Понекогаш

11.03.2014 09:41
Понекогаш

Апстракт

Предмет на истражување на овој труд е способноста за целосно раскрстување со минатото. Оттука, во него се разгледуваат потребните и доволните услови за неповратно бришење на спомените со цел тие да се претворат во она што навистина се - самозамислена стварност. Во таа смисла, трудов покажува дека во безмилосниот тек на времето човекот мора себично да го отфрли тешкиот товар на минатото за да го зачува она што е живо во привремената реалност на сегашноста.

Клучни зборови: време, минато, сегашност, малку иднина.

Вовед

Кога Блаже случајно ја виде својата прва љубов, остана потполно рамнодушен, како да беше видел старица на клупа, дете на велосипед или луѓе кои чекаат во ред пред банкомат. Впрочем, тоа воопшто не го зачуди, зашто во опседнатоста со секојдневните обични нешта, тој никогаш за овие дваесет години не помислил на неа. Всушност, Блаже не знаеше да живее во спомените од минатото, зашто неговата душа беше исполнета само со треперлива сегашност. Соодветно на тоа, тој воопшто не размислуваше за иднината, бидејќи знаеше дека неа не ја познава.

И навистина, ако малку човек се подзамисли, лесно ќе дојде до сознанието дека Блаже е во право. Што може да ви донесе минатото? На пример, помислете на сите убави книги што сте ги прочитале во текот на својот живот. Еден ден, неочекувано ќе ве погоди некоја остра болка во градите и толку. Од тој миг натаму, какво значење имаат возвишените мисли што сте ги исцрпиле од книгите? Всушност, од нив не останало ништо. Дури и да претпоставиме дека вашите омилени книги продолжиле да постојат физички, да речеме дека вашите деца ја зачувале домашната библиотека, нема ниту трага од она што било во книгите. Е, сега, кога не останало ништо од Пушкин и По, каква тежина може да има изгубениот спомен на една жена, која денес е дебела и има брчки?

Податоци и методологија

Во интерес на академската чесност, уште на почетокот мора да нагласиме дека во овој труд применуваме стандардна методологија, каква што вообичаено може да се сретне во емпириската литература. Со други зборови, овде не правиме обид да изградиме нови истражувачки алатки, или барем да ги унапредиме постојните во кои имаме потполна доверба, онака како што му веруваме на сонцето што изгрева. Сепак, секојдневието на нашите постапки воопшто не ја намалуваат нивната употребна вредност. Во таа смисла, придонесот на овој труд се состои во тоа што веќе стекнатите знаења ги проверуваме на сосема нов примерок. Понатаму, тоа ќе ни овозможи да ја потврдиме нашата доверба во старите вистини или, пак, да го продлабочиме сомневањето во нив.

Еднаш: Живеам сам и убаво ми е. Никому не пречам, никој не мора секојдневно да ме поднесува. Впрочем, не е праведно да се претворам дека нечиј здив ми е помил од мојот. Сам или во заедница, деновите си минуваат и тука не помага никаква борба.

Другпат: Имам продорен, остроумен поглед кој ми овозможува целосно да го впијам она што повеќето луѓе не се способни ниту да го забележат - Блаже си ги грицкаше ноктите на левата рака - но, што ми вреди сето тоа? Кога човек ќе остане сам, дури и сопствените зборови се претвораат во неиздржлив товар.

Во некое друго време: Потпрен на балконската ограда, Блаже почувствува слабо треперење во прстите од левата рака, кое постепено се пренесуваше преку рамениците, а потоа течеше по грбот, накусо се задржуваше во длабочините на желудникот за да заврши изразено како болно тресење на десната потколеница. Тоа беше обичен летен ден, како претходниот, како оној пред него, како сите минати денови. На пример, тој ден беше измерена максималната температура од 28 степени, додека просечната дневна температура во тој јули изнесуваше 27,4 степени.

Иако беше саботна вечер, Блаже мораше да остане дома, откажувајќи ја закажаната средба со својата прва љубов. На прагот на новиот век, тој немаше пари за да плати две пијачки во ноќниот клуб, една за него, една за неа. Малку размислуваше пред да го заврти нејзиниот број, но кога се јави таа, Блаже изговори само два збора, трудејќи се гласот да му биде сув: Болен сум. Подоцна, потпрен на балконската ограда, Блаже мирно го трпеше солилото на солзите по своето лице. Всушност, не можеше да биде потполно сигурен во вистинитоста на солзите што се мешаа со капките дожд, кои извираа некаде на средината на челото, а потоа рамнодушно се спуштаа по падините на носот. Тогаш, Блаже помисли дека дошол крајот на светот и дека, бездруго, тој ќе се удави во поплавата од непознати течности. И навистина, тоа не беше само субјективно чувство на осамен плачко, туку се работеше за средба, очи в очи, со оној моќен првобитен дожд од времето на создавањето на Земјата, кога капките со денови, месеци и години слегуваа од небото, погинувајќи во борбата со бескрајната жештина.

Понекогаш: Само што ќе се обидам да се сетам на моето минато, во главата ненадејно ми се вгнездува најцрна темнина. Тогаш, сè ми изгледа бесмислено - побелените влакна на моите гради, часовите поминати во прошетка крај реката, голтките вода што се тркалаат низ грлото, дури и помислата на самоубиство. Трагедијата на моите спомени лежи во тоа што тие се само мои. Оттука, тие ќе траат само до оној страшен последен здив. И токму нивното себично врзување за една личност ќе го направи непотребно нивното натамошно постоење. И што можам да направам за нив? Да ги запишам? За кого? Не, подобро да ги избришам. Впрочем, тие воопшто не ме претставуваат мене, туку се само неуспешен обид да се оживее оној дел од мене кој повеќе не постои, исто како што портретот не може да го замени вистинскиот лик.

Можеби на читателите ќе им бидат корисни следниве дополнителни методолошки објасненија: во изводот од книгата на родените на Блаже нема дата на раѓање, можеби некој заспан државен службеник заборавил да ја внесе, или тоа претставува важна воена тајна, а можеби во сето тоа се вмешала некоја таинствена сила која е надвор од нашата моќ за поимање.

Вистинската вредност на човекот лежи во тоа што тој поседува повеќе лица, едно за оваа прилика, друго за овој ден, трето за овие луѓе, четврто за себе итн. Токму овој труд укажува на честата грешка што се прави во истражувањето, имено, нашата тврдоглава упорност множеството да се збие во едно. И сето тоа само за да го задоволиме нашиот стремеж за едност: едно човештво, една вселена, еден бог. Но, никогаш не може да се најде она што не постои.

Заклучок

Секое утро, Блаже поминуваше по истата патека, одејќи во малата продавница за да купи тазе леб. Така, Блаже ја виде својата прва љубов уште неколку пати. Веројатно, таа се преселила во неговиот град, но сигурно не поради него, туку некои други околности довеле до преселбата, можеби мажот добил нова работа или нешто слично.

На петтата или шестата средба, не, подобро е да се каже при петтото или шестото разминување, зашто тие никогаш не застанаа, не им се вкрстија погледите, не разменија ниту еден збор, значи, на петтото или шестото разминување, Блаже наеднаш се скамени и очите му се наполнија со солзи. Цврсто ја притисна торбата како, божем, тоа да можеше да ги запре солзите што доаѓаа незапирливо како кивавица.

Значи, Блаже остана на тротоарот расплакан, мрсулав како дете, всушност, рикаше како магаре. Но, тој не плачеше за својата прва љубов. Не плачеше за ниту една своја љубов, тоа немаше никаква врска со љубовта, која, впрочем, веќе одамна не живееше во неговото заморено срце. Но, Блаже очајно плачеше, плачеше за својот непотребен живот, плачеше за овој непостојан свет и за неподносливоста на постоењето.

Слики: Џошуа Суда

Куси-куси раскази од Горан Петревски на Окно може да прочитате на следниот линк.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото