Биографии на „пријателите“

03.04.2009 10:47
107.jpg

Вие сакате да свирите на мене, сакате да го дознаете мојот клуч; сакате од срцето да ми ја искорнете тајната; би сакале да може да одекнам од најнискиот тон до врвот на својата скала. А еве го овој мал инструмент во кого има прекрасен глас и обилни тонови, па вие сепак не можете да го натерате да проговори! По ѓаволите, мислите ли дека може полесно да се свири на мене одошто на една фрула? Наречете ме кој сакате инструмент; вие може да ме пипкате, но не можете да свирите по мене.
Шекспир


 

И потоа, секако, ги има тврдите биографии. Нив вообичаено ги пишуваат оние што ти се смешкаат и држат нож зад грбот. Твоите пријатели, македонските поети и писатели ….

Кога во ноември 2000 година татко ми, за првпат, ми го покажа досието, тоа беше само неколку месеци пред да почине. Толку време имавме, време за помирување. Некои меѓу нас, децата на политичките затвореници, немаа ни толку среќа. Првото нешто што ми го покажа беше графата: "Соработка со Внатрешни Работи: немал!" А потоа ги читаше тие 300 (од којзнае колку) страници, што му дозволија да ги види од своето досие и да ги има, со само неколку имиња, со половина страници ичкртани со фломастер, за да го констатира тоа што го знаеше цел живот. Дека најмалку 42 од својот 69-годишен живот бил предмет на иследување! И потоа, сфативме дека паранојата не била параноја, дека стравот не бил ирационален луксуз, туку виша состојба на сознание. И потоа, читаш, те боли, ама барем гледаш дека не си луд.

Кога татко ми излезе од затвор, му се случуваше на улица да му свртат глава неговите најдобри пријатели, нашите литературни доајени, нашите лектири. Истото и’ се случуваше на целата моја фамилија. Разбираме, им било тешко, не знаеле како да се поздрават, а да не се повредат. Ги разбираме, ама да се разбереме, нема никогаш да ги разбере поетот и детето во татко ми, затоа што за тоа дете, тие механизми не може да бидат разбрани. И во име на тоа дете што не ги разбра, во име на татко ми што веќе го нема, имам само едно да им порачам, од устата на хрватскиот рапер, Едо Маајка: Да ви ебам матер...

Кога татко ми ми го остави досието, основното прашање во прво време за мене не беше кој, како и зошто, туку едно сосема друго, инфраструктурно прашање. Како изгледала конкретно таа машинерија? Кој ја отчукал оваа страна? Како се викала таа дактилографка? Кој ја направил оваа печатна грешка? Дали овој пропуст е минималниот знак здравје? Кој го прислушкувал брат ми додека се договара за тренинг по атлетика? За какво добро била таа информација? Вредело ли? Како се викал телефонистот? Дали кога ја пренел "информацијата", тој, конкретен доушник, писател, таа наша лектира, имал чувство дека работи нешто корисно? Како изгледал "информаторот"? Што појадувал тоа утро? Со која реплика ги испратил децата на училиште? Дали со платата што ја примал за својата подземна работа, направил од своите деца среќни и добри луѓе? Затоа што ако направил, барем тоа е некаква галактичка утеха. А, ако не направил, мене ни тоа не ме теши…

Исто подоцна, додека чекаш автобус, одеднаш ќе ти светне и едно лично прашање. Мене ми се случи тој автобус едно утро. Кога ми стана јасно дека тој апарат за прислушкување кај нас дома е ставен во времето кога сум му го рекла првото ало на мојата прва симпатија. Тој бил тајна за сите мои пријателки, но не и за државната структура. Да можам да бирам, нема да сакав да е така. Да можеше брат ми да бира, нема да сакаше да е така. Но гледате, ние немавме избор.

Тоа се фундаментални работи и многу се важни. Не можете да прислушкувате една нација без никакви последици и потоа да очекувате дека таа нација ќе ви биде нормална. Не можете, потоа, едно утро да им кажете: треба да влегуваме во Европа, немојте да преминувате улица на црвено. Тие со своите трактори ги изгазиле сите интимни координати на нашите човечки животи, минувајќи секогаш и задолжително на црвено, ги минале сите семафори на една човечка интима, а потоа од нас бараат да застанеме на зелено и да бидеме лојални на нивните конвенции. Нема тоа. За да има фер, мора да биде фер од двете страни.

Во досието на татко ми има документ дека е ставена направа за прислушкување кај нас дома, но нема документ дека некогаш е извадена. Ќе речете, никој луд нема да се занимава со прислушкување на пензионерските разговори на мајка ми, денес, но гледате не можеме да знаеме. Затоа што таква е таа логика на системот. Тој мора да те држи во параноја. Тој нема да ти каже кога почнал да те прислушкува и нема да ти каже кога престанал. Намерно нема да ти каже кога престанал за да не се опуштиш. Тоа е малобоговска логика: никој не те прашува дали сакаш да дојдеш на овој свет, никој не те прашува дали сакаш да си одиш. Да си одиш од нивниот паноптички поглед. Тие одлучуваат. Тоа е позиција на семоќ.

И точно затоа што цели генерации деца на бившите политички затвореници молчат како и јас, токму затоа таа семоќ е фактички можна, иако никој никогаш нема и нема да има легитимитет да им ја даде… Едно од основните прашања на оваа држава е да створи механизми со кои ќе ја направи видлива таа страница од своето минато, страдањата на цели генерации и наследници на жртвите во политичките пресметки. Се извинувам, ама ако може денес во секој трет весник да се отвора медиумски простор во кој луѓе ќе се жалат колку болела липосукцијата, ќе мора да дозволат да се каже дека и ова болело. Татко ми беше политички затвореник во време кога во Словенија веќе се случија Лајбах и НСК. Во време кога реално се’ се распаѓаше. Во време кога ништо не остана, ние Македонците (всушност вие, Македонците) (и) тогаш решивте да се екипирате за да ги расчеречите оние со еретички мисли.

Ми се случувало да го спомнам Идризово и луѓе со кои се познавам со години, да ми кажат дека нивниот татко, очув и сл. биле политички затвореници. Прво што во тие моменти ми паѓало на памет е прашањето: па добро, мајку му, колку нè има? Навистина, колку нè има? Базичното прашање останува: ако имате цели генерации "Судени за Македонија", главното прашање е како ова Македонија ги инкорпорира нивните искуства, како ги канализира нивните енергии? Зборувам во име на сите деца на политичките затвореници, иако сите наши приказни се различни од сите други. Толку е комплексно, и ви останува со сите нас да се занимавате. А она што нè спојува е прашањето: дали знаете на што се осудени овие луѓе? Тие се осудени на живејачка во која културата од нив побарува покорување на еден тип културна амнезија. Како да постои општоприфатен консензус со кој ние се договараме никогаш да не зборуваме за загубата. Не е проблемот во рехабилитацијата. Ќе добиете документ дека сега е сè во ред, но со тоа може да се сликате. Ќе се вработите во институциите на системот и ништо нема да ви биде полесно. Ќе изгледате вклопени. Ќе биде сè во ред. Но вие знаете. Вашите татковци (и мајки) се жигосани. Цели делови од нивните животи се маркирани со црн фломастер, како деловите од нивните досиеја. Исто и животите на вас, нивните потомци. Вие потомците, не знаете што да правите со црниот фломастер. Ако боговите му намениле на татко ти да страда, ти не можеш да живееш во благосостојба, па не знам какви координати да воспоставиш за себе. Нема такво нешто како логика на здравје, ред и разум. Нема. А затоа што нема, нашето општо прашање гласи: каде се тие луѓе, колку се функционални за ова општество, што со нивната јавно непризнаена болка? Каде со неа?

Не сакам никого да навредам, ама реално гледано во една ваква (нова) држава, а со ваков стар багаж, сите ние сме помалку пролупани. Не сме имале друг избор. Џабе ние, луѓето од културата, се занимаваме со егзистенцијалистичките прашања. Ние веќе не смееме да ги прескокнуваме фундаменталните прашања на нашето историско време, на нашата мисла во нашето историско време, а таа мисла гласи: што направија од нас нижите облици на политичкото боговластие? Нашите најважни културни и субјективни прашања, со кои ќе треба да се занимаваме во следниве неколку децении, мора да бидат прашањата што прават луѓето што трпеле без субјективна вина, а во име на локалниот политички бог? Ако сакаме автентична постмодерна, таа ќе мора да личи на нас. Ако една нација сака да биде здрава, таа мора масовно да се психоанализира себеси. За да ги сознае подобро своите механизми. За да знае што и’ се случувало и каде стои сега. Нас и тоа нè мрзи. Во име на сето ова, ги повикувам децата на бившите политички затвореници да ги отворат досиејата што ги чуваат дома. Знам дека ги заобиколуваат фиоките затоа што ги боли, ама ако ги отворат, еднаш, можеби ќе почне помалку да боли.

 


Насилството на македонската култура
(За македонска писателска смотра)

 

Да, навистина сум само патник, скитник на земјава.
Дали сте пак вие нешто повеќе?
Гете


Значи, "биографијата на пријателите", онаа што твоите колеги, македонските писатели и поети, во долгите децении меѓу 1960-1990 година, ја пишувале за тебе, без да знаеш за неа…Што тие стручни и креативни пера успеаа да напишат во жанрот "биографија", на тема: "еден скитник на земјава", за сите овие децении?

Досието на татко ми покажува на кои принципи била градена стратегијата на контрола во културната сфера, во годините меѓу 1960 и 1990. Ако го напуштате домот, тогаш вие сте следени. По улиците кружат управниците, општинарите, полицајците, соработниците, информаторите, службениците на ДБК, вашите пријатели, но вие не можете да распознаете кој е кој. Вие сте врзани за вашето место, вашето место има име, а во случајот на татко ми тоа име е ПОО "Интимист". Вие сте интимист, и како таков крајно сте сомнителен. Нема што да бидете "интимист" во 1961, кога сите други се социолози.

Во досието на татко ми дефилира ужасна смотра на живи и мртви поети, литерати, случајни луѓе – и полицајци. Светот од досието на татко ми е свет на опсцена комбинација на македонски писатели и полицајци, кои често се спојуваат во ист човек. Тоа е свет во кој немате стабилни координати на пријателство. Повеќето "пријатели", колеги и писатели се тука за да го стегаат обрачот околу својата мета. Секој и сè е уво.

Од досието на татко ми е јасно дека типот на контрола што била вршена врз него се засновала на систем на постојани извештаи, списоци и записници. Информаторот му поднесува извештај на управникот, управникот го доставува овој документ до три други инстанци: книгата за информации, отсекот на ДБ и папката за легална врска. Во јануари 1988 во домот на татко ми се јавило лицето Х за да изрази "новогодишни желби и честитки". Содржината на тие честитки е препратена до ТРИ други инстанци.

Записниците го поврзуваат центарот (главешините на ДБК) со периферијата ("пријателите" на татко ми). Власта се дистрибуира преку исклучив начин, со правилно хиерархиско устројство, до најниската инстанца, до крајниот сводник, кој го бележи секој потрес кај следениот. Тоа бележење оди до трагикомични ситуации. Во документот на информаторот од април 1961 татко ми за време на ручекот му се пожалил на својот "пријател" дека е незадоволен од системот, Х "добронамерно" го потсетил татко ми дека нему лично му е добро и нема што да се жали. Одеднаш настапува "пресврт". Цитирам од досието: "Јонче изненада излегол надвор од кафаната пошто некое лице врвело (и) отишол со него да разговара." Во превод ова значи дека татко ми станал да се поздрави со друг пријател. А тоа е повеќе од доволна причина за аларм во хиерархиско устројство. Оперативната забелешка бара да се види кој е поздравениот и бара тој да биде претпоставен како нова мета за следење. Ова устројство го бара "правото" име за секој со кој си се поздравил, го бара "правото" име на твоето постојано критикување на системот, на твојот вишок смисла, на твојот поетски сензибилитет, на твојата "болест".

Сакам да ви ги доловам монструозните димензии на оваа контрола што систематски била спроведувана над татко ми најмалку три децении. Замислете си за момент дека сте татко ми, македонскиот поет Јован Котески, во април 1961. На 18 тој месец, сте се нашле со вашиот пријател (името му е чкртнато со црн фломастер) за да ручате во хотелот "Македонија". Во разговорот сте се жалете дека македонските села се сиромашни и дека во Македонија има преголемо српско влијание. Вашиот "пријател" всушност е доушник и веднаш тоа им го пренел на службите. Во јуни 1964 сте биле на гости кај еден пријател. Вие сте во група на македонски поети. Зборувате за некои словенечки списанија. Писателот-домаќин е доушник. Истиот месец сте се шетале "по корзо" (како што стои во досието) со тројца од најпознатите македонски писатели. Едниот од вас е доушник. Истиот месец со тројца македонски писатели сте отишле на гости кај четвртиот. На писателите сте им се жалеле (цитирам од досието) дека: "Вашингтон на српско-хрватски јазик во емисијата за Југославија многу подетално дава информации отколку нашиот печат". Македонскиот писател, а ваш домаќин, е доушникот. Во октомври 1964 со неколку луѓе сте биле во нечија канцеларија (чкртнато е во чија). Тоа е "работната просторија на соработникот". Истиот месец со пет колеги, писатели, сте се нашле во хотелот "Турист". Сте зборувале за "оставката на Хрушчов", вие сте рекле дека се води "прокинеска политика", еден од вашите пријатели е доушникот. Истот месец паднал некој авион на Авала, а вие сте на гости кај вашиот колега, поет, вкупно сте петмина македонски поети. Вие изразувате сомнеж дека не може тукутака да падне авион на Авала. Домаќинот е доушник.

Ако сте го живееле животот на татко ми меѓу 1960 и 1990, вашите доушници се секогаш до вас. Власта е распоредена на многу тела. Но тие не седат на соседната маса, не ѕиркаат од зад саксија, не се преправаат дека читаат весник во фоајето. Ова не е филм. Ова е вашиот живот, а информаторите се вашите најблиски пријатели и колеги, македонските писатели. Како и сите луѓе на овој свет, и вие со вашите пријатели зборувате за работи што ви се важни, што ве болат, што ве радуваат и што ве вознемируваат. Вие сте македонски поет и важно ви е се’ што има врска со македонската култура и институциите што ја водат, со македонскиот јазик и неговата чистота, со македонските села затоа што за нив пеете во својата поезија, важна ви е идеологијата, затоа што како секој поет на оваа планета и вие сметате дека имате право да размислувате за неа. Но додека вие им зборувате на вашите пријатели, вие не знаете дека всушност му зборувате на едно хибридно, двоглаво суштество кое има едно лице на поет и друго лице на полицаец без униформа. Вашите најдобри "пријатели" се секогаш до вас: во едни документи вие сте на гости кај нив, во други сте во ресторан, во трети во клуб, во четврти во хотел, на некое читање, на состанок, во нивниот службен автомобил, во бифето, во канцеларијата, вашата или неговата, или нејзината. Сите набројани места се фактички локации од досието на татко ми.

Кога ќе ја погледнете оваа дифузија на власта и нејзиното најперфидно пенетрирање во интимниот свет, преку вашите пријатели, не можете а да не се прашате, каде е границата? Некои пријателки на мајка ми, а сопруги на нашите поети, во досието се, исто така, разобличени како доушници. Каде завршува списокот? Какво изненадување ве чека зад црните фломастери што ги кријат другите идентитети?

Илустрации во текстот: Комар и Меламид

ОкоБоли главаВицФото