Албански поглед на Првата светска војна

04.03.2014 18:38
Албанскиот поглед на првата светска војна

Во предвечерието на Првата светска војна, Албанија ја преживуваше еуфоријата на независност од Отоманската империја. Прогласувањето на самостојноста се случи во 1912 година, а потоа и признавањето со Лондонскиот договор наредната година. Со таа еуфорија, течеа и последиците од крвавите балкански војни. „Албанците имаа среќа бидејќи политичката конјуктура беше наклонета кон самостојна Албанија, но и несреќа дека истата таа кoнјуктура не беше за спојување на сите области во кои повеќето се Албанци", вели за Дојче Веле Михаел Шмит- Неке, германски историчар и албанолог.

„Компромисот беше воспоставување на Албанија како кнежевство 'со признавање од шесте големи сили', но во тесните граници кои државата ги има и денес. Понатамошниот компромис беше прогласувањето на германскиот принц Вилхелм Вид за албански кнез, бидејќи тој со своето потекло, роднинските врски и конфесијата не наиде на одбивање од ниедна страна“.

Земја „ фрлена на волците“

Сараевскиот атентат и избивањето на Големата војна практично ставија крај на таквата албанска независност и државност. Германскиот кнез на 3 септември 1914 ја напушти Албанија. „Со неговото заминување Албанија повторно беше онаму каде што беше и пред Лондонската конференција - на меѓународно-правна ничија земја“, коментира Шмит- Неке. Албанија наскоро станува боиште на политичките и воените интереси на кое се судираат речиси сите земји кои влегуваат во војна - Србија, Црна Гора, Грција, Италија, Австроунгарија, Франција и Бугарија. Така, во албанските учебници стои дека Лондонскиот договор од 1915 година му донел „неброени страдања на албанскиот народ“; поделбата на земјата помеѓу Србија, Црна Гора и Грција ја претворила Албанија во „валута за поткусурување на империјалистичките сили и шовинистичките соседи“.

Атентатот на Франц Фердинанд во албанските училишта се спомнува само попатно, како дело на „српскиот националист“ Гаврило Принцип кој го дава поводот за Првата светска војна. Сепак, како причина за војната се наведува кризата на капитализмот и заострувањето на односите на империјалистичките сили чии интереси се судираат во обидот светот да се подели поинаку. Иако вината за војната им се припишува на Централните сили, ниту Антантата не е поштедена: „Со тајниот договор во 1915 година империјалистичките сили на Антантата одлучија да ја укинат независноста на Албанија и да ја распарчат земјата“, стои во книгите од кои учат учениците. Историчарите и стручната јавност во Тирана со задоволство се враќаат на цитатот на британската балканологичарка Идит Дарам, која пишува: „Новопечената држава Албанија е фрлена на волците за да се спасат постарите држави“.

Општо место е и реченицата од историскиот учебник, каде се вели дека откако се дознало за тајниот договор во Лондон, „ослободителното движење на албанскиот народ добило на масовност против окупаторските сили, со цел ослободување и обезбедување на независноста“. Меѓутоа, не беше лесно тоа движење да се смести на оваа или на онаа страна, вели историчарот Шмит -Неке. По заминувањето на германскиот кнез настанува политички вакуум во кој „ нема централен играч кој би ја држел Албанија компактна“. Романот на најпознатиот албански писател Исмаил Кадаре „Несреќна година“ го претставува целиот тој хаос трагикомично, набрзо ниту Албанците ниту странците не можат да сфатат кој е во сојуз со нив и кој за што се бори“, додава овој познавач на албанската историја.

Злосторниците се секогаш другите

Историчарот Шкелзен Гаши ги анализираше учебниците по историја од Албанија, Косово и Србија. Утврди дека текстовите на албански воопшто не ја отсликуваат расцепканоста и различните политички позиции во Албанија од она време. Наместо тоа, се зборува за хомогеното национално движење со јасни цели. Авторите на албанските и косовските учебници користат општи места, пишуваат за оружениот отпор против окупаторот. Тој отпор го предводел Идриз Сефери, во бугарската зона на окупација, односно Азем Бејта во австроунгарската зона. Но, никаде нема ниту збор за заедничките борби на Азем Бејта и локалните Срби против австроунгарските трупи. Историчарот Гаши забележал дека во истите учебници нема ниту збор за албанските злосторства над Србите. Злосторниците се секогаш другите, сопствениот народ е секогаш страдалникот.

Но, колку случувањата од Првата светска војна и претходните, од балканските војни, ја менуваа сликата на Албанците за соседните народи? „Случувањата секако ги поларизираа луѓето и дополнително ги загорчија меѓусебните односи, пред сѐ помеѓу Србите и Албанците, како и односите со Грците“ вели Шмит - Неке. „Официјалната политика ѝ го свртува грбот на себалканската соработка - од која е исклучена Бугарија - и под кралот Зогу потполно се врзува за Италија. Тоа уште еднаш Албанија го плаќа со независноста.

Сродна статија: Турски поглед на Првата светска војна

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото