистина да владее хармонија и состојба на живот без противречност! Во него целосно се запоставени социјалните аспекти на развојот на градот. Отсуството на јасно дефинирани приоритети, вредносно - неутрален пристап кон планирањето, само ја потенцира статичноста на Планот и отвора можности за манипулација со неговите основни цели. Последните неколку години, практично започна еден „прагматичен стадиум“, каде не се распознава она што е од стратешки интерес за развојот на градот во иднина и дневните потреби на оние кои што се на власт. Ако до пред неколку години си го поставувавме прашањето за тоа „дали некој ќе се разликува од градот во капитапизмот“, денес прашањето не само што ја загуби „вредносната димензија“, што не е голема штета, туку едноставно нѐ враќа на некои одамна надминати позиции во урбанизмот: до што ќе доведе профитната економија, ако просторот навистина добие третман како и секоја друга стока на пазарот, без вклучување на многу други димензии што произлегуваат од законите на пазарната економија. За жал денес отсуствува секаква желба да се дискутира за овие проблеми. Едноставно, се верува дека пазарната економија ќе има благотворно дејство врз организацијата на урбаниот простор. Но, економската ефикасност и како резултат на просторната организација на елементите во градот не мора да значи и чекор напред во хуманизацијата на животниот простор. Тоа е присутно во многу земји каде профитната економија е одамна присутна.

Социолошката анализа на градот содржи и еден „недостаток“: не ги зема за сериозно „добрите“ намери на урбанистите и планерите, a секогаш е критички насочена спрема урбаната политика.

Скопје со себе носи една специфика која можеби малку градови на XX век ја доживеале: да биде урнат од една катастрофа во услови кога постоеше свест за тоа како повторно да биде изграден, но истовремено да доживее неверојатно разочарувачки неуспех на таа обнова! Наједноставно, за Скопје може да се каже дека, социолошки и просторно, претставува фрагментарен град на една бирократска утопија: развиен центар, плус нови населби на планска индивидуална и колективна станбена изградба, плус нехигиенски населби распослани по целата територија, плус запуштена и деградирана периферија.

Напорот да дојдеме до квалитетот на местото наречено Скопје и да го идентификуваме она што скопјани ги прави скопјани, а не некои други, се покажува во голема мера залудна работа. He станува збор за немоќ како резултат на сознанијата или нешто друго, туку едноставно немаме одговор на едноставни прашања, како што се на пример: Дали постои нешто заедничко, освен просторот, како нешто „неделливо“ на оние кои живеат во Топаана, Аеродром или Драчево?

He станува збор за заеднички проблеми или услови за домување. Дали постои нешто што ги идентификува како скопјани? Нашиот одговор на тоа во многу нешта е загрижувачки и се чини нѐ враќа на основната позиција на размислувањето: Дали населбата Скопје е во толкава мера неодредена и просторно и социјално што го изгубила „сопствениот“ карактер или пак сѐ уште не го формирала за да ја препознаеме неговата човечка конкретизација? Едноставно, се работи за населен простор за кој знаеме поединечно што содржи, но не сме сигурни во иднина во што ќе се претвори.

Фактот што Скопје има долга „предисторија“ и кратка „историја“ само ја нагласува нашата заблуда дека сепак градот „спонтано“ ќе го формира својот идентитет. Во модерните градови како плод на силниот индустриски развој се менува ритамот на времето, се губи „човечката мера“ во просторот. Она што се формирало со десетици и стотици години го уништува и на негово место воспоставува нови правила на однесување, кои за многу градови останаа непознати, не поради тоа што тие не биле присутни, туку од едноставна причина што заедничката населба не била во состојба да ги спроведе. Скопје во тој поглед остана соочен со немоќта теоретски да се разбере, што говори за карактерот на противречностите во кои се најде.

Скопје не би требало да се набљудува преку носталгичноста за загубеното, за гратчето, прошарано се десетина маала каде пулсирал животот во заедници кои социолошки и еколошки функционирале како хармонични целини. Тој треба да се следи и замислува како ќе изгледа на почетокот на XXI век. Тоа значи дека ќе мора да се промисли сериозно за сѐ она што се случувало со градот изминативе тресетина години од земјотресот, со една единствена цел: кон што да се насочат активностите и градот да се доведе во границите на „човечката мера“.

Извор: А, списание за култура на просторот, 4/1994.

ОкоБоли главаВицФото