Интелектуална автобиографија (4)

18.03.2014 05:02
Интелектуална автобиографија (4)

Со класниот раководител Лука Вукмановиќ (брат на Светозар Вукмановиќ Темпо) и со побратимот Благоја Андревски

ПОРАЗЕНА МЛАДОСТ


Кој ни Ги скрши белите крилца крилца на Галаби бели?
Кој ни замати извори бистри извори на души чисти?

Рацин

 

Отсекогаш сметав дека верата е нешто суштествено во животот на човека. Се разбира, не некоја слепа, догматска и доктринирана вера која се затвора во кафезот на некоја програмираност од која не смееш да мрднеш ни лево ни десно, туку нешто друго: верата дека животот може да биде поинаков одошто е, дека човекот не е само она што напати со ужас откривме дека може да биде и е, т.е. дека секогаш постои некоја друга можност и алтернатива. За таква вера основна претпоставка е довербата кон животот и човека, која некои ја нарекуваат наивност, некои илузија, некои, сомневајќи се дека е искрена - итрина. Но, таквата вера, во секој случај ѝ е својствена на младоста, бидејќи, како што се знае, само неопитноста, недоволното познавање на нештата може да ја роди големата илузија. Околностите на новиот живот придонесоа таа вера, во самиот почеток на новиот живот, да биде скршена, да созрееме побргу отколку што беше потребно.

Поминуваа првите месеци од 1946 година... Течеше последното гимназиско полугодие: мирно, спокојно, со врелите планови за студирањето што нѐ очекуваше, за нашата иднина. Односите со наставниците беа сѐ поприсни бидејќи наскоро се разделувавме. Полулегалниот литературен кружок Црвените моливи веќе не постоеше, но како да не бевме премногу разочарани. Расправавме за сѐ и сешто - најмногу за животот околу нас, со блага насмевка, за девојките, со копнеж и занес: тие дефилираа секоја приквечерина на преполнетото скопско корзо на просторот од големиот плоштад до Железничката станица и за повеќе од нас беа - толку недостапни! Но, посмелите раскажуваа за своите големи подвизи и авантури со нив; ние, другите, ги ширевме зениците пред нивните кажувања, се воодушевувавме, завидувавме.

Наставата сѐ повеќе стануваше формална. Професорите повеќе нѐ советуваа отколку што нѐ учеа. Она задолжителното беше веќе научено и зад нас. Немав никакви илузии. Настојував да ја завршам гимназијата како одличен ученик, да бидам ослободен од усните испити, да се здобијам со некаква стипендија (бидејќи нашата семејна материјална положба и по Ослободувањето беше - очајна) и да заминам на студии по светска книжевност. Сѐ друго беше подалеку од моите интереси. За таа цел одново им се нафрлив на јазиците. Покрај рускиот, кој доста добро и брзо го бев совладал, повторно му се навратив на францускиот. Се сеќавам на нашиот тогашен професор Лазар Тониќ - сталожен и умен човек, мошне спокоен и извонредно упорит во желбата да нѐ обликува и како зналци и како луѓе. Тониќ беше претставник на онаа стара гарда франкофили кои ги сметаа класиците како темел на едукацијата и за кои Големата француска револуција и француските демократски традиции беа највреден патоказ во животот. Читавме одломки од Виктор Иго и Шатобријан, од Доде и Зола, учевме наизуст стихови од Ламартин (кој смееше да не го знае неговото Езеро наизуст?), од Мисе и Шение, а најмногу од Иго. Многу часови поминавме со неговите Казни, а пред сѐ со песната од оваа збирка Ceux qui vivent која ја учевме интензивно во тие последни месеци и која, како по иронија на судбината, стана не само наше најсакано четиво, туку нешто како завет и морален кодекс пред нашето излегување на големата сцена на животот.


Сеuх qui vivent, се sont ceux qui luttent, ce sont Ceux dont un dessein ferme emplit I'ame et le front, Ceux qui d'un haut destin gravissent I'apre cime, Ceux qui marchent pensifs, epris d'un but sublime, Ayant devant les yeux suns cesse, nuit et jour, Ou quelque saint labeur, ou quelque grand amour

Ученик на трети клас гимназија, за време на војната и окупацијата, Скопје, 1942.

Ги мрморевме во себе овие бодри, надежни стихови, бидејќи тие толку тесно се совпаѓаа со нашата вера, бидејќи им верувавме ним, но и на професорот кој сакаше тие да станат наш животен манифест: да чекориме во животот со високо кренато чело, привлекувани од тој but sublime, таа возвишена цел, бидејќи верувавме дека целта што Иго така силно и восторжено ја испеа, е нашата цел, која ќе нѐ исполни и понесе низ далгите на животот, наспроти сите можни искушенија. О, колку бргу согледавме дека сме излажани, колку неправедно и безобѕирно се однесе новото време спрема она што се случуваше со младите души, кои никако не стоеја на спротивниот брег, кои од сѐ срце сакаа нему да му припаѓаат и со сиот свој младешки занес да го градат, и на кои сето тоа набргу бездушно ќе им биде оневозможено.

Сѐ се наоѓаше на онаа тенка линија што граничи меѓу солидарноста, соработката и - разочарувањето. Колку малку требаше таа линија ненужно да не се прегази, колку малку такт и разбирање недостасуваше за младоста што очекуваше да биде повлечена од некоја света активност или голема љубов. Но, тоа не беше време на внимателни и деликатни гестови кон човекот, кон младиот особено.

Мојот духовен и интелектуален живот беше длабоко закопан во мојата интима, во моите интимни тетратки и лични записи. Што се однесува до јавниот, политичкиот живот, никој не ми приоѓаше, никој не се интересираше за мене, а ни самиот не чувствував никакви потреби некому да му се доближам или допаднам. Новите господари во животот, наспроти првобитното мое воодушевување, сѐ повеќе се оцртуваа како безобѕирни и груби луѓе, сѐ поразлични од јунаците на Горки, Синклер, Џек Лондон и другите херои на социјалната литература, на кои им верував во текот на моите големи читателски години. Набљудувајќи го она што се случува наоколу, она што се пишува и прогласува за литература, чувствував дека сум осамен, дека во таквиот книжевен живот никогаш не ќе можам да се вклучам. Но, наспроти тоа тегобно чувство, јас продолжував најинтензивно да работам врз своето самообразование: не само што не престанував да пишувам, туку како никогаш порано ни подоцна моите работни тетратки беа исполнувани со безбројни замисли, записи, идеи, раскази, стихови, први глави од најразлични повести и романи, грижливо водени дневници.

И одеднаш - coup de foudre!

...Минуваа првите месеци на 1946 година. На 6 март се одржа конференција на Младинската организација на Гимназијата. Таа имаше единствена точка на дневниот ред: исклучување на антинародните елементи од гимназијата. Конференцијата ја раководеше претседателот на младинската организација. Co вчудовиденост ги слушнавме имињата на: Јоцо Јорданов и Војо Георгиевски од нашиот и Свето Прокопиев од соседниот VIIIa клас. He можевме да се прибереме од шокот: тоа беа сјајни другари, кај кои никогаш не забележавме ништо антинародно. Првите двајца беа и добри ученици, а третиот - Прокопиев, извонредно начитано и интелигентно момче, еден од најдобрите ученици во гимназијата. Видовме набргу дека тоа и не е конференција, туку судски процес на кој пресудите веќе беа донесени. Главен обвинител беше Предраг Кушевски, подоцна долгогодишен политички функционер. Нему му се придружија и други. Обвинувањата беа бесмислени и смешни. Јорданов се прогласуваше за соработник на окупаторот, иако тогаш имал одвај 14 - 15 години. (Меѓу другите гревови се спомна дека си дозволил да игра пинг-понг со некој германски офицер!?). Георгиевски беше прогласен за негов соработник. Се обвинуваше дека се подбива со нашите сојузници, имитирајќи ги спикерите на Радио Лондон и Радио Москва, дека тера мајтап со новата народна власт. И двајцата се обвинуваат дека се собираат со сомнителна група во слаткарницата Рајна, дека се подготвуваат да ја дигнат во воздух зградата на НОМС итн. итн. Главниот грев на третообвинетиот Прокопиев беше во неговиот потценувачки однос спрема стиховите на тогаш официјалниот поет Венко Марковски (Потценува еден голем талент, еден народен поет), во подигравките што на адреса на неговата поезија ги искажал пред други.[1] Тој тоа и на собирот не го негираше. За мене Венко Марковски не е никаков гениј, изјави. Притоа, започна да рецитира делови од поемата Гоце. Каква е оваа поезија? - ги прашуваше сите во салата. - Според мене - никаква! Станаа неколкумина ученици во одбрана на обвинетите. Укажаа дека осудата е бесмислена, а аргументите измислени. Но, се покажа дека во салата имало и други луѓе - високи партиски функционери. Еден од нив станал и драстично им се заканил на бранителите. Укажал на држењето на нивните татковци за време на Окупацијата. „Знаеме дека вашите татковци биле воени шпекуланти", им рекол. Друг, во долго кожено палто и измазнети чизми, се заканил:

„Ако обвинетите не се поправат, лесно можат да се најдат пред шмајзерите на ОЗНА.“ Така, ги замолчале. Конференцијата на крајот се изјаснила: тројцата обвинети да бидат исклучени од гимназијата и организацијата. За предлогот гласале најголемиот дел од присутните. Впечатокот беше морбиден. Сите бевме депримирани. Ho, по неколку дена, сепак решивме да се спротивставиме. Проверувавме што од обвинувањата одговараше на вистината и заклучивме дека сѐ беше измислено и дека процесот беше измонтиран однадвор. Верувавме и дека предлогот може да биде отфрлен, доколку заеднички и организирано настапиме. За таа цел падна предлог Блажо Андреевски и јас, како истакнати ученици во класот и Гимназијата, да ги анализираме и одговориме на сите невистини и да поднесеме широко образложение за случајот, со барање предлогот на конференцијата да не се прифати. Работевме неколку ноќи и ја составивме нашата Резолуција на дваесетина страници. Таа завршуваше со зборовите на Дантон: Вистината, вистината, макар и горчливата!

На прва година на славистика на Белградскиот универзитет, 1948

Тоа беа мошне драматични денови. Се одигруваше голема драма на нашата младост, нашето прво жестоко соочување со опачините на новиот живот, нашето големо разочарување во справедливоста на системот и власта. Нашата Резолуција одеше од рака на рака и сите во класот ја потпишаа, освен обвинителот и уште еден наш соученик врз кој беше извршен стравотен притисок. Бевме воодушевени од нашата солидарност и уште верувавме дека вистината ќе победи. На состаноците имаше многу потресни моменти: грозно се кршеше да ни даде или не поддршка Вангел Битољану, братот на познатиот револуционер и политичар (атентатор на бугарскиот фашистички доушник Мане Мачков); во еден момент облеан во солзи и душевно распнат и разнебитен, тој ја напушти салата, признавајќи дека имаме право. Многу нѐ охрабри и држењето на нашиот другар Владо Георгиевски кого поради неговата приврзаност кон новото време, го викавме Владо-болшевик. Знаевме дека работи за ОЗНА и стрепевме како ќе постапи. Но, тој застана резолутно на наша страна. Зборуваше отворено во полза на лажно обвинетите и ја потпиша без колебање нашата Резолуција. Бевме оптимисти, бидејќи многумина во гимназијата нѐ поддржуваа, согледувајќи колку се кревки доказите на обвинението, a чувствувавме дека и наставниците се на наша страна. Нашите надежи и очекувања се покажаа крајно наивни. Иако добивавме поддршка речиси од учениците на сите други класови, иако наставниците не ја одобруваа ирационалната акција - партиската директива се наложи. Гимназиска конференција на која би се расправало за нашата резолуција воопшто не се одржа. Таа беше отфрлена на состанокот на гимназиската младинска организација која предлогот за исклучување го достави до Министерството за просвета.

Одлуката конечно беше донесена: Јоцо Јорданов и Свето Прокопиев беа исклучени на две години од сите гимназии во земјава, a Војо Георгиевски на една година! Беше крај на месец април и тројцата се наоѓаа пред матура и завршување на гимназијата. Наеднаш се најдоа - на улица, отфрлени, презрени и бојкотирани. Им беше забранет дури и пристап на игранките и секаков натамошен контакт со нивните девојки! Бевме поразени и длабоко депримирани. Ништо веќе не беше како порано, немаше шеги, ни закачки, ни присни контакти со професорите. Ние, неколкумина иницијатори на отпорот знаевме дека ќе ни бидат отворени досиеја во Внатрешни и дека одвај ли ќе ги добиеме очекуваните стипендии за студии. Така и се случи. Таму каде што по неколку месеци заминавме нѐ чекаа мошне неповолни карактеристики. Но, тоа сепак малку нѐ загрижуваше. Мислевме на нашите тешко онеправдани другари. На погазените факти и исплуканата вистина. Како со сето тоа во нашата млада свест ќе продолжиме да живееме? Co старото и старата вера бевме раскрстиле, но имаше ли пред нас пат и светлост на некоја нова вера?

Продолживме да ги посетуваме часовите, малку заинтересирани, резигнирани. Се подготвувавме за завршниот зрелосен испит, кон крајот на месец мај. Ние двајцата како автори на Резолуцијата и најангажирани како бранители на исклучените другари бевме ослободени од полагањето на усниот дел од матурата, бидејќи бевме одлични по сите предмети. Но, нашата радост од завршеното средно образование и претстојните студии беше длабоко заматена.

Се спакував и во првите денови на јуни заминав за Охрид. Во крајот на септември, без да си погледнеме еден на друг в очи, се разотидовме на разни страни; едни заминаа на студии во Белград, други во Загреб, трети во Љубљана. Некои останаа во Скопје. Така, нашата генерација се растури.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел


[1]Од Стефка Прокопиева, сопругата на Свето, многу години подоцна, пo неговата смрт, разбрав и за следните поединости и обвинувања на процесот:
Покрај искажувањето за В. Марковски, тој е осуден и за две негови изјави:
а)Минувајќи по дрвениот мост кај Народниот театар, кој беше дотраен и крцкаше, една вечер. рекол; Еве, како што мостов крцка и се нииш, така крцка и се ниша и оваа Југославија.
б)Па до кога мајмунски ќе ГО копираме сѐ она што го прпви СССР? Зарем не можеме да имаме свое мислење и да водиме своја политика?
И двете негови изјави, кои тој не ги порекнувал, биле доставени во ОЗНА.

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото