Изневерени

26.03.2014 11:09
Изневерени

Кога и да видам толпа народ на телевизија или во весниците како демонстрира против некоја автократска влада, чувствата ми се помешани: се восхитувам на нивната спремност и храброст да го кренат гласот, и воедно се плашам дека ништо нема да испадне од тоа. До овој тажен заклучок дојдов гледајќи ги со години благородните цели и движењa како се гасат. Но дури и покрај оваа мрачна реалност, поразот на демократските движења ширум Блискиот Исток и Северна Африка, по протестите кои измамија милиони луѓе на улиците, е запрепастувачки. Тоа не беа единствени земји каде народот бараше промена. Имаше масовни демонстрации во Грција, Бугарија, Мексико, Бразил, Перу, Шпанија, Португалија и многу други држави, предизвикани од светската економска криза и наметнувањето на мерки за штедење, но она што се случи во земјите како Сирија и Египет, сега и во Украина, е многу посериозно, бидејќи демонстрантите го доведоа во прашање легитимитетот на државата и поставија барања за коренити реформи или уривање на луѓе и институции кои стојат на патот на народната волја.

Иако повеќето од нас не знаат многу за историјата и кулутрата на овие земји, ги видовме лицата на демонстрантите, стари и млади, од сите кругови на општеството, и иако тие луѓе можеби изгледаат поинаку од нашите сограѓани, можеме да го разбереме нивниот гнев и гадење од политичкиот систем под кој живеат и нивната одлучност и ранливост додека се судираат со вооружените претставници на корумпираната држава. Колку беше возбудливо во 2011 да се гледаат стотици илјади луѓе како излегуваат на улиците и до смрт ги преплашуваат властодршците. Тоа ме потсети на оние храбри денови на протестите против војната во Виетнам и Ирак, на наивното убедување на нас учесниците дека нашиот глас ќе се чуе и ќе го натсили она што тогаш го гледавме како - а подоцна се покажа дека навистина е - чин на морален и стратешки идиотизам, кој доведе до колеж на безброј луѓе и уништување на нивните земји.

Но, со недели, па дури и со месеци, додека го гледавме народот на Тахрир и на други места, бевме полни со надеж. Нивните барања звучеа не само разумно, туку и неумоливо, иако имаше доста навестувања дека властодршците имаат намера да го возвратат ударот. Се сеќавам, на пример, како на телевизија гледав снимка од демонстрациите во Бахреин, или некоја друга заливска држава, каде се одигра следнава сцена. Еден постар човек со достоинствено држење, во бел костум, исчекори од толпата и пријде до единицата вооружени војници со подигнати пушки. Им говореше смирено, кога без какво било предупредување, еден војник ја зеде пушката и го застрела во глава. Имаше уште такви насилни сцени за време на месеците на таканаречената Арапска пролет, но посебно ми го привлече вниманието бруталноста која полицајците и војниците ја чуваа за жените и студентите во народот. Истото насилство ќе се повтори неколку месеци подоцна во глетките на полицајците кои ги прскаат со солзавец девојките на демонстрациите на Окупирај го Волстрит во нашите градови. Можеше просто да се почувствува задоволството со кое тие луѓе ги казнуваат непослушните деца на своите сограѓани, додека човек гледа како се препотуваат додека ги тепаат и клоцаат.

Затоа не им верувам на политичарите и колумнистите кои редовно се соблазнуваат и згрозуваат над бруталното третирање на демонстрантите во другите делови од светот. Тие, за чудо, не забележуваат како се третираат демонстрантите кај нас или како нашите војници постапуваат со нив во земјите кои ги окупираме последниве години. Колку е неправдата подалеку, би се рекло, толку се тие погласни, иако и тогаш се селективни и заговараат хуманитарна помош само кога таа е во согласност со нашите интереси. Ако насилничкиот, тепачки режим е наш сојузник, никој во Вашингтон нема ни да писне. Ако не е, тогаш вообичаениот рецепт на овие душегрижници е воената интервенција. Ако им веруваме на луѓето како сенаторот Џон Мекејн, доволно е на тие земји да фрлиме одредена количина бомби и слободата и демократијата ќе изникнат од урнатините, како што, претпоставувам, се случи во Ирак, Авганистан и Либија. Тој и другите ентузијасти на воените интервенции немаат трпение за луѓето кои велат дека не е наша работа да ја исправаме секоја неправда во светот, ниту за оние кои истакнуваат дека кога се вмешуваме, обично убиваме многу невини луѓе и предизвикуваме етнички и верски страсти, што доведува до локален и регионален хаос кој не можеме да го зауздаме.

Токму тој селективен морал на нашите интервенционисти ме навредува. Тие не судат за изливите на насилство според последиците, туку според тоа дали сме извршители ние или некој друг - ако насилството го вршиме ние, тоа обично ја има нивната целосна поддршка. Лицемерите, слепите или рамнодушните кон стравотиите во својата земја, не се добри кандидати за улогата на морална совест на светот, особено кога нивните барања за демократија во овие намачени земји имаат долга и злогласно сомнителна историја. Како што редовно можеме да видиме, откако ја соборивме избраната влада во Иран пред шеесет години, САД повеќе сакаат да си имаат работа со државите под автократска или воена власт, бидејќи демократските држави кои искрено реагираат на волјата на гласачите умеат да бидат непредвидливи и независни, па да се најдат во расчекор со нашите стратешки и бизнис интереси.

Каква воздишка на олеснување испушти Вашингтон кога египетската војска ја собори демократски избраната влада! Преку ноќ е заборавен народот собран на Тахрир, а политичарите и колумнистите кои го идеализираа замолчија, дури и кога војската и безбедносната служба почнаа да пукаат во овој народ на улиците и да пикаат илјадници луѓе во затвор. Што би се рекло, тој филм сме го гледале безброј пати. Постојат малку работи на овој свет кои никогаш не се менуваат, но една од нив е тоа дека речиси сигурно оние кои ќе го кренат гласот против неправдата, на крајот ќе бидат изневерени.

Извор: NYRBlog

ОкоБоли главаВицФото