Поврзи ги точките

10.04.2014 11:05
Поврзи ги точките

* * *

Се сеќавам на една игра од весниците од детството
каде беа испишани бројки кои требаше да ги поврземе
за да се добие некој приказ, некоја слика
И така се претворавме во врвни и прецизни сликари
водени од нечија рака што го означила следното бројче
Од еден до два од два до три од три до четири....
Повлекувавме линии и никогаш не знаевме
што цртаме, што ќе добиеме кога ќе стигнеме
до последната точка
И секогаш се прашував што би се исцртало
ако ги повлекувавме линиите во друг правец
ако ги поврзувавме бројчињата без ред
единицата со деветнаесeтеката
деветнаесетката со триесет и петката
Дали тие несигурни чекори
би нè одвеле до некои обраснати патчиња
и дали сликата што би ја создале на крајот
би била помалку совршена
помалку прецизна
И не знаевме тогаш
дека сите неозначени точки
се прашинки осветлени од светилникот на брегот
кои бесконечно се протегаат и во просторите
надвор од скицата што нè врамуваше
И сè уште не го знам начинот
на кој некој повлекува линии, црта граници
ги создава соѕвездијата помеѓу нашите тела
помеѓу сонот и сонот, сеќавањата и сенките
помеѓу ветерот што го слушам низ прозорецот
и знамињата што ќе ги вее во нeкои завојувани земји


ПРВПАТ СЕ СРЕТНАВ

Првпат се сретнав себеси крај едни урнатини
додека врнеше. Не ти пријдов, само те набљудував
додека гледаше во нив како низ прозорец од купе низ кој се менуваат
лицата, облаците и пејзажите
И сето она што не го виде беше побрзо од историјата

Калливите лисја едвај повторно се среќаваат меѓусебно
паднати долу на земјата
иако може да се случи некој да ги забоде со врвот од чадорот
или да ги исуши на чевелот

И во сите тие средби
(на минување, низ улици, меѓу луѓе и прашини)
она малку што сакав да ти го кажам
беше побело од твојата коса
И секогаш кога ќе ја отворев устата, пареа излегуваше во воздухот

Првпат се сретнав себеси крај едни урнатини
и секој нареден пат не бев сигурна дали сум тоа јас
Не се доближив доволно за да откријам

А можеби еден ден ќе ме прашаш
„Се сеќaваш кога се среќававме?
Маглите се спуштаа и се креваа
над судбините“


СТАПКИ

Некои од нас носеа падобрани место ранци на грбот
и само одвреме-навреме ја допираа земјата
Тајните патчиња кои никнуваа зад секој агол
секогаш завршуваа во линијата на дланката
на нашиот мал бог
Молчевме и го слушавме
снегот кој ни држеше предавања
на еден јазик кој одамна го заборавивме
и знаевме дека е тука и во лето
невидлив, како во снежната кугла во која
никогаш нема да заврне
ако не посакаш да ја земеш во дланката
како што ѕвездите паѓаа и дење
иако не се гледаа
Хоризонтот чекореше со нас
и сѐ што ќе допревме го губеше своето име
нарцисот не беше нарцис туку само цвет
тополата не беше топола туку обично дрво
кое се чинеше како секој миг
да чека да го соблече и тоа име
Сѐ повеќе сум сигурна
детството не е зад нас
туку пред нас
чека да ги остави своите стапки
на свежо асфалтираните патишта


ТАМУ Е ТОА МЕСТО

Таму е тоа место, кога ќе го заобиколиш сонот. Лесна цел
за оние што знаат да трчаат во вода.
Нешто упорно ти вели дека токму таму
може да се види невидливиот
што раководи со реквизиција
можат да се видат шминкерите
светлото, тон-мајсторот
нештата кои ја преслекуваат кожата, ја менуваат гардеробата
го вежбаат текстот што никогаш нема да биде запишан
во архивите на нашата биографија
А надвор од него навидум сѐ
е на своето место.
Пижамите ти се здиплени, лицето измиено
а репликите од сонот остануваат да висат од тебе како кончиња
од устата не некој шивач
кој никако не успева да ги вдене во врвот на денот

Час влегуваат во дупчето
час надвор од него


ДОМ

Тоа правиме цело време, се пакуваме и распакуваме
од некого, од некаде
Го пакуваме стравот најздола во куферот
заедно со несесерите полни со рекламни шампончиња и лосиони
Апчињата, полначот за мобилниот
ги сместуваме во џебовите и ќошињата
Испегланите кошули ги ставаме одозгора
со нежноста на вдовицата која положува цвеќе
над лицето на својот сакан
Ремените ги оптегнуваме по должината
за да ѝ направиме повеќе простор на празнината
Ги спаруваме расфрланите зборови меѓу нас
небаре чорапи - црниот со црниот, црвениот со црвениот
некој секогаш останува сам

Еднаш слушнав приказна за една птица
што никаде не направила гнездо
и така целиот свет ѝ станал дом


19, 20, 21, 22...

Бројам сѐ
плочките во бањата кога се туширам
скалите што ги качувам, линиите на автопатот кога патувам
(секогаш се откажувам некаде после дванаесеттата)
шишињатата позади шанкот додека го чекам пијалакот
коцките на мушамата, детелинките на десетката треф
( им ги бројам и ливчињата, да не најдам случајно
некоја со четири листа)
уличните светилки до крајот на улицата, буквите на некои зборчиња
клупите кои ги одминувам, решетките на оградата од дворот...
И понекогаш не знам како да го избројам неделивото
па ја распарчувам мојата лажна целосност
Ете ме, шарените камчиња во дланката на детето (еден, два, три, четири)
трупците од исечениот дрворед (пет, шест, седум, осум, девет, десет)
дупките од мрежата на балконската врата (единаесет, дванаесет, тринаесет, четиринаесет...)
бранот што се дели и прелева (петнаесет, шеснаесет, седумнаесет, осумнаесет)
ете ме,
ете ме...

 
СЕ ЗАТВОРАМ

Има едно ладало
со мапа на светот
што со години се затвора во мене

Копната полека се стеснуваат
вулканите се гаснат
реките запираат, светилниците замрзнуваат
пустините се замотуваат
како теписи полни прав

Еден ден ќе го отворам ладалото
и целиот свет ќе се рашири во мене
заедно со небото и крилјата
на големите птици

Други песни од Николина Андова Шопова може да прочитате овде.

Извор: Поврзи ги точките, Темплум, Скопје, 2014
Слики: Hiro

ОкоБоли главаВицФото