Метаморфузија

21.03.2014 15:50
Метаморфузија

Книгата „Метаморфузија“ на Драган Георгиевски, кој е победник на конкурсот „Новите!“ за 2013 година главно е составена од куси-куси раскази, но на места е прошарана и со подолги прозни парчиња. Иако композициски ракописот не е поделен на поглавја, тематски целини или делови, станува збор за компактно дело кое ја постигнува кохерентноста благодарение на стилската доследност.

Уште по првите прочитани страници се забележува дека посебниот хумор (честопати црн, но не и мрачен) е една од главните алатки со кои авторот го гради својот специфичен, испревртен, апсурден свет. За јунаците од расказите во „Метаморфузија“, речиси без исклучок можеме да кажеме дека се наоѓаат во едно слатко недоразбирање со себеси и светот. Меѓутоа, таквите разминувања, благодарение токму на хумористичната перспектива, никогаш не се поимаат како нешто трагично. Низата ликови, кои се еден вид симпатични наивни „лузери“, секогаш успеваат да се насмеат на својата несреќа, а со тоа да предизвикаат и насмевка кај читателот.

Драган Георгиевски е автор кој несомнено е во војна со она што се нарекува реален свет, кој очигледно најчесто заслужува да биде главечки превртен и первертиран во расказите. Така, во „Метаморфузија“, дури и кога раскажаните приказни делуваат уверливо и како да се пресликани од стварноста, авторот успева да го посочи, открие или дополнително да го истакне бизарното, невообичаеното или апсурдното во нив.

Делови од книгата може да прочитате овде и овде.

 

ОкоБоли главаВицФото