Интелектуална автобиографија (5)

25.03.2014 13:26
Интелектуална автобиографија (5)

Со сопругата Анка во скопскиот стан, воочи Нова година

МОЈОТ МАНИФЕСТ: „МАРГИНАЛИИ HA ТЕМА: НОВО“


He мислам дека дваесетината статии што ги напишав во 1953/54 година беа и се особено значајни за нашата литература. Но, се чини, дека тие сепак одиграа некаква улога во афирмацијата на новите критериуми во вреднувањето на нашата современа книжевност: пред сѐ - естетски, и дека она за што реков дека е лошо, а исто така и што е добро во книгите што ги оценував тогаш, и денес би можел да го потпишам. Освен тоа, мислам дека со нив дадов свој каков-таков придонес кон она пледоаје што токму во тоа време го беше истакнал Марко Ристиќ, а тоа е: „За книжевните дела да се пишува на книжевен начин“. И уште нешто: да негувам критичко мислење и пишување во кое паралелно со домашната литература ќе се пишува и размислува и за светските книжевни феномени и автори. Инаку - јас не учествував во полемичките судири, ниту имав какви-годе претензии да бидам модернистички лидер или главатар, како што подоцна ме прикажуваа. Чувствував дека нашата современа литература, па и онаа што се пишува во духот на модернизмот е кревка, ги прави своите први чекори, а добро знаев дека и онаа другата струја, конзервативната, нема подлабоки корени на наша почва и дека набргу и таа ќе се приспособи и ќе ги прифати нашите ставови, што и се случи. Тоа ме натера да бидам претпазлив кон конфронтациите во чија срцевина би се нашле исклучиви и поларизирани естетички и книжевни ставови и идеи. Судирите во најголем дел се одвиваа на планот на приматот во хиерархијата во книжевниот живот на една мала литература во која некои си вообразуваа дека се предопределени да бидат први и единствени. Таквите „борби“ и амбиции мене ми беа неинтересни. Моите амбиции, заправо, беа многу поголеми и поврзани со други нешта. Можеби најдобро ќе ги дефинирам ако речам дека беа утописки и без граници.

Но, најнапред ќе се обидам да ја дефинирам сопствената критичка позиција сред својот круг книжевни истомисленици.

Набљудувајќи го она што се случува наоколу, веќе кон крајот на 1953 година почувствував потреба да го определам и формулирам својот став. За таа цел ја напишав статијата „Маргиналии на тема: ново“ која започнуваше со цитат од едно писмо на Петар Лубарда: „Колку многу таленти, а колку многу страв од новото. Зошто е тоа така, кога сме во политиката напредни...“ „Зошто тогаш тој страв во уметноста каде што фантазијата и имагинацијата се не само нужни, туку и неопходни?“

Ќе наведам овде неколку фрагменти од овој есеј кои ми изгледаат клучни и суштествени не само за тогашниот миг, туку и за моите општи ставови подоцна:

1) „Новото“ дојде кај нас како загатка и како освежување, за да нѐ ослободи од многу внатрешни јазли поради кое се обвинувавме себеси, без да бидеме толку виновни. „Новото ни помогна да заборавиме дека сме непотребни.“

2) Космополитските тензии најчесто го уништувале самобитното и ја оставале литературата насред пат. Ми се чини дека ова гледиште води сметка само за крајностите. „Новото“ може да постои и покрај старото. И не само тоа. „Новото“ ќе може да егзистира како вистински ново, само доколку содржи во себе и еден дел од старото. Но исто така, - новото ќе станува вистински „ново“, само доколку рецидивниот, конзервативниот дел на старото станува сѐ помалку животворен, потискуван, совладуван и победуван од виталната уметничка вистина на „новото“. Значи: ново и наше. А не - ново и туѓо. Првото в современо и модерно. Второто е помодарство, лажна уметност“.

3) „Во алтернативата живот-уметност, реалност- илузија, „новото“ нема што да избира. Уметноста мора да биде верна на себеси. Таа не е ничија слугинка. Никакво настојување (свесно, преднамерено или целесообразно) да се исфорсира животноста не може да го обезбеди уметничкиот резултат. Раѓањето на уметничките дела е во најголем случај спонтано и сѐ што може општеството да им го даде на уметноста и литературата, тоа е да обезбеди благопријатна клима за појавата на новите никулци“.

Со поетот Гане Тодоровски, во педесеттите

4) „Естетскиот императив на новата литературна концепција се состои во негацијата на кодексираните и утврдените естетски норми, во минирањето на естетските прописи и конвенции. He е никакво чудо што е инертниот конзервативен книжевен консумент збунет пред новата естетска реалност. Во неговата свест сѐ уште живеат рецидивите на симплистичките формули на една утилитаристичка концепција“.

5) „Само едно такво пледоаје за „новата“ модерна уметност која инсистира не на евтиното помодарство (кое исто така претставува примитивизам, каков што беше и оној довчерашниот) туку на оригинална трансформација на најценетото и најбитното во нашиот живот, не водејќи сметка за моментниот естетски вкус на масите, само едно такво пледоаје може да стане животворно и ново за нашиот литературен живот“.

Есејот му го предадов на Димитар Солев, за да биде објавен во „Разгледи“. Но, поминаа повеќе недели, а тој не се појавуваше. He ми се даде никакво објаснување. Бев, се разбира, разочаран. Успеав да дојдам до Солев и да поразговарам со него за мојата статија. Еве, што запишав во својот дневник по тој разговор:

„5 март 1954

Статијата за 'Разгледи' - одбиена. Мотивација: таа би била протолкувана како официјален став на весникот, со тоа би внесла во и онака затегнатите односи со 'реалистите' уште
повеќе напнатост. Me советуваат да не брзам и да почекам уште извесно време.“

He гледав никакви резони за ваквото „објаснување“, освен - опортунистички. He мислев дека со што било битно мојот есеј се разликува од она што како книжевна политика тогаш се застапуваше во „Разгледи“. Се разбира дека ваквото објаснување ми беше неприфатливо. Затоа и постапив по свое. Онака како што тоа го забележав на истово место.

Статијата ѝ ја предадов на „Млада литература“, со тоа да ја објават во првиот следен број. Да не биде причина за нови заплети, статијата им ја предадов и тие можат да ја објават, a јас нема да ја повлечам, макар колегите од „Разгледи“ да се предомислат. Значи, останува - ќе биде објавена, без оглед на новите моменти - во „Млада литература“.

Така и се случи.

Без оглед на настанатото недоразбирање, мојата соработка во „Разгледи“ продолжи со несмалено темпо. Се покажа дека годините 1955 и 1956 беа време на мојата најинтензивна книжевно-критичарска активност. Пишував за Р. Тагоре и Чехов, за Тургенев и Достоевски, за новите дела на Хемингвеј, за книгите на Блаже Конески, Славко Јаневски, Јован Бошковски, Ацо Шопов, Димитар Солев, Гане Тодоровски, a напишав и неколку статии од поопшт и полемички карактер. Токму овие последниве, како и моите критички оценки за новите дела на некои од влијателните македонски писатели предизвикаа бурни реакции. Во почетокот на 1956 г. „реалистите“, кои веќе располагаа со свое списание „Современост“, решија да покренат нов книжевен весник кој би ни парирал и би им се спротивставувал на нашите погледи. Го нарекоа „Хоризонт“, а го уредуваа: Ацо Шопов (одговорен уредник), Славко Јаневски (главен уредник), Александар Ежов, Мето Јовановски и Гого Ивановски. Освен нив, на неговите страници учествуваа со своите „ударни статии“ и критичарите Димитар Митрев и Георги Старделов. Како што може да се види, тоа беше по својот книжевен и политички статус мошне силна екипа. Во текот на 1956 и 1957 г., колку што ова гласило и излегуваше, (згасна во почетокот на 1958 г.) јас бев најприсутниот и најнапаѓаниот автор на тогашната македонска книжевна периодика. Me напаѓаа: Славко Јаневски, Димитар Митрев, Ацо Шопов, Александар Ежов и Георги Старделов. О, Боже! Што сѐ не беше за мене напишано на страниците од ова фамозно гласило: ми одречуваа секаква вредност, - книжевна, стручна, интелектуална, морална. Некој отстрана можеше и да се изначуди на толкавата омраза и одиум кон мене и моите написи; јас молчев и трпеливо го поднесував сето тоа, бидејќи ми беше наполно јасно: жестокиот гнев на силните го заслужив затоа што пишував критички за Славко Јаневски и Ацо Шопов, за делата што тие во средината на 50-тите години ги пишуваа и за кои сметав дека се зад она што во тоа време го создаваа помладите автори како Д. Солев, Г. Тодоровски, Б. Варошлија и Б. Иванов. Накусо и сосема конкретно: јас сметав дека расказите од книгата „Окопнети снегови" (1956) на Д. Солев се многу подобри од расказите што тогаш ги пишуваше Славко Јаневски, песните од збирката „Спокоен чекор“ од Г. Тодоровски се далеку поубави од песните што тогаш ги пишува Ацо Шопов, сметав дека Бранко Варошлија е сјаен стилист, без оглед на тоа што е сосема млад и неопитен и што нема висок општествен статус. Моите опоненти премолчуваа нешто што на времето беше мошне битно: тие од првиот ден по 1945 беа привилегирани миленици на режимот, уживаа во благосостојбата на новата црвена буржоазија, додека моите другари и истомисленици, кои како млади луѓе не учествуваа активно во НОБ, a пo својата возраст и не можеа тогаш да се борат како партизани, беа на маргините од општествениот живот, беа на периферијата од центрите на тогашната моќ и власт, живееја и буквално на периферијата, во сутерените и приземните соби на градските подалечни населби, од каде што (во сосема скромните услови) се огласуваа и зрачеа нивните мали глави и заитани пера, гладни за иновации и жедни за дотогаш непознати творечки дострели. Нас, таквите, париите на новото време, маргиналците во новата „народна власт“ нѐ обвинуваа дека сме заврбувани од туѓите прозападни влијанија, дека сме „буржоаски копилиња“, дека сме некоја диверзантска заговорничка група која негира сѐ што дотогаш беше создадено под новата власт, во социјализмот. Мошне симптоматичен беше во таа смисла естетичкиот памфлет на Георги Старделов „Едно предупредување на естетиката ад хок“ во кој гносеолошкиот марксист се нафрла на најгруб начин врз поезијата што ја пишуваат младите поети Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Петре Бошковски, Зоран Јовановиќ и др. Потсетувајќи во воведот „што значеше надреализмот во својата фундаментална идеолошка суштина“ (според него: „надреализмот е експонент на крупната буржоазија која преку своите најразлични аденти: футуризми, дадаизми, надреализми, летризми итн., маршира во нирваната на сето она што е бесмислено, цинично, песимистично, апсурдно, сѐ со една цел: ако може барем за уште малку да ѝ го продолжат векот на својата, според зборовите на Енгелс, веќе „жена без заби“, т.е. својата крупнобуржоаска егзистенција...) Меѓу другото, за таков надреалистички сурогат, анемичен и апстрахиран од „реалните животни односи“, тој ќе ја прогласи и триделната песна „Дождови“ од М. Матевски - која е еден од највисоките поетски дострели на сета современа македонска поезија!

Зачетниците на поинаквите разбирања во современата македонска култура. Одлево кон десно: Александар Ѓурчинов, Благоја Иванов, Коле Чашуле и Димитар Солев

За оваа квази-филозофска пасквила напишав во октомврискиот број на „Разгледи“ критички коментар под наслов „Една неодговорна аналогија ад хок“ во која го нагласив она што за таборот на „реалистите“ и беше суштествено во сиве овие години: отсуство на слух за новите поетски вредности и можности, за нивните мотиви и побуди и најмногу - за особеноста на нивниот израз и нивниот нов поетски јазик. Според мене, не станува збор за копирање на туѓите „изми“, како што им импутираше на поетите околу „Разгледи“ и „Млада литература“ овој естетичар. Рака на срце: ниту еден од инкриминираните млади поети во тој момент не познаваше ниту еден странски јазик, не престојуваше на Запад, ниту имаше можност поблизу да се запознае со погледите на надреализмот кој во тој момент и на Запад претставуваше анахронизам, ниту пак беше некаков образец на поетскиот идеал за нив. Впрочем, тоа, веројатно, и не сакал естетичарот и да им го замери. Туку - да ги стави на една идеолошки интонирана обвинителна клупа со што севкупната нивна нова поетска ориентација би добила белег на нешто идеолошки сомнително и субверзивно. Тоа стана непобитно јасно од книгата на Димитар Митрев „Критериум и догма“ која се појави речиси паралелно со текстовите на Старделов и која претставуваше обид за решавачка и целосна естетска и идеолошка пресметка со македонските модернисти. Надреализмот во оваа памфлетска книга е почестен со следниве (во идеолошка смисла мошне слични на оние на Старделов) квалификации: „Во Франција, пишуваше Митрев, тој беше директен наследник на хаотичните модернистички правци што ја носеа на своите смело развиени, но бргу и бесплодно свиени знамиња програмата за крајна произволност на изразот, за екстремна субјективистичка маниерност на смислата - до смислено бараната бесмислица - со доминирањето на потсвесното и иреалното над свеста и реалноста, под влијание на Фројдовата психоанализа. На наш терен: - резултат на полуколонијален поклонички однос спрема францускиот 'модернистички хаос', резултат на анахроидно интелигентско левичарство и на еклектички 'збогатувачки' обиди за согласување на марксизмот со психо- анализата.“

И во двата случаја, според критичарот: „надреализмот беше бргу пречекан и уште побргу испратен како анахронизам во уметноста“. На Митрев, како прв човек на тогашната македонска книжевна критика, секако не му недостасуваше голема доза на цинизам, и игноранција, и безочно кривотворење на фактите, но најмногу - елементарно непознавање на ситуацијата и дејствувањето на надреализмот и во Европа и во Југославија пред Втората светска војна. Тоа не беше ни најмалку чудно, кога се знае, а ние тоа тогаш добро го знаевме, дека Митрев е отшколуван како критичар во бугарската литература во која надреализам и немало, дека е оформен под скутот на филозофот и естетичар Тодор Павлов и неговата крајно симплифицирана „теорија на одразот“ во која во унисон со Лукачевиот „московски период“ само реализмот беше вреден како наследство на граѓанската култура, само од него можеше да се тргнува за да се унапредува литературата во социјализмот, a сѐ што дивергираше од него, особено сета постреалистичка литература и уметност претставуваше декаденција и извор на антикомунистичката диверзија. Ваквите тиради во духот на догматскиот марксизам по низа години денес делуваат смешно и јалово, но, кога се знае дека оние што ги застапуваа, беа во блиски односи со најтесниот партиски врв, оној што ја држеше сета власт во рацете, може да се претпостави колку тие беа опасни и колку го доведуваа воопшто во прашање опстанокот на сите оние што се наоѓаа „од другата страна на барикадата“. Но, со Божја или нечија друга помош, ние опстанавме. Можеби и кај оние од најтесниот врв од чија сенка се плашевме како од чума, имаше поголем степен на разумност и готовност да се дозволи, наспроти сѐ, - постоењето на разликите. Барем во уметноста. Ние продолживме да пишуваме и да не се согласуваме со она што го сметавме за неуко, примитивно и неталентирано. Тековите на животот, општата културна клима во пошироката заедница - ни одеа во прилог. Слични процеси и генерациски поделби имаше и во другите југословенски средини од кои започнавме да ја добиваме неопходната поддршка. Погледите на Митрев и Старделов сѐ повеќе се покажуваа како јалов анахронизам, сѐ повеќе се чувствуваше дека во полемичките истапи и реагирања на Јаневски и Шопов имаше пред сѐ - чувство на повредена суета. Впрочем, нашиот најголем аргумент бешефактот дека Јаневски речиси истовремено, а Шопов неколку години подоцна, тргнаа по истиот пат на таа „нерационална, имагинативна, субјективистичка и субверзивна поетска естетика и прозна реч“, што со толкава жолчност и со таков идеолошки гнев ја проколнуваа самите тие и нивните критичари - сателити, неколку години пред тоа!

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото