Бакнежот на смртта (1)

22.03.2014 10:47
Бакнежот на смртта

1.

Не знам дали сѐ уште има некој кој се сомнева дека, кај нас, денес, прегратката на политика е ѓаволска, а политичкиот бакнеж е бакнеж – на смртта. И во таквите прегратки проследени со бакнежи нема никакви емоции. Тие се, едноставно, смислено убиство на долги патеки.

Заради тоа не знам дали навистина сѐ уште има некој кој мисли дека кај нас, денес, политиката е професија, а не бескрупулозна алатка за трупање пари, или дека бавењето со политика е општополезна работа, а не здружена манипулација. Ако последниве години не ги разубедија и малкуте преостанати скептици, тогаш навистина им треба сериозен стручен третман. Или, ако некои сѐ уште мислат дека политиката може да им помогне во професијата и животот, е тука, богами, треба не само сериозен стручен третман туку и подолгорочна институционална помош. И тоа е сѐ поочигледно пред секои избори – локални, парламентарни, претседателски. Но сѐ поочигледно е и дека кај нас бројот на политичките „зависници“ се зголемува, а сѐ уште има и „експерти“ кои тврдат дека при јавното политичко декларирање – онака, од чиста мира и од никого не предизвикано - кај нас се изразува лично мислење, дека секој има право на тоа, дека на тоа не треба да се гледа како на зло... и секакви други будалаштини замотани во целофанот на „стручното“ гледање на работите.

И кога, згора на сѐ, ќе почнат да нѐ изедначуваат со Америка, па како таму ѕвездите (од филмот, спортот итн.) често отворено застанувале зад одделни политички опции, тоа веќе преминува во вистинска перверзија.

2.

А сепак, изгледа дека кај нас сѐ уште некој мисли дека македонската политика последниве години се идентификува со способност на решавање на проблемите. Ако тие луѓе не се освестиле дека, кај нас, денес, политиката не решава туку создава проблеми, дека политиката не е дијалог туку конфликт, дека кај нас политиката не се темели на разум туку на џеб, тогаш нема дискусија туку има разговор на малоумни. И тоа глуви.

Неспособноста, неукоста, комплексите на македонската политичка „мисла“ (ако такво нешто постои!) денес е евидентна токму во настојувањата да се „врзе“ за некакви, барем некакви, јавни лица од спортско – естрадно – културно – уметничка провениенција, со што (автоматски?) ќе си го подигне рејтингот, особено меѓу неопределените гласачи. Зашто верните припадници, членовите на политичките партии, особено на партиите на власт, немаат проблем со сопствената (гласачко политичка) ориентација. Проблем се сите други – особено неопределените – кои се двоумат. Токму тие се целната група на церемонијалните ревии на симпатизерите од редот на спортистите, естрадните „ѕвезди“, уметниците и другите кои треба да го подигнат културно-интелектуалното ниво на партиите. И повторно некој „стручњак“, ќе рече дека тука безмалу нема ништо спорно, и дека тоа го прават безмалу сите политички партии во светот. Можеби не така отворено и грубо, можеби не така простачки, ама – го прават. Е па, токму во тоа е проблемот, токму во простаклукот, во сељачкото чаламење, во злоупотребата, во искористувањетo!

3.

Од друга страна, на крај памет не ми е да го оспорувам правото на лично мислење, личен став, дури и по политичките прашања, вакви или онакви, на сите оние кои нашава политика така безмилосно ги користи, особено оние од погоренаведените области. Тоа, впрочем, е нивно загарантирано лично право, луѓето се возрасни и би требало да знаат што прават и каде ги води таквото постапување. Ама… секогаш има некое „ама“… прегратката на политиката е ѓаволска, а нејзиниот бакнежот – смртоносен.

Зашто, политичкиот печат на една спортска или творечка кариера – па дури и естрадата да ја гледаме како вид на творештво – е безмилосен. И не се брише. Зарем новоизбраната „актерка“ за наградата на оној наш гооолем дневен „весник“ не е свесна како ја гледаат луѓето, откако истата награда прво ја одби нејзин колега? (А текстон на „уредничката“, па па паааа!). Или, не знае ли, навистина, Лазаров дека наградата „Спортист на годината“ ја добил заради сосема други „заслуги“, а истата морално припаѓа на девојката која го искачи Монт Еверест? Или, не гледаме ли сите што остана од оној наш слааавен режисер, откако со него си ги избриша чевлите македонската политика? Или на што личат оние улични „интелектуалци“ што секој ден „антиквизираат“ низ дневнине весници, а до вчера се колнеа во ѕведата петокрака, и црвена и сина?

И тука, повторно, е евидентна разликата помеѓу политичарите и другите. На политичарите им е дозволено да ги менуваат боите – партиите, некогаш и по неколку пати, како што ќе посакаат. Не еднаш сме биле сведоци на такви политички лупинзи. И тие продолжуваат како ништо да не било. И згора на тоа, јавноста / народот им прогледува низ прсти, зашто им одбива на глупоста. Политички шљам. (Некои барем имаа доблест да се извинат. Други не).

Меѓутоа, политичките ветерници во другите професии се гледаат низ друга диоптрија. Политичките лупинзи во спортот, културата, уметноста… новинарството… особено кога се толку проѕирно лукративни, се самоубиствени и тоа јавноста не го проштева. Зашто, политичкото лигавење кај нив веќе не е само став, јавно искажан, веќе не е личен избор, зашто тој избор може да се направи и тивко и мирно, со едноставно заокружување во гласачкото ливче. Зошто од тоа треба да се прави јавна претстава? Оттука, тој објавен личен став овде се претвора во просјачење, во коленичење, полтронство, упикување, усмрдување… недолично за човечкиот род. Или, навистина некој (сѐ уште) мисли дека потпишувањето политички „иницијативи“ односно кандидатури е резултат на некакви хумани и пријателски побуди, а не просто (и простачко) политичко / стручно / професионално… авансирање и додворување? Или, попрецизно речено, политички агитпроп. И дали навистина некој верува дека ако една будала изнесе на политичка сцена еден цел женски тим, а друга цел еден машки тим – ракометарски или кошаркарски, сеедно – дека тоа е израз на искрена (политичка) поддршка, а не манипулација? И дека тоа луѓето не го разбираат?!

4.

Она што навистина загрижува, повторно, не е желбата на политичарите да манипулираат, туку подготвеноста на другите да бидат манипулирани. И резилени. И претворени во политички крпи со коишто се брише политичката јавна сцена. Like a puppet on a string.

Зачудува спремноста токму на спортисти, уметници, певаљки, писатели, лекари, новинари, да се спуштат на толку испоганетото македонско политичко рамниште. Толку ли е голем бенефитот, ќарот од таквото коленичење? Веројатно. Погледнете го само новоно Радио Слободна Македонија и кој сѐ таму „држи банка“. Платена – преплатена. Или видете ги општинските и градските совети, колумнистите, управните одбори, комисиите што решаваат за сѐ и сешто… Па тие би прифатиле членство и во комисија за празнење на септичките јами во скопските предградија! Или најнована „акција“ на една издавачка куќа и естраднине „ѕвезди“ кои рекламираат книги а не прочитале ниту една! Зарем мораше тоа да се прави под безобразно политизираното покровителство на Министерството за леб и игри?

Или, ако сакате, пресметајте му го месечниот политички приход на пенисологон Сарајлија од колумните и радијата, од комисиите и одборите, додека тој од брановите на новото радио им посакува на слушателите да добијат „сладострасен порив“. Или, зарем за оној маалскион „филозоф“, кој патем е доктор на науки, не е под честа да се реди во сите совети – прво општински, па селски, па градски – па во управни одбори, па да советува, да „пишува“ закони и „студии“, а сега и тој станал и радио шут? Кога ќе кажат – доста? И, има ли воопшто – доста? Цела булумента такви се валкаат низ македонскава политичка кал глумејќи интелектуалци и творци.

Од друга страна, на превеаниве лукративни полтрони од првиот ешалон очигледно веќе им е сѐ рамно, па се резилат јавно. Оние од вториот ешалон се „посрамежливи“, тие исто така дебело наплатуваат, но гледаат да не бидат постојано пред очите на јавноста. Тие се кукавички срам и арам по себе и за себе. Не знаеш кои се погадни, посмрдливи… Вториве само одвреме-навреме ќе пуштат глас, ќе се појават тук-таму да не ги заборават властелините, ќе заѕвонат со ѕвонливата им капа и пак ќе се скријат ко глувци. Ама и тие си седат по „високоумни“ совети и одбори, разноразни комисиички, толку колку да капе. А минатото го кријат ко змија нозе! Еден лигав кленовиден оф-оф „маестро“ го имаше, на времето, дури и сателитскиот број на Б.Ц., па кога му го мереа паметот го местеа да врти на истиот и да арчи едно чудо пари. Ама пак му се исплаќаше, му ги враќаа на други начини. Сега веројатно врти на други броеви, и пак му се исплатува. Друг „авангардист“ мољакаше низ чаршија и бараше влез во СДСМ небаре влегува кај господ. Денес е „еминентен“ барокољубец и покорно „верен“ антиквизациски апологет! И уште едно чудо такви возљубени чеда властелински, сите со превртени шинели.

А всушност, тоа е најголемата заблуда на политиката со овие луѓе. Кај нив има верност помалку отколку и кај онаа најстара професија од женски (па и машки) род. Тие се бре брате верни само на кешот и тука завршуваат сите други приказни. И бивши се, ама уште не знаат.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Скулптури на сликите: Андреа Хаслер

ОкоБоли главаВицФото