Три феномени на погубно политичко недејствување

13.03.2014 12:31
Три феномени на погубно политичко недејствување

Правото на глас е есенција на секој демократски систем. Со собирање на доволен број гласови се менуваат власти на локално и државно ниво, но и се воведуваат или укинуваат одредби за кои постои широк граѓански договор преку Референдум (на локално или државно ниво), како врвен инструмент на непосредна демократија. Иако правото на глас е најлегитимниот и најдемократскиот начин за менување на една власт, многумина не веруваат дека нивниот глас може нешто да промени. Таквото сфаќање на избирачкиот процес може да се темели на недоволната политичка писменост помеѓу гласачите, или пак на нивното свесно недејствување кое може да биде мотивирано од Х причини. Луѓето кои се решаваат на различни начини на бојкотирање на изборниот процес, по дефиниција не припаѓаат на ниту едно гласачко тело или „партиско стадо“, но тоа нималку не ги амнестира од одговорноста за крајниот исход. Имено, кој и да победи на едни избори, неговата победа во добар дел се должи и на оние кои не гласале. Поборниците на изборните бојкоти ќе ви дадат десетици причини и објаснувања за нивните мотиви да не гласаат. Јас издвоив три феномени кои се појавуваат во македонското гласачко тело, а за кои сметам дека се најчести и подеднакво опасни, особено во држава како Македонија, која сѐ уште е далеку од демократска зрелост.

1. Феноменот „Сите се исти“

Ова е најчестиот одговор кој ќе го чуете од поборниците за бојкотирање на изборните процеси. Теза која во својата суштина ја открива немоќта на поединецот нешто да смени дури и кога му се нуди таква можност, но и теза која во себе крие склоност кон авторитарност, бидејќи она „сите се исти“ значи дека кој и да владее, ќе владее како неговиот претходник. Оттаму поборникот на ова тврдење со неизлегувањето на избори остава другите да му одберат водач, кој секако ќе биде ист како претходниот. По ваквиот став, логично е прашањето зошто поборниците на „Сите се исти“ не заговараат укинување на изборите и оставање на власта да владее во наредните 100 години? Бидејќи сите политички субјекти се исти, нема потреба од трошење државни пари на толку скапи процеси како што се изборите. На минатите избори во Р.М. беа предложени 18 пратенички листи создадени од партии или коалиции, со повеќе 50-тина политички партии. Тврдењето дека сите 18 листи се исти е мошне опасно и истото во голема мера им одговара на владејачките партии. Освен ако сите 18 листи се далеку под интелектуалното или социолошкото ниво на оној кој ги смета за исти. Што од друга страна го најавува феноменот број два.

2. Феноменот „натпартиска и натполитичка личност“

Тоа се луѓе кои гласно заговараат дека политиката е само за „неуките простите и без’рбетниците“. Во своите настапи јасно и недвосмислено тврдат дека политиката никогаш не била “кул“, додека исто толку јасно и недвосмислено го мешаат „партиското“ и „политичкото“, постојано не правејќи разлика помеѓу партија на власт и држава. Велат дека не се „замараат“ со политика, не знаејќи дека и најобичната забелешка кон лоша услуга, на пример, во здравството, судството и слично е токму тоа – „замарање“ со политика! Редовно мудруваат на социјалните мрежи како државата е срање и уште поредовно не преземаат ништо за да променат. Излегувањето на избори за нив е далеку под нивното интелектуално ниво, а самиот чин за заокружување на кој било број на гласачкото ливче го сметаат како издавање на нивниот кул и хипер урбан дух. Дури и ако рекреативно се појават на гласачко место, по дефиниција прават неважечко ливче преку кое ја „праќаат нивната порака“ која најчесто нема адреса, а јасна им е само на оние кои ја праќаат. Неважечките гласачки ливчиња се последниот и најопасниот феномен.

3. Феноменот „Бели ливчиња“

Феномен кој е во ред само доколку гласачот има помеѓу 18 и 20 години и гласа прв или втор пат во животот. Главниот аргумент за излегување на гласање и оставање на неважечки (познати и како Бели) гласачки ливчиња е феномен кој не само што не носи промени, туку индиректно им помага на владејачките партии да останат на власт. Потребата од оставање неважечки ливчиња нејзините поборници ја толкуваат како порака којa се упатува кон политичките елити, а нивната крајната цел е утописка ситуација во која сите кои би излегле на гласање би направиле неважечки ливчиња со што би се урнал целиот политички систем. Ситуација во која можат да веруваат само оние кои се политички полу-писмени. Таквиот став „не гласам ЗА, ама ниту ПРОТИВ“ е далеку поопасен од претходните два. Со ставање на неважечко ливче во гласачката кутија се дава легитимитет на изборниот процес и на оној кој победил во него. Помалку штета прават оние кои воопшто не гласаат, за разлика од оние кои поништуваат гласачки ливчиња. Да се надеваш дека со неважечко ливче ќе промениш нешто е исто како да се надеваш дека со враќање на часовникот ќе го вратиш и времето.

Ова се главните замки во кои најчесто несвесно паѓаат добар дел од неопределените гласачи. Во земја како Македонија, која катадневно паѓа на испитите по човекови и економски слободи, опасно е голем број од гласачите да бидат пасивни. Нормално е да се очекува дека сите не можат и не сакаат да следат што се случува со политичкото владеење, но сите треба да знаат дека владеењето на правото, економската развиеност и сите останати параметри кои се клучни за стабилен живот, зависат токму од начинот на политичко владеење. И да, дефинитивно начинот преку кој секој директно учествува во создавањето на иднината на неговата држава, е главно преку избори. Ниту едни избори нема да пропаднат доколку категориите погоре не гласаат за никого. Само ќе ја пропуштат шансата да учествуваат во можноста барем да се обидат да го дадат правецот според кој би одела нивната држава. И на крајот уште една забелешка. Сите погорни категории во иднина НЕМААТ право да се бунат за што било поврзано со државните институции, невработеноста, ниските плати, високите казни и слично, затоа што кога дошол моментот во кој можеле нешто да сменат, тоа им го препуштиле на другите. Па така, можат само да го сркаат она што другите претходно го надробиле, без право при тоа да се жалат колку солена каша сркаат.

Извор: gjorgjevski.blogspot.com
Слики: Глен Џонс

ОкоБоли главаВицФото