Црните тетратки на Хајдегер

26.03.2014 09:37
Црните тетратки на Хајдегер

Навистина запрепастува скандалот кој го предизвика во Германија печатењето на белешките и размислувањата на Мартин Хајдегер, водени од 1931 до 1941. „Црните тетратки“ (Schwarze Hefte) на германскиот филозоф се наречени така според бојата на кориците; се покажа дека се црни пред сѐ поради содржината. Но, од каде вакво изненадување?

Во ред, сега имаме потврда дека Хајдегер ѝ пристапил на нацистичката партија веднаш по освојувањето на власта од страна на Хитлер, и дека го направил тоа полн со очекувања. Неговиот поглед прво бил насочен на Германија: „Германскиот народ сега е на работ на повторното откривање на сопствената суштина и издигнување до славната судбина“. После поразот во Првата светска војна германскиот народ, бележи Хајдегер, ќе доживее триумфална ренесанса спасувајќи го светот од катастрофа и, првенствено, од болшевизмот. Всушност, за Хајдегер нацистичкото ветување за регенерација ги надминува германските граници: очекувал нацизмот да го оствари посакуваниот „крах на модерноста“ и да го укине егалитаријанското омасовување кое, секако, свој најпогубен израз имало во Октомвриската револуција, но почнало многу порано со појавата на либерализмот и демократијата. Освен што негува безгранична омраза кон Советскиот сојуз, Хајдегер над сѐ го презира англосаксонскиот свет.

Во таа смисла, нацизмот установил или можел да установи „нов почеток“ во културата и политиката. Црните тетратки се сведоштво за речиси месијанските очекувања кои го навеле филозофот да ѝ се приклучи на партијата на Хитлер. Сето тоа главно е точно - но познавачите на делото на Хајдегер веќе сосема добро го знаат тоа од неговиот „Увод во метафизика“ (1935) и пофалбата „на својствената вистинитост и големина“ на нацизмот.

Синоним на модерноста е субверзијата, бидејќи на своите универзални идеологии (либерализмот, демократијата, комунизмот) им ги прекинува колективистичките и традиционалните врски кои ги обединуваат поединците како припадници на одреден народ, а народот го одвојува од неговата територија и историја. Критиката на модерноста неизбежно ќе го одведе и до еврејското прашање. Црните тетратки го потврдуваат тоа: присутни во многу земји и врзани главно за урбаниот, а не руралниот живот, Евреите се инкарнација на „невкоренетоста“, „оддалеченоста од земјата“, што ги прави субверзивни. Но, повторно, овие ставови нималку нема да го изненадат познавачот на мислата на Хајдегер: добро е познато писмото од 2 октомври 1929 во кое филозофот ја истакнува потребата од спротивставување на „растечката јудаизација на германскиот духовен живот“, со автентично германски сили.

Црните тетратки експлицитно теоретизираат за значењето на „расниот принцип“ и иако не директно, ги оправдуваат расните закони на Третиот рајх. Овде несомнено наоѓаме нов материјал (всушност, материјал од голема корист) кој го надополнува она што веќе го знаевме. Притоа, не треба да заборавиме едно веќе славно, по зло познато писмо. Го испратила жената на Хајдегер, на 29 април 1933, иако со согласност на сопругот кој во тоа време бил ректор на Универзитетот во Фрајбург, на адреса на жената на Едмунд Хусерл, учителот на Хајдегер. Писмото ја изразувало поддршката на Хајдегер „на строгиот нов закон, разбирлив од германска гледна точка“, а кој проферсорските места на универзитетите ги направил недостапни за Евреите. Меѓу нив е и Герхарт Хусерл, син на славниот филозоф, кој како Евреин е избркан од универзитетската катедра за граѓанско право, иако бил ранет ветеран од Првата светска војна. Во тој контекст, треба да потсетиме и на сведочењето на Карл Јасперс, според кој Хајдегер недолго по нацистичкиот подем на власт предупредувал на „опасно меѓународно здружување на Евреите“.

Според тоа, изненадната врева поради црните тетратки на Хајдегер е сосема неоправдана, но би било уште понеправедно да ја замилуваме митска Германија безнадежно лишена од искупување, игнорирајќи го контекстот на животот и делото на Хајдегер. Неговата јудеофобија е изразена во моментот кога целиот Запад, од двете страни на Атлантикот, го шири ставот дека Евреите се вистински виновници за Октомвриската револуција. Така, во 1920 година автомобилскиот тајкун Хенри Форд напишал дека револуцијата во Русија имала расен, а не политички предзнак, и иако користела човекољубив и социјалистички јазик, всушност била израз на тежнеењето на еврејската раса за светска доминација. Треба да се забележи дека на почесно место во работната соба на Хитлер била закачена сликата на Форд, а не на Хајдегер: потеклото на нацизмот и идеолошките мотиви кои го инспирирале не биле исклучиво германски.

Освен тоа, како што потврдуваат црните тетратки, иако Хајдегер бил нацист до крај, тоа не значи дека од него не може да се научи ништо. Германија е земја која можеби повеќе од која било друга морала да се бори со империјалниот универзализам, често синоним за универзалниот интервенционизам: не сметајќи ги старите Римјани и експедициите на императорот Август, би требало да се има на ум дека прво Наполеон III во 1870-71, а потоа и силите на Антантата во 1914-18 воделе војни за ширење на „цивилизацијата“ и „демократијата“, во двата случаја во име на „универзалните вредности“. Ова го објаснува агресивниот, реакционерен анти-универзализам во Германија кој својот прв израз го нашол кај Ниче, а потоа, пред сѐ, кај Хајдегер и Шмит, и двајцата поддржувачи на Третиот рајх. Иако за последичната трагедија и бесчестието е одговорен токму тој агресивен, реакционерен анти-универзализам - тоа на никаков начин не го лишува западниот империјален универзализам од сопствената одговорност и не ги оправдува неговите злосторства.

Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото