Поматувањата на воспитаникот Терлес

11.04.2014 08:12
Поматувањата на воспитаникот Терлес

На почетокот, она што го заслепи беше само голотијата на виткото момчешко тело.

Впечатокот не беше поинаков од оној кога тој би стоел пред убавите облини на едно многу младо девојче, на кое му е далечна каква било половост. Едно совладување. Воодушевување. И чистотата, која несвесно произлегуваше од оваа состојба, беше таа која со себе носеше зрак наклонетост – ова ново прекрасно немирно чувство во неговиот однос кон Базини. Но сѐ останато имаше малку врска со тоа. Останатиот дел од таа страст беше уште одамна тука – уште кај Божена и многу порано. Тоа беше тајната, бесцелна, меланхолична сетилност на еден адолесцент, која не се однесуваше на никого, и која е како влажната, црна, плодна земја на пролет и како темни, подземни води, на кои им е потребен само случаен повод за да се пробијат низ своите ѕидови.

Доживувањето на Терлес стана еден ваков повод. Благодарение на едно изненадување, едно недоразбирање, погрешно сфатениот впечаток, премолчените скривници во кои се собираше сѐ тајно, забрането, загушливо, несигурно и осамено во душата на Терлес, тие темни, нејасни побуди се насочија кон Базини. Бидејќи тука наеднаш наидоа на нешто кое беше топло, дишеше, мирисаше, беше месо, од кое соништата кои неодредено лутаа ги добија формата и обликот на неговата убавина, наместо нагризувачката грдост со која Божена ги туркаше во осаменост. Тоа во еден потег им ја отвори широко портата кон животот во кој во настанатиот самрак се натрупуваше сѐ, желбите и стварноста, претераните фантазии и впечатоци кои сѐ уште ги носеа топлите траги на животот, чувствата кои паѓаа однадвор и пламените, кои се креваа кон нив однатре и ги обвиваа така што не можеа да се препознаат.

Но сето ова за самиот Терлес повеќе не се разликуваше, за него тоа беше соединето во едно единствено, нејасно чувство, кое тој во првиот миг на изненадување беше волен да го прифати како љубов.

-------------------------------------------------------------------------

Но наскоро научи да го оценува поправилно. Оттогаш неуморно го гонеше некој немир. Секој предмет кој ќе го допреше го оставаше веднаш без да го подигне. Не можеше да води никаков разговор со другарите, без да занеме без каква било причина или расеано повеќепати да ја смени темата. Се случуваше и среде зборувањето да го облее бран на срам, така што се вцрвенуваше, почнуваше да пелтечи, мораше да се сврти...

Преку ден го избегнуваше Базини. Ако не можеше да избегне да го погледне, речиси секогаш го зафаќаше разочарување. Секое движење на Базини го исполнуваше со гадење, несигурните сенки на неговите илузии ѝ отстапуваа место на една студена, тапа ведрина, неговата душа изгледаше како да се собира во себе, сѐ додека не остана ништо друго освен споменот на една поранешна страст, која му се чинеше неискажлива, неразбирлива и одвратна. Удираше со стапалото по земјата и се подгрбавуваше само за да се ослободи од овој болен срам.

Се прашуваше што би му рекле другите кога би ја знаеле неговата тајна, неговите родители, неговите наставници?

Меѓутоа со ова последно ранување редовно прекинуваа неговите измачувања. Го совладуваше студен умор; врелата и заспана кожа на неговото тело се затегнуваше повторно во еден пријатен трепет. Тогаш ги оставаше сите луѓе тивко да го одминат. Но го исполнуваше и еден одреден презир кон сите. Потајно, за секого со кого разговараше се сомневаше во најлошото.

И освен тоа веруваше и дека ним им недостасува срам. Не веруваше дека страдаат онака како што тој знаеше да страда. Изгледаше како ним да им недостасува трнливиот венец на неговата грижа на совеста.

Но тој се чувствуваше како разбуден од длабока агонија. Како некој кого го погалиле молчеливите раце на расплетот. Како некој кој не може да ја заборави тивката мудрост на една долга болест.

Во оваа состојба тој се чувствуваше среќен и постојано настапуваа миговите во кои копнееше по него.

Тие започнуваа со тоа што тој повторно можеше да го погледне Базини рамнодушно и со насмевка да го поднесе одвратното и злобното. Тогаш знаеше дека ќе се понижи, но на тоа му придаваше нова смисла. Колку погрдо и понедостојно беше она што му го нудеше Базини, толку поголема беше противречноста на чувството на страдалничката префинетост, која обично настапуваше после тоа.

Терлес се повлекуваше во некој агол од кој можеше да набљудува без да биде виден. Кога ќе ги затвореше очите, тогаш во него се искачуваше една неодредена тегоба, а кога ќе ги отвореше очите, не наоѓаше ништо што можеше да го спореди со тоа. И потоа одеднаш растеше мислата на Базини и повлекуваше сѐ со себе. При што наскоро губеше сѐ што беше одредено. Се чинеше како да не му припаѓа повеќе на Терлес и се чинеше како повеќе да нема никаква врска со Базини. Беше опкружена со гласни чувства, како возбудени жени под маски, со закопчани фустани до грлото.

Терлес не му го знаеше името на ниедно од тие чувства, за ниедно не знаеше што крие; но токму во тоа лежеше онаа опојна привлечност. Повеќе не се познаваше ни себеси; и токму оттаму растеше неговата желба за див, презрив разврат, како кога на некоја отмена свеченост одеднаш ќе се изгаснат светлата и никој повеќе не знае кого го повлекува на земја и го опсипува со бакнежи.

-------------------------------------------------------------------------

Подоцна, кога Терлес ги совлада случувањата од својата младост, стана млад маж со многу фин и чувствителен дух. Тогаш спаѓаше меѓу оние естетски, интелектуални природи, на кои придржувањето до законот а делумно и јавниот морал им гарантира смиреност, бидејќи на тој начин се ослободени од тоа да мораат да размислуваат за нешто грубо, нешто што е многу оддалечено од фините душевни случувања, но кои со оваа голема надворешна, малку иронична коректност спојуваат една здодевна бесчувствителност, веднаш штом човек ќе побара од нив поличен интерес за нивните предмети. Бидејќи овој интерес, кој се однесува на нив самите, кај нив се натрупува единствено во растењето на душата, на духот, или како и да се нарече тоа, кое кај нас се намножува овде-онде преку некоја мисла меѓу зборовите на една книга или пред затворените усни на една слика; кое понекогаш се буди, кога ќе нѐ напушти некоја осамена, самоволна мелодија - и повлекувајќи се во далечината – со непознати движења ја кине тенката црвена нишка, нашата крв, која ја влече зад себе; тоа, меѓутоа, секогаш исчезнува кога пишуваме акти, градиме машини, одиме во циркус, или правиме стотина други слични работи.
Значи, овие луѓе се целосно рамнодушни кон предметите кои ја предизвикуваат само нивната морална коректност. Оттаму, Терлес никогаш во својот подоцнежен живот не се покаја за она што тогаш се случи. Неговите потреби беа толку еднострано насочени кон убавиот дух, така што ако некој му раскажеше некоја сосема слична приказна за развратот на некој расипник, сигурно ќе беше надвор од неговата моќ да се згрози над она што се случило. Тој во одредена мера немаше да го презира ваквиот човек поради тоа што е расипник, туку поради тоа што не е ништо подобро; не поради неговиот разврат, туку поради состојбата на душата која му дозволува да прави такви престапи; бидејќи е глупав, или бидејќи на неговиот разум му недостасува душевната рамнотежа...: значи секогаш само поради тажниот, соголен поглед без моќ, што тој самиот го нуди. Во иста мера ќе го презираше и кога неговиот порок би се состоел од полов разврат, или во опсесивно изопачено пушење цигари или во уживање во алкохолот.

И како и на сите кои се сконцентрирани исклучиво на растежот на нивната духовност, и нему голата егзистенција на загушливите и ексцесивни возбуди му значеше малку. Затоа сакаше да смета дека способноста да се ужива, уметничките таленти, целиот префинет душевен живот, дека сите тие се украси од кои човек може лесно да се повреди. Тој гледаше на тоа како на нешто неодминливо, сметаше дека човекот има мигови во богатиот и подвижен внатрешен живот за кои другите не смеат да знаат, и спомени кои се чуваат во тајни фиоки. И од себе бараше само подоцна да умее со префинетост да се послужи со нив.

Па така, кога еднаш некој кому ја беше раскажал приказната од својата младост, го беше прашал дали сепак се срами понекогаш од овој спомен, тој насмеано го даде следниот одговор: „Јас навистина не порекнувам дека тука се работеше за едно понижување. А зошто и да не биде така? Тоа помина. Но, нешто од него засекогаш остана: онаа мала количина отров, која е потребна за да ѝ се одземе на душата она премногу сигурно и смирено здравје, и на сметка на тоа да ѝ се даде едно пофино, поизострено здравје, полно со разбирање.

Дали Вие впрочем би ги набројале часовите на понижување, кои воопшто ја жигосуваат душата со секоја голема страст? Помислете само на часовите на намерно понижување во љубовта! Овие заносни часови, во кои вљубените се наведнуваат над одреден длабок бунар или си ги положуваат ушите на срцето, за да проверат дали внатре се слуша нестрпливото гребење на големата, немирна мачка по ѕидовите на затворот? Само за да почувствуваат трепет! Само за да се преплашат од нивното бидување сами над таа темна, жигосана длабочина! Само за да – во стравот од осаменоста со овие мрачни сили – исчезнат нагло и целосно едни во други!

Погледнете ги само младите брачни парови в очи. Ти мислиш... тоа стои во нив, но воопшто не се насетува колку длабоко можеме да потонеме! - Во овие очи лежи ведар потсмев против оној кој не знае ништо за толку многу работи и нежната гордост на оние кои заедно минале низ секаков пекол.

И како што овие љубовници го прават тоа заедно, така и јас тогаш минав сам низ сето тоа.“

-------------------------------------------------------------------------

Сепак, иако Терлес и подоцна така просудуваше, тогаш кога се наоѓаше во бурата од осамени, соблазниви чувства, навистина во него не секогаш постоеше оваа убедлива верба во среќен крај. Од загатките кои го измачуваа сѐ до неодамна, и понатаму остана едно неодредено трајно дејство, кое звучеше како мрачен, далечен тон на дното на неговите доживувања. Токму на тоа не сакаше сега да мисли.

Но повремено мораше. И тогаш го обземаше најдлабока безнадежност и при овие спомени можеше да го зафати еден сосема поинаков, изморен, безидеен срам.

А сепак тој не умееше да си полага на себе сметки и за тоа.

Ова го издејствуваа посебните односи во институтот. Онаму каде што се држат младите, потиснати сили зад сивите ѕидини, тие ја хранат фантазијата со многу порочни слики без избор, кои го свртуваат умот.

Еден одреден степен на разврат важеше дури и како доказ за машкоста, како смело, храбро присвојување на ускратените задоволства. Особено ако се направеше споредба со уважената закржлавена појава на повеќето наставници. Бидејќи тогаш опоменувачкиот збор морал стоеше во смешен однос со тесните рамена, напрчените стомаци врз тенките нозе, и очите кои пасеа безопасно како овчички зад своите очила, како животот да не е ништо друго освен поле полно со цвеќиња на сериозна утеха.

Во институтот најпосле никој немаше познавања од животот и поим за сите тие премини од злоба и разврат до болест и комичност, кои го исполнуваат возрасниот во прва линија со одвратност, кога ќе слушнеше за такви работи.

Сите овие тајни, чие дејство ние никогаш не умееме да го процениме, нему му недостасуваа. Тој формално наивно стапи во својот престап.

Бидејќи тогаш згора на тоа му недостасуваше и етичката сила на отпорот, таа чувствителна моќ на духот, која подоцна тој толку многу ја ценеше. Но, сепак тоа веќе се навестуваше. Терлес талкаше, прво ја виде сенката која во неговата свест фрлаше нешто сѐ уште непознато, и погрешно ја сметаше за стварност: но мораше да исполни една задача пред себе, задача на душата – иако сѐ уште не ѝ беше дораснат.

Само знаеше дека следеше нешто сѐ уште нејасно на еден пат, кој водеше длабоко во неговата внатрешност; и притоа се измори. Тој се беше навикнал да се надева на извонредни, скриени откритија, а притоа стигнуваше во тесните, аглести одаи на сетилноста. Не од перверзност, туку како последица на моменталната бесцелна душевна ситуација.

И токму ова неверство спрема нешто сериозно, кон кое се стремеше, го исполнуваше со една нејасна свесност за вина; едно неодредено, скриено гадење никогаш не го напушти целосно и еден неодреден страв го следеше, како некој кој повеќе не знае дали во темнината сѐ уште се наоѓа на вистинскиот пат или го изгубил.

Тогаш се трудеше воопшто да не мисли на ништо. Немо и замаено, заборавајќи ги сите поранешни прашања, продолжуваше да живее. Финото уживање во неговите понижувања стануваше сѐ поретко.

Сѐ уште не го беше напуштило тоа, но на крајот на ова време Терлес повеќе не се спротивстави кога се носеше понатамошната одлука за судбината на Базини.

Извор: Поматувањата на воспитаникот Терлес, Темплум, Скопје, 2014

Превод од германски: Ксенија Чочкова

Фотографии: Ruben Brulat

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото