„Моли му се на Бога, душо - Таа ќе те чуе!“

08.03.2014 16:29
„Моли му се на Бога, душо - Таа ќе те чуе!“

Ти од кого настанав и сопственику мој, што ќе наредиш
Јас без поговор слушам; Господ одредил така.
Господ е твојот закон, а ти мој; за друго да не знае,
Најсреќно е знаење за жената и фала.

Џон Милтон, Ева му се обраќа на Адам; Изгубениот рај

Жените имаат само малку мозок, нивниот мозок е „каша“ а не „месо“, како машкиот; од размислување жените полудуваат, а образованието им ја суши утробата; имаат талкачки материци, помал капацитет на черепот, послаб состав на „елементите“; целото нивно знаење е составено од трачарење и од бапски деветини, а во нивните глави нема ништо корисно за развивање на умот; жените се создадени да бидат телесни садови - инкубаторот не мисли; впрочем, еден англиски адвокат кон крајот на 16-иот век ја искажа големата вистина за жените кога напиша дека секоја feme covert (мажена жена) е некој вид новороденче.

Од каде потекнуваат овие ужасни и навредливи стереотипи за жените, кои се одржуваат се векови? Потекнуваат од патријархалната култура чијшто темел се монотеистичките религии. Да потсетиме, главните светски религии, една по една, на сцената се појавуваат во период од околу еден милениум. Клучната задача на сите нив била изградбата на сопствена заедница од верници и истребување на противниците. Сите тие религии биле исклучително патријархални и во голема мера ги уништиле дотогашните матријархални или гиноцентрични вредности на човечките заедници. Првата од нив, на пример, јудаизмот, кој се појавил околу 600 години пред нашата ера, го понудил патерналистичкиот прототип, воздигнувајќи го ситниот бог Јахве на сосема друго ниво на постоење, по траумата на Прогонот. На сличен начин исламот го патентирал слоганот „Нема друг Бо освен овој Бог“, по раѓањето на својот пророк Мухамед околу 600 година на нашата ера. Среде тие две религии се наоѓа христијанството, реформираниот јудаизам, создадено кога стариот еврејски бог родил син со којшто, како со помлада верзија на себеси, бил мошне задоволен.

Сите тие религии - јудаизмот, конфучијанството, будизмот, христијанството и исламот - биле претставувани како свети, како резултат на божја вдахновеност која се шири од еден извор на машката моќ кон мажите ополномоштени за таа цел, со што самата машкост почнала да се почитува како моќ.

Во однесувањето спрема претходно воспоставените женски вредности (олицетворени, на пример, во Мајката Божица и нејзините следбеници) новите религиски водачи биле сурови. Мухамед не бил задоволен со ништо помало од „ликвидација на женскиот елемент“, смета муслиманската историчарка Фатна А. Сабах. Христијанскиот свештеник Свети Амброзиј го дал моделот за потчинување и понижување на жените: „Ева го навела Адама на грев, а не Адам Ева. Чесно е и праведно тогаш жената да го прифати за свој маж и господар оној кого што го навела на грев“. Вечната должност на жените да плаќаат за гревот на Ева дополнително била објаснета и во исламот. Муслиманскиот мудрец Алгазел изјавил: „Кога Ева ја изела овошката забранета од Него, Господ славен ѝ дал осумнаесет казни“. Некои од тие казни се менструацијата, породувањето, одвојувањето од семејството, мажењето за туѓинец, заточеноста во куќа - плус фактот дека од илјадата делови од кои била сочинета доблеста, жената имала само еден, додека мажите ги поседувале другите 999 делови.

Во сите религии кои го имаат Богот Татко, јудаизмот, христијанството и исламот, Бог најпрвин го создава мажот; жената е родена потоа од безначајно парче од неговото коскено ткиво и извадена од него како дете од мајка. Со вешт (вештерско патријархален) трик Господ ја превртува биологијата и ја пресвртува природата на глава со раѓањето на своето машко дете. Со појавувањето на монотеистичките религии Бог за себе ја презема моќта за сиот нов живот: сите монотеистички религии учат дека Бог потполно сам го створил секој фетус и му вдахнал живот, користејќи ја жената во која фетусот е сместен просто како „обвивка“, како што вели исламот.

Религиозните фалсификати не запираат тука. Новата голема измама продадена на верниците е дека Нашиот Господ, Божјиот син, Спасителот на човештвото, не можел да биде роден од валканата утроба на некоја жена. Затоа христијанските оци решително одлучиле дека благословената девица Марија била девица не само пред раѓањето на Христос, туку и после него! Нејзе не ја извалкало крваво и болно пораѓање. Синот бил херметички одвоен и немал никаков допир со нејзините одвратни и нечисти изнутрици. Се разбира, умот на христијаните го споделиле и верниците од другите бои. „Несопирливиот порив на мажот поглавар не само да ја заземе и поседува чистата и неизвалкана вагина туку и да излезе токму од таква го покажува фактот дека освен Исус, Платон, Кецалкоатл, Монтезума и Џингис-кан исто така тврделе дека биле родени од девици.“

Розалинд Мајлс (од чијашто книга „Кој ја спреми Тајната вечера?; женска историја на светот“ ги преземав информациите во текстов) вели: „Ако се изведат пред судот на историјата, боговите на машките поглавари треба да одговараат за многу злостори против жените. Тие го нападнаа и уништија култот на Големата Божица, го колонизираа она што можело да им послужи, ја сведоа некогашната Мајка Земја на девојче-невеста и експлоатирана девица. Женската сексуалност е или превртена или негирана, а женското тело е сведено на сексуален суд на Божјата волја, сопственост на нејзиниот маж кој сам по себе е Господ и кој затоа мора да се почитува и обожава. Во првиот и најголем чин на дискриминација, намерниот апартхејд во човечката историја, жените се претворени во Untermenschen, одвоен и инфериорен вид суштества. Но, што е најлошо од сето тоа, тие биле натерани да веруваат во сопственото омаловажување и понижување.

За крај мала соодветна анегдота. Како што кон крајот на 19 век во Англија движењето за правата на жените станувало сè посилно, така и полицијата станувала сè побрутална кон бунтовните жени. Кога министерот за внатрешни работи бил информиран дека жените се спремни да умрат за госпоѓата Панкхерст, нејзиниот апокрифен совет кон една млада сифражетка гласел: „Моли му се на Бога, душо - Таа ќе те чуе!“

Слики: Elizabeth Shreve

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото