Националната шизма во сенка на Големата војна

28.03.2014 12:11
Националната шизма во сенка на Големата војна

Прашањето на вината за Првата светска војна долго се сметаше за дефинитивно решено. Како и сите други држави сојузници, и Грција во 1919 во Версај го потпишала мировниот договор со кој вината за војната ѝ се припишува исклучиво на Германија и нејзините сојузници. Меѓутоа, во последно време има и различни ставови, дури и тогаш кога главните виновници и понатаму остануваат исти.

Танос Веремис, професор по нова историја на универзитеот во Атина, вели: „Тоа било голема грешка на Германија, што се вооружала и тргнала во војна. Германија тогаш била земја во економски полет, можела да доминира со Европа без да се впушти во судири. Попрво Англија имала нтерес да дојде до директни конфронтации, и во ретроспектива, таа војна навистина многу повеќе ѝ користела на Англија отколку на Германија.“

Политикологот од Атина Веремис смета дека со тоа е одговорено на прашањето за одговорноста на Србија: Гаврило Принцип го убил престолонаследникот на Австроунгарија и така ја започнал војната, меѓутоа атентатот во Сарево не бил вистинската причина за војната, туку само повод.

Мелетис Мелетопулос, политиколог од Атина, доцент на Академијата на воените маринци, смета дека војната избила поради геополитички интереси. Сојузниците сакале да ја спречат Германија да го колонизира ослабеното Османлиско царство и на тој начин да преземат контрола врз источното Средоземје и нафтените резерви на Блискиот Исток. Со ширењето на германското влијание, британската империја би била ослабена, ако не и целосно „отстранета“, смета политикологот кој докторирал во Женева.

Светската војна - продолжение на Балканските војни

На пеколот на светската војна му претходеле Балканските војни (1912-1913), кои го запечатиле распадот на Османлиското царство на југоистокот на Европа. Тие војни на Грција ѝ го донеле планинскиот регион Епир, источните делови на Тракија, како и голем дел од регионот Македонија, а потоа доаѓа и Крит. Значи, Грција за само неколку години успеала двојно да ја зголеми својата територија. Заслугите за тоа му се припишани на либералниот премиер Елефтериос Венизелос, кој соработувал со Велика Британија и Франција, но и на конзервативниот крал Константин, кој бил свртен кон Германија, меѓу другото и од политички причини - монархот бил оженет со пруската принцеза Софија - сестра на последниот германски крал Вилхелм II.

Грчкиот крал Константин I

На почетокот Константин и Венизелос оделе по ист пат, меѓутоа развојот на настаните по Сараевскиот атентат ги довел пред дилемата на која реагирале различно: Венизелос бил за брзо влегување во војна на страна на сојузниците, додека монархот бил за неутралност која би ѝ користела на Германја. Тој конфликт довел до поделба во земјата која речиси личела на граѓанска војна и која во историјата на Грција е позната како „Големата шизма“. Таа и денес ги вознемирува духовите. Притоа Венизелос и Константитн во суштина имале иста цел: да ги обезбедат сите територии добиени во балканските војни, посебно Македонија.

Венизелос исправно забележал дека неутралноста за Грција би била катастрофална, оценува професорот Веремис и тоа го образложува на овој начн: „Ако Англија ја добие војната, Србија ја добива Македонија. Ако победи Германија, Бугарија ќе ја добие Македонија. Значи, за Грциге би било подобро да ја играат таа партија покер и да се одлучат за една страна - најдобро за Англичаните, кои како голема поморска сила имале добра шанса да победат.“

„Големата шизма“ оставила длабоки траги во грчкото општество. Со децении на политичката сцена владееле насилство и омраза. Под притисок на западните сили, кралот Константин е симнат, но и Венизелос повеќе пати морал да се повлече, сѐ додека во 1935 дефинитивно не отишол во егзил, во Париз, каде една година подоцна умира осамен.

Зарем тој харизматичен политичар не можел да ја предвиди шизмата? Танос Веремис смета дека можел, но дека немал алтернатива: „Морал да се одлучи меѓу поделба на нацијата и национална катастрофа поради губењето на Македонија.“

Грчки војници во Одеса на почетокот на Првата светска војна

Мелетис Мелетопулос смета дека на Венизелос не му била толку важна територијата. Повеќе се грижел за поддршката која би можел да ја добие по војната за остварување на таканаречената „Голема идеја“: повторно обединување на „Голема Грција“ на сметка на Османлиското царство кое се распаѓало. Венизелос сметал на турскиот егејски брег и Истанбул, кој во Грција и понатаму се вика Константинопол, по византискиот цар Константин.

Историски пораз на турско тло

„Венизелос верувал дека препознал можност која се укажува еднаш во илјада години, можност да се врати во Мала Азија, во Константинопол“, смета Мелетопулос. Предуслов за тоа било Грција во Првата светска војна да се бори на страната на Англија и Франција. Како што е познато, таа пресметка пропаднала, и тоа не поради Германија, туку поради Британија, бидејќи Англија воопшто не била заинтересирана Грција да стане регионална сила, смета Мелетопулос.

Дури во последните децении на „Враќањето во Константинопол“ се гледа како на националистичка мегаломанија. Меѓутоа, спорни се причините со кои се толкува тоталниот пораз на грчката војска на турско тло во 1922 година. Фактите се следни: по војната, Венизелос од сојузниците добил мандат да изгради заштитна зона околу пристаништето Смирна, денешен Измир, каде живееле десетици илјади Грци. Мандатот бил толку проширен, што Грција во летото 1921 продрела на 100 километри од Анкара. Предводена од Кемал Ататурк, турската војска не само што се одбранила, туку и ги потиснала Грците од Егејот. На двете страни имало злосторства.

Дебатата за причините и последиците од тој историски пораз и денес ја возбудува Грција - повеќе од кој било настан од Првата светска војна. Некои сметаат дека главна одговорност има Венизелос или неговите политички противници, други зборуваат за заговор од странство. Главно не се споменува дека Грција во дваесеттите години била уморна од војната, вели Мелетопулос и го наведува примерот на своето семејство: „Братот од стрикото на мојот дедо десет години бил војник во местото Трипи на Пелопонез. Дома оставил бремена жена и кога се вратил не можел да го препознае сопственото дете.“

Во 1920 година Венизелос ги изгубил парламентарните избори, иако тогаш бил на врвот на моќта, вели Мелетопулос и заклучува: „Така е тоа. Кога детето ти е десет години на фронт, сакаш да се врати. Тогаш е сеедно што се случува во Конија во Турција.“

Сродни статии:

Турски поглед на Првата светска војна
Албански поглед на Првата светска војна

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото