Постои само еден пат

21.03.2014 15:06
Постои само еден пат

Господине претседателе! Дами и Господа!

Путин сака по воен пат да ја реши украинската криза. Тој не сфаќа дека светските проблеми не можат да се решаваат со војска и оружје. Баш напротив. Така не можат да се решаваат ни руските проблеми. Неговите ставови и потези се погрешни.

Меѓутоа, истите ставови доминираа и сѐ уште доминираат на Запад. Тоа го покажуваат примерите на Југославија, Авганистан, Ирак и Либија.

Конфронтацијата на двата система ја замени конфликтот на американските и руските интереси. Студената војна е завршена. Меѓутоа, овие спротивставени интереси попримија многу слични карактеристики. САД имаат намера да го прошират своето влијание и да ги задржат постоечките сфери на интерес. Истото важи и за Русија. Ќе наведам неколку примери и за неа: Грузија, Сирија, Украина.

Кога ги осудуваме потезите на Путин, мораме да сфатиме како воопшто дојде до конфликт. Ќе бидам крајно отворен: сѐ што НАТО можеше да направи погрешно, го направи.

Ќе почнам со Горбачов. Тој во 1990 предложи изградба на заедничка европска куќа, распуштање на НАТО и Варшавскиот пакт и концепт на „заедничка безбедност“. НАТО го одби тој предлог. „Да, Варшавскиот пакт е историја, но НАТО останува.“ Одеднаш НАТО од одбранбен сојуз се претвори во интервенционистички.

Втората грешка. Во текот на преговорите за германското обединување, американскиот министер за надворешни работи Геншер и министрите за надворешни работи на другите западни земји му ветија на Горбачов дека нема да има ширење на НАТО на исток. Го прекршивме ова ветување. Дојде до негово незадржливо ширење кон Русија.

Поранешниот американски министер за одбрана Роберт Гејтс го опиша избрзаниот прием на источноевропските држави во НАТО како голема грешка, а поканата на Западот Украина да влезе во НАТО како сериозна провокација.

На крајот доаѓа и одлуката ракетниот штит на НАТО да се размести во Полска и Чешка. Руската влада рече: тоа ги загрозува нашите безбедносни интереси, ние не го сакаме тоа. Меѓутоа, Запад одлучи да ја игнорира загриженоста на Русија и продолжи по старо. Освен тоа, НАТО во текот на југословенските војни неколку пати го повреди меѓународното право. Тоа неодамна го призна и тогашниот канцелар Герхард Шредер. Србија не нападна некоја друга држава, ниту имавме одлука на Советот за безбедност на ОН. И покрај тоа дојде до бомбардирање, во кое за прв пат после 1945 година учествуваше и германската војска. На жителите на Косово на референдум им беше дозволено да одлучуваат за отцепување од Србија.

Тогаш жестоко ја критикував повредата на меѓународното право и реков дека на Косово се отвора Пандорина кутија, бидејќи ако на Косово му е дозволено правото на самоопределување, ќе морате истото право да им го признаете и на другите. Се смеевте. Не го сфаќавте тоа сериозно, бидејќи верувавте дека сте победници во студената војна за кои повеќе не важат никакви правила. Ќе ви кажам само дека Баскијците и Каталонците веќе подолго време прашуваат „зошто би останале во Шпанија, би можеле и ние да одржиме референдум за независност“. Нормално, сега истото прашање го поставија и жителите на Крим.

Со повредите на меѓународното право се создава обичајно право како ново право на меѓународните односи. Сметам дека сецесијата на Крим е спротивна на меѓународното право, исто како што беше случај и со Косово.

Меѓутоа, очекував дека Путин ќе се повика на Косово, што и го направи. Сега вие госпоѓо Меркел велите: „Ситуацијата е сосема поинаква.“

Можеби тоа е точно. Но изгледа дека не разбирате дека повредата на меѓународното право секогаш е повреда на меѓународното право. Прашајте некој судија дали грабежот со благородни мотиви во споредба со грабежот без такви мотиви и понатаму е грабеж. Тој ќе ви одговори: „Да, тоа и понатаму е грабеж“.

Германскиот министер за одбрана Петер Штрук при објаснувањето на интервенцијата во Авганистан објасни дека Германија мора да ги брани своите интереси на Хиндукуш. Сега Путин вели дека Русија мора да ги брани своите интереси на Крим. Патем речено, Германија на Хиндукуш немаше флота и е пооддалечена од него отколку Русија од Крим. И покрај тоа сметам дека двете објаснувања се погрешни.

Меѓутоа, едно е точно. Кога оние што го кршат меѓународното право ја обвинуваат Русија, која исто така го крши, за негова повреда, некако тоа се чини прилично јалово и неубедливо. Тоа е неспорен факт.

Обама говори исто како вие, госпоѓо Меркел, за суверенитетот и територијалниот интегритет на државите. Меѓутоа, овие принципи се погазени во случајот на Србија, Ирак и Либија. Запад мислеше дека може да го крши меѓународното право бидејќи студената војна е завршена. Грубо ги потценивме руските и кинеските интереси. Русија под Елцин, кој често беше мртов пијан, не ја сфаќавме сериозно. Меѓутоа, ситуацијата се промени. Доцна се сетивте да повикувате на принципите на меѓународното право настанати за време на студената војна. Би сакал тие повторно да важат, но да важат за сите! Нема друго решение.

Дојде до несогласувања помеѓу ЕУ и Русија околу Украина. Двете страни водеа сопствена политика. Претседателот на Европската комисија Баросо рече: „Или царинска унија со Русија или договор со нас!“ Тој не рече „и двете“, туку „или-или!“ Путин возврати: „Или договор со ЕУ или со нас!“ Двете страни направија кобна грешка.

Никој од европските министри за надворешни работи не се ни обиде да разговара со руската влада и да ги прими на знаење оправданите руски безбедносни интереси. Русија стравува дека ќе уследи уште поблизок однос на ЕУ и НАТО со Украина и се чувствува целосно опколена. ЕУ и НАТО ја игнорираа историјата на Русија и Украина. Никогаш не го сфатија значењето на Крим за Русија.

Украинското општество е длабоко поделено. Ни тоа не го земавме предвид. Оваа поделба дојде до израз во Втората светска војна, а се забележува и денес. Источна Украина тежнее кон Русија, а западна кон Европа. Во Украина во овој момент за жал не постои ниту една политичка личност која би можела да ги претставува двата дела на ова општество.

Но затоа постојат Советот на Европа и Организацијата за европска безбедност и соработка. Иако во последно време сосема ги занемаривме. Постојано ги намалувавте донациите за овие организации, мислејќи дека тие не се важни. Меѓутоа, тие се единствените европски организации чии членови се и Русија и Украина. Затоа мораме повторно да ги зајакнеме, пред сѐ финансиски, и не би требало да размислуваме за исклучување на Русија, бидејќи тоа е сосема бесмислено.

Сите бевме сведоци на заострувањето на ситуацијата на Мајдан, снајперите и загинатите. Кружат различни гласини. Во таквите ситууации често се прикрива вистината. Затоа предлагаме основање на меѓународна истражна комисија. Ние, но пред сѐ граѓаните на Украина, имаме право да дознаеме што навистина се случи таму и кој е одговорен за тоа.

На Мајдан имавме демократски сили, но и фашисти. Запад се мешаше директно и индиректно. Тогаш министерот за надворешни работи на Германија Штајнмаер, француските и полските министри за надворешни работи склучија договор со Јанукович и опозицијата. Сега господинот Штајнмаер вели дека Јанукович со своето бегство го направил овој договор ништожен. Тоа не е точно. Луѓето на Мајдан со големо мнозинство го одбија постигнатиот договор.

Јанукович го напушти Киев дури после тој настан. Тогаш парламентот се состана и го смени со 72,88 отсто гласови. Уставот пропишува мнозинство од 75 отсто. Сега луѓето од германската влада велат: „Да, но кога има револуција никој не очекува строго да се придржувате до Уставот. Неколку проценти помалку или повеќе.“ А сега и Путин се повикува на истата работа: „Не постои уставно мнозинство за смена.“ Освен тоа, гласањето во парламентот го надгледуваа вооружени луѓе. Ни тоа не е демократски.

Интересно е тоа што канцеларката тврди дека референдумот на Крим е забранет според украинскиот Устав. Но кога важи тој Устав? Тоа не беше случај при смената на претседателот, а сега би требало да го примениме на референдумот на Крим. Морате да се одлучите. Дали украинскиот Устав го прифаќате во целост или само некои негови делови кои ви одговараат?

Украина доби нова влада. Барак Обама, ЕУ и Германија веднаш ја признаа. Госпоѓо Меркел! Заменикот премиер, министрите за одбрана, земјоделство, животна средина, јавниот обвинител, сѐ се тоа фашисти. Шефот на советот за национална безбедност е еден од основачите на фашистичката партија „Свобода“. Фашистите добија важни функции и доминираат со безбедносниот апарат. Дали фашистите некогаш во историјата на човештвото доброволно ја предале власта која веќе еднаш ја освоиле?

Барем германската влада требаше да одреди црвена линија, особено имајќи ја предвид нашата историја.

Кога FPÖ на Хајдер влезе во австриската влада, ЕУ се закани со санкции. Меѓутоа, реакцијата изостана кога станува збор за фашистите во Украина. „Свобода“ има блиски контакти со германската Национал-демократска партија и со други нацистички партии во Европа. Претседателот на оваа партија Олег Тјагнибук изјави, цитирам: „Земете оружје, борете се против руските свињи, против германските и еврејските свињи и другиот коров.“ Крај на цитатот. Дојде до напади врз Евреите и врз левичарите. Но германската влада и понатаму молчи и разговара со овие луѓе од „Свобода“. Тоа е скандал.

Сега се решивте за воведување санкции „ако немаме друг избор“, како што велите вие. Со тоа нема да го импресионирате Путин, туку само дополнително ќе ја заострите ситуацијата. Кисинџер, поранешниот американски министер за надворешни работи, е во право ког вели дека санкциите не се стратегија, туку знак за нејзино непостоење. Тоа важи и за сѐ поголемиот број воени летови над Полска и балтичките држави. Чуму сето тоа?

Блокирани се сметките на Јанукович и неговите соработници, бидејќи на нив се наоѓаат проневерени државни пари. Моето прашање е следно: па зарем не го знаевте тоа претходно? Второ прашање: зошто само нивните сметки? Што е со милијардите во сопственост на олигарсите? Зошто сите одлуки се толку еднострани?

Мораме да бидеме свесни дека постои само еден пат за излез од оваа криза. Тоа е патот на дипломатијата.

Прво. Западот мора да ги уважи легитимните руски безбедносни интереси, што го сфати и американскиот министер за надворешни работи Џон Кери. Мораме да најдеме решение за Крим, кое ќе им одговара и на Украина и на Русија, и нам. На Русија мора да ѝ се дадат гаранции дека Украина нема да стане член на НАТО.

Второ. Во Украина мора да отпочне процес на помирување и разбирање помеѓу истокот и запдот, можеби преку моделот на федерална или конфедерална држава или со двајца претседатели.

Она за што им замерувам на САД и ЕУ е тоа што никогаш не се обидоа да постигнат некаков договор со Русија. Тоа мора да се промени.

Безбедноста во Европа не може да постои без Русија или наспроти неа, туку само преку обострана соработка. Кога еден ден оваа криза ќе заврши, да се надеваме дека нејзина најголема последица ќе биде тоа што сите страни во иднина ќе го почитуваат меѓународното право.

Ви благодарам.

(Транскрипт од говор во Бундестагот)

Извор: Die Linke, 13.03.2014.

Слични содржини

Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет / Теорија
Европа / Свет
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото