Интелектуална автобиографија (2)

04.03.2014 09:43
Интелектуална автобиографија (2)

Милан, Скопје 1941

Големите читателски години (1942-1945)

 

Сè до почетокот на војната од 1941 година немав навика да позајмувам книги од библиотеките, ниту во нивните засолнети од уличната врева, правливи и полутемни, читални да ги гаснам своите лектирски љубопитства. Впрочем, семејството не беше материјално толку загрозено и јас имав можност да ги купувам убаво опремените изданија „Кадок" и „Плава птица" и да уживам во подвизите на Олд Шатерхенд и Олд Фајнрхенд. Но, читањето на ваквите книги беше само дел од задоволствата што ги доживував во куќните дворови и зелените полјанки на градот. Чувство дека консумирам нешто како „литература" во таа возраст, на 12-13 години, во мене сè уште не постоеше. Сето тоа драстично се измени со избувнувањето на априлската војна. Во окупацијата, барем во првата година, можностите да се дојде до книга крајно се намалија. Пред сè, српските книги, а тоа беа речиси исклучиво сите такви со кои дотогаш се среќавав, беа забранети, отстранети или уништени, а за новите - бугарските кои во се поголем број започнаа да се појавуваат во почетокот немав поголем интерес поради слабото познавање на бугарскиот јазик, а и поради недостигот на средства и големата беда во која наеднаш западнавме. Мајка ни не беше жива, татко ни почина во втората година од Окупацијата, немавме никаква пензија, ни стипендија, бевме сето време без какви и да е приходи. Сепак, контактот со возбудливите страници и постепеното созревање на чувството дека постои нешто како „литература", го пронајде неопходниот медиум во мојот жеден и љубопитен дух.

Најнапред, тоа беа подароците од непознатите италијански војници, првите денови по распаѓањето на бивша Југославија. Преку албанската граница, на преминот Ќафасан, италијанската војска прва влезе во небранетиот Охрид и го окупира уште во април 1941 година. Во нашата убава куќа на езерскиот брег беше сместена „Comando tappa", a јас со своето скромно знаење на италијанскиот јазик (го учев неполни две години во периодот на фашизирањето на бивша Југославија, во гимназијата во Скопје), професорот што ни предаваше, го викавме ,,Lo Stivole е Dolce", поради неговата несмасна, расеана природа. Набргу, станав нешто како преведувач на војниците кои непосредни и распеани, со шарени петлови пердуви врз шапките, мошне брзо воспоставуваа контакт со новата средина и луѓето од градот. Впрочем, тие и не личеа на некаква армија, сиот град ечеше од песни и серенади, а војниците, најголем број од нив мошне млади и згодни момчиња закитени со цвеќиња, сновеа низ градските сокаци и им се умилкуваа на охридските девојки.

Семејната куќа во Охрид

Во командата разбрав дека е дојдена нова воена единица што ќе биде сместена во зградата на охридската гимназија и дека веќе го исфрлуваат инвентарот: клупите, таблите, училишната архива и - книгите. Отрчав веднаш таму и на еден од прозорците од првиот кат забележав двајца шепотливи карабинери како креваат шкаф полни со драгоцени книги и ги исфрлуваат во училишниот двор со цел да ги уништат со изгорување. Се развикав колку што ме држеше грло, молев, заколнував: „signore, vi prego, datte mi un libro"! Тие, занесени, ги фрлаа книгите како смет, но, потоа, здогледувајќи ме, започнаа да ми дофрлуваат преку оградата каде што стоев - цели грстови убави, големи книги, што ги ловев како ранети гулаби и ги трупав во торбата. Така се здобив со чудесен фонд од книги што засркнато ги прочитав преку летото на првата воена година, книги кои не секогаш докрај ги разбирав, но кои во мене разбудуваа необични чувства и размисли, поттикнуваа некакви надежи и ветуваа промени во тогашниот скучен и затворен живот. Мислам дека токму тогаш прочитав неколку збирки раскази од Максим Горки и една особена книга есеи од Мирослав Крлежа, која посебно го дразнеше моето мало исплашено и тукушто из'ртено мозоче. Книгата носеше латински наслов „Eppur si muove", но во неа беа запишани виорните зборови што подоцна во 1943 ги внесов во својот детски дневник:

„Како знаме на ветрот, нека заластари зборот на конечната победа, над сите невозможности, над сите понуди и над сите противречности! Како знаме на ветрот нека заластари тој наш тивок збор во ноќта, во провинциската, глува и дождлива ноќ, исполнета со чад и кучешко лаење..."

„Топката се нишка бавно, но сепак се нишка. A ние, кои го чувствуваме тоа нишкање и кои мирно и опитно ја гледаме тажната перспектива, ние веруваме дека ќе ги надраснеме крвавите нишани и дека ќе летнеме во светлите и тивки и модри сфери на мирот, на контемплацијата, на поезијата, на творештвото, на пишувањето книги..." „Ние веруваме и таа вера нè држи простум."

Сите тие книги беа на српскохрватски јазик, но мене тоа не ми беше најбитно. Книги на мојот мајчин јазик околу мене сè уште немаше. Јас не можев да чекам - интересот за литературата се разгоруваше, бидејќи игрите секнаа, војната ги пресече како остар нож, а други интереси и возбуди ми беа недостапни.

Уште еден извор на книгата, макар и краткотраен, ги озаруваше моите први месеци на Окупацијата. Татко ми падна тешко болен. Процесот на ТБЦ наеднаш се разгоре. Во тие мачни месеци, светла оаза за мене претставуваше една мала визбенска просторија во куќата што ја испразнивме за Германците на ул. 242 бр. 2 и од која само уште јас го имав клучот. Германскиот станар, наводно, дозволил да ја задржиме оваа неголема визба во која беше сместен некој стар мебел кој не ни беше потребен. Но, она што Германците не го знаеја тоа беше дека меѓу купиштата отпадоци и разнразни партали во полутемната просторија беше скриена богата библиотека од дедо ми Ристо Ставриќ која по неговата смрт во 1932 година ни беше оставена на чување. И, ете, во неа јас се нурнував со огромно љубопитство, влегувајќи на прсти, тајно во визбата, да не ме сетат Германците и таму го поминував речиси сето свое слободно време. Едиции од познатата библиотека на „Српска књижевна задруга", комплети на списанието „Српски књижевни гласник" и многу други книги во богата опрема се криеја меѓу стариот мебел. Таму на 13/14 годишна возраст јас ги читав делата на Лаза Лазаревиќ, Иво Ќипико, Стеван Сремац, стиховите на Сима Пандуровиќ, прозата на Иво Андриќ („Мара милосница" и многу други наслови кои избледнеа во моето сеќавање). Речиси сета српска класика од 19. век и првите децении на 20. бев на прагот да ја прочитам кога еден ден затропаа тешки војнички чизми пред вратата на мојата „тајна библиотека". Таа наеднаш се отвори со трескот и на неа се покажа искривеното од гнев лице на германскиот солдат, со една рака на штрек врз опашаниот револвер: „Was machst du hier?!?" ce развика стражарот co сиот глас, a јас се обидов со мојот тукушто приучен германски нешто да му објаснам. Но, неговото лице уште веќе се искриви во страшен грч и така се развика: „L-o-o-o-ѕ!" што јас летнав низ вратата покрај него, за никогаш повеќе таму да не стапнам. Co еден збор, моето засолниште беше откриено и реквирирано и сета стара покуќнина, заедно со книгите, ги здогледав по неколку дена, кога поминував одејќи на училиште покрај нашата куќа - уништени и изгорени во дворот...

Карикатура на Милан Ѓурчинов од Ацо Караманов, 1943

Тајниот извор

Во гимназијата имав другар кој беше послаб ученик и кому му помагав во учењето. Еднаш видов кај него неколку необични книги кои ме заинтригираа. За да ми се заблагодари за помошта што му ја укажував тој ме одведе еден ден во една приземна куќа во близина на „Зеленото пазарче“ во центарот на градот. Ми отвори една полумрачна сутеренска просторија и ме остави во неа, предавајќи ми го клучот од влезната врата. Во просторијата имаше стотици, а можеби и илјадници книги, а веќе по првите наслови сфатив дека станува збор за вистинско сокровиште на илегална литература, онаа „најопасната", комунистичката. Се нурнав во неа, навратувајќи речиси секое попладне таму, бидејќи до други книги и не можев да дојдам. Таму започна да се оформува моето „марксистичко образование", зашто тука беа и Маркс и Енгелс и Ленин и Троцки и Кауцки и Луначарски и многу други левичарски ориентирани автори. Тука за првпат разбрав дека и меѓу југкомунистите во времето пред Втората светска војна имало раскол и остри полемички конфронтации, се изначитав статии во списа- нија во кои се напаѓаа Крлежа и Марко Ристиќ и сите други кои нив ги поддржуваа. Се сретнав со списанијата "Уметност и критика", „Стожер", а ги имаше и фамозните „Књижевне свеске" во кои со помошта на Тодор Павлов „ревизионистите" околу Крлежа требаше да бидат екскомуницирани (од страна на Партијата). Накусо - во таа просторија јас разбрав многу детали околу т.н. „Судир на југословенската книжевна левица" за кој кај нас, се до појавата на Ласиќевата книга недоволно се знаеше, кој беше „табу"-тема, па иако многу нешта не доразбирав почнував полека да сфаќам дека и кај комунистите некои нешта не се во ред што ме правеше крајно претпазлив и ја формираше мојата „дистанца" кон комунистите, и покрај моите нескриени симпатии за нив.

Најголем парадокс беше тоа што оваа куќарка со ваквиот „книжен експлозив" се наоѓаше само на неколку чекори од големата зграда на бугарската полиција и што секој момент, слично како и во сутеренот на нашата куќа во ул. 242, можеше некое лице во униформа да зачука на вратата. За среќа, тоа не се случи и така неколку месеци своите врели лектирски страсти јас ги гаснев пловејќи во еден чуден лектирски свет за кој дотогаш тотално ништо не знаев. Дури по доста години разбрав дека овој скриен библиотечен трезор му припаѓал на вујкото на мојот мал пријател кој бил виден комунист и кој без трага исчезнал во виорот на војната и борбата со фашизмот.

(продолжува)

Кон првиот дел

Во следното продолжение: Гимназиски лавиринт

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото